Прејди на содржината

Што ако Бугарија го признае македонскиот јазик?

Од Wikibooks

Сценарио на софиски 24 часа

Што ако Бугарија го признае македонскиот јазик?

Според весникот, во тој случај Бугарија сигурно ќе ја загуби Пиринска Македонија чија културна автономија ќе се претвори во административна, со своја химна, претседател...

- Бугарски културни центри во Скопје и во Охрид?

ВИКТОР ЦВЕТАНОСКИ

(Наш постојан дописник) Софија, 23 февруари

Според бугарски експерти, јазичниот спор со Македонија може да се реши на тој начин што спогодбите би се потпишале на бугарски и на македонски јазик, но со придружна декларација на Софија во која би се објаснило дека под тој јазик го подразбира државниот јазик, создаден во Македонија по 1945 година. Истовремено од Скопје би декларирале дека се откажуваат од малцински и територијални претензии кон Бугарија, односно би се применила формулата признавање на реалностите во Македонија против зачувување на нашето заедничко минато.

Ова е формулата која, според 24 часа, моментно ја проучува Софија. Весникот додава дека додека не се изнајде решение за спорот претседателот на државата Петар Стојанов нема да ја посети Македонија. Весникот тврди дека македонските власти се согласувале со предложената формула, но размислувале како поелегантно да и го објаснат на јавноста откажувањето од малцински и од територијални претензии.

Истовремено 24 часа на своите читатели им нуди свое сценарио за тоа што би се случило ако Бугарија го признае македонскиот јазик. Во текстот со драматичен наслов Како го губиме Пиринско, весникот се навраќа неколку години наназад, потенцирајќи дека во 1992 година, со признавањето само на македонска држава, а не и на македонската нација, Бугарија се осигурала од идните несреќи што би следувале. Со тоа Софија ја признала територијата на Бугарите од другата страна на границата, меѓутоа таа одби да признае дека тамошните луѓе не се Бугари, дека нивниот јазик е туѓ, нивната историја различна...

Ако го признаеме јазикот веднаш ќе започнат експерименти со населението во Југозападна Бугарија. Притиснати од кризата и од стремежите да не го дразниме НАТО и ЕУ, Софија ќе се престори на балкански гулаб и ќе гука. Тоа ќе му даде крилја на Скопје да зазема се повоинствена поза... а македонските политичари ќе побараат културна автономија за Пиринска Македонија и ќе ја добијат, а во училиштата ќе се рецитираат еден чуден Јаворски и еден искривоколчен Вапцаровски, иронизира 24 часа.

За поддршка на овие свои тези 24 часа се повикува на научниците од Македонскиот научен институт поврзан со ВМРО - СМД, кои уште во 1995 година го предупредиле тогашниот министер за надворешни работи Георги Пирински дека ако Бугарија го признае јазикот, дел од бугарското етничко тело ќе се одвои, не после војна, туку поради сопствената неспособност. Авторот на текстот предупредува дека со тоа ќе се расколебало националното самочувство на бегалците од Македонија и на нивните потомци, а со легитимирањето на македонската нација ќе се помакедончела целата бугарска историја и највидните фигури - Кирил и Методиј, Пајсиј Хилендарски, Гоце Делчев и др. Така ќе биде убиен и светлиот спомен за припадност кон Бугарија и на македонските Бугари во САД, Канада и во Австралија, пишува весникот.

Според 24 часа, сето тоа е розова слика, а црната слика започнувала кога културната автономија во Пиринска Македонија ќе прераснела во административна, со своја химна, претседател, главен град, а во аголот на Бугарија ќе се појавело нешто слично како Косово во Југославија. Потоа сепаратистите од ОМО Илинден на Пирин ќе забијат македонски бајрак. Штом тоа ќе го види Скопје ќе му ги наполни ушите на светот дека Софија го гази македонското малцинство, доведувајќи го до бунт и очај, ја раскажува својата приказна 24 часа.

Во денешниот број Дума го обвинува Радио Слободна Европа дека со специјалната емисија за скандалозниот водич за Охрид за потребите на бугарските туристи го подбуцнува Скопје против Софија. Во отворениот разговор водителот на емисијата Екатерина Бончева издавањето на водичот го оценува како провокативна книга која може да им наштети на чувствителните бугарско - македонски односи. Весникот на социјалистите бара од радиото да биде лојално кон државата, без разлика каква е вистината.

Истовремено во Демократија се лансира идејата за отворање на бугарски културни центри во Македонија, слично на оној во Димитровград, која предизвика огромни реагирања во СР Југославија. Незамисливо е кон крајот на 20. век во Скопје или во Охрид да нема бугарски културен центар, а бугарските книги, весници или филмови се уште да се забранети, пишува авторот.