8. Обиди за обновување на автокефалноста на Македонската православна црква (МПЦ)
Франција во нејзината политика кон Македонија и македонскиот народ со нагласен интерес ги следела состојбите и во областа на религиозните прашања кои во основа се јавуваат поради црковните недоразбирања меѓу македонскиот народ и некои балкански народи, а посебно борбата на македонскиот народ за обновување на автокефалноста на Македонската православна црква. Притоа, посебно место и значење во анализите и оценките на француските претставници во Македонија и Југославија им се придаваше на македонско-српските црковни односи и недорабирања, нагласувајќи ја оправданата цврста ориентација на Македонците: “православната црква на Македонија настојува да ја организира националната автокефална црква...”.< Archives diplomatique... Paris... Serie, З, Europe, Sous-serie, Yougoslavie, vol. 33... Paris, 11. 04. 1948. >
Корените на недоразбирањата и судирите меѓу Македонската православна црква и Српската православна црква се длабоки и треба да се бараат во подалечното минато. Стремежот на македонскиот народ за обновување на својата автокефална Македонска православна црква е присутен низ постојаните настојувања непосредно по неканонското укинување на Охридската архиепископија во 1767 година. Дележот на македонскиот национален организам со Балканските војни, санкционирани со Букурешкиот и со Версајскиот мировен договор во 1913 и 1919 година, го постави македонскиот народ во нови услови и од едно - турското, се најде распарчен под тројно политичко ропство на балканските соседи. Македонците од вардарскиот дел на Македонија како т.н. Јужносрбијанци и Јужна Србија беа во составот на новосоздаденото Кралство на Србите, Хрватите и Словенците (СХС), а во црковен поглед под српска црковна јурисдикција, наводно стекната преку откуп од Цариградската патријаршија во 1919/20 година. Во периодот меѓу двете светски војни, а посебно во текот на Втората светска војна, покрај обидите да се отвори стремежот за свое национално ослободување, се одвиваше и процесот на црковното осамостојување, односно обновување на Македoнската автокефална православна црква. Долгиот макотрпен пат на македонскиот народ во борба за самостоен црковен живот за жал продолжи и низ целиот период по Втората светска војна, независно од реалноста што Македонија претставуваше рамноправна федерална единица во југословенската федерација.
Во француски дипломатски извори се изнесува дека непосредно по ослободувањето на Македонија во 1945 година во Скопје е одржано црковно собрание на кое се конституира Иницијативен одбор, за организирање на Македонската православна црква. Во својата програма Иницијативниот одбор зацртал дека треба “македонската држава да добие признавање адекватно на својот македонски карактер и да се воведе употреба на македонскиот јазик...”.< Archives diplomatique... Nantes... Фонд, Etat General des fonds, serie, Скопје, vol. 3. Франацуските извори укажуваат дека во 1957 година српската павославна црква го призна правото на употреба на македонскиот јазик во богослужбите во Македонската православна црква, но Српската православна црква ќе ги предлага трите кандидати за епископиите во канонско единство со Српската православна црква: “Невозможно е Партијата (КПЈ - б.м.) да ги усогласи народните чувства, но Македонската црква ќе стане автономна....<Исто таму... сигн. 3... Француски конзулат во Скопје, 26 август 1958, предмет: “Македонската православна црква”.>
Непосредно по ослободувањето на Македонија започна во најостра форма да се поставува прашањеот за уредувањето на Македонската православна црква, при што беа искристализирани две стојалишта од кои едното, за неазависна (автокефална) Македонска православна црква и второто, за автономна Македонска православна црква што би се наоѓала во канонска врска со Православната црква во Југославија. За жал, ЦК на КПМ-СКМ, од непознати и неоправдани за нас околности но веројатно од страв и под притисок на српското партиско-државно раководство, до партиските организации во Македонија препорачува да се среди прашањето на црквата врз принципот на автономност и канонско единство со Православната црква во Југославија. На чело на Македонската автономна црква би се наоѓал Македонец, кој би бил избран од свештениците, со тоа би станал и член на Архиерејскиот сабор на Југославија. ЦК на КПМ-СКМ сметаше дека називот “Српска православна црква” треба да се промени во “Југословенска православна црква” или едноставно во “Православна црква”.*<Докрај не се расветлени мотивите за ваквиот предлог на македонското партиско раководство - Лазар Лазаров, општествено-економскиот развој на Македонија, Скопје, ИНИ, 1988, с. 139-140.> Формулирајќи ги овие ставови, ЦК на КПМ-СКМ беше подготвен да ги спроведе овие ставови во политичкиот живот преку свештениците-членови на Партијата во Македонија.
Одделни француски извори од дипломатска провиненција ги анализираат побудите и недоразбирањата меѓу Српската православна црква и Македонската православна црква и во нив се укажува на мешањетона српското државно партиско раководство во црковните прашања, наведувајќи ја притоа одлуката на Српската православна црква преку изјавата на српскиот патријарх Викентие дадена на Агенцијата Југопрес: а) употребата на македонскиот јазик во богослужбата и административната кореспонденција б) употреба на печат со Република Македонија, в) трите епископии за Скопје, Охрид и Струмичко-Злетовската ќе ги избира македонското свештенство.<Исто таму... француска амбасада во Белград, 30 април 1957... vol. 3.> Тоа, според француски оценки, “значи формално признавање на Македонската црква од 1945 година, па иако Српската православна црква ги сметаше овие одлуки како свој успех, де факто не може да го спречи македонскиот пат кон автокефалноста. Религиозното прашање за црковното осамостојување е исклучително значајно прашање за историјата на Македонија...”.<Исто таму...>
Одговорот на недоразбирањата меѓу Српската и Македонската православна црква треба да се бара во проектираната концепција на српското раководство, а посебно од страна на Александар Ранковиќ, а тоа подразбираше давање на автономија на Македонската православна црква во рамките на Српската православна црква предводена од српскиот патријарх Герман, како почетна воведна фаза и прв чекор кон извесно, но не и целосно осамостојување на Македонската православна црква. Последнава констатација се покажа како точна и дојде до израз низ практичните постапки и однесувања на највисокото српско црковно раководство, веројатно со благослов и поддршка на дел од тогашниот највисок државнопартиски врв на Србија.
Значаен чекор напред во развојот на македонско-српските црковни односи, а посебно он остварување на стремежот на македонскиот народ за осамостојување односно обновување на Македонската православна автокефална црква е направен непосрендо по сменувањето на Александар Ранковиќ во 1966 година, во пролетта 1957 година. Според сеќавањата на Крсте Црвенковски изнесени пред авторот на овој текст, произлегува дека: “самото сменување на Александар РАнковиќ создаде поволни можности и клима за одржување на средба на високи државнопартиски раководители од Македонија и од Србија и некои од Југославија во пролетта 1967 година. На овој состанок присуствуваа: Петар Стамболиќ, Драги Стаменковиќ, Вељко Влаховиќ, Едвард Кардељ и Мијалко Тодоровиќ, а од македонска страна јас (Крсте Црвенковски - б.м.) и Никола Минчев. Иако имаше извесни резерви, посебно кај Драги Стаменковиќ и Петар Стамболиќ, сепак едногласно е решено да се поддржи создавањето односно обновувањето на Македонската автокефална православна црква како самостојна”*<Види поопширно за ова кај Лазар Лазаров, Макотрпниот пат на црковното осамостојување - Погледи и мислења: Односите меѓу МПЦ и СПЦ во минатото и денес - в. Нова Македонија, Скопје 29 јуни 1994 година, с. 2.> што практично е остварено во истата 1967 година кога Македонскиот народ поточно цели два века ја обнови независноста односно автокефалноста на својата Македонска православна црква, незаконски укината во 1767 година.