Прејди на содржината

5. Економската и друга помош на Македонија од западните земји

Од Wikibooks

5. Економската и друга помош на Македонија од западните земји

Новонастанатите непредвидени меѓународни околности со донесувањето на Резолуцијата на информбирото од 28 јуни 1948 година од страна на Советскиот Сојуз и источноевропските социјалистички земји, не само што го попречија извршувањето на првиот петгодишен план на Македонија и Југославија во целина, туку создадоа тешкотии во стопанскиот развој на земјата. Овој проблем на прекинување на односите со источните земји и нивна целосна економско-политичка и воена блокада врз Југославија има повеќедимензионално значење ако се има предвид реалноста дека обемот на размената со Советскиот Сојуз изнесуваше повеќе од половината од целокупнаа југословенска размена со странство. Ако на сето ова се додадат и двете сушни години по донесувањето на споменатата Резолуција и невоспоставеноста на трговски и економски односи со западните земји, тогаш пореално би се согледала состојбата на целосната изолација на Македонија и Југославија пошироко. Во прашање беше опстанокот на земјата и во таквите драматични околности југословенското раководство на чело со Јосип Броз Тито сепак зазеде цврст решавачки став: “Договорот е раскинат (меѓу Југославија и СССР - б.м.)...,...независноста е поважна...”.<На оваа седница на ЦК КПЈ централни прашања за разгледување беа: 1. Нашите односи со СССР - политички и економски 2. Петгодишниот план и 3. Прашањето за федерација со Бугарија. Во врска со последново прашање, ставот на југословенското партиско раководство беше... реалните можности за федерација сега не се најдобри. Ние Федерација остваривме во текот на војната... Сегашниот став на бугарските другари не е се' уште изменет и тоа загрижува... Бугарите форсираат создавање на Федерација. Економската состојба не е созреана. Прашањето на единството на Партијата би се оптеретило... Тоа би било тројански коњ со нашата партија (КПЈ - н.б.). Нашата сила лежи во единството на волјата и акцијата... Рускиот предлог за федерација Југославија-Бугарија не е дојден без знаење на Бугарите... Димитров плива. Тие фракциски борби (во Бугарија - н.б.)... се пренесени и натаму на членството (партиско - нб.б._... Она што сега се случува во Пиринска Македонија не е во духот на нашите заеднички разговори... - Архив ЦК СКЈ Београд, фонд, Пленумски материјали, сигн. ЦК СКЈ - III /32. Седница ЦК КПЈ 1. III. 1948.>

Наоѓајќи се во една безизлезна ситуација, при една целосна блокада и изолација од источноевропските земји, југословенското раководство е принудено да бара помош и поддршка од западните земји, со кои дотогаш немаше воспоставено некои поцврсти односи и врски. Така, според наши сознанија до кои дојдовме при истражувањето на овој проблем, првите обраќања и контакти со САД и западните земји, според француски дипломатски извори, се обавени непосредно по донесувањето на Резолуцијата на Информбирото од 28 јуни 1948 година. Поточно, француските дипломатски извори укажуват дека на 3 јули 1948 година Јосип Броз Тито имал тајни преговори со американскито амбасадор во Белград за добивање на економска и друга помош од САД.< Archives diplomatique... Paris... Serie, З Europe, sous-serie, Yougoslavie 1944-1949, vol. 22, предмет: “Тајни преговори меѓу Маршал Тито и американскиот амбасадор”, Париз, 6 јули 1948 год.>

САД и западните земји, разгледувајќи ја целокупната општествено-економска, политичка и воена состојба во која се најде Југославија по Резолуцијата на Информбирото и нејзината целосна изолација од Исток, ја искористи можноста и разработи сеопфатна стратегија, чија основна цел се состоеше во привлекување и приближување на Југославија кон западниот капиталистички блок. Во рамките на оваа американска стратегија, беше формирана специјална екипа на експерти со задача да ја проучат состојбата во Југославија од сите аспекти, а пред се' од економско-политички и да понудат конкретни решенија за натамошната американска акција и преземањето идни чекори. Во духот на овие определби на САД, според француски дипломатски извори, непосредно по Резолуцијата на информбирото, веќе во септември истата 1948 година е проследен извештај под наслов “Погледите на американските експерти за ситуацијата во Југославија”.<Исто таму... sous-serie Yougoslavie, vol. 76, предмет: Известување за погледите на американските експерти за ситуацијата во Југославија. 25 септември, 1948 година.>

Според овие француски дипломатски извори, првичната цел на американските експерти била запознавање со вистинската општествено-економска и воена состојба во Југославија и преземање на соодветни мерки. Имено, САД преку совите специјални експерти изнесува свои видувања и оценки за запознавање на вистинската општествено-економска и воена состојба во Југославија и преземање на соодветни мерки. Имено, САД преку своите специјални експерти изнесува свои видувања и оценки за запознавање на вистинската општествено-економска состојба во Југославија, и какви мерки евентуално би биле потребни да се преземат. Во основа, согледувањата на американските експерти се состоеја во следново. Југославија е зависна од увоз на нафта и нафтени деривати и машини со што претходно се снабдуваше од Советскиот Сојуз и источните земји и нејзината трговија до Резолуцијата на Информбирото беше ориентирана кон овие земји, што претставува еден од основните предуслови за исполнување на петгодишниот план; Југославија поради нејзината изолација се наоѓа во безизлезна ситуација, финансиската состојба е лоша; таа релативно е богата со сировини, но е сиромашна со машини и опрема, неопходни за нејзината индустријализација и за електрификација на земјата, што е зацртано со Петгодишниот план за развој на Македонија и Југославија во целина.<Исто таму... сигн. 76.> Во една ваква севкупна неповолна состојба, според погледите на американските експерти неопходни се преговори на Југославија со западните земји за евентуална, пред се' економска и друга помош за излез од ќорсокакот во кој западна Југославија. Како приоритети во економската помош на Југославија, американските експерти посебно го издвојуваат прашањето за снабдување со нафта и нафтени деривати, алати, машини и опрема за изградба на индустриските претпријатија во земјата, опрема за изградба на железничката и патната мрежа, трговска стока, и пред се' стоката за широка потрошувачка и др.<Исто таму...>

Во рамките на американската стратегија за приближување на Југославија кон западните земји и неутрализирање и истиснување на советското влијание на Балканот, САД презема дополнителна акција на тој план. Имено, според извори од француската дипломатија од 19 април 1949 година, “Бидејќи се сметаше дека Алабанија би можела да претставува советска воена база”, САД покренува иницијатива за поделба на Албанија меѓу Југославија и Грција.<Исто таму... sous-serie, Yougoslavie... vol. 40... 19 април 1949 г.> исто така, францускиот амбасадор во САД, Берар во својот извештај од 19 април 1949 година упатен до францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман укажува на можноста за привлекување на Тито кон Запад, поради блокадата на Југославија од источните земји, и се истакнува прашањето за реализирање на проектот за создавање на независна Македонија во составот на една Балканска федерација, што како определба е осудена од Вашингтон”.<Исто таму...>

Всушност, целокупната економска, воена и друга помош од САД и другите западни земји на Југославија започнува практично да се спроведува во втората половина на 1949 година по официјалното раскинување на југословенско-советскиот договор. Поточно советската влада кон крајот на септември 1949 год. се откажа од советско-југословенскиот договор склучен на 11 април 1945 година, што според француски оценки претставува една од посериозните мерки против Југосалвија.<Исто таму... сигн. 126... - Извештај ан Анри Боне, француски амбасадор во Вашингтон од 27 октомври 1949 година, упатен до француската влада.> Покрај тоа, францускиот амбасадор Анри Боне во својот извештај од 27 октомври 1949 година укажува на концетрација на воени сили на Русија и нејзините сателити околу Југославија потенцирајќи на евентуална можна воена интервенција во Југославија.<Исто таму...> Слични укажувања за еволуција на настаните и заострување на односите на Балканот, а посебно за актуелноста на македонското прашање и евентуалната можност од воена интервнеција од источните земји, изнесува и францускиот дипломатски претставник во Софија, а посебно воениот француски аташе во известувањето од 5 декември 1950 година упатено до генералнито секретар за национална одбрана на Франција: “...и натаму сметам дека Македонија претставува невралгична точка на овој дел на Балканот...,...мој впечаток е дека Софија, без сомнение преку Москва, подготвува една директна агресија на Југославија, што би било сериозен проблем кој брзо ќе доведе до судир од светски размери...”.<Исто таму... Paris... Sous-serie, Bulgarie 1949-1955, vol. 58, Софија, 5 декември 1950 година.>

Според добиените сознанија, француските дипломати и експерти укажуваат дека бруталното прекинување во 1948 година на советско-југословенските односи придонесе за влошена состојба на земјата “која веќе е алармантна, се прекинаа сите економски врски... Југославија се наоѓа извесно време практично изолирана од светот...,...во периодот 1946-1949 година Југославија гледаше кон западните земји со недоверба...,...требаше да се чекаат годините 1950 и потоа, па Запад да и' ја понуди својата поддршка на Југославија во отпорот од грандиозната советска закана...,...ситуацијата во земјата стана многу сериозна во почетокот на 1949 година, во магацините и на пазарот не се наоѓаше ништо и со недели градското население останувше без месо, а често и без леб, маст, шеќер, кафе итн. кои исчезнуваа за подолго време...,... индустриското производство исто така опаѓаше...”.< Archives diplomatique... Nantes. Fond, Etat General des fonds... Serie, Скопје, vol. 9. >

Според францускиот амбасадор во САД Анри Боне првата военоекономска помош на САД на Југославија датира од крајот на 1949 година. Исто така, Боне укажува дека, по потпишувањето на повеќе договори на САД со Југославија за економски и трговски договори, “е потпишан договор и за воена помош и соработка со Југославија, договор сличен на оние потпишани со другите земји членки на НАТО”.< Archives diplomatique... Paris, Serie З Europe, Sous-serie, Yougoslavie, vol. 121. >

Кон крајот на ноември 1950 година француската влада и' дава значајна помош на Југославија во житарици и други прехранбени производи.<Исто таму... синг. 141...> Кон крајот на 1950 година, француската економска помош во храна изнесува 300 милиони франци и се состоиво 5 илјади тони житарици, илјада тони шеќер и други производи, а во наредната 1951 година во економската помош на Југославија, покрај САД, Франција и Англија, се вклучија и Холандија, Норвешка, Белгија и други западни земји и оваа помош се состоеше пред се' во прехранбени производи - житарици, шеќер и друго.<Исто таму... сигн. 142.> Во почетокот на 1952 година во Вашингтон е одржана специјална конференција за економска помош за Југославија на која било одлучено во обезбедувањето на вкупната помош, 64% ќе учествуваат САД, 24% Англија и 12% Франција.<Исто таму... сигн. 142.> Освен тоа, Франција во 1954 година учествува, врз оснвоа на договорот од 14 април 1954 година, и со давање кредит на Југославија во износ од 544 милиони франци, а во 1955 година вкупниот француски кредит на Југославија изнесува 1,5 милијарди француски франци.<Исто таму... сигн. 142.>

Во годините по Резолуцијата на Информбирото речиси сите западни земји се вклучија во економската помош и поддршка на Југославија, а гледано според обемот на дадената помош, во тоа предначеа САД, Англија и Франција. Воглавно оваа помош се состоеше во прехранбени производи, опрема, машини, нафта и нафтени деривати и др.< Archives diplomatique... Nantes, Фонд, Етат Генерал... serie, Скопје, vol. 1. >

Гледано во целина, во вкупната помош на Југославија од западните земји, американската помош е доминантна и според официјални податоци од Вашингтон од 9 јуни 1955 година, изразена во американски долари, вкупната помош од овие земји изнесува 3 милијарди и 408 милиони долари, од кои САД учествува со 64%, Англија со 24% и Франција ос 12%.< Archives diplomatique... Paris... Serie, З, Europe, sous-serie, Yougoslavie 1949-1955, vol. 36. Помошта беше финансиска и материјална - животни намирници, опрема, воена и цивилна. Нема конкретни податоци и не е разграничено колку НР Македонија како членка на југословенската федерација добила од таа западна помош, но тргнувајќи од реалноста и врз основа на критериумот за нејзината големина и бројна состојба на населението - околу 6% од вкупното население на Југославија, може да се смета дека Македонија добила околу 6% од вкупната помош на Југославија.>