2. Општествено-економската положба во Македонија и иселувањето на Македонците
2. Општествено-економската положба во Македонија и иселувањето на Македонија
Првите помасовни иселувања на Македонците од Македонија започнуваат во <XIX>-от век и тие, според сознанијата на француските претставници во Македонија и соседните балкански држави, се резултат на неподносливата економско-политичка и сигурносно-безбедносна положба под турскиот режим. Свирепото задушување на Илинденското востание и неговиот врв - Крушевската република како прва Република на Балканот, од страна на надмоќната турска војска предизвика катастрофални последици за иднината на Македонија и македонскиот народ. Низ француската документација од тој период мошне прегледно се изнесени масовните опожарувања на населби, колежи и убиства на месното македонско население во цела Македонија. Отпрвин македонците се иселувале во соседните балкански земји а потоа, особено по Илинденското востание, и во повеќе европски и прекуокеански земји “без надеж за враќање” - како што нагласуваат француските извори. Според француската документација, македонски колонии се воспоставени, во Канада, САД, Австаралија, Аргентина, Унгарија и други земји.< Archives diplomatique... Nantes... Fond, Etat General des fonds, serie Skopje, vol. 9.> Уште поаргументирани и мошне прецизни сознанија за иселувањето на Македонците се изнесуваат во француската архивска документација во серијата Монастир (Битола) од 26-ти јули 1907 година. “...емиграцијата на Македонците во Северна и Јужна Америка во последниве години (по Илинденското востание до 1907 година - б.м.) зема се’ поголеми размери и претставува закана и вистинска опасност за овој регион, посебно во економски поглед..., според сигурни известувања, бројката на македонската емиграција до денес (1907 година - б.м.) изнесува 75.000 лица... од кои сега 300 се наоѓаат во Аргентина, 1000 во Тексас, 10.000 во Канада...”<Исто таму...serie Монастир, vol. 13.>
Иселувањето на Македонците од својата земја доби засилени димензии во периодот по делбите на Македонија во Балканските и Првата светска војна, што според сознанијата на француските и Првата светска војна, што според сознанијата на француските претставници е резултат пред се’ на неподносливата политичко-економска, социјална и безбедностна положба на македонското население. Според франуцскиот амбасадор во Канада Книхт, од февруари 1929 година македонците меѓусебно се поврзани преку разновидни политички организации, културни и спорртски друштва од сите три дела на Македонија, од кои 60% од Пиринска Македонија.< Archives diplomatique... Paris. Serie З Europe, sous-serie, Bulgarie 1918-1940, vol.62.>
Меѓу причините за иселувањето од Македонија, покрај неподносливата социјално-економска и неповолната безбедносна положба на макеадонското население, низ француската документација се нагласува и спроведуваната колонизација од сите три дела од поделена Македонија. Така француските претставници наведуваат дека “од 1919 до 31 март 1924 година во српска Македонија се поделени 118.000 хектари обработлива земја на 8.000 семејства со околу 70.000 лица новодојденци од српско-црногорско потекло, колонизирани во Македонија.<Лазар Лазаров, ВМРО низ француската дипломатија. Скопје, ЗУМПРЕС, 1997, с. 115.>
При спроведуваната колонизација од страна на српските власти во Македонија по Првата светска војна, српските и црногорските доселеници, покрај добивањето на плодна обработлива земја, добиваа и поволни кредити од земјоделската банка со 1% камата. Мошне сликовито и реално е изнесена економско-социјалната положба на македонското население во извештајот на францускиот конзул во Скопје од 5 септември 1932 година под наслов “Економската ситуација во Вардарската Бановина”, при што се нагласува дека “економската состојба во Вардарска Бановина е многу сериозна. Многу фактори влијаеја за тоа, но основните се: селаните добија еден мораториум од шест месеци да ги платат своите долгови и трговците ги одбиваат новите кредити, што значи целосна стагнација на работите. Поголемиот дел од трговците ги загубија и малкуте пари што ги имаа. Цената на житариците и другите земјоделски производи не само што опаѓа, туку не може да се најдат купувачи. Опиумот претставува најголемо богатство на овој регион, кој во 1928 година вредеше 1200 динари за килограм, а сега не вреди повеќе од 300 динари за килограм и дури за него нема купувачи. Даноците нагло се зголемија... пазарот целосно е замрен и никаква трговска трансакција не е можна. Селанецот, за да купи 2 килограми шеќер, е принуден да продаде 30 килограми жито...”.< Archives diplomatique... Paris, serie З Europe, sous-serie Yogoslavie 1930-1940, vol. 195/6.>
Според француски извори од дипломатскиот архив, при т.н. размена на населението спроведена од 1918 до 1924 година, само до крајот на 1922 година, со тенденција да се измени етничката структура на населението, во Грција се населени 868.186 лица - Грци од кои 47.170 во Тесалија, 55.659 во Пелопонез, а 296.823 лица во Македонија, 80.619 во Тракија и 37.128 во Епир.< Archives diplomatique... Nantes... Fond, Salonique, serie B, vol. 24 (echange des populations 1918-1924).>
Според претседателот на Советот на министрите за надворешни работи на Франција, во 1924 година (март) бројот на Македонците во Бугарија изнесува 500.000, а според турско-бугарскиот договор од 15 октомври 1923 година се нагласува дека “1.200.000 Македонци се нарекуваат како Македонци, а не бугарски Македонци и се залагаат за создавање на автономна Македонија”.<исто таму... Nantes... Fond, Roma, serie А, vol. 547, Paris, 15. Х. 1923.>
Покрај неподносливата економско-социјална положба во Макеоднија, според оценките на францускиот дипломатски претставник во Белград Рајмон Бругер изнесени во неговиот извештај од 16 октомври 1939 година под наслов “Реперкусиите од актуелната ситуација во македониа” (испратен до Едуард Даладје - претседателна Советот на Министерството за надворешни работи на Франција), се нагласува дека “Македонците веднаш по војната (се мисли на Првата светска војна - Б.м. беа објект на една политичка србизација...”.< Archives diplomatique... Paris, serie З Europe, sous-serie Yougoslavie 1918-1940, vol.167.>
Кон крајот и непосрендо по Втората светска војна иселувањето на Македонците продолжи со несмалено темпо. Како за предвоениот така и за паовоениот период, од сите три дела на Македонија најмногу се иселувале Македонците од егејскиот дел на интегрална Македонија. Според извештајот на францускиот конзул од Солун Парментите од 27 февруари 1952 година под наслов “Грчко-македонските односи”, “подолго време е засилен процесот на напуштање на Егејска Македонија од Македонци во европските и прекуокеанските земји. Македонците немаат во Грција ни елементарни права, затоа што не се Срби или Хрвати”.<Исто таму... Paris, serie, Commision speciale des Nations Unis pour les Balkans, vol.201-203.> Слични и конкретни укажувања изнесува посебно францускиот амбасадор во Белград Филип Бодет во својот извештај од 6 ноември 1954 година, нагласувајќи дека во текот на Граѓанската војна во Грција (1945-1949 - б.м.) 25.000 Македонци од Егејска Македонија ги напуштија своите огништа и пребегаа во Југославија” од нив 25.000 во НР Македонија а вкупниот број бегалци од Грција, според Шарверијат - член на Специјалната комисија на ОН за Балканот, соопштен во извештајот од 13 мај 1949 година, изнесува 552.000 бегалци*, од кои од Македонија биле 232.000.<исто таму... vol. 201.> На местата од прогонетите Македонци од Егејска Македонија, кон крајот и непосрендо по Втората светска војна, според оценките на францускиот амбасадор во Грција Жан Баелен изнесени во извештајот под налсов “Позицијата на Грција во македонското прашање” од 12 април 1945 година, грчките власти доселија и “ја колонизираа грчка Македонија со грчки бегалци од Мала Азија”.<Archives diplomatique... Paris... serie 3 Europe, sous-serie Yougoslavie 1944-1949, vol. 31.> Што се однесува до националната припадност на македонскиот народ, истиот француски претставник Баелен го нагласува јасниот грчки став дека “за Грција не постои македонска националност - можеби постои еден македонски дијалект кој е смеса од сите соседни јазици што ги зборуваат жителите во Македонија...”.<Исто таму.>
Независно до кој степен дипломатските претставници на Франција во Македонија и во балканските држави проникнале до вистинските состојби за статусот, положбата и оствареноста на националните права на Македонците во соседните земји (Бугарија, Грција и Албанија), од истражените документи произлегува дека Франција ги согледала и го нагласува кај Македонците се’ посилниот подем на нивното национално чувство. Во документацијата се истакнува и посебноста на Македонија и на македонскиот народ, а во одделни периоди се оправдува и поддржува борбата на македонскиот народ за создавање своја државност и самостојност.