Прејди на содржината

1. Статусот на НР Македонија во Југословенската Федерација

Од Wikibooks

1. Статусот на НР Македонија во Југословенската Федерација

Во текот на сите повоени години по Втората светска војна, Франција како и нејзините дипломатско-конзуларни претставници во Македонија и Југославија, во своите извештаи, документи и дипломатска кореспонденција во основа изнесуваат позитивни видувања и оценки за создавањето и развојот на државноста на Република Македонија, како рамноправна федерална единица на југословенската Федерација. Така, француските дипломатски претставници по повод празничните одбележувања, посебно на националните празници како на пример: 11 Октомври денот на востанието на македонскиот народ против фашиситичките окупатори, Илинден, односно 2 август, големиот празник на македонскиот народ од 1903 година како симбол за ослободување од турското ропство, 13 Ноември денот на ослободувањето на Скопје и други празнички одбележувања, во своите честитки што ги упатуваа до највисоките македонски раководители и до македонскиот народ, го изразуваа своето задоволство и желбите за просперитет на македонската држава и македонскиот народ. Ваквите позитивни оценки за создадената македонска државност редовно се застапени низ постојните француски официјални документи, а посебно во извештаите на француските претставници упатувани до француската влада.

* * *

Интересни се и необични француските оценки околу дефинирањето на поимите Македонија и Македонци, а посебно во врска со создавањето на државноста и самостојноста на македонскиот народ во рамките на југословенската Федерација и во другите делови од териториите на македонскиот национален организам што се наоѓаат под бугарска и грчка власт во текот, при крајот и непосредно по Втората светска војна. “Постојат разни Македонии, југословенска, бугарска и грчка... и покрај тоа постои една добра Македонија и што е добро за Македонците. Срцето и центарот на оваа земја се наоѓаат во еден регион што во периодот на последниве 20 години е познат под називот Јужна Србија”. Принципот за создвање на една слободна Македонија е прокламиран од маршал Тито на историското Заседание на комитетот за ослободување на Југославија во Јајце. Одлуката за обнова на Југославија во федеративен облик е изгласан едногласно на 2 август (1944 година - б.м.), претставниците на македонскиот народ се собраа со цел да ги постават основите на нивната држава и да ја изразат нивната македонска волја и согласноста за соединдување во југословенската Федерација”.<Според “Л Хуманите” орган на КП на Франција од 28 август 1946 година во Егејска Македонија се убиени 570 Македонци, а 1266 се депортирани и се повикува врз оснвоа на в. “Ризоспастис” - орган на КПГ. L Humanite 28 aout 1946 “570 assassinat, 1266 deportations - bilance tragique de la dictature de Tsaldaris (d apres l organ xommuniste grec “Risospastis” >

По ослободувањето на Македонија во есента 1944 година во неа дејствува широка мрежа народноослободителни одбори, чиишто највисок централен орган беше АСНОМ. Политичката база на оваа власт ја сочинуваше адекватна територијално-организациона распространета мрежа на масовни организации (Народноослободителниот фронт, подоцна Народен фронт, Народната младина на Македонија, Антифашистичкиот фронт на жените, Единствениот синдикат на Македонија и други). За далбочината на извршените промени на власта во Македонија ништо толку убедливо не говори како следната фактичка реалност. Имено, кон крајот на 1944 година на почвата на Македонија не постоеја никакви други организирани сили што би можеле да бидат конкурентни на народната власт и на нејзиното јадро - КП на Македонија, која продре во сите пори на новосоздадениот систем.

Во рамките на Народноослободителното движење беа сузбивани и оневозможувани автономистичките тенденции што се спротивставуваа на решенијата на АВНОЈ, а особено на АСНОМ. Македонскиот народ, со широкиот развој на Народноослободителната борба, особено од 1943 година кога разви големи жаришта во Западна Македонија, а подоцна - зимата и пролетта 1944 година, се пренесоа и на територијата на Источна Македонија преку правото на самоопределување, се изјасни за заеднички живот во Демократска Федеративна Југославија. Македонските делегати не успеаја да учествуваат на Второто заседание на АВНОЈ, кога се градеше новата југословенска Федерација, поради оддалеченоста на Босанска Краина. Меѓутоа, од телеграмата на Светозар Вукмановиќ-Темпо, јасно се гледа дека делегати од Македонија за Второто заседание на АВНОЈ биле избрани и тоа. Димитар Влахов, во својство на потпретседател на АВНОЈ, како членови Михаило Апостолски и Методија Андонов-Ченто, додека Владо Поптомов, во декември 1944 година, се откажа од членство во револуционерната Скупштина на југославија.<Слободан Нешовиќ - Бранко Петрановиќ, АВНОЈ и Револуција. Тематска збирка докумената 1941-1945, Народна књига, Београд, 1983, 466.>

Концентрацијата на политичките сили околу програмаа и политиката на КП на Македонија се остваруваше преку Народниот фронт на Македонија. Околу Народниот фронт беа собрани сите сили што ја поддржуваа програмата на комунистичката партија на Македонија и нејзината водечка улога во Народниот фронт.

Новата власт, изградена во Народноослободителната борба, се зацврстуваше и доизградуваше низ прочистување на персоналниот состав за што посебна заслуга имаа изборите за народни одбори и изедначувањето на нивните организациони структури. Важна улога во тој правец посебно имаа изборите за народни одбори, кои во Македонија беа одржани во март 1945 година со претходна одлука на Президиумот на АСнОМ од 22 февруари 1945 година. Овие избори за народноослободителните одбори, на кои процентот на гласачите на листата се движеше од 95% па нагоре, и на многу места и 100%.<Види кај Лазар Лазаров, општествено-политичките организации, цит. дело... - од истиот автор, општествено-економскиот развој... цит. дело...>

Независно до тоа, македонската држава е конституирана на Заседанието на АВНОЈ, а посебно на АСНОМ и македонскиот народ не само што доброволно се приклучи кон југословенската Федерација, туку, како што се истакнува во француската документација од крајот на 1944 година, тој стремеж за обединување кон југословенската федерација е присутен и кај македонскиот народ од другите делови на Македонија: “македонската држава е конституирана од Тито, со главен град Скопја (град сместен во регион што го бараат Србите...), бугарскиот народ е свикан од неговите раководители да ја прифати интеграцијата на Македонија во југословенската федерација. Од своја страна Петре Пирузе - македонски министер за правда при посетата на Софија изјави дека југословенската конфедерација подразабира подоцнежно вклучување на Бугарија и на другите балкански држави. Тоа ќе им овозможи на Русите да го интегрираат целиот Балкан во еден политички систем потчинет на Тито...”.< Archives militaire... vol. 4 Н 288... 10 декември 1944 година предмет. “Идната конференција на Југославија”.> Ваквата проекција за создавање на јужнословенска федерација и вклучувањето на Македонија во неа, според француската документација, се потпираше на пријателството со СССР и на братската соработка со другите демократски народни републики: “...обединувањето на Македонија и Македонците од пиринскиот регион кон Република Македонија... југословенските раководители го покренуваат во прв план (се планираше) трансформацијата на пиринскиот регион во еден автономен регион во поглед на неговото приклучување кон Југославија... На Балканската комунистичка федерација се гледаше, исто така како на решение на сите балкански прашања што го подразбира и македонското прашање преку создавањето на една демократска федерација способна да ја брани слободата и независноста на сите балкански народи”.< Archives diplomatique... Paris. Serie З, Europe, sous-serie, Yougoslavie, vol. 31. предмет: “Југословенската федерација и проблемот на Македонија”.>

Уставната стабилизација на системот е изведена со донесување на Уставот на НР Македонија од 1946 година, врз основа на Уставот на ФНР Југославија. Постојниот систем на власта во Македонија се заснова, како и кај другите народни републики во Југославија, врз принципот на единството на власта низ демократски централизам. Во системот на власта добивале нагласено место извршните органи на власта. Уставот предвидувал владите на народните републики да имаат дури и законодавна дејност по пат на т.н. уредби со законска сила. Користејќи го ова овластување, Владата на НР Македонија, особено во сферата на стопанството, финансиите, градежништвото, трговијата и друго, донесува уредба со законска сила, кои Народната скупштина мора дополнително да ги ратификува. Со тоа се добива во брзина и ефикасност, но од друга страна ова решение доведува до концентрација на власта во рацете на извршните, односно на извршно-политичките органи. Народната скупштина, според Уставот, е највисок орган на власта, но во суштина власта им припаѓа на Владата и на Извршните одбори како тела на народните одбори, кои само формално ги изнесуваат проблемите за решавање пред пленарните седници на претставничките тела. Законодавната иницијатива му припаѓа на извршното тело - Владата, додека Народната скупштина е сведена на установа за нивно едногласно и акламативно прифаќање. Народната скупштина се свикува двапати годишно на редовни заседанија. Следствено, таа не беше работно тело. Во Народната скупштина, иако тоа беше уставно регулирано, немаше интерпелација од пратениците.

Партијата беше решавачки фактор во новосоздадениот систем: таа ги држеше под своја команда сите позиции во власта, стопанството, војската, силите на безбедноста и друго, потпирајќи се врз Народниот фронт и неговите колективни членови (Синдикатот, АФЖ и Младината како трансмисиони механизми). До нападот на Информбирото не беа одржани пленарни седници на ЦК на КПЈ, така што целата власт му припаѓаше на Политбирото на ЦК КПЈ, кое го свикуваше Јосип Броз Тито, генерален секретар на Партијата. Македонија, за жал, од непознати и неоправдани причини, немаше ниту еден свој претставник во Политбирото на ЦК на КПЈ, освен што секретарот на ЦК КПМ Лазар колишевски беше повикуван само на оние седници на кои беа разгледувани прашања сврзани за Македонија или во случаите кога требаше да се пренесат некои директиви за Македонија. Најголемата власт беше концентрирана во ова тело, кое де факто беше неврзаниот центар, мозокот и наредбодавниот пункт за сите органи и оргнаизации во земјата. Својата волја и политика ја спроведуваше преку: Организационо-инструкторското одделение, Кадровското одделение, Агитпропагандното одделение, како и преку советодавните интерни партиски комисии за одделни гранки на работата - за Народна власт, Синдикат, ресор за надворешни работи, за просвета и школство итн. Такава структура имаа и републичките центални комитети, вклучувајќи го и макеадонскиот Централен комитет. Во склопот на овие комисии дејствуваше Економска комисија.