1. Состојбата на националните и другите права на Македонците во Пиринска Македонија

Од Wikibooks

1. Состојбата на националните и другите права на Македонците во Пиринска Македонија Со доаѓањето на советската Црвена армија на Балканот и по соборувањето на фашистичкиот режим во Бугарија на 9 септември 1944 година, настапи процесот на ликвидација на фашистичката власт, а врз нејзините урнатини се изградуваше новата отечественофронтовска власт. Се поставува прашањето: дали навистина и суштински е можно преку ноќ да се извршат коренити промени без да се извлечат некои елементи и последици од претходниот режим? Тоа е сложен процес на промени, оправдано реагира францускиот дипломатски претставник во Анкара, Ардуин во својот извештај до француската влада од 30 септември 1944 година, и нагласува дека и по државнито удар од 9 септември многу раководни бугарски личности “продолжуваат да соработуваат со Германија. Меѓу најпознатите се Дочо Христов - стариот министер за внатрешни работи, па за комуникации Родославов, генерал Стојанов - командант на Првата софиска дивизија, стариот претседател на Советот Цанков - фанатизиран приврзаник на Хитлеровиот режим... Габровски - стариот министер за внатрешни работи од кабинетот на Филов и одговорен за мерките против Евреите...”.<Исто таму... sous-serie Turquie 1944-1960, vol. 29 Анкара, 30. 09. 1994 година. Извештај на францускиот амбасадор во Турција Ардуин до францускиот министер за надворешни работи Жорж Бидо - Париз.>

Што се однесува до југословенско-бугарските државнопартиски односи и ставови по прашањето за националните права на македонскиот народ од пиринскиот дле на Македонија, суштествено е да се подвлече дека тие од повеќе аспекти се разновидни по својот карактер и еволуирале во одделни периоди. Во ставовите на БРП(к) спрема националните права на македонскиот народ во периодот непосредно по Втората светска војна се забележува осетно еволуирање и во основа може да се согледаат три основни фази кои битно се разликуваат. Имено, првата фаза, која практично започна од 9 септември 1944 година, односно со доаѓањето на новата отечествена власт, а траеше до половинаа на 1945 година. Тоа е краток, но мошне значаен период на стабилизација на внатрешнополитичкиот систем на новата народна власт, создаден по соборувањето на власта на фашистичка царска Бугарија. Во тој кус временски период беа очигледни напорите на бугарска страна за нормализација на односите со Македонија и Југославија во целина и имаа правилен однос во признавањето на постоењето на македонската нација: “Специјално во врска со создавањето нам македонската слободна држава во границите на федеративна Југославија, со што се прави сериозен чекор кон остварување на идеалите на Македонците за слободна и единствена Македонија, ние ви даваме до знаење дека нашата партија и нашиот народ (бугарската партија и народ - б.м.) најтопло ја поздравија новата македонска држава. Ние ќе работиме на нејзино популаризирање, како меѓу целиот бугарски народ така и посебно меѓу населението од бугарскиот дел на Македонија, ќе работиме на будењето на македонската национална свест кај тоа население, користејќи го херојското минато и денешност на македонскиот народ во неговата борба за ослободување...”.<Писмо на секретарот на ЦК на БКП Трајче Костов до генералниот секретар на ЦК на КПЈ Јосип Броз Тито од 2 ноември 1944 година. Државни секретаријат за иностране послове - Београд. Документација о бугарским ставовима према Југославији од 1944 до 1969 године, Београд, 10 октобар 1969, с. 20.> Ова е содржано во писмото на секретарот на ЦК на Бугарската комунистичка партија Трајче Костов до генералниот секретар на ЦК на КПЈ Јосип Броз Тито од 2 ноември 1944 година.

Во врска со прашањето за положбата на Македонците во Пиринска Македонија и обидите за обединување на Македонија во рамките на југословенската федерација, заслужува внимание да се истакне тајниот договор меѓу Тито и Кимон Георгиев, премиер на Бугарија, за бугарско-југословенска федерација. Така, според информациите од француски извори, премиерот на Бугарија К. Георгиев доаѓа во Југославија во почетокот на 1945 година и се среќава со Тито, а оваа средба и разговорите “се одржани многу тајно. Бугарите секогаш сметаа дека Македонија е од суштинско или... систем на Македонија е како на дел од... суштинско значење за Бугарија и никогаш не би прифатиле нејзина анексија кон Југославија, според Нејскиот договор, договор што Бугарите никогаш не го потпишале. Ако се оствари југословенско-бугарската Федерација, тоа допушта оттргнување на Македонија од нејзината орбита, дури и признавање на статус на автономија на оваа провинција (се мисли на Македонија - б.м.), а Кимон Георгиев е жесток приврзаник на оваа југословенско-бугарска федерација од секогаш, тој е претставник на “Звано” - млада партија во која членуваат интелектуалци и воени лица, и таа е чисто воена партија, а нејзиниот шеф К. Георгиев бивш офицер кој учествуваше во воениот удар од 9 септември 1944 година и го издава весникот на звенарите “Изгрев”.<Archives militarie... Vincenne-Paris... vol. 4 Н 388- Информација бр. 103 од 22. 02. 1945 “Извори сигурни”.>

Во втората фаза која го опфаќа периодот од средината на 1945 до крајот на 1946 година, карактеристично е да се одбележат напорите на БРП(к) на надворешнополитички план, со цел да добијат поблаги услови на Париската мировна конференција од сојузничките сили антихитлеровата коалиција и поради потребата од средување на меѓународниот статус на отечествено-фронтовска Бугарија. Во поглед на нејзиниот однос кон националните права на Македонците во пиринскиот дел на Македонија во означениот период, треба да се подвлече дека во нејзината политика се присутни тенденциите на одбрана на македонската нација од бугарските буржоаски опозиционерски остатоци. Во оваа фаза се присутни разновидни врски на Македонците во пиринска Македонија со Македонците во НР Македонија.

Меѓутоа, оваа политика на задржување на Македонија под бугарска контрола како привремено решение до конечните одлуки на Париската мировна конференција не беше прифатлива алатернативата за сојузничките сили, бидејќи уште со Атланстската повелба во август 1941 година сојузниците прокламираа пријателство, добрососедска соработка, единство, разбирање меѓу народите и избор на онаков општествен систем како што ќе посакаат. Поради тоа, идејата за некаква “обединета Бугарија” не можела да се прифати, бидејќи тоа беше неприфатлива политика на Бугарија и доколку би се признала, тоа практично би значело загрозување на територијалниот интегритет на Југославија и Грција, како активни членки во антихитлеровата коалиција во Втората светска војна.

Во оваа втора фаза карактеристично е да се одбележи дека доаѓа до осетно надминување на санстефанските илузии за Македонија и за македонското прашање, па така уште од септември 1944 година во Софија се состануваат партиските делегати на КПЈ (Светозар Вукмановиќ-Темпо и Лазар Колишевски) и на БРП(к) (Трајчо Костов, Ѓорѓи Чанков, Цола Драгојчева и Тодор Павлов). На овој состанок биле разгледувани прашањата: прво, по грешките на БРП(к) која ја користела окупацијата на Македонија да ја присвои македонската партиска организација... второ, БРП(к) да се огради од прогласот на Отечествениот фронт, во кој се наведува дека македонската нација не може да се присоедини кон една балканска држава: трето, да се формираат посебни воени единици од војници во пиринскиот дел на Македонија, четврто, да се покрене издавање на едне лист за македонската емиграција и за Македонците од пиринска Македонија. По сите овие прашања Бугарите ги прифатиле ставовите на делегацијата на КПЈ”.<Државни секретаријат за иностране послове... Документација о бугарским ставовима... цит. дело,...с. 14-15.> Со тоа беа создадени основните предуслови и за правото на секоја нација на самоопределување. Во новосоздадената ситуација на Бугарија и Југославија, во чии рамки се наоѓаат вардарскиот и пиринскиот дел на интегрална Македонија се “создаде кај пиринските маси психоза на цврста решеност за обединување на слободната македонска држава”, што впрочем беше став на бугарскиот претставник на Заседанието на АСНОМ: “разликата меѓу старата кобуршка Бугарија и отечественофронтовска Бугарија е и во тоа што отечественофронтовска Бугарија смета дека треба да и' се врати оној дел на Македонија кој денес се наоѓа во границите на Бугарија”.<Ванѓа Чашуле, Од признавање до негирање. Бугарски ставови за македонското прашање. Статии, говори, документи. Култура, Скопје, 1970, с. 48, Димитар Митрев, БКП и Пиринска Македонија. Скопје, Култура, 1960, с. 65-66.> Ваквиот курс на признавање на македонската самобитност беше застапуван сред највисоките бугарски државнопартиски кругови меѓу кои за илустрација би го издвоиле ставот на бугарскиот министе за надворешни работи Ѓорѓи Кулишев: “...нашиот став на отечествениот фронт по македонското прашање е познат уште пред 9 септември 1944 година. Ние сметаме дека е тоа прашање на самиот македонски народ и дека неговото разрешување може да се бара само сообразно со волјата и интересите на македонското население...”.<Исто таму... Нашиот став по македонското прашање. Бугарија и договорот за мир. Говор на Георги Кулишев во Пловдив за надворешната политика на Бугарија, “отечествен фронт”, 14. 05. 1946 година.>

Како резултат на развојот на државнопартиските македонско - односно југословенско-бугарски добрососедски односи, дојде и до осетно менување на бугарскиот курс спрема националните права на македонскиот народ во Бугарија во позитивна смисла. Овој период, бугарскиот партиски печат со право го нарекуваше “среќно доба”, истакнувајќи дека: “...Само преку борба и победа на прогресивните и демократски сили на Балканот се создаваат претпоставки за правилно решавање на националното право, за самоопределување на македонскиот народ, нешто што во целост се потврдува со создадената македонска држава, силно потпомогната од страна на народноослободителното движење на југословенските народи...”.<Резолуција за рефератот на Владимир Поптомов “Македонското прашање во денешниот момент”, одржан на Првата обласна конференција на БРП(к) во град Горна Џумаја 5. 16. 11. 1944 година - “Работничко дело”, Софија г. XVII, бр. 58, 23. 11. 1944 година цитирано според Слободан Нешовиќ, Југословенско-бугарските односи во неодамнешното минато. Скопје, 1973, с. 196.>

Прашањето за националната посебност на Македонците и нивното право на обединување во една самостојна македонска држава или во склопот на јужнословенската федерација е нагласено присутно кон крајот и непосредно по Втората светска војна. Тоа, впрочем, мошне сликовито го изнесува и францускиот дипломатски претставник во Бугарија Мишел Лует во извештајот до францускиот министер за надворешни работи Жорж Бидо во 1947 година, при што нагласува дека “...Ситуацијата осетно ќе се подобри со создавање услови за реализација на една балканска федерација во која Македонија би егзистирала како издвоена федерална дражва... со поделбата меѓу Бугарија, Југославија и Грција, Македонија е лишена од можноста да се развива економски и духовно, таа продолжува да биде извор на спротиставености меѓу овие земји..., еве зошто самото решение може да го смири Балканот и да го гарантира мирот, а тоа е создавање на една независна Македонија, чиј главен град Солун би бил прогласен за слободен град... и Македонија би станала вистинска врска на пријателство и разбирање меѓу балканските народи. Само една независна Македонија може да биде центар околу кој би можело дополнително да се изгради една балканска федерација......ова решение е обединување на Македонија од Егејска, Вардарска и Пиринска, во една држава...”.<Archives diplomatique... Paris, serie З Europe, sous-serie Bulgarie, vol. 32, Софија, 15. 05. 1947 година.>

Овој извештај на Мишел Лует со наслов “Македонското прашање - резиме од разговорот на Мишел Лует со господинот Спространов, генерален секретар на министерството за информации на Бугарија”, е проследен на разгледување и проучување до Министерството за надворешни работи на Франција и неговиот министер Жорж Бидо. Ваквите согледувања, оценки и проекции за решавање на македонскиот национален проблем не се осамени и единстванеи, туку напротив тие се нагласено присутни кон крајот и непосредно по Втората светска војна во преговорите и договорите омеѓу Сталин, Тито и Георги Димитров во врска со создавањето на евентуалната јужнословенска федерација, во која би била вклучена и Албанија, како несловенска дражва.<Исто таму. vol. 32. Софија, 15. 05. 1947 година Мишел Лует, француски дипломатски претставник во Бугарија, до својата екселенција Жорж Бидо - министер за надворешни работи - Париз, предмет: Македонското прашање - резиме од разговорот на Мишел Лует, со господин Спространов - генерален секретар на министерството за информации на Бугарија. Види поопширно кај Лазар Лазаров, Југославија за признавањето на македонските национални права. АВНОЈ и Савременост, Сарајево, 1984, 207-224 (Зборник на трудови).> Албанскиот интерес за вклучување во јужнословенската федерација, според француски извори, произлегува и е резултат на интересот на Албанија за поврзување на сите Албанци во една држава.

Согледувањата и оценките за состојбата и националните права на Македонците се изнесени и во извештајот на францускиот конзул во Скопје од 31 декември 1947 година, при што меѓу другото се нагласува дека “во Пиринска Македонија има 250.000 жители, 40.000 се емигранти дојдени од Егејска Македонија, а другите се жители на земјата. Има околу 25.000 муслимани. Во културен поглед Пиринска Македонија е доста напредната... има школи во сите села и гимназии во сите центри, а во Горна Џумаја има национален македонски театар, оваа година (1947 - б.м.) наставата се изведува на македонски јазик и се предава македонска историја..., населението во мнозинство го сочинуваат Македонци и последнава година (1947 - б.м.) во Бугарија 75% од населението од Пиринска Македонија се декларира како Македонци, наспроти монархофашистичката опозиција која е непријател на македонскиот народ и која се спротивстави на создавањето на нова јужнословенска нација што би имала еднакви права”.<Archives diplomatique... Paris,... Sous-serie, Yougoslavie, vol. 32.>. Според официјални француски извори од Нант - Генерален фонд на државните архиви на Франција, серија Скопје, има “Македонци во Грција и Бугарија и се поставува прашањето колку Македонци има во Бугарија, колку во Грција. Одговорот е тежок бидејќи македонската националност не е дефинирана во овие земји... така што за Бугарија изнесените бројки варираат од 200.000 до 600.000. На 2 октомври 1948 година Димитар Влахов смета на бројка од 240.000 Македонци што живеат во Бугарија. Оваа бројка изгледа вистинита. Има ли 500.000 Македонци во Грција, како што тврдат некои Југословени? Ние не сметаме на оваа состојба, од многу причини (размена на населението според договорите од Лозана, Светската војна, двојната окупација од Германија и Бугарија, Граѓанската војна, политиката на сегашново емигрирање применувана од грчката влада).<Archives diplomatique... Nantes... Фонд, Etat General des fonds, serie Скопје, vol. 1.>

Културната автономија на Македонците што беше создадена во Пиринска Македонија претставуваше една од најсуштествените резултати на новото бугарско општество и тоа беше заснована врз Бледската спогодба меѓу Тито и Димитров од 1 август 1947 година. Ваквиот забрзан развој на културната и економската соработка меѓу Македонија односно Југославија и Бугарија доби нови содржински форми и димензии со признавањето на националното право од страна на новата бугарска власт по Втората светска војна.<Archives diplomatique,... Paris, serie З, Europe, sous-serie Yougoslavie, vol. 76... 22 јули 1947 година... предмет: Македонското прашање и бугарско-грчките извештаи.> во рамките на овие околности посебен придонес имаше ставот на Георги Димитров, не само за правата на Македонците во Бугарија туку и за правото на македонскиот народ на обединување во една македонска држава, инаку изнесен во американскиот и шведскиот печат (белешки на Стејтдепартментот бр. 1295, Е.В.):<Исто таму.> “...од нивното сопствено движење, Егејска Македонија и Епир ќе се соедината во македонската држава формирана од македонските провинции во Југославија и Бугарија..., самото решавање на македонското прашање е обединување на трите македонски дела во рамките на Југославија”.<Исто таму.> Овие ставови на Георги Димитров ги анализира и францускиот дипломатски претставник во Софија Жак Емил со својот извештај под наслов “Македонското прашање и бугарскиот министер за надворешни работи во Париз.<Жак Емил, француски амбасадор во Софија. Извештај за македонското прашање... испратен до францускиот министер за надворешни работи Жорж Бидо - Исто таму... <vol. 76.> Според Жак Емил, со развојот на настаните на Балканот “во оптек се две опции: една би била југословенската федерација, што подразбира отстапување на Пиринска Македонија на југославија и создавање на една голема автономна Македонија што би било поедноставно за новата и моќна федеративна организација на Балканот и втората солуција за Бугрија би била да го прифати ова отцепување на Пиринска Македонија со една компензација, да ја добие Тракија. Втората солуција изгледа невозможна за остварување и е во зависност од ставот на Москва”.<Исто таму.> Меѓутоа, со донесувањето на Резолуцијата на Информбирото од 1948 година и потоа, сите овие проекции за обединување на македонскиот народ згаснаа бидејќи доаѓа до заострување на југословенско-бугарските и советските односи и до целосна изолација на југославија од СССР и другите социјалистички земји. Со тоа стремежот за обединување на Македонија беше оставен за подобри времиња. Тоа, впрочем, се нагласува и на Првиот конгрес на КПМ одржан во декември 1948 година во Скопје, во рефератот на Лазар Колишевски и во други изнесувања за обединување на Македонија и на македонскиот народ. Спротивни стремежи на овие за обединување на Македонија се изнесени во донесената Резолуција на Бугарската комунистичка партија од јули 1948 година во која се нагласува дека отстапувањето на Пиринска Македонија на Југославија е неостварливо.<Исто таму... Извештај на францускиот амбасадор од Белград од 20 јули 1948 година.>

Ваквиот развој на настаните, а посебно по донесувањето на Резолуцијата на Информбирото го закочи стремежот на македонскито народ за негово обединување. Во наредните години дури се одеше и дотаму што, на пр. во август 1951 година, според францускиот дипломатски претставник во Софија, уследи наредба од Сталин до претседателот на Бугарија Червенков: “...да се подготви воена агресија против Македонија и Југославија пошироко без поткрепа на Црвената армија во почетната фаза, а како претходница на тој чин уште во текот на истата 1951 година од бегалците, претежно од Вардарска Македонија, во Бугарија е образувана Македонска легија и се формирани македонски комитети во сите градови на Бугарија...”.<Archives diplomatique... Paris, serie З Europe, sous-serie, Bulgarie, vol. 58 и 87. “И натаму сметам дека Македонија претставува невралгична точка на овој дел од Балканот... Софија преку Москва подготвува директна агресија на Југославија што би било сериозен проблем кој брзо ќе доведе до судир од светски размери...”, Софија, 5 декември - Извештај...> Оваа затегнатост во македонско-бугарски односи беше краткотрајна, бидејќи по смртта на Сталин во март 1953 година доаѓа до нагласен пресврт и до меѓусебно зближување, далеку посилно изразено во однос на димитровскиот период пред Резолуцијата на информбирото. Новото свртување започна во втората половина на 1953 година и во текотна 1954 година беше проследено со занес сред Македонците од Пиринска Македонија. Тогашното бугарско државнопартиско раководство го поттикнуваше обединувањето, односно приклучувањето на Пиринска Македонија кон својата матица - Вардарска Македонија, во рамките на тогашна Југославија. Тоа впрочем е илустрирано и поткрепено при меѓусебните средби и изјави на македонско-бугарските раководители во дневниот официјален печат на двете земји.

Франција педантно ги следи, Македонија и нејзиниот стремеж за обединување а овие стремежи заедно се борбата за остварување на националнит еправа на македонскиот народ во сите три дела на Македонија ги белеи и анализира. Така, според доверливите извештаи на францускиот амбасадор во Софија Жан Бодие и францускиот конзул во Скопје - Морис Мишелот, испратени до француското Министерство за надворешни работи - Париз, меѓу другото, посебно се подвлекува реалноста што се чувствувала сред Македонците дека “...изгледа зачудувачки што голема Македонија е присутна во душите на сите...,...постоењето на македонската нација во превод значи голема Македонија”.<Исто таму... vol. 87... предмет Зближување со Бугарија.> Меѓутоа, и ова нагласено македонско-бугарско зближување беше од краток здив и не доведе до остварување на заедничките стремежи за конечно обединување на Пиринска кон Вардарска Македонија, но овој пат тоа не дојде до остварување не по вина на македонскиот народ од двата дела - вардарскиот и пиринскиот, туку основниот фактор за тоа беше негативниот став на највисокото југословенско раководство што го изнесе Едвард Кардељ при неговата спрецијална посета во Скопје, при средбата со Лазар Колишевски и македонскиот државнопартиски врв односно на 15 декември 1954 година.<Исто таму... sous-serie, Yougoslavie, vol. Извештај од 12. 01. 1955 година.> притоа, Кардељ остро го критикувал македонско-бугарското зближување, што го оцени како: “неконтролирано и извор на опасности за федеративната република (се мисли на Југославија - б.м.)”.<Исто таму.> Покрај другото, за ваквото свртување, односно напуштање на заложбите на југословенското раководство, придонесе и потпишувањето на Балканскиот пакт од 28 февруари 1953 година меѓу Турција, Југославија и Грција, а по иницијатива и влијание на САД и другите западни земји. Овие новонастанати околности мошне негативно се одразија врз остварувањето на надежите и стремежот на македонскиот народ од Вардарска и Пиринска Македонија за обединување и за заеднички живот во една држава - НР Македонија.