Прејди на содржината

1. Состојбата на македонскиот народ во Југословенската Федерација

Од Wikibooks

Македонскиот народ од варадарскиот дел на Македонија во текот на Втората светска војна, заедно со другите југословенски народи, активно се вклучи во Народноослободителната војна и ја извојува својата национална слобода и низ одлуките на заседанијата на АВНОЈ, а поебно на АСНОМ, се изјасни и се определи за заеднички живот во рамките на југословенската федерација. Така, уште пред и непосредно по ослободувањето на Македонија, сред македонскиот народ преовладуваа сфаќањата дека федералниот статус на македонија во рамките на југословенската федерација во дадените околности претставува единствената можност за создавање на национална и државна самостојност. Имаше и спротивни сфаќања и стремежи, но тие не беа од таков обем, карактер и моќ да влијаат за изменување на состојбата и определбите за поинакво решение во сплетот на постојните односи и интерес на Балканот, а посебно кај непосредните соседи на Македонија. Меѓу политичките струења со спротивни определби и што е најсуштествено - за туѓи државни интереси, француските дипломатски и други политички експерти во своите анализи посебно ја издвојуваат политичко-пропагандната дејност на Иван (Ванчо) Михајлов. Така, францускиот амбасадор во Софија Жан Луи Бодие во својот извештај од 7 август 1952 година упатен до франацускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман се осврнува на делото на Иван Михајлов под наслов “Македонија. Швајцарија на Балканот”, кое е објавено во САД, 1950 година во Сент Луис. Во извештајот, францускиот амбасадор Бодие ја разобличува целта на Ванчо Михајлов, а тоа е “да се создаде голема Бугарија, бидејќи македонскиот народ Михајлов го смета за бугарски, но истакнува дека македонскиот народ создаде своја држава во рамките на Југославија со главен град Скопје”.< Archives diplomatique... Paris, serie, З, Europe, sous-serie, Yougoslavie, 1949-1955, vol. 103 - Македонија 1949-1955.>

Раѓањето на македонската држава и нејзината определба за пристапување кон југословенската федерација наиде на негодување кај некои балкански држави, а посебно кај Бугарија и Грција. Според француски стојалишта, создавањето на македонската држава “петставува дефинитивен и конечен удар на идејата за голема Бугарија...”.<Исто таму... Paris... sous-serie, Yougoslavie, vol. 31, 29. 12. 1944 година. Ова решение за македонското национално прашање е погодно бидејќи, според оценките на француската мисија што се наоѓаше во ноември 1944 година во Лондон, “македонското прашање е многу деликатно. Оваа земја пред да фигурира меѓу шесте дражави што ја основаат југословенската федерација би можело да се каже дека... има еден дел од бугарска Македонија, чии жители сакаат да се обдеинат со нивните сонародници од југославија и би требало да биде приклучена во федерацијата (југословенската - м.б.), грчката влада би се вознемирила од овие с>

Независно од многубројните концепции за иднината на Македонија, француските изворни материјали оправдано ги анализираат и ги изнесуваат оценките за тоа уште во летото 1944 година, дека создавањето на македонската држава ќе има за “директни последици да се закопа воената секира меѓу Бугарите и Југословените”.<Исто таму...>

Наспроти позитивните француски оценки за создавањето на македонската државност и нејзиното влегување во составот на југословенската федерација како рамноправна членка, се изнесуваат критички забелешки упатени на македонскиот народ во однос на правоверноста кон неговата прокомунистичка определба во изборот на новото општествено државно уредување на земјата, што во крајна линија му одговараше и одеше во прилог на првиот човек на југословенската федерација - Јосип Броз Тито. Впрочем, за таквата определба на македонскиот народ, како приврзаник кон комунистичка идеологија, француските раководни аналитичари се обидуваат да ги објаснат мотивите, меѓу кои ја издвојуваат посебно реалноста во сфаќањата дека во еден таков општествен систем би се создале поповолни услови за остварување на стремежот за обединување на Македонија и Македонците и би се неутрализирале завојувачките апетити на соседните држави кон Македонија. “...создавањето на обединета Македонија изгледа може да биде прв значаен предуслов за зближување меѓу Југославија и Бугарија... Македонија од сите региони на Југославија е онаа каде комунизмот има најсилна позиција. Нивното население е угнетувано со векови од Турците, потоа од неговите разни 'ослободители' и за нив е најприфатлива комунистичката идеологија. Тито најде во овој регион (во Македонија - б.м.) поткрепа...,...за Македонците, нивната земја ги опфаќа деловите од бугарските и грчките територии и за вистински главен град го сметаат Солун...”.<Исто таму... сигн. 33 - Мисија на Франција етаблирана во Лондон, 14 декември 1944 година.>

Француските официјални претставници оправдано укажуваат во нивните анализи на системот на државното уредување во Македонија и Југославија пошироко, дека решавачкиот фактор во новосоздадениот систем претставуваше Партијата - КПЈ односно КПМ, која практично ги држеше подсвоја команда сите позиции на власта и во сите области: и во стопанството и во војската и во силите за безбедност и во државната управа, во администрацијата, во образовниот систем, во здравството или накусо речено во севкупниот живот на земјата.

Во рамките на Партијата КПЈ-КПМ, целата власт, според француски согледувања и оценки, му припаѓаше на Политбирото на ЦК на КПЈ, а кое го свикуваше Јосип Броз Тито - како генерален секретар на Партијата. Политбирото, како извршно тело и наредбодавен пункт за целокупниот живот на земјата, во август 1948 година доби нов состав во кој се забележува дека нема претставници од Македонија, а се избрани следните 9 члена: Јосип Броз Тито, Милован Ѓилас, Иван Бошњак, Едвард Кардељ, Борис Кидриќ, Франц Лескошек, Благоја Нешковиќ, Моша Пијаде и Александар Ранковиќ.<Исто таму... Paris... vol. 25. >

Како што на сојузно југословенско ниво Јосип Броз Тито, наоѓајќи се на чело на Политбирото беше прва раководна личност, така и на републичко ниво, според француски оценки, републичките партиски раководители практично управуваа со своите републики. Така конкретно за Македонија “прва личност на Републиката секогаш е Лазар Колишевски” кој ја држи целокупната власт и низ француската документација е претставен како конфузна и мошне незгодна личност која ги претставува и народот и Партијата и власта во тогашното македонско општество.

Гледано во целина, за политичкиот систем, како општа оценка за него, според француските согледувања е комунистичката идеологија во која отсуствува слободата на мислења: “Новата политичка полиција на Југославија О.З.Н.А, слична на Н.К.В.Д. во Советскиот Сојуз, применува постојано надгледување на активноста на југословенските граѓани. Многубројни концентрациони логори за политички сомнителните се создадени од владата на Тито..., особено голем број лица сомнителни од опозицијата се упатувани во логорите за работа... воведена е задолжителна работа во тешки услови... во земјата економската ситуација е лоша. Селаните се незадоволни од наметнувањето сила и на старите методи применувани спрема нив во поглед на однапред земање на намирници. Тие (селаните - б.м.) се плашат од целосно исчезнување на ситната приватна сопственост и таа да биде заменета од колхозите...”.< Archives diplomatique.... Paris... Serie З, Europe, sous-serie, Yougoslavie, vol. 20. >

Ваквата целосна концентрација на власта во единствен државно-партиски врв на југословенското и на републичките раководства не се однесуваше само на стопанството, туку и на политичкиот, просветно-културниот, социјално-здравствениот или накусо речено на целокупниот живот во Македонија и Југославија пошироко, така што во овој општествен централистички систем на уредување практично постоеја два слоја од населението: управувачи и извршители.