Прејди на содржината

-Целиот Серски револуционерен округ на нозе и под оружје

Од Wikibooks

По добивањето оружје од бугарската армија, Македонско-одринското ополчение веднаш било префрлено на фронтот во Тракија. На Тракискиот фронт Штабот на Македонско-одринското ополченство бил распуштен, а бригадите препотчинети. Првата бригада е ставена под команда на Хајреболскиот одред, втората добила задача да се концентрира југоисточно од Мустафапаша (денес Свиленград) и да настапува кон Димотика и Дедеагач. Третата бригада влегла во состав на Ѓумурџинската група, односно во Крџалискиот одред. На 7 ноември 1912 година започнале борбените дејства. Македонските доброволци, без оглед на тоа што биле испратени далеку од својата татковина и што пред тоа немале никаква воена обука, се покажале мошне борбени и успеале уште во првиот налет да ги принудат силите на Јавер-паша на повлекување, при што Турците имале бројни загуби. Во меѓувреме биле формирани уште три доброволни баталјони: Кукушкиот, Воденскиот и Штипскиот. Со нив била засилена секоја бригада со уште по еден баталјон. Вкупната бројна состојба на Македонско-одринското ополчение во пролетта 1913 година изнесувала 14.670 души, од кои 12.000 биле Македонци.