Прејди на содржината

Чорбаџи Теодос

Од Wikibooks

ЛИЦА: ТЕОДОС, богат трговец и лихвар КЕВА, негова жена ТОМЧЕ, син на Теодос СПИРО, слуга на Теодос НАЦА, слугинка, жена на Спиро СТОЈАНКА, сиромашна девојка ЕФКА, нејзина тетка АРСО, бакал ПОЦКО, христијански Циганин ПЕТРИЈА, негова жена АМПО | ЃОРГО | РИСТЕ | КОЛЕ \ нивни синови ЦОНКА, нивна баба СЕЛАНЕЦ ПАНКО, коџабашија СВИРАЧИ Дејството се случува во Скопје,ЧИН ПРВИ Претсобје на вториот кат на куќата на Теодос. Покуќнината полустаровремска. Се е во строг ред и чистота. Во дното двокрилна врата и два прозорци, низ кои се гледа дворот сиот во зеленило. Лево врата за соба, десно два прозорци, кои гледаат на улица. На левиот ѕид голем ѕиден сат во ореовина, на десниот огледало во широка рамка и неколку фотографии од серијата Геновева. Рано изутрина пред да изгрее сонцето. ПРВА ПОЈАВА КЕВА КЕВА: (Предвреме острена и свената од тешки напори се да му угоди на својот маж со маченичка ревност која оди, до ропска покорност, сметајќи дека тоа е нејзина должност и пејзина судба. Облечена е сета во сив тон. Влегува веднаш по дигањето на завесата, бришејќи. го грижливо со четка фесот на чорбаџи Теодос, оди полека на прсти, збарува тихо плашејќи се од својот сопствен глас.) Само да не го разбудам предвреме. Чувај боже, и брани! (Застанува пред ѕидниот сат и, го гледа уплашено.) Леле, застанал! Тешко мене! А, бог те убил ѓаволска направо, а, парче и бурмиче не останало од тебе, вртешко лажлива! Што ќе правам сега? Да го разбудам, белќим е уште рано. А ако е доцна? Леле, не дај боже, кој би му излегол пред очи! Поарно да го разбудам. (Доаѓа до вратата и внимателно ослушнува.) Грчи ли, грчи! (Ја спружува раката, но се тр гнува преплашена назад.) Не! Ако е рано? Што да чинам, боже! (Доаѓа до другата врата и тивко вика.) Нацо, Нацо! НАЦА: (Однадвор.) Слушам, чорбаџике! КЕВА: (Преплашена.) Не викај толку, црна Нацо, не знаеш дека спие? ВТОРА ПОЈАВА НАЦА И КЕВА НАЦА: (Помлада и покрупна од својата чорбаџика, облечена во нејзин износен фустан, кој на. неа, оптегнат, пука, со ракавите засукани над лактите, со завиткани плетенки преку тулбенот на главата. Многу е брза и подвижна. Нејзе уште од мала и е всадено чувство на стравопочит спрема чорбаџијата, повеќе на страв, отколку на почит, и тоа чувство и преминало некако во навика, така што нејзиниот страв не е силен но затоа е постојан. Влегува на прсти со метла в рака.) Што има, чорбаџике? КЕВА: Си заборавила, треба да го разбудиме. НАЦА: Е време? КЕВА: Е, да знам дали е време, не би те викала тебе. НАЦА: (Гледа во саатот) Што му би, господ да го убие! КЕВА: Остави го, го убил веќе. Туку ајде разбуди го... НАЦА: Јас? А, не! Господ да чува! {Прави гест како да се брани со метлата.) Знаеш, чорбаџике, тогаш како ни заповеца: „Тури на ум, глупава Анастасијо, ако ме разбудиш уште еднаш порано или подоцна отколку што сум рекол, бегај од мојава куќа и повеќе да не се вратиш!“ Не смеам, срцево ми се тресе како глувче во фак. Туку да го викнам Спиро, знаеш, машко срце... КЕВА: Викни го. НАЦА: (Од вратата.) Спиро, Спиро, Спиро! СПИРО: (Однадвор.) Што си се раскрекала како кокошка од темни зори, мори! НАЦА: Не викај, не викај, попови ти викале над глава! Не знаеш дека чорбаџијата спие? Бргу, чорбаџиката те вика. Иј, полека, шлека! ТРЕТА ПОЈАВА КЕВА, НАЦА И СПИРО СПИРО: (Во доста износени алишта и чевли на својот чорбаџија, од кого е поситен, поради што се му стои некако ненаесто и смешно, влегува полека, дури настојува на прсти, да гази, но нозете, отежнаши од умор, сами тешко му се спуштаат на старите даски од подог, кои се повиваат и предавнички закрцкуваат: и за него чорбаџи Теодос, не помалку отколку за другите домашни, е страшен, но нему тој исто толку му е и смешен. Затоа, скриено, со лукаво притворство и в очи му се смее, а зад грб нескриено го исмева и го карикира, наоѓајќи во тоа особено задоволство, некаква одмазда за се што трпи од него.) Е, жено, ем бргу, ем полека! НАЦА: Пополека стапнувај, немој како амал со двесте оки товар на грб. СПИРО: Што заповедуваш, чорбаџике? КЕВА: Не знаеш, Спиро, дека треба да го разбудиме чорбаџијата за на лозје? СПИРО: Како не знам, чорбаџике? Кога чорбацијата нешто ќе заповеда, тоа го знае се живо во куќава. КЕВА: Е, кога знаеш, влези разбуди го. СПИРО: Ама јас баш да го разбудам? Е време? Да видиме првин што вели саатов: (Гледа во саатот.) НАЦА: Поарно да си погледаш во ноктот, отколку во сатот. СПИРО: Море бре, застанал! Што му би? Беше курдисан. Тје, така и човек понекогаш, сит, наранет, ама ќе зине и не мрднува повеќе. Баш така како овој саат. Саатот е како човек... Ќе работи, работи, ќе се изаби и... НАЦА: Доста го тажи како мртовец. СПИРО: Што велиш, токму мртовец... КЕВА: Доста, Спиро, жити бога! Саатот стои, ама времето си оди. Што да правиме?... СПИРО: Што, де? НАЦА: Да прашаме кај комшиите. СПИРО: А! Саглам саатови имаат. И, како многу не сакаат... Да одам кај Сотир, што му го зедовме дуќанот, или кај Трајан, или кај Тодор, или... КЕВА: Остави, остави... СПИРО: Секој ќе те излаже: некој ќе ти каже половина саат напред, некој саат и пол назад... КЕВА: Ќе го разбудиме на среќа. СПИРО: На среќа, чорбаџике, туку тоа ти е готова несреќа: ако биде порано, — лошо, ако биде подоцна — уште полошо... НАЦА: У, староаро, додека ти нагаѓаш, јас би го разбудила сто пати! СПИРО: Вистина! Разбуди го само еднаш, па доста ќе биде! НАЦА: Иј, шпото шпотосана! Ами, ти си машко. Ајде, не биди страшлив, разбуди го. Јас имам триста работи. (Излегува.) ЧЕТВРТА ПОЈАВА КЕВА И СПИРО СПИРО: Што рече, страшлив? Не сум јас страшлив, чорбаџике, ама нејќам ни да се правам овде некој Марко Крале. Нејќам јас да чепкам мечка со сламка. А и јас работата си ја оставив несвршена. (Излегува.) ПЕТТА ПОЈАВА КЕВА КЕВА: Ете така, ме оставија на цедило! Господе боже, што да правам? ШЕСТА ПОЈАВА КЕВА И ЕФКА ЕФКА: (Ведра, слободна, шумна, зборува така гласпо, што Кева се наоѓа ео неприлика, срамувајки се што е принудена да ја стивнува, а Ефка и сама ја сфаќа положбата и го спушта тонот, туку на моменти се заборава. Вика однадвор.) Кево, Кево! (Влегува.) Добро утро, Кево. КЕВА: Дал ти бог добро, Ефке. Повели седни. ЕФКА: Не сум за седење сестро, а и не е време. Туку мака ме натера да дојдам, сестро мила. Синоќа дојдоа стројници за Стојанка од кај Мицковци, за Иле. КЕВА: Стројници] Леле, кога ќе чуе Томче! ЕФКА: За тоа ти велам, сестро, ми е жал и за Стојанка, и за Томчега. Што мака видов да ја расипам работата! Ама не сосем, само за еден ден уште. Зет ми многу го бендиса Иле, и да не бев јас, веднаш ќе дадеше збор. И ушге денес ако не направиме ништо... тешко и на син ти и на внука ми. Ќе се зацрнат за цел век. Тој со друга, таа со друг. (Воздивнува.) Оф, сестро слатка, ти знаеш каква мака е тоа... КЕВА: (Низ воздишка.) Знам... ЕФКА: Другачки сме, сестро. се знаеме уште од малечки, можеме да си ги искажеме баре маките.,. Не омажија за невидени и нечуени... А тие што си ги сакавме, ги оженија за други... Ете, толку години поминале, а меракот трае и тлее како запретан жар во срцето... И само пече и боли. КЕВА: Боли... ЕФКА: А тој, мажот го знае тоа, а и сам си ја има на срце друга што не му ја дале, па затоа, ти си му крива, затоа удри на тебе, викај на сиротата жена! КЕВА: А ти трај, трпи, свети му, свивај се и топи се како свеќа пред кего... Туку, што ќе правиш, домаќин ти е... И тоа ти го нарекле наречниците. ЕФКА: Друго е кога е со сакање. Нека е и најлошо, сама си го сакала... Уф, сестро Кево, се зазборувавме, а не е време. Оваа работа треба денес да ја свршиме. КЕВА: Да ја свршиме, ама како? ЕФКА: Вие ќе одите на лозје? КЕВА: Ќе одиме. ЕФКА: Токму згодно. И јас ќе одам со Стојанка. Да гледаме да го ставиме чорбаџи Теодос со неа, да ја види, да позборува, па може да ја бендиса и да му омили. КЕВА: Право да ти кажам Ефке, не верувам. Тој има една мисла за неа... ЕФКА: Јас верувам, Кево, знам колку пари имам в ќесе. Девојката е умна, мила. Еден збор да ти рече, за срце ти се лепи. После, и јас ќе зборувам со него. Јас знам што ќе му речам и за кал под ноктите и за ее... (Станува и тргнуеа.) Така, сестро Кево, како што ти реков. КЕВА: Арно, Ефке. ЕФКА: Слатка сестро Кево, ако ја направиме таа работа, манастир ќе направиме! (Си оди.) Манастир! СЕДМА ПОЈАВА КЕВА КЕВА: (Ја испраќа.) Манастир, сестро, манастир! (Се враќа.) Завали Томче, како да му се претскажа нешто. Цела ноќ не спал. Од темни зори излегол... Јас сирота, ми ископни, ми се истопи детето! Ни јаде, ни спие. Чувај, боже, ќе фати и да пие! (Се тргнува.) Ама кое време ли е, боже? ОСМА ПОЈАВА КЕВА И СПИРО СПИРО: (Веќе влегол.) Ама не можеш да му фатиш кое време е, ич, без саат, и толку! Саат па саат! И ѓаволот сам да го направил, пак е благословена направа. КЕВА: Проклета, како благословена! Еве што ни направи тој саат. СПИРО: Е, ама пак тој ќе не куртули. Еве го. ДЕВЕТТА ПОЈАВА КЕВА, НАЦА И СПИРО НАЦА: (Влегувајќи.) Кој? СПИРО:Саатот. Еве го иде. НАЦА: Јас сирота, овој се мрдна од умот! Кој видел саат да оди? СПИРО: Јас го гледам. Еве кај оди, и тоа на две нозе. А ти, жено, ако имаш очи и ум, ела да видиш. КЕВА: (Погледнува низ прозорецот.) Томче. НАЦА: (Исто така гледа низ другиот прозорец.) Чорбаџи Томче. Тоа ли е саат на две нозе? СПИРО: Не ти текнува: чорбаџи Томче има саат. КЕБА: Право имаш, Спиро. СПИРО: Сега ќе видиме кое време е. КЕВА: Е, колку полека оди! (Излегува.) ДЕСЕТТА ПОЈАВА НАЦА И СПИРО НАЦА: Како ѓемии да му пропаднале. СПИРО: Како ѓемии по суво да влече, така оди. НАЦА: Таа девојка умот му го однесе. СПИРО: (Со тонот на чорбаџи Теодос.) Лесно се носи лесен ум. НАЦА: Не е лесен ум, туку голем мерак. Е, ќе те прашав што ќе правеше ти, да нејќеше чорбаџијата да ме даде за тебе. СПИРО: А, колај работа за тоа. Ќе земев некоја друга. НАЦА: (Благо потсмевливо.) Така. Која не ќе појдеше за убавината твоја и за богатството. (Сериозно и со сочувство.) А таа, сиромашката, ако ја остави, откако ја изнесе на глас... Ќе си остане за век неомажена... СПИРО: Море, јас нему ќе му дадам еден ум како да си ја земе. ЕДИНАЕСЕТТА ПОЈАВА НАЦА, СПИРО И КЕВА КЕВА: (Влегува и гледа низ прозорецот.) Уште не стасал куќата му онемилела. Дома не му се влегува. СПИРО: Е, да е во куќата Стојанка. од куќа не ќе излегува, со стапови да го бркаш. НАЦА: Е, да е Стојанка во куќава, и за нас би било арно. Уште две раце за работа. СПИРО: (Пак со тон на чорбаџи Теодос.) А, ни се требни такви раце со кал под нокти! КЕВА: Еве го, Томче сине, побргу! ДВАНАЕСЕТТА ПОЈАВА НАЦА, СПИРО, КЕВА И ТОМЧЕ ТОМЧЕ: (Убав младич, со танки мустачиња и густа кадрава коса, убаво, но негрижливо облечен, блед, потиштеп, огорчен, и инаетлив, чекорејќи полека, влегува.) Што, мајко? КЕВА: Дај го саатот, Томче. ТОМЧЕ: (Бара каде што му стои саатот) Го нема. КЕВА: Леле. НАЦА: Ете ти сега. СПИРО: Си го загубил? ТОМЧЕ: Не. СПИРО: Си го заборавил? ТОМЧЕ: Не. СПИРО: Та, не си го, безбели, да простиш, чорбаџи Томче, не си го голтнал наместо локум. ТОМЧЕ: Го заборавив елекот. НАЦА: Одам да го донесам. (Излегува.) СПИРО: Тоа ти е сеедно: да не си го заборавил елекот, би го зел и саатот, а да си се сетил да го земеш саатот, би го зел и елекот. Тоа ти оди едното со другото како умот со главата. Кога ќе заборавиш каде ти е главата, ќе го загубиш и умот. НАЦА: (Влегува со елекот.) Еве ти го елекот, чорбаџи Томче. ТОМЧЕ: (Го вади од џебот саатот и го клава на уво.) Не работи. Не сум го... (Го навива.) НАЦА: Пак ништо. КЕВА: И овој... СПИРО: Ова ти е: удрила чума во сатовите! Саатот на чорбаџијата на поправка, оној застанал, овој не работи... КЕВА: Што ќе правиме? Знаеш, Томче сине, дека татко ти заповеда да горазбудиме за на лозје. А еве не знаеме кое време е.

ТОМЧЕ: Нејќам да знам за тоа! Јас знам само едно: уште еднаш ќе го

прашам. Ако рече пак не, ќе се отепам! КЕВА: Леле, леле, сине! ТОМЧЕ: И него ќе го отепам! Сега ќе го отепам! (Појдува кон вратата.) КЕВА: Леле, држи го, Спиро! СПИРО: Пушти го, чорбаџике, токму да го разбуди чорбаџијата! ТОМЧЕ: (Се враќа.) Да го разбудам? А, тоа нејќам! СПИРО: Бош работа, и нему му е страв! ТОМЧЕ: За инает нејќам! Нека задоцни, па жив да се изеде! Толку се фали дека се на време стасува, па сега нека задоцни! (Седнува на миндерот и инаетливо запалува цигара.) Сите да му се смеат! СПИРО: Ама некој ќе плаче за тоа. Туку јас да смислам нешто. (Кратко молчење.) А! Ми текна! Ќе одам кај брат Арсо, ако не кинисал на лозје арно ќе биде, ќе му речам да почека. (Излегува.) НАЦА: Ајде да видиме и тоа... (Излегува.) ТРИНАЕСЕТТА ПОЈАВА КЕВА И ТОМЧЕ ТОМЧЕ: (Пали цигара по цигара.) Е, многу ми е ќев што ќе задоцни! КЕВА: А јас сине, — што ќе вика на мене? Не ти е жал за мајка, Томче? Наместо да ми поогнеш... ТОМЧЕ: Да ти помогнам! А ти мене што не ми помогнеш? КЕВА: Кога не можам. Ја нејќе тој неа и — свршено. ТОМЧЕ: Ја нејќе! А зошто? Каква мана и најде? Кал под нокти! Чудно ми чудо и да е кал, а пак тоа била боја, вапцувала девојката предено за чорапи. КЕВА: Знам, џанам, ама оди ти кажи му и докажи му нему! ТОМЧЕ: Будалалаци, ситници, трици! КЕВА: Е, синко, за такви ситници тој чуда прави! Две свршеници оставил. Првата му донесла в кафе мува, паднала во филџанот, а не видела. А тој: „Не ми го испила чавка мозокот, да земам таква, па да ме рани со муви.“ И ја оставил. На другата свршеница и видел жолто во увото. „Кога таа така ги чисти своите уши, така ќе ја чисти и мојата куќа“ — рекол и ја оставил и неа. Мене тогаш не ми најде ни една мана, ама затоа сега ми наоѓа по сто секој ден. Таков е тој, за него се да е чисто, се на свое место и се на време. За Стојанка вели: „Таа да ми подаде слатко со тие нејзини нокти, јас да јадам!“ ТОМЧЕ: А мене ми се слатки и нејзкните нокти! КЕВА: Леле, Томче! Ти не знаеш што зборуваш! И на мајка тоа да го речеш! Ти си нагазил, сине, на маѓија! ТОМЧЕ: Од љубовта нема поголема маѓија и мака... Оф, мајко, зошто ме роди да тргам вакви маки! КЕВА: Ќе поминат тие маки, сине, ќе поминат. ТОМЧЕ: Без неа — не! КЕВА: Па и без неа. Не е само таа девојка... ТОМЧЕ: А, не тоа што мислиш, и што сака тој, не! Јас сум почесен од него: тој менувал свршеници, јас не менувам ни љубовници. Не сум јас како него. КЕВА: Со тврдата глава, асли како него си, неговата глава ја имаш. ТОМЧЕ: Си ја сакам, и ќе си ја земам! ЧЕТИРИНАЕСЕТТА ПОЈАВА КЕВА, ТОМЧЕ И НАЦА НАЦА: (Влегува.) Се сум исчистила, ни мравка трошичка не може да најде. КЕВА: Ама што мравка не може да најде, тој ќе најде, црна Нацо! Што го нема уште Спиро? НАЦА: Се свратил, безбели, в меана, да тргне една-две чашки. КЕВА: Сега да пие, кога ни виси токмак над главата. НАЦА: Токму затоа. Од саклет, чорбаџике, од мака, од страв... Еве го. ПЕТНАЕСЕТТА ПОЈАВА КЕВА, ТОМЧЕ, НАЦА И СПИРО СПИРО: (Влегува.) Сме задоцниле! КЕВА: Леле! Што ќе правиме сега? Кажи Спиро! СПИРО: Не е најлошото, за среќа, го сретнав брат Арсо баш кога киниса на лозје. Рече да го разбудиме чорбаџијата, а тој ќе го причека на патот. КЕВА: Арно што ќе го чека. НАЦА: Ама не чини што треба ние да го разбудиме. СПИРО: Не ние, туку да ги викниме комшиите! Најпосле, јас... (Оди кои вратата.) Ајде, мечка страв, мене не страв! (Ја фаќа вратата и веднаш ја тргнува раката како ожежена.) А-а! Не бива.... НАЦА: Леле, не ти е срам да се засрамиш! КЕВА: Ама, Спиро... СПИРО: Не, чорбаџике, натерај ме да влезам во мечкина дупка, полесно ќе ми е.. Туку друг ум ми дојде, чорбаџике (Клекнува до ѕидот.) КЕВА: Е? СПИРО: Мислам најарно... (Пауза.) И ние да чекаме. КЕВА: Што? СПИРО: Сам да се разбуди, чорбаџике. КЕВА: Ако се успие многу? СПИРО: Па каде е доцна, нека биде и подоцна. НАЦА: Е, што си умен: каде е лошо, нека биде и полошо? СПИРО: Кога си поумна, разбуди го! КЕВА: Овде треба јунаштина, Спиро. СПИРО: Знам, чорбаџике. Мусака мас сака. Каде да најдеме јунаштина, кога ја нема. Јунаштина на заем не се зема, а ни со пари се купува. НАЦА: (Слуша.) Псст, ми се чини креветот крцна! КЕВА: Крцна? НАЦА: Се протегнува! КЕВА: Се протегнува? НАЦА: Се прозева! КЕВА: Се прозева? НАЦА: Се разбудил! КЕВА: Се разбудил? СПИРО: Е, јас сега овде немам повеќе работа! (Излегува на прсти.) НАЦА: И јас. (Излегува по него.) ТОМЧЕ: А јас ќе дојдам попосле, додека... (Излегува.) ШЕСНАЕСЕТТА ПОЈАВА КЕВА КЕВА: А јас? На мене се да падне? Пак ме оставија на цедило! О, боже, што да чинам, поарно и јас малку да се иставам дури да се расони, оти што се вели: сонит — манит, полош и од пијан (Излегува.) СЕДУМНАЕСЕТТА ПОЈАВА ТЕОДОС ТЕОДОС: (Влегува во ноќна, долга кошула, со мазно од вечерта избричено, а мрачно лице, на кое никогаш, ни за миг не светнува осмевка и ведрина, со густи, накуштравани веѓи кои го оцртуваат намуртеното чело и го засенуваат, правејќи го уште постуден студениот поглед; со остар, отсечеп говор, кој скоро никогаш не е разговор со луѓето, ни со најблиските, туку карање, викање на нив, на најблиските најмногу, со потценување дури и презирање преку волја, како и да не заслужуваат со нив да се разговара. Веќе разлутен што не го разбудиле, видувајќи дека нема никој, како што редовно бива при станувањето, да го пречека и да го служи, избувнува.) Што е ова! Никој жив нема! Тоа ли е ред! Сите се успале! А јас... (Погледнува на саатот.) Не работи. Тоа ли е ред! Ако сум задоцнил?... Оној шерет Арсен може пак да ми измрда со лозјето. (Вика.) Параскево, Параскево! Параскево, парчиња да се сториш! Параскево! ОСУМНАЕСЕТТА ПОЈАВА ТЕОДОС И КЕВА КЕВА: (Однадвор.) Слушам, Теодосе! Еве идам веднаш! (Влегува.) ТЕОДОС: Што е тоа денес? КЕВА: Па... па... ТЕОДОС: Паднала, па не станала! Зошто не ме разбудивте? КЕВА: Па... па... ова.., (Погледнува на саатот.) Саатот запрел, па... ТЕОДОС: Зошто да запре? Тоа ли е ред? Ако сум задоцнил? Ако оној Арсек... КЕВА: Тој.. ки... кинисал... ТЕОДОС: Кинисал! Уф, сум задоцнил! Уф, бегај ми од пред очи ти, кукумјавко, зашто ќе те здробам како сува пиперка! КЕВА: (Тргнува.) Леле, леле, леле! ТЕОДОС: Чекај, стој, лелекало! Кажи од каде знаеш дека Арсен кинисал? КЕВА: Беше Спиро кај него. ТЕОДОС: Каде е тој! Дај ми го ваму! Спиридоне, Спиридоне! ДЕВЕТНАЕСЕТТА ПОЈАВА ТЕОДОС, КЕВА И СПИРО СПИРО: (Однадвор.) Еве сум, чорбаџи! (Влегува.) Што заповедуваш, чорбаџи... ТЕОДОС: Какви ти се тие мустаќи. бре мурдар! СПИРО: Па. па... ТЕОДОС: Пареа ти ги попарила! Зошто ти се излепени и извалкани, како биволешка опашка? Тоа ли е чистота, бре пис милет, а? СПИРО: Па пив малку матеница, чорбаџи... ТЕОДОС: Матеница! Мижи да те лажам! Пак си локал ракија. Тфу, смрдиш како бочва! Потаму од мене, ќе ме задушиш. Уште еднаш само ако ти ги видам такви мустаќите, ќе ти ги истрижам со ножици, штрак, штрак! СПИРО: Аман, чорбаџи, само тоа не, каде се видело тоа чудо, ѓавол без рогови, човек без мустаќи! Поарно пресечи ми ја главата отколку мустаќите! ТЕОДОС: А човек ли е кој пие смрдлива ракија и не гледа на чистота и личота човечка? Вечер да одиш на амам, да се истриеш. СПИРО: Ќе одам на амам, чорбаџи... А ти... ќе одиш на лозје?... ТЕОДОС: Молк, бре дибек! Уште смееш да ме прашаш! Како да одам кога сум задоцнил со вас шашардисани и сплеткани! Да ми се смеат... И тој... мајтапчија.. Оди кажи му дека ме заболе главата и... СПИРО: Јас веќе му кажав дека... ТЕОДОС: Дека сум се успал! Аааа! СПИРО: (Брза да поправи.) Тој — ништо, луѓе сме, ќе го чекам кај врбјакот. ТЕОДОС: Ќе ме чека... Па што не ми кажеш веднаш, казан ти на глава! Уште да ме чека! Тоа ли е ред! Ама што сте се здибечиле овде! Бргу да се облечам, бргу! (Вика.) Анастасијо! Бргу најди ја Анастасија! СПИРО: Веднаш, чорбаџи! Нацо! Нацо мори... Не и се слуша, лисица! (Излегува.) ДВАЕСЕТТА ПОЈАВА ТЕОДОС И КЕВА ТЕОДОС: Се ќутуци, околу мене, глуви, глупави! Да ме остават да се успијам. да задоцнам! И ти, Параскево, ти баре да бидеш посвесна и поакикатна.... ама ништо и од тебе... јазак! КЕВА: Па... јас... ТЕОДОС: Нејќе овде па, па, туку треба ум и очи отворени! ДВАЕСЕТ И ПРВА ПОЈАВА ТЕОДОС КЕВА И НАЦА НАЦА: (Влегува.) Проштевај, чорбаџи, саатот е крив... ТЕОДОС: Ќе ве искривам јас сите, туку сега немам време! Бргу да ми ги исчистиш чевлите! НАЦА: Сум ги исчистила, чорбаџи, еве ги. ТЕОДОС: Дај да видам. Си ги исчистила, красно си ги исчистила! Како мачка со опашка да мавнала преку нив! Види види, овие запци, полни со кал, види! НАЦА: Па, чорбаџи, само два-три. ТЕОДОС: Два-три! Море би нашол јас и дваесет-триесет, туку немам време. Ајде исчиси ги уште еднаш! НАЦА! (Ги зема чевлите.) Арно, чорбаџи! ТЕОДОС: Запците арно да ги истребиш со тресчиче! НАЦА: Разбрав, чорбаџи! ТЕОДОС: Арно да ги истриеш со кадифе, да светнат како зифт! НАЦА: Арно (поаѓа.) ДВАЕСЕТ И ВТОРА ПОЈАВА ТЕОДОС И КЕВАТЕОДОС: (Вика по Наца.ј И побргу, поитај! НАЦА: (Однадвор.) Арно, чорбаџи! ТЕОДОС: А ти. Параскево, приготви да се облечам, да се измијам КЕВА: (Стои, 6и сакала нешто да му рече.) ТЕОДОС: (Ја пресечува.) Ајде, што стоиш, што си се стуткала, стутканице! Побрзај! КЕВА: Еве... Веднаш... (Излегува со насолзени оча.) ДВАЕСЕТ И ТРЕТА ПОЈАВА ТЕОДОС И ТОМЧЕ ТОМЧЕ: (Влегува, губејќи ја се повеќе храброста што беше јо прибрал.) Татко... ТЕОДОС: (Тргнал по Кева, се загледува во подот, се наведнува и дигнува мала сламка од метла.) Ете како чистат! Со метлата прават ѓубре, наместо да метат! (Од сламката од лутина, не може, и не сака да го види Томче, кој веќе стои близу до него уплашено и молбено свиткан и одвај се осмелува пак да го ослови.) ТОМЧЕ: Татко... ТЕОДОС: (Кратко и суво.) Што! ТОМЧЕ: Сакам да зборувам со тебе... ТЕОДОС: Пак за тоа? ТОМЧЕ: За тоа... ТЕОДОС: Нема повеќе зборување за тоа! ТОМЧЕ: Уште сега, татко, последен пат! ТЕОДОС: Сто пати си ми рекол последен пат. ТОМЧЕ: Ти се молам, татко, кандисај да ја земам... Стојанка... живот немам без неа, толку што ја сакам! ТЕОДОС: Молкни бре, засрами се! Јас пред татко ми не можев ни да го помислам, а камо ли да го речам: ја сакам, ова, она... ТОМЧЕ: Зошто да се срамам? Не лажам, не крадам, што имам во срцето, кажувам... ТЕОДОС: Во срцето! Будалалаци! Треба да имаш повеќе овде, синко мајчин, овде! (Се чукнува по челото.) Доста! Имам јас поумна работа! (Поаѓа.) ТОМЧЕ: Татко, јас ќе... ја земам! ТЕОДОС: Не! Дури сум јас жив! Неа да ја земеш! Таква јас нејќам ни на сокак да ја сретнам, таа ѓупка! (Излегува.) ДВАЕСЕТ И ЧЕТВРТА ПОЈАВА ТОМЧЕ ТОМЧЕ: (Скоро солзи во очите.) Ѓупка! Мојата Стојанка, мојата прекрасна, убава Стојанка, ѓупка! Тоа да го рече! Тој очи нема, кога може тоа да го рече! Ѓупка! ДВАЕСЕТ И ПЕТТА ПОЈАВА ТОМЧЕ И СПИРО СПИРО: (Веќе влегол.) Па, што е малку црна и за тоа црно под ноктите. ТОМЧЕ: И ти ли тоа! Уште еден лош збор ако речеш за неа, ќе те отепам на место! СПИРО: Е, чорбаџи Томче, подека, не е право: не можеш на коњот, туку удри на самарот... Јас девојката не ја кудам, само реков што чув од чорбаџијата ТОМЧЕ: И него ќе го отепам, ако рече уште еднаш... А, чекај инаку јас ќе свртам со него. Уште еднаш ќе зборувам, ама не како досега. СПИРО: Јас да ми ти кажам, чорбаџи Томче, тоа не ти го бива, а златен. Не можеш, не си кадар, од сенката му се плашиш. Само што ќе застанеш пред него, колената ти се тресат, рацете ќе ти се земат. Грлото ќе ти се стегне. Прашај ме мене за тоа, зашто паталец, гаталец. Туку има еден лек. ТОМЧЕ: Каков лек? СПИРО: Ако сакаш инаку да зборуваш со него, треба да се опијаниш, златен. ТОМЧЕ: Да се опијанам! СПИРО: Убаво да се опијаниш. Крила ќе добиеш, сила колку сакаш. ТОМЧЕ: Сила од пиење? СПИРО: Не веруваш? Ако си Тома, не биди неверен Тома. Кој беше најголем јунак на светот и векот? Марко Крале. А зошто беше Марко Крале најголем јунак? Пак јас ќе ти кажам. Зашто пиеше вино со леген од дванаесет оки. Пиј па биј, пиј па биј. Ете така правеше Марко Крале. Биење без пиење не бива, ништо не бива без пиење. ТОМЧЕ: Море, Спиро ти ми прикажуваш за Маркови кули а јас си мислам за мојата Стојанка... СПИРО: Има и за кого да мислиш, чорбаџи Томче, девојката ти е лична убава, како оваа што ја имаме на кадро: Ге... Ге... ТОМЧЕ: Геновева. СПИРО: А, Генавева,.. ТОМЧЕ: Ге-но-ве-ва! Кажи, Спиро, има ли во нашиов град поубава од мојата Стојанка? СПИРО: А, нити имало, нити има, нити ќе има! Една е Стојанка, лична Скопјанка! ТОМЧЕ: (За себе.) Време е за на лозје, да си ја видам Стојанка. А со него уште еднаш ќе зборувам. И инаку. (Излегува.) ДВАЕСЕТ И ШЕСТА ПОЈАВА СПИРО СПИРО: Така! — Направи им ќеф. Тече ли Вардар нагоре? — Тече. Лета ли магарето? — Лета. Сосе товар? — Сосе товар. Пијан е од мерак. Ама ќеф ми е да го видам пијан и од пиење... ДВАЕСЕТ И СЕДМА ПОЈАВА СПИРО И НАЦА НАЦА: (Влегува.) Зошто? СПИРО: Зашто вака ништо не прави: ќе клекне пред татко му и ќе ја остави сиромашката Стојанка лагана и излагана. НАЦА: Вистина. За грев, сиромашката. А што девојката е убава, работна, умна. СПИРО: Е, за умна... Да била умна, да не фрла мерак на богаташки син. НАЦА: Е, ама срцето, пусто, не знае ни за богатство ни за сиромаштво. СПИРО: Не знае. затоа после страда. НАЦА: Шшт! Нешто вика! (Се слуша гласот па Теодос.) СПИРО: Нека вика, само на мене да не вика. НАЦА: На сиромашката чорбаџика. (Почнува да ги, брише стаклата на прозорците.) СПИРО: (Со тонот на Теодос.) Сапунот извалкан, налепени влакна на него! Водата — мраз! Сега пак жешка! Ме попари! А, Параскево, парчиња да се сториш! (По мала пауза.) Ај да си прилегнам малце да си ги одморам коските. (Легнува на миндер.) НАЦА: Ако те види, ќе ти ги искрши коските. Кога ќе ти викне: „А, дембел ниеден, арам ми го јадеш лебот“. СПИРО: Така е, легач. Градината сама се вади; тешката бунарска кофа има крила, сама лета нагоре; дрвата сами се цепат; ѓубрето само се исфрла на буниште... Уште рано изутрина, веќе капнат уморен... А до вечер, уште колку работи... се на нозе... Само вака што ќе украдам — да се одморам малце, да здивнам... Зашто не сум будала само да р’мбам... Сега ќе имам време и да преспијам: првин трипати ќе се истрие со сапун, потоа со саати се облекува. НАЦА: Да речеш, ние го облекуваме, а тој само: на рака, на нога, на шија! Ни владиката, сполај му, така не го облекуваат. СПИРО: Никому толку не му се прави чапрасдиван. Се надул како мисирок. НАЦА: Таков е човекот, таков табиет, ќибарлија и самбендисан. Не го гледаш? Кога оди по калдарма, како мачка од камен на камен стапнува. Ако сретне Ѓупци или сиромав, селанин, носот го затнува, дишењето го запира... СПИРО: Не би бил тој мајчин син, таков нагизден и надуен, да нема толку пари, зашто пара чисти и пара се кара... Во неа е силата и чистотата. НАЦА: Чистотата стои до човекот. СПИРО: Бреј, што знаеш! Дај ми го ти него да го пратам јас да прави ќумур, јали ќерпич и ќерамиди, па да ја видиме неговата чистота! Каква работа таква чистота. НАЦА: (Слуша.) Пак вика. Ќе оди само до лозјето, а како да патува во Стамбол. СПИРО: Ќе му го земе на сиромав Арсо лозјето. А толку ги има расеани, сегде по Водно. НАЦА: Е, око човечко ненаситно. СПИРО: Каков човек, такво око, такво срце. Мене срцето не би ми дало никому нешто да му грабнам. НАЦА: Затоа ништо и немаш. Туку, галиба, доста е бришењето, се истанчија џамовите како книги цигарски. СПИРО: Уф, Анастасијо, тоа ли е чистота? Така ли се чистат пенџериња? Погледај, отвори очи, види колкава дамка си оставила на левиот џам! НАЦА: Дамка? СПИРО: А, Анастасијо, Анастасијо, нека ти е алал лебот што го јадеш во оваа куќа и ушге од малечка името што го носиш: измеќарка на чорбаџи Теодос! Аферим, ашколсун! Цел век ве учам на ред и чистота, туку буки и тикви учам! НАЦА: Доста, бре, папагал! Доста тоа од него го слушаш. Кажи ми каде е таа дамка, не можам да ја видам. СПИРО: Ама не ја гледам ми јас, туку сакав да ти кажам како би ја видел тој и како би се лутел и рикал.. НАЦА: Секој си прави измет на својот табиет. Стани, еве го иде. СПИРО: (Станува, скоро скокнува и бргу ги, навлекува чевлите, при што прво го обува левиот на десната нога, па поправува.) Бре, бргу се стори азар денеска. Му се брза за лозјето... ДВАЕСЕТ И ОСМА ПОЈАВА СПИРО, НАЦА И ТЕОДОС ТЕОДОС: (Во панталони, со палто в раце, уште однадвор.) Анастасијо, Анастасијо, браво, Анастасијо, ашколсун! Нека ти е алал лебот што го јадеш во оваа куќа! Алал да ти е името што го носиш, измеќарка на чорбаџи Теодос! Со години ве учам на ред и чистота — ништо! Како да учам ќутуци! Вака ли се чистат алишта, глупава Анастасијо? Ова ли е чистота, а? Погледај само овде, погледај (Покажува на палтото.) НАЦА: Проштавај, чорбаџи, не сум видела, една мала дамка. ТЕОДОС: Мала! Мала работа, голема срамота. НАЦА: Од восок е... ТЕОДОС: Да ја извадиш како знаеш. Со крпа, со фрча, со јутија. НАЦА: Знам, чорбаџи. (Го зема палтото и излегува.) ДВАЕСЕТ И ДЕВЕТТА ПОЈАВА ТЕОДОС И СПИРО ТЕОДОС: А ти мустаќите арно да ги исчистиш, Спиридоне. Уште ти се извалкани. Да ги исчистиш со фрча, со метла, со гребло, како знаеш. СПИРО: Знам, чорбаџи. ТЕОДОС: (Пред огледало ги чисти мустаќите со четкиче.) Тји, бре мурдарлак! Ништо чисто не може да види човек. И ова фрчиче: наместо со него да ги чистам мустаќиве, треба него да го чистам од мустаќиве. (Му го фрла на Спиро.) Земи го, Спиридоне, за твоите колчишта е арно, а јас треба ново да купам. (Наместува крагна и машна.) СПИРО: (Го зема.) Арно, чорбаџи. (Излегува мазнејќи ги мустаќите со фрчичето.) ТРИЕСЕТТА ПОЈАВА ТЕОДОС И КЕВА ТЕОДОС: (Вика.) Параскево, Параскево! Ела да ме фрчосаш уште еднаш... дури го чекам палтото... КЕВА: (Доаѓа со четката.) Еве, Теодосе! (Му ги брише панталоните, елекот.) ТЕОДОС: (За тоа вреле и сам гледа насекаде по нив и каде ќе најде влакно или прашинка, чисти со подувнување и.ли,, почесто со изопнување и исфрлање средниот прст закачен на палецот, што кај нега е постојана навика и автоматизиран гест.) Влакненце да не оставиш! КЕВА: Арно. ТЕОДОС: Кој зкае колку време ќе се матка онаа фатена во рацете со таа дамка. КЕВА: Тешко излегува: од восок е. ТЕОДОС: Ме покапале в црква со свеќа... Си прават ќеф... Гледај, Параскево, влакненце... Се туркаат како овци в трло, се тријат од тебе како говеда од плот... извалкани, ќирливи, смрдливи... Ни в црква повеќе не одам. КЕВА: Дотаму, Теодосе! Од верата надвор да излезеш! ТЕОДОС: Ќе си направам дома параклис... Икони, кандила... КЕВА: Уште? ТЕОДОС: Ај доста: ме чека таква работа. (Вика.) Спиридоне, Спиридоне! Бргу да ме обуеш! ТРИЕСЕТ И ПРВА ПОЈАВА ТЕОДОС, КЕВА И СПИРО СПИРО: (Влегува.) Еве, чорбаци! (Му ги обува чевлите.) ТЕОДОС: Е, гледај, гледај, говедо! Сето лустро им го извади со тие твои лопати! Види, се прсти по нив се познаваат. Ама сто пати сум ти рекол, отворај очи кога ми обуваш чевли, фати ги убаво, со дикат, за топуци, а ти, трап, одозгора! Тоа ли е ред? Море ќутуци учам, ќутуци и цепаници. Каде ти е кадифето? СПИРО: (Го вади кадифето од џеб и му ги брише чевлите.) Еве, чорбаџи. ТЕОДОС: Убаво, не само отепреди. И топуците. СПИРО: Еве, чорбаџи. Доста? ТЕОДОС: Не е доста додека не си го видиш носот во нив. Туку ајде, немам време. Земи го дикелот и појди на крајното лозје, кај карпата да покопаш. Ама убаво, подлабоко. Што, не ти се оди? СПИРО: А, ми се оди, како не, чорбаџи. ТЕОДОС: Е, така. На Арсен кажи му дека сум азар и сега кинисувам. СПИРО: Арно, чорбаци. (Излегува.) ТЕОДОС: Анастасијо, Анастасијо! ТРИЕСЕТ И ВТОРА ПОЈАВА ТЕОДОС, КЕВА И НАЦА НАЦА: (Доаѓа со палтато в раце.) Еве, ме, чорбаџи. Се излезе, (Сака да му придржи да го облече.) ТЕОДОС: (Загледуеа каде што беше дамката. Согледува влакненце, го фаќа полека со два прста, го крева високо да го видат Наца и Кева, стрелајќи ги со поглед, па го одувнува влакното како да плука на нив.) Среќа ваша што брзам! Ајде! (Ги испружува рацете назад.) КЕВА и НАЦА: (Му навлекуваат по еден ракав.) НАЦА: (Веднаш потоа нечујно излегува.) ТРИЕСЕТ И ТРЕТА ПОЈАВА ТЕОДОС И КЕВА ТЕОДОС: Помини со фрчата уште еднаш, Параскево! КЕВА: Еве. (Му го брише палтото.) Теодосе... сакав... ТЕОДОС: (Ја пресечува.) Гледај побргу да стаса ручекот, по ладот да го донесете, зашто ако биде доцна, сонцето ќе го испече зелникот, кремен ќе го стори. КЕВА: Арно, Теодосе, туку сакав нешто... ТЕОДОС: Знам што. Ама нејќам да знам. КЕВА: Ти се молам, Теодосе! Девојката мана си нема! Туку од инает очите не ти ги гледаат. ТЕОДОС: Нема една мана, туку триста. Прво и прво, името — Стојанка, селско име. Најди де в календар име Стојанка! КЕВА: Името е од кумот... Се гледа умот. ТЕОДОС: После, црна... КЕВА: Малку е смургава, ама многу е лична, а белило на лице не клава. ТЕОДОС: А и каква може да биде девојка од таква куќа? Татко и самарџија. Со него ли да се засватам? Поарно самар на грбот да си ставам. Таа да ми влезе во куќава! Каков ред, каква чистота ќе биде? Не врткај ми повеќе, работа ме чека, не е ред! КЕВА: Теодосе... ТЕОДОС: Ни збор повеќе за тоа! КЕВА: Друго нешто... Дојде Арсовица... ТЕОДОС: Немам јас никаква работа со Арсовица... КЕВА: За лозјето... ТЕОДОС: За лозјето... Тоа не е женска работа. Колку пати сум ти рекол да не се мешаш во моите работи. КЕВА: Ме заколна жената: „Жити еден Томче... децата ми се превргнаа од плачење... Оној мој лесен и занесен, вели, се на вересија дава“... ТЕОДОС: Тоа си е негова работа. КЕВА: „Туку јас вели ќе го стегнам да ја собере вересијата...“ ТЕОДОС: Тоа си е нејзина работа. КЕВА: „Само чорбаџи Теодос, вели уште малце да почека“.. ТЕОДОС: А тоа си е моја работа. Чекањето си има ред и крај. Не сум јас задушна баба! КЕВА: Арно, Теодосе, за таа работа, навистина твоја си е... Ама за Томче... Како господ те молам... Мајка сум... ТЕОДОС: Пак! Не! Ако сте ти и син ти за самар, јас не сум! Ако вам ви се јаде леб со кал од под нокти, мене ми се гнаси! Да не чујам повеќе! (Излегува.) Ручекот на време! ТРИЕСЕТ И ЧЕТВРТА ПОЈАВА КЕВА КЕВА: Душовадник, живојадник! Душава ми ја извади! Жива ме изеде! Жива сум а живот немам! Сега и Томче ќе ми... Оф!... (Воздишката и преминува во здржано, тихо липање) (ЗАВЕСА) ЧИН ВТОРИ Преку сцената пат за Водно, покрај патот густо дрвје, од далеку се гледаат темноцрвени покриви од градските куќи и врвови од дрвјата, над кои се извишува скопското кале. Сончево утро. Пред да се дигне завесата и во време на сцената помеѓу Томче и Стојанка, од далеку еден женски глас извива дискретно тажна песна. Садила мома крај море лозје, ем го садила, ем го плакала: „Ој, лозје, лозје, со бело грозје, јазе те садам, кој ќе те бере... ПРВА ПОЈАВА ТОМЧЕ ТОМЧЕ: (Шета во нестрпливо исчекување.) Еве ги! Ама што да им речам? Таа збор чека од мене, а каков збор да дадам! ВТОРА ПОЈАВА ТОМЧЕ, ЕФКА И СТОЈАНКА ЕФКА: (Доаѓа.) Добро утро, Томче. СТОЈАНКА: (Сентиментална е и силно заљубена, како и Томче, но, чувстаувајќи се навредена и загрозена, западнала во моментна настројба на огорченост, зајадливост и жестокост, во држење кое се поклопува со некакво инстинктивно женско тактизирање и уценување, иако по природа е непосредна, искрена и кротка девојка.) Добро утро... ЕФКА: Што стори, Томче? ТОМЧЕ: Ништо, тетка Ефке. СТОЈАНКА: Ништо. Без среќа си, со празно бардаче не среќаваш. ЕФКА: Ако е празно, ќе се наполни, а кога ќе се вратиме ќе не сретнеш со полно бардаче, Томче и ќе се напиеш студена вода. СТОЈАНКА: Може да испревари некој друг. Кој превари, тој товари. ТОМЧЕ: Зошто така зборуваш, Стојанке? ЕФКА: Море, Томче, не слушај ја ти неа: едно мисли, друго зборува. Од мака, многу е сакалдисана. Ај да ве оставам малце насамо, да си ги искажете маките, ама само малце, и чесно! Гушкување и бацување, такви работи да нема! (Отидува.) ТРЕТА ПОЈАВА ТОМЧЕ И СТОЈАНКА ТОМЧЕ: Зошто така ме пукаш, Стојанке? Ќе пукнам од мака кога ми зборуваш така! СТОЈАНКА: Јас зборувам како што е. Довечер давам збор за друг. ТОМЧЕ: Што? СТОЈАНКА: Вечер ќе ме свршат за Иле. ТОМЧЕ: Ќе дадеш збор? Ќе те свршат за Иле? СТОЈАНКА: Така е. ТОМЧЕ: Стојанке! Не зборувај така! Уште еден збор таков ако ми речеш, ќе те отепам! СТОЈАНКА: Бре! Не си зел сол, да ме посолиш! ТОМЧЕ: Стојанке, не пукај ме така, не прави такви смешки, зашто мене ми се плаче! СТОЈАНКА: Вистина ти кажувам, Томче. Синоќа дојдоа стројници. Татко ми сакаше веднаш збор да даде, пак и јас... ТОМЧЕ: И ти! СТОЈАНКА: И така не сум за тебе, за вашата куќа. Јас сум црна Циганка, јас сум селанка, името ми е селско, јас сум од сиромашка куќа, сум проста, не знам за ред и чистота... Татко ми е сиромав, самарџија... Најпосле јас имам под ноктите црно, кал... (Задржуваниот плач се пробиеа со придушено липање.) ТОМЧЕ: Стојанко. зошто така зборуваш? Си чула од мене такви зборови? СТОЈАНКА: Сум чула од татко ти. Вчера му зборувал на еден татков пријател, а тој му кажал на татко ми. ТОМЧЕ: А, татко ми! Чекај ти само, инаку ќе зборувам со него! СТОЈАНКА: Зборувај како знаеш, Томче, само довечер збор да дадеш: или... или... ТОМЧЕ: А, така Стојанке! Нејќеш повеќе да чекаш! Толку ли беше љубовта наша? Толку ли ме сакаш, а? СТОЈАНКА: (Плаче.) Томче, јас би те чекала довека, те сакам и љубовта моја е догроба, ама не можам повеќе од татко ми, ми е жал за него. Му дадов збор за довечер.. Не може повеќе: го изеде жив срам од луѓето.. за мене... на сета негова добрина... ТОМЧЕ: А мојот татко, поарно да го немам! Катил, намќор! Човек без душа, без срце! А чекај! Ќе види тој! Уште еднаш... ЕФКА: (Однадвор.) Ајде, деца, доста ви е! ТОМЧЕ: Уште малце, тетка Ефке! СТОЈАНКА: Леле, Томче, уште овој ден! Ми е страв, Томче! Не давај ме, Томче, не давај ме на друг! Поарно отепај ме! Поарно во Вардар да се удавам, кога не можеме да се земеме... ТОМЧЕ: Стојанке, гулабице моја, душо моја! (Сака да ја прегрне.) СТОЈАНКА: (Се истргнува.) Не, Томче... Тетка... ЧЕТВРТА ПОЈАВА ТОМЧЕ, СТОЈАНКА И ЕФКА ЕФКА: (Доаѓа.) Ајдо, доста. деца, пладне се стори веќе! ТОМЧЕ: Малце постојавме, тетко. ЕФКА: Е, вие сакате како во песната: „Малце постојавме, Донке, кај чешмата, од изгрева, Донке, до заода.“ Нејќе стоење и зборување, деца, туку сака да се потрча и да се поработи. Со оф и уф ништо не може да биде. Немаме време за губење. Денес, Томче, од татко ти збор да земеш! Ама машки со него да зборуваш! Каков светец, таков четец, ајде! Ајде, Стојанке, да гледаме и ние ваму, да направиме нешто! (Излегува.) СТОЈАНКА: Така, Томче. како што рековме! (Отидува.) ПЕТТА ПОЈАВА ТОМЧЕ ТОМЧЕ: Машки, јуначки! Ама што рече Спиро, мусака мас сака. Да го послушам? Трезен ништо не можам да сторам, а довечер збор треба... Што да правам: или да се убијам, или да се опијанам... (Отидува.) ШЕСТА ПОЈАВА АРСО АРСО: (Полн е со животна радост и ведрина, кои тешко можат да му ги поматат и најтешки грижи и незгоди. Умен и итар е до лукавост и до препреденост, но никако до расипаност, а по срце е добричина, осетлив и соосетлив. Излегува од врбјакот и гледа по Томче со блага потсмевка.) Сиромав чорбаџи Томче, изгоре за Стојанка како биволче за водичка! А татко му уште го нема (Гледа на сат.) Тој да задоцни! Се успал. Е, да сум жена, да го колнам: да би не се разбудил! Да би нога искршил! Туку тој од гроб би станал, на носила би дошол, кога има нешто да грабне... А, беше, ми отиде лозјенцето... Еј, лозје мое лозје, токму како во песната: „Јазе те садам, кој ќе те бере...“ (Ја брише потта со шамијата.) Ама жештина! Сонцево, само што се испилило, а ѓаволски пече. Денеска не ќе има ладовинка. Ајде да влезам во оваа божја сенчица, да го чекам... (Влегува во врбјакот.) СЕДМА ПОЈАВА ПОЦКО, АМПО И ЦОНКА ПОЦКО: (Како да му е брат родеп на АРСО: како ведринато и итрината да ги поделиле на еднакви делови, само што да нема контрола и кочница — а тоа е неговиот син Амно, неговата сушта спротивност, — тој ѕо лукавството би одел и подалеку од чесното и дозволеното со утврдениот ред и со обичаите. Доаѓа од градот нестрпливо забрзан, се обѕрнува и вика, со одвај забележлива циганска интонација.) Ајде, поитај, бре Ампо, немој така како непоткован коњ! АМПО: (По него, со бебе во пелени.) Чекај малку, татко! ПОЦКО: Не ти е тешко безбели тоа две-три оки жива мера, кога носиш на грб двесте-триста оки. АМПО: Море, ми ги наполни ракавите, куче кучешко! (И го дава бебенцето на Цонка.) На ти го, баба Цонке, доста го носев. ЦОНКА: Бре, што било! Ако ти пуштило малце, братче ти е, ако е куче, пак ти е братче! АМПО: Ама не лути се, де, ако реков лош збор, ништо лошо не му сторив, не му ја симнав ѕвездата од чело. ПОЦКО: Куче! Какво куче, бре пцетиште! Го гледаш, само спие како рудо јагне, ни да писне ни да вресне, јагненце, жими Ристос! Од сите што сум ве родил, ова ми е најмило. АМПО: Па последно е, дородок. ПОЦКО: Што велиш, дородок! ЦОНКА: Дородок? Е, тоа не се знае, тоа е во божја рака. АМПО: Море, оставете празни муабети! Овде ќе чекаме? ПОЦКО: Не. Попат ми текна нешто... Ќе чекаме... (Покажува кон лозјето.) АМПО: Зошто на брег? ПОЦКО: Еј, тикво зелена! Кој стои високо, тој гледа далеку. АМПО: Нема овде што да ге гледа, имаме само да чекаме. ПОЦКО: Ама да знаеме кого чекаме, а не како гуски во магла, така мајко? ЦОНКА: Така, ами. АМПО: Па се знае, чекаме кум. ПОЦКО: Кум, туку кој ќе биде кум? ЦОНКА: Така, де! АМПО: Се знае и тоа кој ќе наиде прв. Кого ќе го нанесе патот, тој ќе биде. Кој на друм, тој кум. Како што е адетот. ПОЦКО: Ама така ќе биде, туку, да не наиде некој како тој што го имавме... АМПО: Арен си беше и тој. ЦОНКА: Бог да го прости! (Се крсти.) ПОЦКО: Арен си беше за арен, душа човек, туку гола душа. Сиромав, окапан, немаше пари да му плати на попот кога ве крштаваше, најпосле и него го закопаа на вересија. ЦОНКА: (Пак се крсти.) На вересија, бог да го прости! ПОЦКО: Бог да го прости, ама не дај ми, боже, пак таков кум! Кумот не е само за тоа да крсти, да венча, туку и да пречека, да угости, да дарува. Затоа ти велам: на брегон, па кога ќе здогледаме некого што не е за кум, молчи зад дрвјето, а ќе наиде ли некој поимашлив, буп! детето пред него... ЦОНКА: Така, ами како! Поимашлив. АМПО: А поимашлив не ќе кавдиса тебе да ти биде кум. ПОЦКО: А, колај работа за тоа, адет е овде. Ама ќе речеш Цигани сме, е, туку и рисјани сме, жими Ристос! А тој надуењак чорбаџиски, ако нејќе да биде цигански кум, нека излезе од верата рисјанска надвор, нека згази на адетот! Ти велам, колај работа! Го уловив ли јас него, не го испуштам од раце, па волкави заби да има! ЦОНКА: Така, Поцко, така синко! Адет е овде, не е играчка! АМПО: Не ви е чесна работата: не е по адетот. ПОЦКО: Дополу е по адетот, отполу по моето сакање... А ти, божем, не би сакал таков кум да те венча! АМПО: Јас повеќе би сакал некој човек средна рака, ама кога е по адетот, нека биде и најсиромав, и најбогат, само ако наиде прв. ПОЦКО: Прв, па прв! Што си ќускија! А што би било кусо да биде и втор, трет... АМПО: Не, само прв! Како што рековме дома: само по адетот! ПОЦКО: (Цацка со јазикот.) Цт, цт, цт,! Бре, бре, бре! Не знаев дека си таков абдал, ако си ми син. А кој знае дали си ми син, кога си таков. Ти не ќе бидеш циганска крв, туку некој мелез. ЦОНКА: Ајде, ајде, Поцко, какви се тие зборови! ПОЦКО: Ајде на брег! АМПО: Не, зад брег! ЦОНКА: Бре, бре, по негово да биде! ПОЦКО: Арно. По твоето, по адетот. АМПО: Така. (Поаѓа.) ПОЦКО: (По него, крстејќи се со широки гротескни движење.) Господе боже, кога овој будалест син не ме остави сам да си поможам, поможи ми ти, господе, дај ми кум каков си сакам, па ќе ти запалам в црква свеќа како греда! (Потихо, низ смев.) Помогни ми ти, та после јали палам, јали не палам! (Отидува.) ЦОНКА: (По него.) Поцко, синко, не прави такви шеги со господа! Слуша тој и кога шепотиш, знае и што ќе помислиш. ОСМА ПОЈАВА АРСОАРСО: {Излегува од врбјакот, гледа на Цигапше и се смее со израз на симпатија.) Ех, овој Циганин, муштерија мој, баш заслужил да му се чуе молитвата. Ере, бре, уште го нема! (Се чукнува по челото.) Иј, што би тај бил за кум! Чорбаџи Теодос-цигански кум! (Се смее). Бре, бре, што би било кумство, што би бил џумбуш! Иј, да можам тоа да го сторам — цигански кум, па да заборави и на лозје, и на се! Еј, да можам да си го куртулам лозјето! (Гледа.) Само да не помине некој друг! (Слушнува.) Еј, пијан глас! Песна! Ми иде да се расплачам! Селанец. (Се крсти.) Помогнете ми сега сите светци, анѓели и ѓаволи! ДЕВЕТТА ПОЈАВА АРСО И СЕЛАНЕЦОТ СЕЛАНЕЦОТ: (Доаѓа пијан, потпирајќи се на долг стап.) А, чекај жено, кучко-о-о! АРСО: Добро утро, пријателе. СЕЛАНЕЦОТ: (Застанува потпрен на стапот.) Ако е утро, нека е добро утро. Ако си ми пријател, да си ми здрав и жив. А јас сум ти толку пијан, да проштаваш, та не знам дали е утро, дали е вечер, дали си ми пријател, дали... АРСО: Пријател сум ти. И сакам братски со тебе да позборувам. СЕЛАНЕЦОТ: Е, ујган работа, и да се одморам, зашто нозеве не одат како што треба. (Седнува, повеќе паднува.) Еј, еј, брате сладок, земја па земја! Таа ти е најарен пријател, таа те рани, таа те крепи. Паднеш ли, таа ќе те дочека. Седни и ти, пријателе. АРСО: Нека, јас ќе постојам... (Гледа лево.) СЕЛАНЕЦОТ: Вие граѓаните не ја сакате земјата, само ја газите. А ние селаните ја работиме. Таа пак не рани сите еднакво. Така вели поп Китан, а колку е така... Толку и да биде... Не сакам да грешам душа. Многу сум ти пајан. брате, па може да сум рекол нешто криво. Пијан јазик, што се вели, не можеш да го фатиш ни за глава ни за опашка. Многу сум ти пијан, проштавај! Трештен пијан, пијан како земја в пролет. АРСО: Е, зошто да пиеш толку? СЕЛАНЕЦОТ: Од добрина и убавина, од мила. убавина, брату! АРСО: А, ти се гледа по опинците. СЕЛАНЕЦОТ: Велиш? Ама и кај тебе... Дуќанчето ти е како кокошарниче... Пет-шес полици, и тие дополу празни.. АРСО: Така е: стоката и парите одат кај крупните дуќанџии и трговци. СЕЛАНЕЦОТ: Море, вие в град и така и така, туку на село. Драње до коска. Бегот те дере со десеток и со други давачки, па полјакот, па заптии... Пржи кокошка, пржи јајца на масло. Ништо не ти останува да донесеш на пазар. Сполај на господа што не јадат свинско. (Се чеша по градите.) АРСО: Што велиш, нашето ти е како во песната. (Рецитира тихо претпазливо.) Иди. у гора — вуци, слези у село — Турци, влези у црква — светци, излезн вонка — слепци, влези у куќа — буи, излези вонка — муи. СЕЛАНЕЦОТ: Токму така. АРСО: А ти што вака рано... СЕЛАНЕЦОТ: Море, речи доцна, не рано. Донесов вчера на пазар мас. Не најдов муштерија, та видов не видов, ја однесов маста кај трговецот што му имам за давање. Тој ми прифати за фајдето и ми даде неколку гроша, колку даси купам јаже да се обесам. Та ти се испијанив... И еве уште ме држи... А чекај, жено! АРСО: Е, што ти е крива жената? СЕЛАНЕЦОТ: Ами кој? Не ќе биде крив трговецот, јали, агата, јали полјакот... Море... жената е за се крива! Е, што ќе ја изнатепам! АРСО: Немој така. брату! Греота е. СЕЛАНЕЦОТ: Како да не е греота... Срцево ми плаче... ја чуваш, ја раниш, и зошто? Друг да ги омрси мустаќите и да се слади со неа... АРСО: Е, кога е така, имаш право, удри! Таква стока да раниш и да чуваш... СЕЛАНЕЦОТ: Што ќе правиш, ќе ја раниш и чуваш, дури да не дојде и да и го удриш ножот во вратот. АРСО: Што? Дотаму... да ја заколиш! СЕЛАНЕЦОТ: Ами што ќе и правиш? Свињата е за колење. АРСО: А, така, свиљата... А јас мислев за жената зборуваш. Ама се разбравме! СЕЛАНЕЦОТ: А, жената... таа се мачела со свињата, таа мас топела... Сега сака да види нешто... АРСО: (За себе.) И мојата така: го садела, го копала лозјето.. СЕЛАНЕЦОТ: Та, ако не ја тепаш, таа тебе ќе те тепа... И има право сиромашката. АРСО: Има... СЕЛАНЕЦОТ: Шамија нема на глава. В куќа нема ни грутче сол, ни капка газие... АРСО: Така? Јас ќе ти дадам. СЕЛАНЕЦОТ: Ама... не пазарам кај тебе... А и парите си ги испив... немам ни скршен мангар. АРСО: Ако. Колај работа, на вересија. СЕЛАНЕЦОТ: А, нејќам! Вересија-потресија. Јаже околу врат. АРСО: Тоа бива за кој дава. СЕЛАНЕЦОТ: И за кој зема. Сум земал и знам. Во вашите тефтери се излегува двојно и тројно. Во тефтер, брату, вера нема. Туку да одам (Сака да стане.) АРСО: (Се обидува да го задржи.) Чекај, ти верувам. Земи на вера, ако нејќеш на вересија. Во тефтер не ќе влезе. Памети, па врати, на душа ти. СЕЛАНЕЦОТ: Ама нема овде ни вера, ни душа: пара е овде. АРСО: Најпосле, и да не платиш, ќе ти чинам алал. СЕЛАНЕЦОТ: Алал, а зошто? АРСО: Така, брату, си ми омилел некако. СЕЛАНЕЦОТ: Е, многу ми е мило што сум ти омилел, ама што сакаш да ми алалиш, ич не ми е мило. Ова нешто не е чиста работата. Никој не дава за црни очи. АРСО: Зошто да не ти дадам? Мене ми дал бог, а ти немаш. (Пишува на колено.) Оди кај мене и дај го ова пусулче, па ќе ти дадат газие и сол. СЕЛАНЕЦОТ: (Го зема ливчето и станува.) Ама ова е некоја твоја шега. Сум слушнал за тебе дека си голем мајтапчија. А со нас селаните тераат шега дури и будалите. Туку да проштеваш, јас сум од поитрите селани. АРСО: Прочитај ако не веруваш. СЕЛАНЕЦОТ: Да прочитам. Е — е, да знаев јас да читам, ќе бидев поп. АРСО: Еве да ти се заколнам во децата. СЕЛАНЕЦОТ: Немој, ти верувам. Еве одам. Е, ова чудо сосем ме истрезни. Е, ајде и тоа чудо да се стори. (Отидува.) ДЕСЕТТА ПОЈАВА АРСО АРСО: (Ја брише потта.) Е, ова е вистина чудо, кога го вратив! Радувај се, Циганине, те куртулив од кум сиромав селанец! А ти, чорбаџи Теодосе, побргу! Со тебе да се стори чудо вангелиско! Уф, еве го овој се враќа! ЕДИНАЕСЕТТА ПОЈАВА АРСО И СЕЛАНЕЦОТ СЕЛАНЕЦОТ: (Се враќа.). А, не можам јас така. АРСО: Што? СЕЛАНЕЦОТ: Никако не ми фаќа умов, зошто сакаш да ми алалиш. Тука се крие некој ѓавол. АРСО: Ама каков ѓавол, бре човек! СЕЛАНЕЦОТ: А зашто сакаш да ми алалиш? АРСО: Сакам да ти сторам една добрина. СЕЛАНЕЦОТ: Е, тоа е арно, ама добрина не се прави без некој есап, а-а! АРСО: Тоа е асли добрина, без есап, рисјански. СЕЛАНЕЦОТ: Знам, и поп Китан вели така да се прави, зошто сме рисјани. Ама, тоа е така само за поука. А јас знам ова: човек на човека може да му стори лошотија за ништо, ама за добрина, треба да има некој есап. Дај ми ти чист есап, брату. Кажи ми зошто сакаш да ми алалиш, инаку нејќам... АРСО: Е, ова е: сакам да се посветам, ама ѓаволот не ме остава. Слушај ти пријателе: јас сум на твоето дереџе. Сум се заплеткал со фајдиња кај еден пајак крвопиец... Денес ќе ми летне лозјето за борч... Та затоа ти ја разбирам маката... СЕЛАНЕЦОТ: Еј, тој пуст борч! Ама пак... АРСО: Најлосле: кој дава, душа е права, а кој зема, тој зијан нема. СЕЛАНЕЦОТ: Ако земам, белќи ќе се пишманам, ако не земам, бездруго ќе се пишманам. Поарно да земам. Ќе одам, па што сака нека биде. (Поаѓа.) АРСО: (Го бутка благо.) Арно ќе биде! Само никому ни збор! Јас сакам: што дава левица, да не знае десница. СЕЛАНЕЦОТ: Арно, арно, така вели и поп Китан. Само тој вели: „Што дав а десницата...“ АРСО: Е, ама ако човек е левак... СЕЛАНЕЦОТ: А попот е и деснак и левак, ама само за земање... Ај со здравје! ДВАНАЕСЕТТА ПОЈАВА АРСО АРСО: Е, оди со здравје, пријателе! Ме измачи ѓаволски селанец! Има право. И чорбаџи Теодос ми стори добрина со есап: да ми го земе лозјето. Туку може да му излезе кисело... уф, неговиот измеќар! Ништо, лесно со него. а десницата...“ АРСО: Е, ама ако човек е левак... СЕЛАНЕЦОТ: А попот е и деснак и левак, ама само за земање... Ај со здравје! ДВАНАЕСЕТТА ПОЈАВА АРСО АРСО: Е, оди со здравје, пријателе! Ме измачи ѓаволски селанец! Има право. И чорбаџи Теодос ми стори добрина со есап: да ми го земе лозјето. Туку може да му излезе кисело... уф, неговиот измеќар! Ништо, лесно со него. ТРИНАЕСЕТТА ПОЈАВА СПИРО И АРСОСПИРО: (Доаѓа полека со копач на рамо, со крпа под капата како штит од сонцето.) А... чекаш, брат Арсо. АРСО: Не, риби фаќам. Фрлам мрежа, па ситните ги враќам, крупни сакам... Ти си ситна риба, Спирко, посна. СПИРО: Еј, бреј брат Арсо, што тоаф човек си! И отруен човек ќе насмееш. И кога самиот си отруен... АРСО: Каде ти е чорбаџијата? СПИРО: Сега ќе стаса. Почекај уште малце, дури да му ги симнат сите влакна до едно од облеката. А јас ќе одам пред вас. (Тргнува.) АРСО: Чекај, не пред нас, туку зад нас! СПИРО: Ама чорбаџијата ми заповеда... Ти не го знаеш, брат Арсо, каков е, што ќе заповеда тој, како бог... (Го остава дикелот и си ја брише потта.) АРСО: Го знам јас што антика човек е чорбаџијата твој. Туку овде јас сум ти бог. Овде јас заповедам. Ќе се вратиш! СПИРО: Јас би се вратил со ќеф. Ич не ми се оди по оваа горештина да копам. Туку сакам, нејќам... (Тргнува.) АРСО: Стој, зашто ќе ти ги искршам нозете со тој дикел. СПИРО: Ама зошто, бре брат Арсо? Што е ова сабајле! Чорбаџијата сакаше да ми ги исече мустаќите, сега ти сакаш да ми ги искршиш нозете. Ајде тој веќе има зошто да се лути: задоцнил. А и инаку пишман е што се родил... Ама ти, брат Арсо, добродушен и... Туку, може да е од што ти е мака на душата... за лозјето... Е, и мене ми е жал, туку... Да одам, зашто ако ме стигне тој... АРСО: Стој кога ти велам! Не ме знаеш ти уште мене! Веднаш ќе се вратиш! СПИРО: Ама зошто? АРСО: За чисто брашно! Зашто... (Се мисли.) Ми текна нешто, да простиш, Спиро, како на трудна жена: ми се пријаде месо со компири... Појди кај мене дома и речи: „Ме прати Арсо, се пишманил, нејќе за ручек месо со праз, туку месо со комнири.“ Ако клале веќе месо со праз, нека биде. Разбра ли? Нејќам со компири, туку месо со праз. СПИРО: Ама, брат Арсо, ти прво рече нејќеш месо со праз, туку месо со компири, а сега... АРСО: Така, така, згрешив Спиро. Не месо со праз, туку со компири. Ајде сега, брат Спиро, да ме послушаш. СПИРО: Ама за тоа... јас за тебе, брат Арсо... туку чорбаџијата... Ќе рече, за меео со компири што му текнало нему, да губнш од работата... А да е за нешто друго... Божем за некоја поголема работа да ме пратиш... АРСО: Арно велиш, Спиро. Поумен си ти од мене и од чорбаџијата твој. СПИРО: Поумен од него! Да ме чува господ! Колку сум побудала за него, толку полесно поминувам: има кому да дава ум и поука, тој само тоа дава. Друго се зема... АРСО: Мене — лозјето... А, чекај. Еве ти клуч, го заборавив в џеб, а дома им треба. Да не си ти, јас ќе се вратев, а тогаш би ме чекал тој мене... СПИРО: Е, тоа веќе... ќе фати место... А клучот го најде на пат: рѓосан... АРСО: Заклучи ја устата. И оди. СПИРО: Арно. Туку, како беше за ручекот да не згрешам; не месо со праз, туку со компири... Не со компири, туку месо со праз. Не, згрешив: не месо со праз, туку со компири... Месо со... месо... (Отидува.) ЧЕТИРИНАЕСЕТТА ПОЈАВА АРСО АРСО: Е, Спирко, компирко! Какво месо со месо! Ти влегло в крв да се преправаш будала, пред чорбаџијата па и пред мене... Не си ти за кум. Ама што го испеков занаетот. Сега би го вратил и самиот ѓавол. Чекај без гајле, стари Циганине. Те куртулив од кум измеќар. (Гледа и се возбудува.) А, ене го чорбаџијата. Ајде, Доцко, многу си задоцнил! А да знаеш каков касмет те чека, не би ни кинисал! Уф, срцево ми игра од радост! Ајде, Доцко, ајде, волку, стапицата ти е наместена, само да ја нагазиш! Сега јас да се скријам, а тој... нека продолжи... (Влегува во врбјакот.) ПЕТНАЕСЕТТА ПОЈАВА ТЕОДОС ТЕОДОС: (Доаѓа.) Го нема! Хм, хм! А Спиридон ми рече дека овде ме чека. Пак е тоа некоја негова ујдурма: да се измазули некако со лозјето. Можам јас лозјето да го земам и негледано. Ќе му го дадам веднаш сенетов за борчот, на кадијата (Тргнува назад.) ШЕСНАЕСЕТТА ПОЈАВА АРСО И ТЕОДОС АРСО: (Излегува, прозевајќи се како по спиење.) Чекај, чекај, чорбаџи Теодосе! ТЕОДОС: А, тука си, Арсене? (Го постила шамивчето на едно пресечено стебло, и со друго шамивче ја брише потта.) АРСО: Овде сум. ТЕОДОС: А што молчиш? АРСО: Спиев. Чекајќи те така, еве, си направив киска цвеќе. (Мириса.) После прилегнав во ладон, ме фати дремка. Што страшен сон видов! Ќе ти го раскажам по пат. Да одиме... ТЕОДОС: Уште малце да се одморам... АРСО: А ти малце задоцни... ТЕОДОС: Остави се, остави се, жити господ, Арсене! Таксират! Ти се молам не зборувај за тоа, зашто мрак ми паѓа на очи! АРСО: Знам колку ти е тешко. Повеќе сум верувал дека сонцето навроме не ќе изгрее, отколку ти... Помислив еднаш да се вратам, и така бев го заборавил клучот в цеб... Туку за среќа наиде измеќарот твој... ТЕОДОС: (Со здржан прекор.) Е, тоа, измеќарот мој, да си го правиш твој... Не е ред... АРСО: Знаев дека ќе се лутиш, туку си реков, поарно јас да те чекам тебе, отколку ти мене, та... ТЕОДОС: Е, сега се стори што се стори... Гледам, денеска од изутрина ме потерало... Ти се молам, Арсене, види на плеќиве... АРСО: Море, море! Што е ова, чорбаџи Теодосе, како да си влачел волна — прав, влакна... ТЕОДОС: (Му подава шамивче.) На, ти се молам, истреси... АРСО: (Му го подава цвеќето.) Подржи го цвеќево. ТЕОДОС: (Се мршти.) Цвеќе... Како селска невеста... АРСО: (Тресејќи го.) Бреј, правови! Откаде ова чудо, чорбаџи Теодосе? ТЕОДОС: Си одам јас убаво, покрај, под стреите, — почисто. Одеднаш, кај Тодор папуџијата, трас, трас! над мене: жена му тресе некое парталаво чергиште со триста оки прав! АРСО: Види, види! Не те видела... ТЕОДОС: Море, за дуќанот... Јас сум и крив што мажот и не го исплатил борчот. И по толку чекање... Потаму и Трајаница — не ме виде?... Такви сте вие! Кога сте на зорт, — дај, помагај, чорбаџи Теодосе, а после за враќањето, тој крив, фрлај дрвја и камења... на чорбаџи Теодос, треси черги над него... АРСО: Ни влакненце не остана! Ама се испотив... Горештина. Туку ајде да одиме дури не стегнала повеќе. (Тргнува.) ТЕОДОС: Да одиме. (Тргнува.) АРСО: (По него со гест и со мимчка: „Среќен ти пат! Многу ти среќа!“ Како да го турка напред со рацете.) СЕДУМНАЕСЕТТА ПОЈАВА АРСО АРСО: (По малку време се враќа.) Си ја заборавив, божем каде што лежев кутијата за тутун. (Ја покажува.) Зашто чорбаџи Теодос треба сам да нагази на стапицата. Па, не бива двајца, ортачки да бидеме кумови, или да се караме кој ќе биде кум, не е ред. На чорбаџи Теодос му било пишано, така сакал господ — цигански. (Гледа десно.) Така, чорбаџи Теодосе, стигна на брег, а в долинка примка, и — оп! — назад! (Ги труе рацете.) Готова работа, аирлија кумств0! Еве кумовите се враќаат. Стариот Циганин рипа од радост до бога, а чорбаци Теодос се кине. А, си паднал в мрежа, па сега скокај колку сакаш, не ќе искокнеш. Стариот Циганин не пушта од рака таков лов, таков гопем крап. (Од десно се слушаат гласови.) ОСУМНАЕСЕТТА ПОЈАВА АРСО, ТЕОДОС, ПОЦКО, АМПО И ЦОНКА ТЕОДОС: (Доаѓа прв просто бегајќи пред Циганите кои идат по него.) Јас да бидам цигански кум, тоа ли е ред! ПОЦКО: (По него.) Ти бил касмет, чорбаџи Давадосе! ТЕОДОС: Касмет? — Кијамет! Нејќам! Не кабулам! Арсене! Арсене! Каде си, Арсене! АРСО: (Излегувајќи од врбјакот со кутијата в рака.) Еве ме, одвај ја најдов кутијава. ТЕОДОС: Аман, Арсене, куртули ме! АРСО: Што, што ти се сторило, чорбаци Теодосе? ТЕОДОС: Најлошото! Да ме пресретнеа арамии поарно отколку овие фараони! Нагазив на овие замотани партали! (Покажува на бебенцето што го носи Цонка.) А овие изрипаа од дупка како сотони од пекол, па, ти си ни кум! Циганска работа! Тоа ли е ред! ПОЦКО: Брат Арсо, ни умре кумот, а не остави никој свој. ЦОНКА: А и ни умреа неколку деца што ни ги крсти тој... (Плаче усилено да побуди сочувство.) ПОЦКО: Та рековме да си најдеме друг касмет, како што е адетот наш рисјански. ЦОНКА: И еве. Господ ни го донесе баш чорбаџи Давадос. Поголем касмет за нас не може да биде! ТЕОДОС: Не, јас се враќам, а вие чекајте друг. АМПО: Не е по адетот чорбаџи: друг не може да биде прв. ТЕОДОС: Молчи бре! Ти амал, ќе ме учиш! Знаеш ли кој сум јас? Како што реков, така ќе биде! Инаку, сега ќе викнам заптии, па кога ќе ве подберат... ЦОНКА: Аман, чорбаџи, не! ПОЦКО: Ама зошто заптии... АМПО: Не сме ни излагале, не сме ни украле, ни... По адетот одиме. ПОЦКО: Ова не е некоја царска работа, туку наша, рисјанска... ЦОНКА: Не можеме, чорбаџи Давадосе, да го прекршиме адетот, срамота е и греота! ТЕОДОС: Молчи мори и ти, фараонке! Што рече! А не е срамота и греота јас да бидам цигански кум! Господе, господе! Што ме најде! Со нив да се расправам! Аман, Арсене, куртули ме! Докажи им дека тоа не може да биде! Кажи! АРСО: Не знам што да ти кажам, бога ми! Работата не е за заптии. Ти си ми вистина пријател, ама тие се во право. ТЕОДОС: Што, и ти држиш циганска страна! АРСО: Е, зар мајка ми ми ги родила, та... Туку, јас го гледам адетот. Кој прв, тој кум. Ти си прв, ти си кум. Ти било речено, така сакал господ. ТЕОДОС: Ѓаволот, ѓаволот! И ти! Адет, па адет! (На Поцко.) Слушај ти... како те викаат... ПОЦКО: Ме викаат Поцко, а кумот ме крстил Апостол. Бабава ја викаме Цонка, син ми — Аралампија. (Сосем му се приближува.) Го викаме Ампо. А старата моја — Пе... ТЕОДОС: (Го затнува носот.) Доста, доста! И потаму! (Се трга назад, тихо.) Скот! (Гласно.) Ти си — недокрстен! АРСО: (На Поцко.) Потаму, бре, не чешај се од чорбаџијата! (Со раката зад грб му дава знак да пријде поблиску до Теодос.) ТЕОДОС: Слушај, Апостоле, ние кумови не можеме да бидеме. Што не е ред, не е. Туку да се погодиме: да ви дадам пари за крштавање, па најдете си кум спроти себе, од вашата фара. АРСО: (На Поцко со мимика, да не прими.) ПОЦКО: Кумство не се дава за пари, чорбаџи Давадос. Кумството е најголема чест, жими Ристос! ТЕОДОС: Море не биде будала, Ѓуптине! За пари се се дава. А вие Циганите не знаете да ги цените парите. Не е бела пара за црн Циганин. ПОЦКО: Што да правиме, чорбаџи, сме задоцниле кога господ делеше... АМПО: Ние сме Цигани, ама адет за пари не газиме. ТЕОДОС: Види го овој амал, се фатил за адетот како слеп за стап! Ама кој будала измислил ваков глупав адет, да може секој Циганин со човек како мене да се закуми. ПОЦКО: Е па, чорбаџија Давадос, ако сме црни, не сме ѓаволи, ако сме Цигани, и ние сме луѓе! Ние, чорбаџи Давадос, како на кум ќе ти имаме чест и на раце ќе те носиме! ТЕОДОС: Сотони, сотони, поарно в ковчег на гробишта да ме однесете! АРСО: Е, сега ти отиде многу далеку, чорбаци Теодосе. Не е ред... Туку ела да ти кажам нешто пријателски, насамо. Кажи ми што е полошо: дали овој адет. или овие Ѓорговци да не зарезуваат никакви адети, туку како преѓеска наместо: ти си кум, да ти викнат: или пари, или живот! Па да ти ги земат и парите и животот. Да ти пресечат нос, јазик, уши, па глава, или да ти дојдат ноќе па да ти го оберат дуќанот, да ти ја запалат куќата. Ете како би бкло, да не се држат адети. А ти баш да покажеш како се газат адетите. Де, кажи ми сега! ТЕОДОС: Не знам што да речам. Не знам што е полошо, дали овие поганци да ми сечат јазик, нос, уши, или да им бидам кум. Не, не можам, бре Арсене, да им бидам кум, па толку! АРСО: Ќе им бидеш, сакаш-нејкеш. Не ќе сториш, безбели, како Настрадин- оџа, да сечеш гранка на која седиш. ТЕОДОС: Вистина, и тоа не чини... Па, кога треба, кога ме нашол таков таксират, кога се нема каде... Не! Не можам, па што сака нека биде! Најпосле, овде има закон и заптии... АРСО: Овој век повеќе се крепи на адети, отколку на закони и заптии... Велиш, Цигани, вакви, онакви... Ама тие, ене, гледаш, чесно и цврсто го држат адетот... А ти... како си знаеш, така прави... ТЕОДОС: Ништо веќе јас не знам. Само едно знам: ми било пишано така да биде, па... нека... (Одвај чујно изговара.) Нека биде... АРСО: Ај нека е аирлија! ПОЦКО: Аирлија, аирлија! АМПО И ЦОНКА: Аирлија, аирлија! АРСО: (Криејќи ја пред Теодос својата голема радост од постигнатиот успех, здржано.) Нека е живо кумашинчето, да порасте големо момче, па ти, Поцко, да го жениш, а кум Теодос да го венча! (Му намигнува на Поцко.) ЦОНКА: Амин, амин, чул те господ! ПОЦКО: Да ти се позлати устата! (Ликува од радост.) Еј, бре, бреј! АРСО: Амин и тебе раката! (И дава знак со прстите на Цонка да му побара на Теодос пари.) ЦОНКА: Па, сега кумот ќе го дарува кумашинчето. (На Теодос мазно.) Треба алтанче на крштеничето, адет е, проводија за крштеничето. ПОЦКО: А-а, проводија, адет е. ТЕОДОС: (Се повлекуеа настрана и прикривајќи вади од ќесето пари,. На Поцко, кој му се доближува.) Е, е, во ќесето ќе ми влезеш! На, кога е адет. (Ја фрла парата на бебето од далеку.) АРСО: (На Поцко.) Тргни се, де! Во туѓо ќесе не пикај нос! ТЕОДОС: (Го клава ќесето в џеб.) ПОЦКО: (Ја зема парата.) Ај, да си ми жив куме! (Ја трие брадата со парата.) Аирлија, сефте! Ај, златен адет, златна пара, златен кум! Еј, бре-е-е! АРСО: Е, се истопи од радост и од милост сиромашкиот! (Му дава знак со мимика да го баци Теодоса.) ПОЦКО: Ајде, куме, Давадосе, да се бациме! ТЕОДОС: Ама... Не! (Крева раце како за молитва.) Не... ПОЦКО: Адет е, куме, да се удри мур на кумството. (Си ги брише со ракав мустаќите.) Адет е. (Го бацува в уста.) ТЕОДОС: Господе, господе, што е ова, што ме најде! (Тресејќи се од гнасење долго си ја брише устата со шамивче. На Арсо.) Да одиме. АРСО: (Му дава зпак на Поцко за враќање.) Да одиме, чорбаџи Теодосе... ПОЦКО: Да одиме кај мене да се помезетиме и да се понапиеме. ТЕОДОС: Не, јас реков за на лозје. Не, јас не пијам. ПОЦКО: Малку, куме, кумството на суво не бива. АРСО: Дај го, баба Цонке, кумашинчето да го видиме. (Го зема.) Машала, машала, угоено е да не е урок, прасенце! (И го враќа и и дава знак да му го даде на Теодос.) ЦОНКА: Кумот малце да го подржи кумашинчето: среќата да го држи сиот век. (Му го натрапува бебето на Теодос на раце.) ТЕОДОС: Ама зошто, може да ме извалка... (Сиот се тресе од гнасење. Го држи детето и ја врти главата наназад.) ПОЦКО: Е, сега, повелете. Што зготвила моја Петрија една тава шкембиња, џигери, цревца, прстите да си ги излижеш! И ракија сум купил, и вино, се сме зготвиле за кумот... Ајде. ТЕОДОС: Не можам, сум кинисал по работа. (Се стресува.) Уф! Ме покваси! ЦОНКА: Леле! (Притрчува, го зема бебето.) Што му стори на кумот, цревце и црвче низаедно! Проштавај, кум Давадосе! ТЕОДОС: Сиот ме направи живавода! Ракавите ми ги наполни! Да не е и тоа адет, да не е и тоа ред? АРСО: Е, ништо де, чорбаџи Теодос, ќе биде бериќетна годината. Кумашинчето уште не знае за адет, ни за ред. Ќе има кога да научи... ПОЦКО: А да знае на какви раце беше... ТЕОДОС: Тји, тји, господе, што е ова што налепив! (Уште се брише со шамивчето.) ПОЦКО: Ајде сега, куме, да одиме кај нас! ТЕОДОС: Кај вас! Не, не одам, па сто пати адет да биде! Не одам! Реков, си имам работа на лозје! Ајде Арсене! (Отидува просто побегнува.) АРСО: Ајде, ајде! (Разлислува за миг, му шекнува нешто на Поцко, кој не знае што да прави, и отидува по Теодос.) ПОЦКО: (Согласен и задоволен.) Така, брат Арсо, за еден инает за него! И за ќеф за тебе! Ајде, Ампо! Ајде старке! Бргу! (Поаѓа назад брзајќи и потскокнувајќи.) Еј, бре-е-е! Еј, ама ќе биде џумбуш!... (ЗАВЕСА) ЧИН ТРЕТИ Во Арсовото лозје, Во позадината падина на Водно благо наклонета, начичкана со мали лозја, понекои оградени со ниски плотови. На, предниот дел колиба од пратови. Пред неа разгранет орев. Напред десно плот, до плотот плиток бунар со камена ограда. ПРВА ПОЈАВА АРСО АРСО: (Седи под оревот, пуши, гледа десно загрижен и огорчен.) Не можам да го гледам како заѕиркува во секоја прачка... Ми го лапна лозјето, ламња ненаситна: го бендиса... Како не ќе го бендиса: лозје чувано, работено. А за бунаров, збор нема: водата бистра, студена — шарпланинска! (Се шета нервозно и се погледнува лево, нестрпливо.) Како да си го куртулам лозјето?... ВТОРА ПОЈАВА АРСО И ЕФКА ЕФКА: (Доаѓа брзајќи.) Добро утро, брат Арсо. АРСО: Дал ти бог добро, Ефке, повели, седни. ЕФКА: Не сум за седење, брат Арсо. Ќе ти се молам нешто. Ти си пријател со Теодос. АРСО: Голем пријател. Се спријателиле волкот и јагнето. Блазе му на јагнето... ЕФКА: Ти си вистина кроток како јагне, туку и итар си како лисица. Знаеш илјада марифетлаци. Ќе ја изитриш и ќе ја ујдисаш некако работата. Ќе ми поможеш и мене. Знаеш, за Стојанка и за Томче. Алот не им се гледа. АРСО: Знам, комшике, ама, Теодос нејќе да знае за Стојанка. ЕФКА: Не ја познава, затоа. Еве го иде. Ќе ја пратам на вода, а ти, брат Арсо, затрвори ја, ти се молам, со него, како знаеш. Манастир ќе направиш! (Отидува.) АРСО: Манастир? Море да можам Теодос во манастир да го пратам! Цигански кум, уште — самарџиски сват, и сосем од умот да се мрдне! Да ми остане лозјето!... А, на баба и се сонило што и е мило... ТРЕТА ПОЈАВА АРСО И ТЕОДОС ТЕОДОС: (Доаѓа пресметано, намерно навреден, и незадоволен.) Ама ти, Арсене, со мене ли имаш работа, или со жени муабети ќе си правиш? АРСО: Јас... ова... со жени... Комшика, лозје до лозје, плот не дели, што се вели, а плотот не е планина... И токму — за плотот нешто разговаравме: изгнил сиот па... ТЕОДОС: И плотот и... (Ги разгледува прачките на сцената.) Атер да не ти остане, Арсене, ами лозјето ич не ти чини. Батал! АРСО: Е, вистина, батал е... ТЕОДОС: Зрното, ситно, тврдо, змијско грозје, па кисело. АРСО: Вистина, кисело е. ТЕОДОС: Забите трнат. Отрувачка, јагурида! АРСО: Вистина, јагурида! ТЕОДОС: Пари со грсти треба да закопаш во него, па да биде нешто. АРСО: Така е, чорбаџи Теодосе, што ќе закопаш, тоа ќе ископаш. Се за тие пусти пари е маката. Без пари ништо. И манџата се соли со пари. А лозјето нејќе молитва, туку сака мотика. ТЕОДОС: Тји, да не видов, не верував дека толку ти било батал лозјето. АРСО: (Израдуван.) Демек, го нејќеш, чорбаци Теодосе! Ти велам јас дека не е тоа лозје за тебе... ТЕОДОС: А, не, ќе го земам. АРСО: Ама зошто да го земеш, чорбаци Теодосе, не ти се бендисува, кога за ништо не чини! Зошто ти е такво батал, јагурида... ТЕОДОС: Е, сега пак ти, Арсене, како Итар Петар со кравата што си ја кудел, кога ја продавал, како не дава млеко. АРСО: Ти сам велиш... ТЕОДОС: Така, туку сторив киет, реков еднаш и — ќе го земам. АРСО: За мене е арно, какво да е, зашто мое ми е, не ми се дава... ТЕОДОС: Тје, ти си го дал уште кога си го заборчил, кога имаш за давање, а пари немаш да вратиш. АРСО: Ќе спечалам, ќе ја соберам вересијата и ќе ти ги вратам парите, а лозјето остави ми го, ти се молам, чорбаџи Теодосе, ми е спомен од татко и од дедо. Ми плачат децата. Лозјето е за нив радост: грозје, грозјебрање, благо вино... ТЕОДОС: Е, е, Арсене, за машки работи машки зборувај, не детински. Уште малку ќе се расплачеш. АРСО: Па, кога ќе те заболи нешто... И ти преѓе ќе се расплачеше за кумството. ТЕОДОС: А тоа е друго. Сосем друго. Тоа е страшно. Тоа не е за плачење туку за во Вардар давење. Еве, за лозјето зборуваме, а се за тоа мислам. Умот се тамо ми оди, како јазик на болен заб. Туку, помина како облак, како лош сон... АРСО: Помина? ТЕОДОС: Па, видоа дека јас нејќам, толку се умни да кренат раце... АРСО: А, кој знае,тврдоглави се тие. Уште кога е за адет. Циганите најмногу ги држат адетите, и нивните, и нашите. ЧЕТВРТА ПОЈАВА АРСО, ТЕОДОС, И СТОЈАНКА СТОЈАНКА: (Доаѓа со стомна на бунар. Поздравува срамежливо, но убаво.) Добро утро. АРСО: Добро ти бог дал, Стојанке. ТЕОДОС: Хм, хм... (Ја свртува главата на другата страна.) АРСО: (Кон Теодос.) Не е утро, туку зора! Не е девојка, туку китка цвеќе пролетно! Светна лозјево од неа како од сонце! Ех, младина — убавина! А види колку е чиста: трипати ја исплакна стомната. ТЕОДОС: Тје, малку е трипати. АРСО: Стојанке, ќе ни дадеш по една водичка, да се напиеме? СТОЈАНКА: Како не, чичо Арсо! Туку ќе ве молам да ме почекате малку, дури да донесам чаша. (Отрчува.) ПЕТТА ПОЈАВА АРСО И ТЕОДОС АРСО: Е, ајде, жити младост! Виде ли, чорбаџи Теодосе? Видра девојка! Брза, итра, досетлива! Чаша. Друга би ти ја тупосала стомната, на! од неа да се напиеш! ТЕОДОС: Од стомна да се напијам! Од главата ќе и ја скршам! АРСО: Ама ја виде оваа? Знае ред и чест. Брза е како срна. Ти ја мислиш натаму, таа е наваму. По одот се познава девојка. Не како некои, што ги има, влечивлечки, тие се мрзливи, тронтави, а оваа на земја не гази! ШЕСТА ПОЈАВА АРСО, ТЕОДОС И СТОЈАНКА СТОЈАНКА: Еве, уште малце, да ја исплакнам чашава... АРСО: Бре! Спастрена, девојка! (На Теодос.) Гледај плакнење и триење! Рацете и летаат како крила од гулаби! (На Стојанка.) Како теткиното грозје, Стојанке? СТОЈАНКА: Многу арно, чичо Арсо. За мила убавина! Зрното слатко како мед. АРСО: (Тивко.) Како гласот твој... СТОЈАНКА: А белото — зрното како ќилибар. АРСО: Како ноктите твои. (Посилно.) Е, никога не сум бил волку жеден! СТОЈАНКА: (Му ја подава чашата.) Повели, чичо Арсо! АРСО: Да си ми жива и здрава, Стојанке! Господ да ти даде момче какво што си сакаш! На свадба да ти играм! Со решето вода да ти носам[ (Пие и и ја дива чашата.) СТОЈАНКА: На здравје! (Ја исплакнува чашата неколку пати и пик налева.) АРСО: (На Теодос.) Ја познаваш оваа девојка? ТЕОДОС: (Одговарајќи преку волја.) Ја знам, сум ја видел. СТОЈАНКА: (Му подава вода на Теодос.) Повели, чорбаџи... ТЕОДОС: (Студено.) Благодарам, не ми се пие. АРСО: (Бргу да поправи.) Не е жеден чорбаџи Теодос... Дај, Стојанке, јас ќе ја испијам и таа... СТОЈАНКА: (Поцрвенета од срам.) Повели! (Ги голта солзите.) АРСО: (Ја испива со мака криејќи го тоа од Стојанка. И ја враќа чашата.) Е, ми се разлади душата! СТОЈАНКА: (Липајќи.) Збогум... (Отидува.) СЕДМА ПОЈАВА АРСО И ТЕОДОС АРСО: Со здравје и со добро, Стојанке! Е, бре чорбаџи Теодос, ја расплака сиромашката! Требаше за атер да испиеш една чаша вода! ТЕОДОС: Ами, не турам јас за атер во мојата уста од секаква рака! АРСО: Ама чиста е девојката. Виде сам. ТЕОДОС: А, смугра. Црна како циганка. АРСО: Е, чорбаци Теодосе, ако те викаат џимрија, има зошто: и на сонцето сенка ќе му најдеш. Вистина, малку е црна, ама знаеш како се вели: црнотогрозје е послатко. Не сакам во туѓо тенџере сол да турам, ама ќе ти речам, еден збор, чорбаџи Теодосе: оваа девојка е токму за твој Томче. ТЕОДОС: Држи си го зборот за добро утро, Арсене! Самарот е за магаре, а за ат треба седло шиклосано. АРСО: Вистина, татко и е самарџија, ама што се вели зборот, не гледај го коренчето, гледај го цвеќенцето. ТЕОДОС: Остави тоа што не бива. Да ја свршиме работата со лозјето. АРСО: (Не знае што да прави, станува, гледа кон градот.) Па... ќе ја свршиме, чорбаци Теодосе. Тука сакав да ти го раскажам сонот... Токму за лозјето... Гледам, се завил над него еден облак... Голем, голем, темен, градобитен... А јас, а да се престорам во змев, да летнам, да го растурам... ТЕОДОС: (Го прекинува.) Е, Арсене, сега соништа ќе раскажуваш! Остави! Еве вака: знаеш колку имаш да ми даваш. Еве го сенетот. (Вади од џеб хартија.) Да видиме колку ти чини лозјето, па да направиме нов сенет уште колку ќе ми останеш борчлија и да ја свршиме работата... АРСО: Уште борч... (Пак станува, гледа.) Ќе ја свршиме, не е лозјето зајак да избега... (Се слушаат свирки од далеку.) А, ете ги Ѓорѓовци. Еве ги кумашинците, чорбаци Теодосе! ТЕОДОС: Кумашинците! Кој ѓавол бараат? АРСО: Па тебе: идат со свирки, да те веселат, галиба. Леле, колку се! Сурија! Цела Топана! ТЕОДОС: (Гледа.) Леле, леле! Циганија! Цел буљук! Како да се куртулам од нив! (Се крсти. и гледа нагоре.) Господе, господе, господе, ти се молам, господе, избави ме од лукавите! Аман, Арсене, пријателе, поможи ми! Кажи ми што да правам! АРСО: (Божем се мачи да најде спас.) Што да ти кажам, чорбаџи Теодосе... А, ми текна! Скриј се во колибава. ТЕОДОС: Во колибата! Криенка-миженка ли ќе играме овде? Чиста ли е колибата? АРСО: Па, чиста. Има малку слама, за лежење. Ајде воври се, дури не те виделе! Бргу! ТЕОДОС: Море, најпосле, и в пекол да влезам, само од тие фараони да се куртулам! А, ти, Арсене, испрати ги како знаеш! (Крстејќи се.) Оф, господе, господе! (Како да прави „метапии“ — длабоки поклони при молитва, по колена влегува во колибата, која е ниска.) АРСО: (Се смее силно без глас, се превиткува од смев покрај колибата.) ТЕОДОС: (Од колибата.) Пју, ама било чисто! Ама било слама! Плева! Не можам да дишам од прав! (Кашла.) А, Арсене, Арсене! Што ми направи! Ова ли е чистота? Не е ред! АРСО: (Одвај се запира од смеење.) Јас сакам добрина да ти направам, Теодосе! ТЕОДОС: Бррр! Болви, како биволици! Скокаат на мене, жив ќе ме изедат! Господе, господе, господе, што ме најде! АРСО: Молчи, Теодосе, и трпи малку, еве ги стасаа! Ќе те чујат... (Доаѓаат: Поцко, Петрија, Цонка, Ампо, Ѓорго, Ристе и други.) ОСМА ПОЈАВА АРСО И ЦИГАНИТЕ ПОЦКО: Каде е кум Давадос, брат Арсо? АРСО: Си отиде. ПОЦКО: Иј, јазик! ЃОРГО: Иј, работа сме си оставиле... РИСТЕ: Само кумот да го развеселиме... ПЕТРИЈА: Да го гостиме. Донесовме џигери, шкембиња, црева... АМПО: (На главата држи тава, под мишки праз и погача...) И погача... ЃОРГО: (Со шише вино.) И вино. ПОЦКО: (Го крева шишето.) И ракија... Се што имавме, донесовме, само кумот да го гостиме и развеселиме. ПЕТРИЈА: Се сторивме од големото добро утро! Чорбаџи Давадос — наш кум! Чорбаџика Праскарева — кума! Има цело Скопје да види и да се чуди... ПОЦКО: Ере, бреј, Петријо! ПЕТРИЈА: Ќе одиме в црква да крстиме дете. Стои чорбаџика Праскарева, стојам и јас до неа. Јас: кума Праскарево, а таа мене кумице Петријо, кумице Петријо! А после, туку ќе ми текне, ај кај кума Праскарева! А таму, бре, ракија, бре туршија, бре татлија, бре нешто ветво, бре нешто ново, се што ти душа сака! ПОЦКО: Така, Петријо, од кума два ујма! ПЕТРИЈА: Леле, мајко моја, ќелепир! Рај божји, рај! АМПО: Е, татко, и ти мајко, рибата во водата, а тиганот на оган. Каде ви е кумот? ПОЦКО: Трај бре, абдал! Каде да е, наш е! Ако не го најдеме денеска, ќе го најдеме утре. Иј, бре брат Арсо, да го направевме џумбушот како што... АРСО: (Бргу го прекинуѕа.) Како што сакавте... Не излегува се како што сакаме... ПОЦКО: Што го пушти да си оди... АРСО: Ами што ќе му правев... Со сила... ПОЦКО: Море, да го врзеше за ова дрво како... АРСО: (Пак го прекинува.) Е, е, е! Човек само со збор се врзува... ПОЦКО: Е, ама кој е човек... (На своите покажувајќи на Арсо.) Еве — човек! Ајде да седнеме да си го гостиме и честиме брат Арсо! СИТЕ: Така, така! АРСО: Не! Ви благодарам, ама треба да одам по една работа... ПОЦКО: Е па, тогаш и ние да си одиме дома. СИТЕ: Ајде, ајде! (Тргнуваат.) АРСО: (Го запира Поцко и му шепнува нешто на уво покажувајќи му на колибата.) ПОЦКО: (Смеејќи се безгласно,, се плеснува со дланката по вратот и потскокнува.) Чекајте, друго ми текна! Одовде ќе одиме право кај кумот дома! Ајде! СИТЕ: Ајде! Ајде! Кај кумот! ТЕОДОС: (Од колибата.) Не-е-е-е! АРСО: Иј, бре Теодосе, молчи! СИТЕ: А! Овде бил кум Давадос! (Се враќаат сите.) ДЕВЕТТА ПОЈАВА АРСО, ЦИГАНИТЕ И ТЕОДОС ТЕОДОС: (Излегува сиот извалкан со слама.) Дома да одите! Куќата да ми ја испоганите! Не! ПЕТРИЈА: Немој така, куме, ти целивам десница, не лути се, куме! Нека ни е аирлија кумството! Да се бакнеме, куме! (Го бацува бргу.) ТЕОДОС: (Се брише со гнасење.) Ме изеде, ламја! Леле, леле, јас сиромав! Циганка да ме целива! Господе, господе, господе! Што ме најде! ПЕТРИЈА: Адет е, куме, не лути се, жити господ! СИТЕ: Адет, куме, адет! ТЕОДОС: Леле, леле, каде си, Параскево, да видиш! Готви три оки сапун, Параскево! — За дома да не помислите, чувте? ПОЦКО: Чувме, куме! Ние сакавме да ти дојдеме само за еден адет и за еден чест, жими Ристос! ТЕОДОС: Вие знаете за чест, укубети ниедни! Море, вие сте за бесење! (Се чисти од сламата.) ПЕТРИЈА: Да ти поможеме, куме, имаш на грбот слама. (На синовите.) Ајде, бре, чистете го кумот! ЃОРГО И РИСТЕ: (Го чистат.) Еве, — еве! ТЕОДОС: Оставете! Оставете! Вие ќе ме чистите, и чист ќе бидам! ПОЦКО: Ајде бре, прљаци, целивајте рака на кумот, зашто тој ќе ве венча! Овој е Ѓорго, кумот го крсти Ѓоргија. А овој е Ристе. ЦОНКА: (Се крсти.) Бог да го прости, кумот! РИСТО: (Му целива рака на Теодос.) Да ни си жив куме! ТЕОДОС: Се чешити, чешити... АРСО: Сите стасале за венчање... ПОЦКО: А овој Никола, го викаме Коле. ТЕОДОС: Леле, види го овој каков нос има... КОЛЕ: (Му приоѓа и му цедива рака.) Да си ни жив куме! ТЕОДОС: (Си ја брише раката.) Господе, господе, господе! Ѓупци да си ги бришат носовите од раката моја! Поарно да ја немам, да ја пресечам, кога е испоганета вака! Ама како да се куртулам од овие фараони? АРСО: Сега, тоа ти е, кога не сакаше да се стрпиш и да помолчиш. ТЕОДОС: А, па да ми отидат дома! Што да правам сега Арсене? АРСО: Па, сега нема што друго, ќе поседиш малку со нив, после тие сами ќе си одат. ТЕОДОС: Да седам со Ѓупци! АРСО: Се нема каде! Тешко е, туку да те чува господ од полошо: дома да ти дојдат, што рече... ТЕОДОС: Море, крена рака господ денес од мене, и ме остави на ѓаволите... АРСО: Да гледаме, чорбаџи Теодосе, со арно со нив, па побргу да ги испратиме. Зашто тие се голи и боси, туку и зли се како оси, ако ги разлутиш... Ајде да кондисаме на овој теферич. Ајде сите да седнеме! ТЕОДОС: Па... Да седнеме... Ама... (На Поцко.) За дома збор повеќе да нема! ПОЦКО: Арно, куме! (За себе.) Ќе видиме за тоа... ТЕОДОС: На земја ли да седам? ПЕТРИЈА: (Постелува бовча.) Еве, повели, куме седни! ПОЦКО: (Налева ракија во чаша со скршено столче и му ја подава.) Повели, куме! ТЕОДОС: А, јас не пијам. АРСО: Малку де, отрувачка не е, пиењето е за луѓе. Си видел ли некое говедо, коњ, магаре или друг ајван да пие? Само човек пие. ПОЦКО: Рековме, куме, кумство на суво не бива, жими Ристос! ТЕОДОС: Не, не можам. ЦОНКА: Не бива ништо кумот да врати, оти ќе му се одбие касметот на кумашинчето, греота е, чорбаџи Теодосе. ПЕТРИЈА: Греота е, куме, греота е, жими Ристос! ПОЦКО: Ајде, куме, пиј и благослови! ТЕОДОС: Е, па кога е така, нека е со касмет! (Пие.) ПОЦКО: Тргни повеќе, куме, тргни, испразни ја! ТЕОДОС: Не можам, попосле. (Се тресе од гнасење.) АРСО: (Како да го сожалува.) Е, ама ќе ја држиш чашката дури не се испразни, зашто таа сирота, си нема столче, и се окршило. ТЕОДОС: (Ја испива и се стресуаа.) Брррр! ПОЦКО: На здравје, куме, на здравје! (Му ја полни чашата пак со ракија.) АРСО: А ти, па кума Петрија, па кумашинциве. ПОЦКО: Ние можеме и од шише. АРСО: Така, можеме СИТЕ: дај го шишето да не се играме вака: пиј, Апостоле! (На Теодос.) Побргу нека се свршат редовите. ПОЦКО: Е, ај, како пиле, така здрави и живи биле, а најмногу да си здрав и жив ти, куме Давадосе! (Пие, и дава на Петрија.) ПЕТРИЈА: Да си ми жив, куме, да ни крштаваш, да ни венчаваш! Да ти е жива кума Праскарева и кум Томче! Господ снаа да ти даде! (Пие, на Арсо.) Повели! АРСО: (Го зема шишето.) Како благословивте, така бог да даде! Од ваши усти, во моја уста! (Му го дава шишето на Поцко, упатувајќи го со скриена мимика на Теодос.) ПОЦКО: (Отпива, му дава на Теодос.) Повели, куме... ТЕОДОС: (Згрозен.) Ама од шише, од едно шише... АРСО: (Како за утеха.) Па, најпосле, едно сонце не грее. Сите пиеме со уста, безбели. ПОЦКО: Ајде, куме, тргни, тргни! ТЕОДОС: (Бришејќи го грлото од шишето скришно со шамивчето, прави лице како да треба да испие најодвратен лек. Отпива малце.) ПОЦКО: На здравје, куме! ПЕТРИЈА: (Зела од тавата и му дава парче цревце.) На, куме! ТЕОДОС: Не, не треба толку мастрав... ПЕТРИЈА: Ај море, куме што збориш! Ако не можеме да ти испржиме една гуска, та за цигери, црева и шкембиња ли било мастрав? Проштавај, куме! Што дал господ! (Вади од пазува раскречена виљушка, набодува една дробенка и му дава ка кумот.) На, куме, мезе! Декшавај! ТЕОДОС: Немам иштав, не ми се јаде... ПОЦКО: Касни малце, па ќе се разјадеш. ЦОНКА: Касни, куме, за здет. ПОЦКО: И за атер... АРСО: Јас на човека главата му ја кршам, атерот не му го кршам. ТЕОДОС: (Замижува и каснува.) Тјии, со прсти јадат. Со црно под нокти... АРСО: Ние вака со таткови вилушки. (Покажува на прстите.) Иј, што е манџа, сите да ги истепаш, сам да јадеш! ПЕТРИЈА: (Кон Теодос.) Касни куме, земи си! ПОЦКО: Боцни, куме, боцни си! ТЕОДОС: (Да не ги гледа како јадат со прсти, замижува и одеднаш зема две парчиња.) Ќе земам... АРСО: Види го кум Теодос како му се усладило! Почна и по две дробенки да зема! ПЕТРИЈА: Ако, ако, и по три! ТЕОДОС: Ми се усладило, душава ми знае... АРСО: Јади, чорбаџи Теодосе! Јал, не јал — три и пол! ПОЦКО: Така те сакам, куме! Да јадеме и да пиеме! Рани душа да те слуша! ЦОНКА: (Скришно го штипнува бебето, и тоа заплачува, На Петрија.) На, мори куч... (Погледува во Теодос се прекинува.) Ова... кутре... И тоа сака да руча со кумот. ПЕТРИЈА: (Го зема бебето, се посвртува назад и го дои.) Сонце на мајка! ЦОНКА: (Ослободена, лапа лакомо и бргу да навакса.) Гла-а-дно... АРСО: Така, бабо Цонке, дури детето не заплаче, — бабата гладна. ПОЦКО: (Се смее.) Е, бре брат Арсо, ти на се капак! (Сипува вино.) Ајде сега вино црвено, да биде уште повесело! Повели, куме! ТЕОДОС: И вино... (Пивнува малку и го истура скришно остатокот на раката што му ја бацуваат Циганите, па ја брише скришно.) ПОЦКО: На здравје! (На Арсо.) Повели, брат Арсо, вино. АРСО: (Пивнува.) А, без гајле пиј, чорбаџи Теодосе, крстено — водичка. Право да ти кажам, кум Поцко, виното ти е слабо. (Му намигнува.) ПОЦКО: И јас да ти кажам, брат Арсо, појакото е поскапо. Толку стасала рака. Знаеш, фукаралак, маскаралак. Толку бог дал, жими вера ти велам! АРСО: Е, така е. Туку кај кумот ќе имаме и појако вино, и се поубаво: и пилиња, и јагниња, и прасиња. Од тоа повеќе не бараме, а кум Поцко? (Му намигнува на Поцко.) Ние сме ситни луѓе, па ситнеж сакаме да јадеме. А чорбаџиите, големите, нека јадат големи работи, крмаци, волови, биволи. ПОЦКО: Е, не бива така! АРСО: Тоа така се вели зборот само, инаку чорбаџиите ги јадат пилињата и прасињата, а сиромасите — опинците. ПЕТРИЈА: (Со цигара во устата, витка друга.) Сите тргаат тугун само кумот нема цигара. (Ја клава во устата, ја запалува со својата и му ја подава на Теодос.) Еве, ти куме, завиткана и запалена! ТЕОДОС: Не можам, кашлам... АРСО: Ајде де, и да кашлаш, се рече сто пати: не е ред да се враќа. ТЕОДОС: И отрувачка да ми дадат, да земам! (Ја зема цигарата, скришум го кине врвот и повлекува, се накашлува.) Тхи, тхи, тутун. Ѓубре, труе! ПЕТРИЈА: Малку е серт, куме. АРСО: И тутунот е како човекот: некој помек, некој полут... ТЕОДОС: А, нозеве ми се здрвија како да не се мои. (Сака да стане, а несигурно стои.) Не држат... Се тресат. (Седнува но накриво така, што паднува на земја.) ПЕТРИЈА: Леле, се ничкоса! Леле мајко, ни се отепа кумот! ПОЦКО: Иј, куме! Таксират! АРСО: Иј, мајчица земја, што рече селанецот, кога ќе паднеш, таа ќе те дочека! ТЕОДОС: (Очајно.) Вистина ли, Арсене, кога ќе се опие човек, ќе заборави се. АРСО: Вистина. ТЕОДОС: И му се чини дека не е тој, ами некој друг? АРСО: Токму така. ТЕОДОС: Тогаш ќе пијам да се опијам! Дајте го тоа шише! (Пие.) АРСО: Теслим, теслим се стори кум Доцко, се предаде! ПОЦКО: Така де, така те сакам, кум Доцко! АРСО: Е, Поцко, сега дури имаш кум! Ајде сега да удриме на пиење и на свирење! ПОЦКО: Ајде, која сакаш, кум Доцко? ТЕОДОС: Која било, како што е адетот... ПЕТРИЈА: Е, кум Доцко, јас ќе ти речам една. (Пее.) Милувам, куме у вас да дојдам, у вас да дојдам, куме, на стол да седнам, рам-там-тарараам, рам-там-тарарам! На стол да седнам, вино да пијам, вино да пијам, куме, вино ракија, рам-там-тарараам, рам-там-тарарам! Тебе да бакнам, куме, в бело лице! рамтам-тарараам, рам-там-тарарам! АРСО: Па, па, па, јампала Гостивар! А така кума Петрио! ТЕОДОС: Оф, главата! Ќе ми пукне главата... Дамла ќе ме удри! Оф, отидов од рака, Арсене! АРСО: Ништо, те удрило виното в глава. ПЕТРИЈА: А, да му врзам една мокра крпа на кумот на главата (Ја кваси крпата од кофата од бунарот.) ПОЦКО: Бог да го убије виното, што ми го опи нункото! ПЕТРИЈА: (Му ја врзува крпата околу глава.) Така. Сега ќе ти помине, куме. ТЕОДОС: (Сиот се стресува.) Бррр... Оф, оф, оф... (Очите широко му се отвараат. Согледува зад плотовите луѓе од околните лозја, кои сеират, уживајќи, во реткиот призор, некои отворено а некои скриено, меѓу овие Ефка и Стојанка.) Што се собрале овие... како на мечка?... Ќе умрам од срам... АРСО: Нека си свират, чорбаџи Теодосе. Нема што да криеме: ни пари броиме, ни жена тепаме, веселба правиме, како што е адетот и редот. ТЕОДОС: Јас на овој ред! Јас ова да го дочекам, во мојот живот... (Со длабока воздивка.) Е, што бил животот. Лажовен, лизгав: одиш, одиш, исправен, силен, чист и — одеднаш паднат во кал, извалкан, смачкан... Живот!... АРСО: Во жкивотот, Теодосе, има многу пострашни работи. А најстрашни се: лошо срце, лакомо око и граблива рака. ТЕОДОС: (Одејќи по својата мисла.) Живот... АРСО: Море, Теодосе, пушти го малку срцето! Животот ти е донегде како огледало: насмеј се, ќе ти се насмее, намурти се, ќе ти се намурти. Поарно да се смееме и да се веселиме!... ТЕОДОС: Јас ли сум за веселба! Јас сум за жалење и плачење! (Се удира очајнички со тупаници по главата.) АРСО: (Трогнат од неговите солзи за малку и сам да просолзи.) Песна! Песната е и за веселба и радост и за жал и болка! Со песната и се пее, и се плаче! (Почнува да пее, сите го придружуваат.) Болен лежи, млад Стојан, болен лежи, ќе умре, над глава му младата невеста с’машко дете на раце, солзи рони, солзите и капат на Стојаново лице... ТЕОДОС: (Ги брише солзите и воздивнува тешко.) Оф, јас сиромав! ЃОРГО: Коџабашијата Панко со заптии! (Сите уплашени.) ПОЦКО: (Преплашен како и другите) Леле, коџабаши Панко! Заптии! Што правиме сега? Што има пизма на нас Циганите! АРСО: Не плаши се, бре кумашин Поцко, кога ти е чорбаџи Теодос кум! Знаеш како со вели: кога ти е вујко владика... ПОЦКО: И владиката е сила, ама и коџабашијата... ДЕСЕТТА ПОЈАВА ДОСЕГАШНИТЕ И ПАНКО ПАНКО: (Нешто поитар од Теодос, со очила и со дебел бастун, доаѓа крстејќи се со широки движења.) Господе Исусе Христе! Чув, не верував, гледам пак не верувам! АРСО: Тогаш, коџабаши, земи уште едни очила, или пријди поблиску да видиш поарно. ПАНКО: За тебе не се чудам. Ти би се ујдисал со секого, со Цигани и со ѓаволи. Ама чорбаџи Теодос, тој со Ѓупци! ТЕОДОС: Не ти се гледа арно, пријателе мој! Не сум јас чорбаџи Теодос. Јас сум Доцко, кум Доцко, кум Давадос, цигански кум... ПАНКО: Аферим, чорбаџи Теодосе! Аферим, ти велам! ТЕОДОС: Речи што сакаш! ПАНКО: Само толку ти велам! Аферим! Кога ти, прочуен чорбаџија вака со Ѓупци, тогаш сите ние домаќини, чорбаџии и еснаф луѓе треба да скокнеме во Вардар и да се удавиме. АРСО: Ене ви го Вардар, скокајте, давете се, а Теодос и јас не се давиме... Ние ќе си живееме и ќе си тераме ќеф со Циганите. (Го бацува Поцко.) Оф, душо! ПАНКО: (Пламнува и вика на Циганите.) Море нив ќе ги натерам во Вардар, поганци! Како можевте бре фараони, ова да го сторите. ПОЦКО: Аман, коџабаши, не лути се на нас, ништо не сме криви, жими вера! ПАНКО: Вие бре фукари и гурбети, да се мешате со чорбаџија. АРСО: Па и тие се луѓе, коџабаши! И рисјани. ПАНКО: Тие рисјани? Тие немат вера, а имаат само фара. Море, тој што ги пушти во рисјанска вера, немал ни драм ум во главата. АРСО: Имал тој тежок ум и широко срце. Зашто и сам Ристос учеше дека сите луѓе се браќа. ПАНКО: Мајката божја ги проколна Циганите да се скитаат по светот и да просат... АРСО: Тоа е приказна за дечиња, коџабаши, прикажувај ја ти на внучињата твои, а нам ако сакаш една песна да ни испееш, ама весела, бујрум! ПАНКО: Со тебе сотоњак човек не може човечки да зборува. Туку со нив ќе се расправам. Каде ви беше умот бре, анатемњаци, кога го сторивте ова! Не ја знаете ли пословицата: „Пушти си ја ногата колку што ти е чергата“, чергари парталави! А вие сте се истегнале па дури до чорбаџи Теодос. Море, ќе ве испружам на земја па секому пет по дваесет и пет! (Го дига бастумот.) ПЕТРИЈА: Леле, мајко! (Се стуткува зад бунарот.) ПОЦКО: Аман, коџабаши, немој! АРСО: Е, коџабаши, не можеш на атот — па удри на самарот. ПАНКО: Што! Не можам! И нему се в очи ќе му речам! И ти си кабает, чорбаџи Теодосе! ТЕОДОС: (Бесно.) Бре, уште јас кабает! Адет е овде! Јас ли сум го измислил тој адет? А ти, коџабаши, ако си некоја.сила и власт, удри по адетот, стори го јасак! ПАНКО: Ама не може тоа така... Адетите треба да ги чуваме и слагаме... Само понекогаш и адетот може да се... Сакам да кажам.., Ама зошто, бре брате, ти не дојде до мене, туку буп! кандиса! Ти не кабули ни син ми да го венчаш, а се стори кум на Ѓупците! АРСО: И тоа те боли, коџабаши! ТЕОДОС: Така сакав, така сторив! ПАНКО: Се стори резил и маскара и уште одозгора се опи. ТЕОДОС: Уште ќе пијам! (Пие.) Еве, гледаш, јас го слагам адетот! Адет е да се пие. Сакаш ли да пиеш, коџабаши? ПАНКО: Да ме чува господ и да ме брани! ТЕОДОС: Тогаш, патот под нозе! Немој повеќе да ми стоиш над главата како свети Аранѓел со сабјата! Ајде, остави не! ПАНКО: Ама... ТЕОДОС: Ајде, кога ти велам, дим да те нема, зашто... (Го крева шишето и замавнува.) ПАНКО: Она. што се рекло, и улавиот бега од пијаниот. (Отидува.) ЕДИНАЕСЕТТА ПОЈАВА ДОСЕГАШНИТЕ БЕЗ ПАНКО АРСО: Виде ли како те клоцна атот, коџабаши? ПОЦКО: Бре, куме, ама го измаскари, да ти се позлати устата! Алал да ти е, куме! ПЕТРИЈА: Еве што ти е чорбаџија човек! ПОЦКО: Еве што ти е кум, Петријо! Бреј, бреј! АРСО: Да си ја допееме песната! (Пее, сите го придружуваат.) Стојан се подразбуди, на невеста говори: „Стојанице, ти млада невесто, што ми лади лицето, дали ситна роса поросува или силни дождови?... (Додека песната продолжува, го прегрнува Поцко.) Аферим, бре, кум Поцко! Бре, дарба имаат Циганите за пеење и веселба! Бре, Циганин и студен камен ќе стопли и ќе го развесели! Дури чорбаџи Теодос се пушти малку! Пушти се сосем, човек си, бре, разведри се! Си видел говедо, коњ, магаре или некој друг ајван да се насмее? Таа дарба ја има само човекот. Само човекот може да се смее и весели. Ако сакаш арен живот, биди арен. Туѓа мака не јади, себе и друг не мачи. Тоа ти е: широко срце. И весело. Ајде да се веселиме! Ајде да удриме на играње! ПЕТРИЈА: (Го вика Теодос.) Ајде, куме. ТЕОДОС: Не знам да играм... АРСО: Како ќе ги свират свирките, така ќе ги мрдаш нозете. (Го фаќа за другата рака и му шепнува.) Ајде, орото е — крајот... ТЕОДОС: Се фатила баба на оро, ќе игра. (Несигурно игра и подоцна Петрија му дава да го води, орото.) СИТЕ: (Играат, пеејќи.) Јовано, Јованке, крај Вардара седиш, бело платно белиш, се нагоре гледаш, јагне, мое Јовано. Јовано, Јованке, јас те тебе чекам, ти ми не доаѓаш, ти ми не доаѓаш, јагне мое Јовано. ПЕТРИЈА: Еј, де куме, деее! АРСО: Ама џумбуш, ама тарапана! Ваква веселба во Скопје ниту имало, ниту ќе има! (Му шепнува нешто на Поцко.) ПОЦКО: Е, сега, кум Давадос, се вака со играње и пеење дома, сакаш кај мене, сакаш кај тебе! ТЕОДОС: (Се стреснува.) Не! (Седнува.) Одете си вие дома... А јас овде си имам работа... со Арсен... за лозјето... АРСО: (Го обзема разочарување и тага.) Лозјето... Уште не го заборави!... Стори го волкот аџија, тој пак наместо вангелија, ќе рече јагнелија... „Ој лозје, лозје... (Одеднаш преминува во отворена зајадливост спрема Теодос.) Песна за чорбаџи Теодос! Нова, на стар глас. (Прв пее тој еден стих, па сите повторуваат, стоејќи над Теодос кој сам седи погоден од песната, се удира со тупаници по глава и ја удира главата во дрвото, во врвна очаеност.) Каде се чуло, море видело Доцко, за лозје да ми задоцни, еј, Доцко за лозје да ми задоцни! Бре, бре-бре, бре, бре-бре, Доцко за лозје да ми задоцни! Каде се чуло видело Теодос кум да биде цигански, еј, Теодос кум да биде цигански! Бре, бре-бре, бре, бре-бре, Теодос кум да биде цигански! Каде се чуло видело Теодос мртов пијан да биде! Теодос мртов пијан да биде! Бре, бре-бре, бре, бре-бре, Теодос мртов пијан да биде! ПОЦКО: Ама бре, брат Арсо, што бесна песна измисли! ТЕОДОС: А ти мене во песна ме кладе... АРСО: Само тоа можам, чорбаци Земадос! ГЛАСОВИ: (Низ смеење.) чорбаџи — Земадос... АРСО: Така, не Давадос, туку Земадос... ТЕОДОС: Јас сиромав, што дочекав! (Се удира со тупаници по глава.) АРСО: Така! Удирај се сам! Те стигнаа клетвите сиромашки! (На свирачите.) Свирете ја сега со мекам, полека... за играње! (Игра старо оро, Поцко го следи во чекор, се пред Теодос, околу него.) ДВАНАЕСЕТТА ПОЈАВА ДОСЕГАШНИТЕ, НАЦА И КЕВА НАЦА: (Доаѓа, застанува зад плотот и зинува, за малку да ја испушти тепсијата, со звлникот.) А, леле мајко, што е ова чудо! КЕВА:(По неа.) Леле, леле тој така!... (Сака да побегне назад.) АРСО: (Прв ја забележува.) А, кума Параскево, повели на веселба! Ваму зелникот, Нацо! ПЕТРИЈА: Златна кума Праскарево! (Ја прегрнува и ја бацува.) КЕВА: (Погледнувајќи го Теодос, прв пат во животот без стравопочит, дури со остар упрек и презир.) Ама... ПЕТРИЈА: (Сака да и објасии.) Кум Давадос... ТЕОДОС: (Присуствато на домашните го стреснува, го истрезнува скоро сосем, се напрега да стане, да се исправи, да се истопори, и да загосподари.) Не! Доста беше, што — беше! И — како ништо да не беше! Не сум јас кум Давадос, туку чорбаџи Теодос! Разбравте? ЦИГАНИТЕ: А! Пишман! Пишман се стори! ПОЦКО: Ама не бива така, чорбаци Давадосе, да се пишманиш! Срамота е! АРСО: (Го поткрепува.) Не бива! ТЕОДОС: Море, сто пати ќе се пишманам за ова, и ич не ми е срам! АРСО: Ама ти го заборави, чорбаџи Теодосе, она со Настрадин-оџа... ТЕОДОС: Што сака нека биде. Цигански кум не можам да бидам. ПОЦКО: Ама, чорбаџи Давадосе... ТЕОДОС: Што сакате правете ми! Пречекајте ме пак како денеска, пресечете ми нос, јазик, уши, глава... оберете ми ги парите, запалете ми го дуќанот, куќата... ПОЦКО: У-ууу! Што е тоа што зборуваш, чорбаџи Давадосе, не сме ние арамии и паликуќи! ТЕОДОС: А, вас дури и кучињата ве знаат, та најмногу ве лаат. Оставете ме! Ај одете си! ПОЦКО: Ама како да си адиме! При кум, без кум... ТЕОДОС: Крлежи, крлежи, пијавици! Крвта ми ја испивте! Како да ве искорнам! Како да се куртулам од вас! Господе, господе! (Се крсти.) Спаси ме ти, спасителе Исусе ХРИСТЕ! ГЛАСОВИ: Чорбаџи Томче! ТРИНАЕСЕТТА ПОЈАВА ДОСЕГАШНИТЕ И ТОМЧЕ ТОМЧЕ: (Доаѓа, по него се слуша кларинет, виолина, труба, напиен, со голема кама в рака, како последеп адут, во бесна состојба.) Каде е тој... АРСО: А сега, де! КЕВА: Леле и тој пијан! АРСО: Каква врба, таков клин, каков татко, таков син. ПОЦКО: (Исплашен.) Аман, чорбаџи Томче, ние не сме кабает, жими Ристос! Адетот е таков... ТОМЧЕ: (Нејќе ни да ги слуша Циганите. Го гледа без да трепне татко му. Сака да види каков впечаток оставил на него.) Татко! ТЕОДОС: Што бре, и ти си пијан! ТОМЧЕ: А ти? ТЕОДОС: Јас од мака! Ме натераа со сила... ТОМЧЕ: А јас? Од ќеф ли сум се опил? Ти ме натера! Затоа последен пат те молам, кандисај! Дај ми изин! Чекаат мој збор, јас чекам твој... Ако речеш пак не, ме немаш веќе! Ножов во градиве! (Покажува како ќе се удри.) КЕВА: (Дури сега го согледува ножот и премира од страв.) Леле, нож! Томче! Теодосе! НАЦА: (Ја придржува.) Леле, чорбаџике... АРСО: (Му приоѓа на Томче, му шепнува нешто и му го зема ножот.) Така... Со ножови и пиштоли да немаме работа, братче! ПОЦКО И СИТЕ ЦИГАНИ: (Ослободени од стравот.) Ау бре, што била работата! ТОМЧЕ: (Со помирлив тон.) Татко, јас... ТЕОДОС: (Го прекинува.) Пак ти твоето! А ова? (Покажува на Циганите.) Не гледаш? Татко ти посрамен, поруган... Цигански кум... слушаш ли, еј, цигански кум! А ти, само таа твоја... женидба... Село гори, баба се чешла! Кога си го зел тој нож в рака, боди и коли ги овие поганци! Не гледаш ли како рипнале на мене како црни сотони од пеколот? Разбркај ги! ТОМЧЕ: Ти велам, чекам само твој збор... КЕВА: Теодосе... ТЕОДОС: (Се крши, брише пот.) Господе, овие се маки Ристосови! Ме распнале и ме мачат како Ристос на крстот! Од една страна цигански кум, а од друга страна самарџиски сват! Многу е тоа за мене, господе! АРСО: (Со повеќе глумено но и искрено сожалување.) Вистина, од едка коза две кожи не бива. Сакаш ли да ти помогнам, Теодосе? ТЕОДОС: Аман поможи, Арсене, чини чаре! Стори себап! АРСО: Арно, ама — стори ми да ти сторам: ако ми го оставиш лозјето. ТЕОДОС: Лозјето?... Тоа си е башка работа... АРСО: Е, тогаш и кумството е — свршена работа: в недела на крштавање „Кажи, куме, име“. (Му покажува со движење како ќе го носи и држи на раце бебето.) А после: „Куме, одврзи го ќесето.“ Ќе ги венчаш сите овие Амповци и Ѓорговци... ТЕОДОС: Не! Само тоа не, па макар уште едно мое лозје да дадам! Од се да се откажам, од се да побегнам, во манастир да се затворам! АРСО: Е, дотаму! Не си улав? ТЕОДОС: Полошо од улав... Улавиот прави што сака, а јас не знам што да правам... Лозјето... Ѓаволот ме намами во него... СПИРО: Ѓаволот, ами кој... ТЕОДОС: Ѓаволот нека ти то носи: ќе те чекам... АРСО: (Озарен од радост воздивнува со олеснување.) Е, така, Теодосе! Е сега слушај! Барем од една лошотија да се куртулиш. Томче нека ја земе Стојанка, ама да го земе и кумството: тој нека крштава, тој нека венчава, ти да немаш ништо со Циганите, дури можеш и сам да го одделиш, имаш куќа за него. Среќа твоја што имаш син инаку... само уште тој ако сака... ТОМЧЕ: Јас... ТЕОДОС: (Го прекинува.) Ти сакаш да ја земеш таа... Стојанка... ТОМЧЕ: Знаеш, татко... ТЕОДОС: А сакаш да бидеш цигански кум? ТОМЧЕ: И ѓаволски, само да ја земам Стојанка! ТЕОДОС: Си каил да крштаваш и да венчаваш амали... (Покажува на Циганите.) ТОМЧЕ: Ќе венчавам и црни арапи, само да се венчам со Стојанка. ТЕОДОС: Па кога си толку улав и лесен, тогаш... ТОМЧЕ: Татко... (Притрчува да му баци рака.) ТЕОДОС: Чекај, чекај, да свршиме прво со овие. Чувте ли, син ми ќе ви биде кум. ПОЦКО: А-а, а-а, ќе ни биде, да ни е жив, ама по твојата умирачка. ТЕОДОС: Не, сега! ПОЦКО: Ама... ТЕОДОС: Што, и тоа ви е малку! ТОМЧЕ: Што, бре, не кандисуваш? Ме нејќеш за кум? Сега ќе ве исечам сите како Марко Крале црни арапини! АМПО: (Му се испречува.) Де, да видиме! АРСО: (Му шепнува на Поцко, да капдиса.) ПОЦКО: Ајде, чорбаџи Томче, нека е аирлија! Ти си ми кум, да си ми жив! ТОМЧЕ: Така! Ете, татко, тоа го зедов на мене и го свршив, а сега... ТЕОДОС: Па сега... Каков ти грб, таков ти самар. Земи ја... ТОМЧЕ: (Луд од среќа, му бацува рака.) Татко... АРСО: Ете така, Томче, а ти — нож! ТОМЧЕ: Ти благодарам, брат Арсо! КЕВА: Сине Томче! (Го бакнува.) Нека ти е со среќа! ТОМЧЕ: Мајко! (И бацува рака.) СИТЕ: Аирлија! Аирлија! ТОМЧЕ: Стојанка! Да одам да ја израдувам! (Отрчува.) ЧЕТИРИНАЕСЕТТА ПОЈАВА ДОСЕГАШНИТЕ БЕЗ ТОМЧЕ ТЕОДОС: Се битиса и се батиса се... Многу сум балдисал, нешто ми се скршило овде. (Покажува на градите.) АРСО: Тоа ти е: старо дрво се крши, не се витка. ПОЦКО: Море, стар сум, ама како обрач се виткам. А чорбаџи Давадос — челик човек! АРСО: Беше челик, сега се стори стар бакар. Е, мој чорбаџи, нејќеше малце да се свиткаш, сега се скрши сосем, чорбо кисела! ПЕТНАЕСЕТТА ПОЈАВА ДОСЕГДШНИТЕ, ТОМЧЕ, СТОЈАНКА И ЕФКА ТОМЧЕ: (Доаѓа со Стојанка и Ефка.) Ајде, Стојанке. СТОЈАНКА: (По него.) Ми е срам... ЕФКА: (По неа, ја турка напред.) Ајде, ајде, нема овде срам! СИТЕ: Аирлија, аирлија! ЕФКА: Амин! Ајде, баци им рака на свекорот и свекрвата. АРСО: (На Ефка.) Виде ли, Ефке, како ја ујдисавме работата? ЕФКА: А-а, за мила убавина! АРСО: Направивме ли манастир? ЕФКА: Манастир, манастир! СТОЈАНКА: (Му бацува рака на Теодос.) ТЕОДОС: (Одвај изговорува.) Да си жива... СТОЈАНКА: (И бацува рака на Кева.) Мајко... КЕВА: (Ја бацува в чело.) Да си ми жива и здрава ќерко, да се ќердосаш! ПЕТРИЈА: (Ја бацува Стојанка.) Нека ти е аирлија, слатка кумо! АРСО: Ајде сега за кум Томче и кума Стојанка едно оро! Весело, дури и лозјата да заиграат! Моево лозје танец да води! ЕФКА: Ајде, свате, поведи оро! ТЕОДОС: (Одмавнува со раката, гест помеѓу извинување и: „оди по ѓаволите.“ АРСО: Ајде свирка, песна, оро! Ајде цело Скопје да чуе! (Се фаќаат на оро сите.) Јас те пратив на лозје, Калино! ти на лозје одиш, бело грозје береш, на ергени даваш, мори Калино! ЕФКА: Ајде сега и моето лозје да го развеселиме! (Играјќи отидуваат, последна баба Цонка со бебето.) ШЕСНАЕСЕТТА ПОЈАВА ТЕОДОС ТЕОДОС: (Како да ги истуркува со раце.) Ајде, џенем фатете сите!... Јас да кршам глава одовде, да се извлечам, да побегнам!... (Станува.) СЕДУМНАЕСЕТТА ПОЈАВА ТЕОДОС И СПИРО СПИРО: (Доаѓа од лево и кога го согледува Теодос, го надувува неодолив смев. Се мачи да се задржи, но не може, смевот избувнува експлозивно. Се искашлува силно да го прекине.) ТЕОДОС: Што се дуеш како сурлаџија, бре едепсас! СПИРО: (Гласот му се кине.) Не се... сме... еме... ам... чо... чо... чорба... џи... Ме да... да... ви ка... а... шлица... ТЕОДОС: Море, јас тебе ќе те удавам во бунаров! Леле, јас сиромав, што дочекав! Измеќарот мој што го ранам со леб, да ми се смее в лице! Тоа ли е ред! Не смеј се бре, како улав пред прст! СПИРО: Му... му... ТЕОДОС: Му... Му... — бивол! Што е! СПИРО: Му... мустаќите... исчисти си ги... ги... (Му го дава четкичето што беше му го фрлил.) ТЕОДОС: Мустаќите... Бетер ќе се од твоите... (Го свива погледот надолу, а ја крева горната усна нагоре, да ги види.) Бетер! (Поминува неколку пати по нив со четкичето, па го зафрлува далеку. Се гледа од глава до петици..) Како ќе поминам низ град ваков... Море, право во Вардар, да се удавам! (Ја опипува главата, ја тргнува крпата со која му е врзана, ја фрла тресејќи се од гнасење.) Еј, Теодосе! Умри, Теодосе, Теодосе!... (Отидува.) СПИРО: (Гледа по него превиткувајќи се од смеење.) Е, умри де! (Се позамислува.) Без такви веков би бил поарен! (Пак се засмејува, но сега пе потсмешливо и зајадливо, туку чисто и радосно: го привлекува веселбата во соседното лозје, која достигнува врв и орото, кое се враќа, водено од Арсо.) АРСО: (Го прегрнува со слободната рака.) Ајде, Спирооо! СПИРО: (Се фаќа на крајот.) Ајде, брат, Арсооо! Така да си ми жив и радосен! (ЗАВЕСА)