Прејди на содржината

ФДМ-Предговор

Од Wikibooks

П Р Е Д Г О В О Р

Проблематиката во овој труд “МАКЕДОНИЈА ВО ФРАНЦУСКАТА ПОЛИТИКА НА БАЛКАНОТ”, како значајна и актуелна, но сложена и чувствителна, не е обработувана или поблаго речено недоволно е проучена не само во македонската научна мисла туку и пошироко, во другите земји во светот. Згора на тоа, стремежот за создавање своја државност и самостојност постојано е присутен кај Македонците, но и е попречуван и задушуван од пропагандните и оружените делувања и други влијанија на соседите на македонскиот народ, кои со поткрепа и благослов на некои од големите сили ја искористуваа неговата борба за свои цели и ја присвојуваа и, за жал, се’ уште ја присвојуваат и негираат неговата самобитност. Сиве овие околности ме поттикнаа и побудија да се зафатам со оваа актуелна и значајна тематика, со која си поставив за цел да се обработи влијанието на Франција на Балканот, а посебно нејзиниот и односот на соседите кон остварувањето на националните права на македонскиот народ и создавањето на македонска државност и самостојност.

Во тој сплет на општествено-политички односи на Балканот, посредно се обработува и може да се согледа во основа и меѓународниот аспект на Македонија низ односот и на големите сили кон неа како значајна стратегиска геополитичка точка - тој клуч на Балканот, каде се судруваа и се’ уште се преплетуваат интересите и влијанијата на големите сили и соседните балкански земји. Така, низ анализа на постојната изворна архивска и друга објавена документација, се согледува односот и ставот на Франција кон Македонија и македонскиот народ во означениот период. Притоа, посредно и во помал обем, се согледува ставот и односот на соседните држави и големите сили кон Македонија и македонскиот народ.

Во досегашната научна и општествена мисла е застапено и преовладува стојалиштето дека во минатото француската официјална политика во основа не им била наклонета и не се застапувала во одбрана и заштита на Македонија и на македонскиот народ во меѓународните односи, дека Франција во недоволна мера се застапувала во остварувања на стремежот на Македонците за создавање на своја државност и самсотојност. Меѓутоа, документацијата со која располагаме во основа го потврдува нејзиниот позитивен интерес и, што е најсуштествено, низ изворните материјали од француска провиниенција се согледува и нагласува посебноста на македонскиот наод, кој се разликува од неговите соседи по своите засебни национални обележја. јазикот, територијата, традициите, обичаите, културата и слични особености, а значајно е дека низ француската документација на Македонија и македонскиот народ се гледа како на една интегрална целина, и во национален и во стопански и во географски поглед, без оглед на нејзината распарченост и поделба од нејзините балкански соседи во текот на Балканските и Првата светска војна 1912-1918 година. Низ ползуваната документиација, не само што не се заобиколува или негира туку, напротив, се нагласува реалноса за оформеното национално чувство на македонскиот народ. Врз основа на користената документација, во овој труд се разлачени три хронолошки фази во кои доаѓа до извесно еволуирање на француските погледи и односи кон Македонија и тогашна Социјалистичка Југославија и тоа: првата - 1945-1948 година, односно до Резолуцијата на Информбирото, втората - 1948-1953 година, до смртта на Сталин, кога настануваат подобрувања во односите на Македонија и Југославија со Советскиот Сојуз и другите социјалситички земји, што се согледани во третата фаза, од 1953 година па наваму.

Отсуството на соодветна литература за оваа проблематика не’ принуди и насочи кон макотрпни истражувања за овој проблем пред се’ во француските национални архиви, настојувајќи притоа да се направи темелна реконструкција, низ критичка и споредбена обработка на настаните. Впрочем, тоа мошне прегледно се согледува низ белешките и прегледот на користените извори и литература, што се поместени во овој труд.

Наше видување и оценка е дека ползуваните извори и литература не само што ни овозможија да оформиме во овој труд една фактографска реконструкција на настаните туку и ни овозможија да изнесеме јасна слика за односот и погледите на Франција кон Македонија и макеадонскиот народ, а посебно што преку нив се овозможува да се проникне во анализите за суштествените прашања од сплетот на интересите, не само на Франција туку и на другите големи сили, потоа на соседните балкански држави и нивните пропагандни влијанија во Македонија од разновиден карактер и цели. Накусо речено, во основа во трудот се дава реална можност да се согледа и заокружи ставот, политиката и односот на Франција, а делумно и на големите сили и соседните балкански држави кон Македонија и македонскиот народ. Впрочем, до која мера и колку во тоа сме успеале, оставаме да процени научнаа и пошироката јавност.

Ја користам можноста да им искажам топла благодарност на издавачите - Институтот за национална историја и “Матица Македонска”, на конструктивните сугестии на рецензентите д-р Орде Иваноски и д-р Новица Велјановски, на Министерството за наука за разбирањето и финансиската поткрепа во објавувањето на трудот, на работните организации “Македонијатабак”, Цементарница “УСЈЕ”, ЗОИЛ Македонија, “Алумина”, како и на: француските национални архиви во Париз и Нант.

Авторот.