Прејди на содржината

УБИСТВОТО НА ВОЈВОДАТА ВАНЧО БЕЛУВЧЕТО

Од Wikibooks

Настаните во Крушево во Балканските војни даваат најдобра слика за состојбата во цела Македонија. Без оглед на верската и национална припадност, народот, поучен од илинденските настани што си’ уште му биле во свежи сеќавања, избрал војводи од својата средина, Ванчо Делев-Џонето и Ванчо Белувчето. По формирањето на месните чети пристигнал и партизанскиот вод на ВМРО со војводата Методи Стојчев. Месните чети во содејство со српската војска учествувале во битките на Обедник, во Облаково, во Снегово и во Битола.

На 24 октомври селската милиција го зазела Крушево и веднаш организирала месна народна власт по принципот на Крушевската република, во која имало припадници на сите народности што живееле во Крушево. Месната власт обезбедувала храна и друга помош за српската војска. Месната власт во Крушево била составена од постари и познати луѓе, меѓу кои биле Тодор Спасев, Велко Ќурчијата и други претставници избрани од народот. Оваа власт траела 20 дена. Во меѓувреме пристигнал капетанот Велко со една чета српска војска. Така, во исто време во градот се нашле месни македонски чети и чети на српската војска. Со оглед на тоа дека српската војска била посилна, била воспоставена српска државна власт. На четата на Ванчо Џонето и’ било наредено да го предаде оружјето и ако сакаат можела да остане во Крушево, а ако не, со редовни документи нејзините борци можеле да заминат за Бугарија. Четата на Ванчо Џонето го предала оружјето, но четите на Ванчо Белувчето и на Ставре Димитровски одбиле да го предадат и пак заминале во планините.

Српската власт организирала потера по овие чети, во кои учествувале и српски чети, кои по Илинденското востание дејствувале во Порече. По неколку дена Белувчето бил убиен, а неговата глава отсечена ја носеле по Крушево за да го заплашат народот. Со тоа веднаш била демаскирана ослободителната улога на српската војска. По тие настани се состанала Крушевската револуционерна организација и, меѓу другото, констатирала: "... Ние што можевме сторивме, дури и над нашите можности, прогласивме и република. Но, кога од едно ропство одиме во друго, тогаш ќе мораме да почекаме да заврши војната и веруваме дека мирот ќе донесе нешто ново". "И така", вели Борјар (мајсторот на црешовите топчиња) "сите со наведнати глави, како во смрт да одевме, го напуштивме првиот и последен состанок, одржан во време на новата окупација". На тој начин престанала да функционира крушевската револуционерна организација, што повеќе од една ипол деценија ги раководела националноослободителните борби на угнетениот народ и била доследен претставник на сите, без оглед на верата и националноста, кои сакале мирен, рамноправен и слободен живот.