Тутуноберачите – Кочо Рацин
Изглед
- На кантар студен со туч го мерат
- а можат ли да го измерат,
- нашиот тутун – нашава мака
- нашава солена пот!
- Од темни зори на утрини летни
- до никоја доба на вечери зимни
- тој гладно пие тагата наша
- и потта и крвта и снагата ни.
- Жолт – жолти прави лицата бледни
- и жолта гостинка у градите носи.
- По утрини росни, по мугрите пресни,
- наведени ничкум по полињата родни
- зачмаени ние го береме.
- Лист по лист кини
- лист по лист нижи
- лист по лист превртуј, притискај,
- лист по лист милно, таговно реди
- и на долга низа од капки пот
- и надеж со клетва и зелена јад,
- со коров поглед на очите матни
- по кревките лисја жолтозлатни
- прикаса горка на живот клет
- нанижи безгласна а така јасна.
- Та не знаеш ли?
- Денот ли дојде тој да се мери –
- мерка му нема, а в градите длаби
- без да се запре, без дно да најде
- не тага а клетва, и в очи матни
- и не сакајќи сама се дига фуријата.
- Кантарот носи лисјето златно
- а в гради луто далгите беснат
- на жолтата мака – на жолтиот тутун
- на жолтата пот на рацете ни!