Прејди на содржината

Трето писмо од П. Р. Славејков - 19 Февруари 1874

Од Wikibooks

Трето писмо од П. Р. Славејков - Февруари 1874

(19 февр. 1874, Солун)

Ваше Блаженство!

Може да речам дека ништо не сум направил тука, и ниту сум сака да правам нешто, зашто тука во Солун нема што да се прави, а да се оди надвор сака и повеќе време и повеќе средства, а при мене и едното и другото се скудни, така што не се нафаќам да влезам во јавна борба за да не направам фијаско и повеќе да се компромитирам и себеси и делото, кое ни од далеку не е како што беше друг пат. Хидрата не владее само едно место та да ја вардиме и да ја поразиме на едно место, што би било доста лесно, туку е разиграна на многу страни. Затоа се ограничив само да ја испитам работата и принуден од малкуте средства сакав уште вчера да се вратам, но се сопрев за да почекам и да добијам уште едно писмо од Вашето Блаженство, да видам што Вие мислите за напред. Ако ми пишете, пишете ми адресирано до отец Аврекиј Зографски.[1] Тука во Солун нема работа од таа област, или ако има кажи и јас ќе ја завршам. Според Вашата заповед не најдов за добро да се извади поп Петар[2] зашто наместо да имаме корист од тоа, може да имаме повеќе штета. Јас постапив сосема поинаку и мислам дека постигнав повеќе, што и ќе се покаже отпосле.

Поп Петар останува под нашето знаме, но таен до погоден момент, така исто и дедо Аврекиј кој бил излажан од Нил и зел учество да ги турка работите напред; но откако им објаснив колку е погубно тоа движење за општите интереси на народот, тие се кајат. На покајанието на отец Аврекиј имам причина да верувам. За Поп Петар исто сум спокоен, иако имам извесни сомнежи, зашто душата му е во рацете на отец Аврекиј и можам да речам дека тука нема страв ако дека тие двајцата ќе останат верни, зашто Аврекиј ги има поважните, а поп Петар целата простодушност. Откако дојдов, името на Вашето Блаженство се спомнува во параклисот. Ако имате потреба да дејствувате, за во Солун нема друг освен отец Авреки, нему можете да му пишете. Забележете дека освен отец Аврекиј, Нил го насрчил да им помага на унијатите до некаде и дедо Натанаил, со објаснение дека така ќе биде подобро, така можев да разберам од неговите зборови, но не сум сигурен дека успеав да го разубедам колку е излажан тој инаку толку добар старец.

Во однос на поп Петар, тој е поврзан со дедо Скопскиот и пред јас да дојдам, тој бил известен од Цариград дека било решено да биде изваден од црквата и на негово место да се постави Аврамиј. Но јас видов дека не треба да се извади поп Петар, туку да се придобие и затоа во таков дух и дејствував и дејствувам, а тоа му го препорачувам и на Вашето Блаженство, зашто не е време да ги уништуваме противниците, а уште повеќе да им даваме луѓе кои можат да им послужат и од кои можеме и ние да имаме полза.

Најголемото шило на движењето од Цариград е Сарафов.[3] Тој многу ги буни неодредените, издава тајни, граби од владиците, поврзан е со главните водачи тука, а тие се Димитрија Малешевски и Дојранскиот представник Г. Ахазаров. Димитрија отиде во Кукуш и тука остана Никола кого го фатив одблизу. Тој е едно младо и многу пргаво момче.

Содржината на второто мое писмо е сосема веродостојна и движењето е сериозно и опасно, но не е тоа што ме прави очаен, зашто знам и чувствувам дека силата на убедувањето со кое можеме да дејствуваме ние е многу поголема во споредба со онаа која што ја имаат на нивна страна противниците, тие имаат да врват наспроти водата, а ние по течението на водата, само сака средства и работа. Неодложно треба да се обиколат по еднаш и два пати епархиите Струмичка, Воденска, Полјанска, Драмска, Серска и Мелничка. Нушно е исто и да се оди и до Велес, Скопје и Охрид, и да се поискоренат некои трнчиња и да се повикаат тие општини да не им ги охрабруваат неразумните желби на гореспоменатите епархии и да се дигнат на нозе да се спротивстават и самите на распространувањето на Унијата. Велешкиот[4] си го курдисал казанчето и си вари убава мастика во митрополијата, абер си нема за огинот што гори кај неговите соседи, и кој најнапред него ќе го опали.

Ако имате намера да назначувате и некои други духовни лица, а тоа треба неодложно да го сторите кога монсињор Нил ќе тргне наваму, внимавајте да назначите лице кои нема да ги соблазнува помислата дека можат да станат владици полесно преку унијата, зашто тоа е опасно и многу лесно можат да се заразат. И владици ако назначувате, не испраќајте такви кои не се закрепени во некоја епархија, зашто не можете да имате голема доверба и тие многу лесно можат да се префрлат на спротивниот пат и да произведат големо зло.

Иако подвигот за сочувување на православието и запазување на влијанието на Егзархијата е многу тежок, јас верувам дека луѓе вешти во владеењето на работите, дејствителни, убедителни и не склони да скитаат и да се мешаат со простата маса, во некои случаи можат уште многу да сторат, но тоа бара и средства и жртви. Најважното средстсво да се запре распространувањето на унијата денеска, ако веќе не можат да се назначат владици, е да му се даде на населението тука надеж дека можат да назначат од нивна страна векили[5] пред месните власти, зашто најголемото зло е што во разбунтуваните епархии векилите им се избирани од грчки владици и тоа ги раздружува; ако можеме да им дадеме надеж со еден совет и да им обрнеме внимание да дејствуваат во таа насока, ќе им го одземеме најсилното оружје од рацете на приврзаниците на унијата. Зашто тие се надеваат на унијата не за друго, туку зашто мислат дека преку иноверствто ќе можат полесно да си назначат луѓе по мезличите.[6]

Јас многу сакав да прошетам уште некоја епархија и да им постелам колку што можам на унијатите, но… бев пратил и коњ вчера да ми најдат да одам и јас до Кукуш да им растурам барем да не праќаат пари на монаси и на Нил во Цариград, но кога си ја направив сметката, се принудив да си легнам на брашното. Откога останав и таа недела, сега немам пари ни да се вратам. Затоа се ограничив да седам само до другиот вторник да поизучам уште подобро работите и да си тргнам. Последното ми мислење е дека ако не можете да пратите владици, да бидете внимателни да не се обидувате со други средства да ја уништувате унијата, зашто ќе измешате работите и ќе си го потрошите влијанието што ќе ви треба за во погоден случај. Не слушајте мнозина, а најповеќе Буботинова, кој доста го нарушил угледот на Егзархијата со неговите властољубиви замисли.

19 февр. 1874

На Вашето Блаженство

Солун

Предан, П. Р. Славейков

20 февр.

Н. П. Денес тргнувам за Велес.

истиот

ЦДИА, Софија ф. 989, оп. 2, а.е. 290, л. 1—2. Оригинал. Ракопис.

  1. Аверкиj Зографски, светогорски архимандрит. Управител на Зографскиот метох во Солун. Активно учествувал во црковно националните борби на Македонците во Солунско, но, како што можеме да видиме од ова писмо, Славејков успеал да го разубеди или заплаши, па од почетокот на февруари 1874 тој се повлекол.
  2. Поп Петар Димитров (Воловаров) (1841 – с. Зарово, Солунско — 1895, Софија). Отпрвин бил патријаршиски свештеник в Сер, но од 1872 г. преминал кон Егзархијата и станал председател на црковно-училишната обштина во Солун.
  3. Коста В’лчев Сарафов, учесник во црковно-националните борби. Представник на Драмската епархија во Цариград од 1869 до 1872 г. Од 1873 до 1874 г. повторно е во Цариград во врска со изборот на поп Харитон за владика.
  4. Станува забор за велешкиот митрополит Дамаскин.
  5. Векилин, тур. - повереник, полномошник, намесник.
  6. Меџлис (мезлич), тур. — совет, собрание

Надворешна врска

[уреди]