Прејди на содржината

ТЕКОТ НА ВОЕНИТЕ ДЕЈСТВА

Од Wikibooks

Кумановската битка претставува прва битка во Првата балканска војна. Таа се водела меѓу српската и турската војска на 23 и на 24 октомври 1912 година. Во српската војска имало повеќе четнички одреди составени од македонско население, како и месни селски чети. Во турската војска, исто така, имало македонско население, особено во редифските, т.е. во резервните формации. Според планот на српската Врховна команда, првата битка со турската војска била предвидена да се води во реонот на Овче Поле, претпоставувајќи дека тука се концентрирани главните турски сили.

Според планот, српската војска на 22 октомври го имала следниот распоред: Првата армија била на позициите северно од Куманово со дивизиите во два ешалона, во првиот ешалон дивизии: Моравската од први повик на линијата село Ваксинце -село Табановци и Дринската кај Сушево, еден полк бил на претстража на Николинскиот Вис и Дунавската од први повик со два полка во реонот на Младо Нагоричани, а со другите два во Старо Нагоричани. На левото армиско крило на Сртевица бил распореден четничкиот одред, што главно бил составен од македонско население, а со него командувал војводата Воин Поповиќ-Вук. Во вториот ешалон биле дивизиите: Тимочката од втори повик кај Маминци и Дунавската втори повик кај село Бугариње, додека Коњаничката дивизија се наоѓала зад Дунавската, а два нејзини ескадрона биле пред армискиот фронт. Втората армија со претходницата на Тимочката дивизија од први повик се наоѓала во реонот на Страцин. Третата армија на 23 октомври се задржала во реонот на Приштина, иако според наредбата на Врховната команда требало да го продолжи движењето за да содејствува со Првата армија.

Поради погрешната проценка дека главните турските сили се наоѓале на Овче Поле, слабата разузнавачка и извидувачка служба и поради неправилната употреба на Коњаничката дивизија, српската Прва. армија непосредно пред битката се нашла оддалечена од соседните крилни армии, била неорганизирана на позициите и со слаба организација на врските со своите дивизии. Во штабот на Првата. армија се верувало дека турските сили што биле забележани тој ден во реонот на Куманово кај Новоселјани и Мургош имат задача само да го забават нејзиното движење кон Овче Поле.

Спротивно од неизвесноста што владеела кај српската војска и неточните сознанија за спротивната страна, турската команда, благодарение на добро истурените предни одреди имала точни податоци за составот и за правците на движење на српските сили. Врз основа на тоа, Зеки-паша, командантот на Вардарската армија, во состав од 5. корпус (13., 15. и 16. низамска и Штипската редифска дивизија) и 6. корпус (17. низамска и битолската редифска дивизија, и 7. корпус (19. низамска, скопската редифска и коњаничката дивизија) одлучил да ја нападне српската Прва. армија со 5. и со 6. корпус од линијата село Новоселјани-Орашец, опфатно од левата страна, а со 7. корпус собран околу Куманово, да ја задржува фронтално. Поради тоа, солидно ги утврдил своите единици на позициите Режановци-Црно Поле.

За тоа време, 5. и 6. корпус од реонот на Штип и на Велес со засилени маршеви пристигнувале откај Овче Поле. За обезбедување на десната страна кон српската Втора. армија биле упатени 15. и 16. низамска дивизија на правците кон Кочани и Кратово. При приближувањето до Пчиња, Зеки-паша дознал дека Втората. српска армија ги фатила позициите на Страцин, па одлучил да не го изврши опфатот на левото крило на Првата. армија, туку наредил 7. корпус да остане во одбрана, 6. корпус и претходницата на 13. низамска дивизија ноќта да ја преминат Пчиња и до мугрите да ги заземат позициите на десниот брег, 5. корпус како армиска резерва да се задржи на левиот брег поради евентуална употреба на правецот кон Втората. српска армија, доколку таа изврши напад кон Куманово.