Сердарот – Григор Прличев
Изглед
(Пренасочено од Сердарот – Глигор Прличев)
brat go zaebav izvini
1 песна
[уреди]- Пискотници се слушаат од Галичник до Река,
- што тешка несреќа ги збра
- и мажите, и жените, та гласи тажна ека
- и навева сал коб и зла?
- Дал' град полињата житородни ги беше фатил?
- Ил' рој од скакулци се вдал?
- Дал' султанот арачлии час предвреме им пратил
- да збира арач лут без жал?
- Ни град полињата житородни ги беше фатил,
- ни рој од скакулци се вдал,
- ни султанот арачлии час предвреме им пратил
- да збира арач лут без жал.
- Та Кузман, јунак славен, падна убиен од Гега,
- тој сердар прочут падна в бој,
- и ќе ги гази пљачкашот планините ни сега,
- а да ги брани нема кој . . ."
- -Земјоделци, служители на Деметра баш така
- шепотеа за гласот зол, а жените,
- штом чуја, писнаа од силна мака
- и коси корнеа од бол.
- А гласот растеше, и голем стана та се дигна
- ко Бореј, брзокрил.
- За час во сите ближни села толку бргу, ене, стигна
- тој несреќен и кобен глас.
- Вдовиците и бедните, ги гледаш, солзи леат,
- и момите — за света чест.
- А земјоделците ко втрегитени од ровја беа
- на таа толку жална вест.
2 песна
[уреди]- Во пролетна вечер задумано почива една
- жена, седејќи на прагот.
- Со раце на колена, пушката светната ледна
- таа ја милува благо.
- На средна е доба; и јадра, и сосема здрава,
- кршна и херојски силна.
- Извајана е амазонската нејзина става:
- вистинска личота милна.
- Годините не ја намалиле онаа убост;
- на лице свежест се гледа,
- младешката сочност
- не ја беше сменила грубост.
- Таа е кутрата Неда,
- несреќната, достојна мајка на Кузман. Седејки
- в хаос од мислите мачни
- во земјата очите беше ги впила, бидејќи
- сонила соништа мрачни:
- Потпорните греди од нивната куќа се ведат,
- паѓаат шумно во мракот.
- Но насреде уште останала самотна греда,
- ама да потпира јако.
- Но и неа бесно огнооки змејови страшни
- силно ја тресат од темел и куќата,
- најпосле, паѓа, а купишта прашни
- станаа гробови неми . . .
- Со одвратност од себе сонот го оттурна она,
- мислите црни ги гони;
- но пак ја обградија мачните слики од сонот
- ноќеска што и се сони
- Штом шушнува нешто - смуртеното чело го крева
- сигурно синот и ќе е!
- И пак го наведнува, како овената трева,
- зашто чеканиот не е.
- И зошто ја жали вдовицата минувач тажен,
- солзите свои ги трие?
- За смртта тој не се решаваше прв да и каже,
- од неа злото го крие,
- бидејки и беше единствена потпора, левен,
- чедо на мајка си првно.
- Страши лиште беше за Харт
ија—Шиптар
гневен
- сегде што грабеше стрвно.
- На оганот мајката котелот, ене го клава:
- вода да стопли за толку
- саканите капнати јуначки нозе и глава . . .
- Него го носеа молкум.
- Се надева, кутрата, пак да го пречека кога
- коњче ќе разигра стројно.
- Тој, силниот цар на сенчестпитпе планини, тогај
- помил и станува тројно.
- А Кузман честопати гонеше пљачкаши кои
- плачкаа секаде смело,
- и секогаш силен и горд, со другарите свои,
- победник идеше в село.!.
3 песна
[уреди]- Но одеднаш се слушна надвор како некој стапи
- со еден толку тивок шум:
- четворица натажени Арнаути, без капи,
- по селскиот се движат друм.
- Испотени, мртовецот го носат; и во тремот
- го внесоа тој товар скап,
- а луѓето се собрале крај мртвиот и немо
- приковале свој поглед тап.
- Отсекаде се чуја плачови и пискот силен,
- и чиниш, овој народ клет
- тој час го оплакуваше со својот лелек вилен
- најсвидното на овој свет.
- Крај трупот Кузманов со тага коњот 'ржи;
- и уште беше тој во крв;
- ја копка земјата и лад со гривата му држи
- на стопанот и другар прв.
- И мајката истрчува со стапка трепет полна
- се двоуми, но сал за миг . . .
- По плачот општ се сети дека веста беше болна
- и танок таа пушти крик,
- да, како лавица, што дрско ловците ја гонат
- и плодот и го крадат прв ...
- А тогаш и најтврдиот од очи солзи срона:
- го стигна жалта својот врв.
- Плачовите низ селото се носеа се уште
- и Неда црна крпа пак
- од главата си фрли, повтор косата ја пушти,
- а плачот стана толку јак,
- - „Малодушни земјоделци, излезете од дворов!"
- - им викна мајката со гнев.
- - Дајте ми го, да видам! Запрете со зборов,
- гледајте си на својот грев!
- Доста' му беа липањата пискотите ми ледни
- за награда во овој час.
- Над ваште невести и ќерки плачете, о бедни,
- бидејКи за нив нема спас.
- Та каква надеж отсега вам ќе ви носат дните?
- Го нема, кутри, Кузман ваш
- кој како своја зеница ве чуваше вас сите
- и крајот свиден роден наш!"
- При викот мајчин народот стаписано се стресна
- и нејзи пат и стори мал.
- Со коси спуштени, се фрли ко Менада бесна
- врз мртов син од жал.
- Плачејќи, до себе студената ја гушна глава
- ко бршлан којшто јавор млад
- прегрнува,се припива до таа тенка става .. .
- Се повеке од нејна град
- се крева плач и пискотот што воздухот го полнат,
- Над овој толку тажен створ
- се збраа многу жени и со една тага болна
- и шепнат тие збор по збор.
- Ја тешат ко миловидни ластовици, ја делат
- од трупот студен, толку мил.
- Кој гласот женски може да го слуша мирен?
- велам:
- Кој смртен толку корав бил?
- Албанците, гологлави, пристапија со почит,
- со раце скрстени. Тој час
- најстариот се доближи и вземи удри очи
- па прошепна со искрен глас:
- И везден ти да плачеш, имаш зошто. Биди силна!
- Ти изгуби, о мајко, џин!
- Народните ќе пеат колена со уста милна
- за делата на твојот син.
- Да, слугите на Арес ќе го слават, мајко, сето
- што тој го сторил в подвиг смел,
- и сите певци ќе те слават секаде по светот
- со еден занес толку врел.
- А ако сакаш, почуј, немој солзи да те душат!
- Ќе раскажам што знам за се.
- Знам, свето е за херојство и подвиг да се слуша ...
- - Се молкна. Сегде тивко е . . .
4 песна
[уреди]- - „Пуштајќи го денес изутрина на волја гласот
- чета од стомина сврати
- Во Стан.Но да дадеше бог да не тропнеше
- часот смрт што на сите им прати.
- Зар некаков демон кон пропаста стрмна не турна
- Браќата мои под ридон
- ко рибите насуво тогаш во борбата бурна,
- да се прпелкаат видов.
- И мајка над синот, и жена над мажот ќе кука,
- ќе го оплакува мрачно . . .
- А ние, од бачило што се наоѓаше тука,
- грабнавме овнови алчно.
- Се спуштија други во Стан; и по куќите, вични,
- бараа пченични лебој,
- Доведоа оттаму десет ергенчиња лични:
- некој да служи ни требал!
- Но господ на робјето виде од вишното небо
- колкав е нивниот ужас,
- и нададе уши стенчивиот глас да го слушне
- - плачот на тие што служат.
- Ко камшик од бога одненадеж Кузман се јави;
- намислил ужаси бојни . . . . .
- Дружината вешто ги одра, а потем ги стави
- на ражен бравите гојни.
- А крвта се впиваше каде што капеше вземи.
- Подоцна - судбина била!
- -на истата земја, во црвени порои темни
- крв да се пролее — сила.
- Од окото божје на кривдата чедата неми
- ни да се затскријат каде . . .
- Запаливме огнови.Над нив дружината
- спрема овнови десет да кладе.
- Штом сеизедливиот оган ги испече добро,
- откако жарот се’згаси,
- под дебели сенки дружината наша се собра:
- песната долго се гласи.
- Врз месото, како брзокрили јастреби, ние
- се изнафрливме гладни.
- Штом некој од жедност посакаше вода да пие
- - служеа децата страдни.
- И кога се насити секој, со децата смеа
- почна; плапотеше сешто.
- Од сегде претерани смеите војнички беа;
- кобеа тие на нешто.
- Да, солзите на навредените целата утрин
- кобеа лошо над моите
- Ко трендафил алов црвенеа децата кутри:
- остро ги укорив своте.
- Но незапирливите млади не разбраа тогај
- старецот зоштпо им зборел,
- бидејќи одмаздата пратена над нас од бога
- висела веќе од горе.
- Блескавото сонце се беше искренало право
- над нас на небото. Вбесен,
- одненадеж среде виковите диви се јави
- коњик со јунаци десет.
- Албанецот, решија, злочинот да им го плати.
- Кузман ги запре со глава:
- им влеа тој храброст и веднашка гласник ни прати
- — в борба не викаше. Страва
- не минеше од нас. Од смртта исплашени тогај
- зедовме оружје в рака.
- Чувствувавме дека ни мрзнеше крвта . . Па кога
- Кузман сред јарост и мака
- се провикна: . . . „Бидете смели, о деца-на Река!
- Нечесност не ќе не плаши.
- Спомнете си кој ви навредувал земја, и нека
- срцата охрабрат ваши!
- И, ако со виното вдовица вашата силна
- жед ја загасила медно,
- а ако ви бацило рака со насмевка милна
- сираче нејако, бедно,
- ил ако во гозби сте имале почесно место
- — кое е гордост, би рекол -
- и ако здравицата вам ви се здравила често:
- здравје ви посакал секој —
- па, да се присетиме ние за тоа и нека
- да се покажеме смели!
- Да не речат дека сме туѓи на честа и дека
- фалби се нашите цели.
- На јуриш! Судбината ни е во скутот на бога
- скриена, иста и сретна!" . . .
- - Тој викна и разбуди смелост кај сите; и тогај
- виорно коњикот летна,
- држејќи во рацете сабја дамаскалија, лута
- двеостра сабја од челик.
- Со викот и галоп го следеа коњот на Кузман
- десетте јунаци смели.
- Се спуштија како вихрогона далга ва бојот;
- дишеа лутина страшна.
- А Гегите паѓаа и го оставаа својот
- врел труп на земјата прашна.
- Но борбата нерамна беше, и - како што бива -
- дадоа и тие жртви. Та не беа челични!
- И нив ги родила жива
- жена, и паѓаа мртви.
- А тогаш ја зеде врз грбот тежината сета
- син ти неизмерно сакан.
- Ко сторачен гигант сам против албанската чета
- беше се испречил така.
- Се носеше коњот по желба на силниот вјавач,
- виткав ко змија на оган; пробиваше пат,
- спасувајќи на херојот глава
- - зашто го сакаше многу.
- Го тераше коњот ко молња и без да го запре.
- Погледот ровја му беше,
- а ударот гигантски задаван назад и напред
- — смрт за Албанецот грешен.
- Штом опасност видеше Кузман од негде, тој тешко
- мавташе оружје ледно.
- Во погледот - острина. Од нас, пак, потече жешко
- крвта пролеана бедно.
- Со ноздри раширени 'ржеше коњот во пена
- - другар во триумфот жнеан;
- тој гордо ги газеше телата бедни што стенат ..
- Тажни стоновите беа.
- Пред очите наши, затрепкани в уплав, тој беше
- демон што сечеше тела;
- на одмазда гласник да казнува секогаш решен
- насилни, пљачкашки дела.
- На смртен тој никако веќе не личеше среде
- оние борбени часој.
- Под сабјата негова паѓаше Албанец беден
- - како под српови класој.
5 песна
[уреди]- За таа наша пропаст жал на Махмуда му стана,
- се спушти како орел тој.
- Разбеснето со шпорите тој шибна, коња вран
- со Кузмана да стапи в бој.
- Спроти него се исправи. Под црна веѓа густа
- одмаздата ја собрал - бран.
- Тој зеде в раце оружја огнодишни, а в уста
- стегајки остар јатаган.
- Од двете оружја се слушна пукање, и сетне
- два куршума со пискот зол
- излетаа, барајќи месо: едниот го сретна,
- и Кузман сети силен бол
- во рамото, кај одлево клучницата со зглобот
- лопатниот го крепи дел;
- а другиот во правта закачи,
- свирејќи злобно но без да сретне жива цел.
- И Кузман горчлив насмев сал на својот враг му прати.
- Се исправи на коњот жив,
- та дур на Махмуд му се здаде јатаган да фати
- -Испреварен, му зајде здив . . .
- Ја крена Кузлан сабјата па одлево и кратко
- ја замавна врз врагот клет
- на она место кај што гордо гркланот на вратот
- над телото се подал сет.
- Не се спротивстави коскената и јака маса
- на секот, што во овој миг
- до мишката, делејќи меса, сосем лесно стаса,
- и Махмуд пушти грозен крик.
- Да, така дрвар лесно сече в гора гранка здрава
- од дабот толку силен, стар.
- И прво падна раката со таа руса глава
- на мојот храбар господар.
- А потем падна и се урна снагата му цела
- врз оној грозен, крвав куп.
- И бликаше на земјата во струи крвта врела
- од уште топлиот му труп.
6 песна
[уреди]- Јуначкото тело на Кузмана беше од рани
- лути ишарано цело,
- што беа се пробиле лесно низ ребрата збрани
- се до внатрешните делој.
- Од крвта ненаситен, се уште водеше битка,
- лутина гневна дишејки;
- од раните бликаше крвта, но се уште бритка
- мавташе сабја, беснејќи.
- Но кога му пресекна изворот животен, тогај
- глава тој спушти. И рече
- со шепнење некакви зборови нејасни, кога -
- шумно од коњот се свлече.
- Под секира дабот, што бури победувал, така
- смртно под рани се веде,
- а потоа паѓа од моќната дрварска рака,
- ама - врз дрварот беден. . ."
- Албанецот тоа го раскажа. Мајката, која
- беше изумена сета,
- штом ова го слушна, над маката бескрајна своја
- затажи, припадна клета.
- Одненадеж народот врати со плач на плачојте
- како бран врз бран во брегот.
- Штом примолкна плачот, Албанецот, пак меѓу своите,
- продолжи повтор за него
- — „Не тажи го, жено, ти сина си Кузман, бидејќи
- господ во рајот го пратил;
- неизмерни сласти му нуди;
- и само плачејки душата ти му ја матиш,
- бидејки тој падна со своите, бранејќи ја со нив
- херојски земјата мачна,
- а не како злосторник кого Темида го гони,
- фрла во јамата мрачна,
- и не како здушен од наказ, ил' прогниет, гладен,
- не како удавен в браној,
- и не како жена што потајна болест ја јаде, —
- туку од јуначки рани . . .
- Да, не од недостојна смрт... За насилнички дела
- отплатник беше, знаејќи
- да одмазди смртно за својата дружина цела,
- голем страв сегде ширејќи.
- Во страшната борба тој отепа не еден Гега . . .
- Јас ќе ти раскажам за нив,
- за нашите најарни херои кои подлегнаа сега
- сите под лутите рани:
- во борба непобедлив широкоградиот Јакуп
- којшто со подвижност лесна
- за папукот Карала беше го фатил ко кален
- на земја беше го треснал.
- Утробата сал му ја истурил. . .Потоа Рушит,
- сиот во позлата бојна,
- од чија што песна и свирба трепереа уши:
- опитен човек во војна.
- И Селман брадатиот, татко му кому му пратил
- поздрав, без веќе да жали,
- бидејки за крвта на брата си беше го фатил,
- — глава му одзел на Али.
- И Ахмед, од сонцето спален, што обесил така
- некојси кадија грешен
- врз комшиска жена кој ставил изгнасена рака,
- да ја обесчести решен . . .
- Абдурахман,,куршум чиј наместо секогаш паѓал,
- најди му рамен во светот:
- без некаква мака со сигурност безгрижно гаѓал
- малечки птички во летот.
- Оловниот куршум не погоди овојпат ништо.
- Сиот избезумен, мажи
- да паѓаат виде. И падна во вечните сништа,
- остави мајка да тажи.
- Живееше тој во Малесија, каде што секој
- кога ќе тропне на врата
- наоѓаше заштита, ако на стопанот некој
- од нив му убил и брата.
- Скриениот може и султанот да му го бара,
- заплашувајќи со колеж.
- па макар по цена на крвта - не ќе му го дарат
- онега помош што молел . . .
- И Сулејман, којшто го продал имањето сето,
- гонет од младиот порив;
- за сабја дамасклија немаше веќе на светот
- она што не би го сторил . . .
- И Емин, што рипна во реката Дримот та чија
- матица брзо го свлечка
- бидејќи со невооружени врази, а пијан
- некогаш беше се спречкал.
- А тогаш од водата некаков рибар што минал
- беше го спасил со сила.
- Но жицата Кузман од животот негов ја скина:
- судбата таква му била!. ..
- Чан-Јок, гостоприемлив, куќата чијашто често
- беше во секое време
- за сите отворена . . . Роден во планинско место
- каде што живее племе
- Од смртници смешни: веруваат в Алах и Христа,
- мешано празници слават;
- и оџа, и поп на гробиштата заедно исти
- обреди свештени прават.
- Па син му на Абдула, Елеас, кој - да не чуете лага -
- в натпревар кога ќе збесни ластовичка беше,
- без малку да остави трага,
- в правта под нозете лесни.
- Но нималку не му помогнаа нозете, ете!
- И животворните зраци
- изгаснаа; остави вдовица млада со дете,
- малечко детенце в раце . . .
- И најпосле, дивиот Махмуд, кој беше во сешто
- бик меѓу стадото бесно.
- Го викавме војвода, господ. . . штом наумил нешто
- - веднаш го вршеше лесно.
- Нам водачи тие ни беа; без бог да ги штити
- смртта ги однесе ледна.
- Јас не можам да ти ги изредам сите, па нити,
- жено, да слушаш ти седна!
- Од крвта на стомина борци сред викови диви
- земјата прокисна меко.
- Останавме само четворица Албанци живи
- што го избегнавме секот.
- За награда ние од Стан го донесовме син ти,
- толку нажалени сите:
- да не биде храна на птиците грабливи, нити
- плен да им стане на пците.
- Та нему му прилега погребението свето!
- Нека не разбере Неда
- јуначкото како го цени Албанецот сето!. .
- . . . Често од Одрин ги гледав
- зачудено Русите. Восхитен бев од синојте
- кои Елада ги даде.
- Служејќи му на Шкодралијата , каде што минав
- - гробови видов. Но каде
- да одев, да скитав, јас не сретнав појунак човек,
- жено, од сина ти сакан.
- И блажени нека се твоите гради се довек
- што го охраниле така.
- За твоето млеко се покажа достојно чедо,
- венчан од славата трајна,
- и никако не го посрамоти родот ти, Недо,
- в скут на победата сјајна .. .
- А куќата што ке ги чуе плачовите твои
- света ќе остане за нас.
- На твојата порта не ќе тропнат Албанци, кои
- бараат гозби и храна.
- За Гегата рајата трпеза полна ќе даде;
- рајата има, се гледа.
- Јас секогаш ке го почитувам покривот каде
- Кузман го родила Неда
- и каде што таа поднесува голема тага.
- Пред тебе клетва ќе ветам;
- Албанецот нема да згазне на зборот и лага
- не ќе е клетвата света"!
- Со почит, пред телото мртво Кузманово, рака
- Гегите кренаа веднаш.
- Тупаници стиснаа силно; пред мртвиот вака
- клетва изрекоа една:
- - „Се колнам јас, јунаку, никогаш мајката твоја
- да не ја нажали Гега.
- И нема да позволам,еве, на зборот си стојам,
- смртник да пречи од сега".
- Се колнеа Гегите, колено чисто на тие
- Пелазги славни. А Неда
- со закован поглед в кој омраза — молња се крие
- гледа во водачот бледа.
- Ко втрештена беше. Молчалива - риба! Но бликна
- одеднаш болката пуста.
- И тежеше в гради. Ја натера гневот, та викна
- луто мајчината уста:
- - „Зар повтор со злосторни ужасни мисли сте полни,
- скитници, грабливи страчки?!
- Зар пак, о, разбојници, кроите некакви волни
- убиства, кражби и пљачки?
- Зар не се сеќавате, клетници, божјата рака
- како ве разори, смачка?
- Ил' диво се смеете син ми што загина сакан
- мислите: час е за пљачка!
- Но и други борци ќе воскресне Река и водач
- нивни ќе излезам в гора.
- По вашата трага ќе тргнам и по вас ќе одам . . .
- Јас да ве уништам морам,
- ил' мртва ќе паднам. Зошто ми е животот кога
- син ми неодмазден ке е?
- Во бојот ќе побарам смрт. Но по желба на бога
- може и триумф да грее!
- Јас сина да видам - ќе жртвувам живот, копнејќи;
- сили со радост ќе зберам.
- Но залудо ти ми го фалиш ко јунак, бидејки
- враг си му нему по вера.
- Даројте на врагот се омразни. Храброста нема
- што да ја фалите вие.
- Го нејкам ја венецот никаквец што и го спрема,
- помисли други што крие.
- Расплакана Албанка, косите што си ги куби,
- фалби на Кузман му плете,
- бидејќи во оваа слава и подвиг и убил
- можеби маж или дете.
- Од кротката раја, во нашата клетва се вели,
- Гегите храна ќе зберат.
- Сал мојата куќа ќе била чествувана, нели?
- Клетви ви не се за вера!
- Со таквите клетви и зборови немој да мамиш!
- Света е куќата моја:
- со барут и железо полна е; не ќе ја срами
- Неда родината своја.
- Ќе дојдат ли со вас и мнозина пљачкаши стрвни, -
- вас ќе ве дочека смело,
- со божјата помош во борба со душмани крвни
- в крв ќе запечати дело.
- Ти велев често: „Кузмане не ризикуј ти живот,
- не елегувај во бојот пак!"
- Но ти опасноста ја презре, и во пресрет, диво,
- на болниот му летна знак.
- . . . Но, на рамо вие го носевте сина ми довде,
- голем пат вие сте прошле . . .
- Знам, нечесно ќе е да почнам со играта овде,
- зашто со милост сте дошле.
- И затоа нека во верност се заколне секој,
- нека се заколне дека не ќе врши грабежи,
- се дури постои веков,
- во намачената Река.
- Земете ја, инаку, клетвата назад, и така
- денес да почнеме битка!
- Јас не можал среќна да бидам се дури во мака
- страдниот народ се витка!"
- Им рече . . . ја гледаат збунето Гегите неа:
- лик на природата сама . . .
- А луѓето, сите со трепет, замаени беа
- од необичната драма.
- И откако дадоа збор Арнаутите, секој
- од нив се заколна дека не ќе врши грабежи,
- се дури постои веков,
- во намачената Река.
- Го поткрена Неда мртовецот, — тешкиот товар
- во мајчина прегратка лесен . ..
- Плачејќи, во бранови луѓе го гледаат ова. .
- Околу патот е тесен.
- Големото портиште скрцна ко бикова рика.
- Дворот се начичка добро до народот
- и од неговата таговна вика.
- (Сите пак, не ги ни собра.)
- Сред плачот се стегаше народот надвор и благо
- секој на мртвото тело
- Кузманово сакаше да му се доближи: да го
- бакне неговото чело.
- А Неда, носејќи го на раце лесниот товар,
- силно офкајќи, се качи
- по ретките високи скали, гологлава . . Нова
- стихија разнесе плачој.
- На постела таа го стави мртовецот, каде
- жена, во црнина цела,
- рамнодушно чекаше. Врз глава таа му кладе
- крпа, копринена, бела.
- Ти која си, жено, што можеш да стоиш сред
- врели
- плачови студена тука?
- Калуѓерка таа е, Фотина, чиешто челик -
- срце во градите чука.
- В гроб темен испратила мнозина Фотина клета.
- Нејната студена душа,
- гледајки ја одблизу смртта - замрзнала сета.
- Страшниот пискот го слуша,
- недостапна сала за солзи. Но, ете ја,стои
- - карпа пред јароста бурна;
- нејзиниот ум го зацврстиле молитви, кои
- идат од душата тмурна.
- Мртовецот таа го соблече. . . Крвави порој,
- лута и не една рана ...
- А мајката, браздите кога ги виде, без зборој
- ко поулавена стана.
- Тресејќи се целата, очи со раце стискајќи,
- в потп се изоблеа ладна:
- Еринија чиниш ја збрка;со глава, ко лисје нишајќи,
- таа полумртва падна.
- Надојдоа жени; од подот го кренаа тие
- нејното немоќно тело,
- и почна со студена водица некој да трие
- Недино високо чело.
- Но откако дојде на себеси кутрата Неда -
- отвори полека очи.
- Штом поткрена поглед, започнаа пак да се редат
- тажачки, солзи без почин.
- А Фотина мртвиот в корито беше го клала;
- вода го потури млака
- што беше ја стоплила Неда, чекајќи пред малку
- жив да се искапи така.
- Го искапа бабата. Кога го вршеше ова
- среде тишината темна,
- монотоно сите ги редеше маки на Јова9,
- в потсмев кон сладоста земна.
- Ко лице и песната бестрасна беше, но река
- в кристално корито, чинам,
- што тече низ песок, гонејки ја полека-лека
- жедта на тие што минат.
- Баш така Библијата како со балсал ги слади
- неутешените гради ...
- Зборовите параа срце на тие што таму
- собрани беа, а само
- утехата стои пред кутрата мајка ко стена,
- болката неа ја скрши.
- Свршуваше песната . . . Ама опитната жена
- и со капењето сврши
- на многутажениот мртовец, херој од Река.
- И Кузмановото тело
- се провикна за да го кренат .. .Па видоа дека
- телото - цвет беше бело.
- А мајката прва се спушти и лесно го крена
- како од фиданка гранка.
- Му облече кошула веднаги опитната жена,
- риза - пајажина танка.
- А потем, позлатени дреи што Кузман на празник
- само ги носеше голем.
- Да, така младоженец ружаат моми со разни
- обредни песни во пролет.
- Го пренесе мајката, накитен сиот во злато,
- на чардак - резбарско дело.
- Го кладоа в постела: Неда по тажачки прати,
- најарни тажачки в село.
- За тажење, досега нигде неслушнато, Неда
- најпрво знакот го даде;
- И расплете коси, над мртвото затажи чедо. ..
- Рацете таа ги кладе
- врз Кузман... - „Се надевав - писна, - ој Кузмане, дека
- како младоженец в зора
- девојките ќе ми те облечат;
- тука Ке екнат весели, свадбени ора.
- Го украси резбар со цвеќиња таванов, - рече, -
- од младоженската стаја.
- Канејќи не бочвата сите на свадбена вечер —
- врие од виното таа.
- И пративме дарови на свршеницата твоја;
- прстенот таа го смени.
- Ни наближи часот за венчило. . . Злосторна моја
- судбино, како се мени!
- Но место да чуеш ти радосна свадбена песна
- -тажачка слушаш да пекам.
- И наместо одаја брачна, ох! — јамата тесна
- бездушно тебе те чека!
- На рацете нема да залулам внуче, а ете,
- каде ме остави, каде?!
- Се изгасна родот, а друго освен тебе дете
- нелам, не остана надеж.
- Го остави творецот земен со еден и родот
- на чествуваниот Раде.
- А мракот на смртта ја голтна без милост и таа
- фиданка бог што ја даде.
- На Радета Стајко му беше единствено дете;
- Ти, пак, Стајковата надеж.
- Во битките смртта на сите вам венец ви сплете
- на гради камен ми кладе.
- Та новата рана ја отвори старата; денес,
- кутра, да не бидам жива -
- над синот и мажот оплакувам одеднаш! Мене
- срцето в бол ми се свива.
- Се чуди со ужас и денес албанското племе
- што јунак татко ти беше;
- со славата побратен, сердар, тој целото време
- беше на херојство решен.
- Ги плашеше како што зајак се плаши, кој бива
- гонет од изгладнет орел . . .
- Тој падна во Дебарца кај што со Муча на живот
- и на смрт беше се борел.
- Ти остана детенце, утеха една во жалост,
- бујно ко фиданка в гора,
- За подвигот татков со восхит ти,
- иако мало, сакаше јас да ти зборам.
- Штом слушаше ти за неговото убиство, твојот
- поглед плалнуваше а ужас;
- и, вцрвен од лутина, клетва ти даде во својот
- гнев - дека одмазда ружаш.
- Бегајќи од шумот на твоите врсници, често
- нешто во мисли те влече:
- во сонот ги гледаше битките, а најаве место
- играчки — имаше мечој.
- Со опашан,тежок меч често те гледав да шеташ,
- пламено нешто шепнејќи.
- За убиства жеден, те гледав кај виорно леташ,
- невидлив бој ти водејќи.
- Но, отпкако порасна направи дела од кои
- душмански племиња в страва
- се стресоа... За тебе слушнав од душмани твои
- фалби што тебе те слават..
- Штом татко ти загина, сабјата твоја
- повторно ја прероди Река
- ко пиле што пиштела в орлови нокти, во која
- Гега ја навредил сека
- домакинска куќа... Ти брзаш,мој сине,да земеш
- венец од лаври во крајот
- на блаженства,кај што не се знае болка и
- време, каде што таму, во рајот,
- од приказни можеш да сретнеш задоволства толку . . .
- Песни се нижат од гласој -
- што не ги чул досега смртник . . . И бескрајно, колку
- векови минат ко часој!
- Сред ливада, таму, и татко, и син ќе се сретат;
- таткото сина ќе гушне.
- Во борбите диви што сторила твојата чета
- од тебе тогаш ќе слушне.
- Штом јунакот тој ќе го гушне со насмевка милна,
- радосен ќе ми те баци . . .
- А, можеби, набрзо и мене, в радоста силна
- ќе ми подадете раце . . ."
- Го изрече ова . . . Бессолзните очи од тешка
- тага ко жарови беа;
- бидејќи го пресуши изворот тагата жешка
- - немаше солзи да леат.
- Во истото време подзедоа жените болно
- тажења, в припев редејќи,
- а однадвор им пригласуваше, липаше волно
- народот збиен, плачејќи.
- И едно по друго од другите жени два хора,
- одгласувајќи ко ѕвона,
- за животи редеа што рекол Кузман и сторил.
- Кој ке го раскаже она
- што жените,кога ќе тажат над мртов, го редат?
- .... Дојдоа мајките чие
- што чеда со Кузмана паднало; потем со Неда
- Кузман го тажеа тие.
- Жалејќи го Кузмана, тие над своето блиско
- толку неизмерно плачат:
- да не стане пљачка на пците. .. А лелек и пискот
- сегде во куќата јачат.
- Но одеднаш Неда истрчува горе ко елен,
- народот гневно го кори:
- - ,,Ој, орачи, мажи, не тажете вие! - им вели !
- слушајте што ви се збори!
- В бесполезно плачење зошто венеете така?
- Плачот остајте го еднаш!
- Кому му се нозете лесни и снагата јака
- нека биволите веднаш
- ги впрегне во коли и тргне во Стан. Та и сами
- знаете: в прашина, мртви,
- десетмина јунаци лежат што смртта ги смами.
- скапи за земјава жртви!
- Па, кога се мртви, дајте им на кутрите мајки
- нека ги истажат барем.
- Тажењето за нив е награда: оплакувајки
- мајките ќе им ја дарат!"
- Им рече ... И рипнаа четири момчиња млади;
- веднаш истрчаа спроти
- Недината куќа, та право отидоа каде
- многуимотниот Фоти.
- Од крајната сушина колите сосема лесни
- тие ги свлечкаа по нив.
- По нешто поправија и во дупчињата тесни
- катран намачкаа они.
- И впрегнаа три чивта близнаци биволи црни.
- Чесно молејќи се богу,
- одејќи пристигнаа се до планините стрмни,.
- толку надиплени многу.
- Брзајќи биволите спотнаа. Се уште така
- крцкот се слуша по ридје.
- Ги водеше колите опитен старец што в мака
- препател многу и видел.
7 песна
[уреди]- Да, така беше тоа. Девојка, пак, тажна дома
- во собата и сама е.
- По либе таа тажи .. . Чија ли е таа мома
- чии клепки толку лични, се?
- Свршеницата е таа; Марија, и една надеж
- на Томе, својот татко стар.
- Тој женски ред-занаети со сновалка и даде
- и тоа беше негов дар.
- Не пристигна свршеникот си мртов да го кити
- со росен погребен букет,
- бидејки не тажат во Река момите, па нити
- го видел тој срам овој свет!
- Пред свадбата девојките, затворени ко пилци,
- сред мечтите се носат рој.
- Нив бог ги гледа. В ѕидот,пак,ко в кафез птички крилца
- го кршат тие гласот свој.
- Ткаејки, таа слушна плач. И мисла црна нејзе
- и блесна в глава како нож.
- Ко гласник на несреката при неа Толе влезе,
- леејќи солзи како дожд.
- — „За плач е час.. Свршеникот непријател го уби
- трпејќи пораз во Стан.
- Го тажат жените, променети во црни руби,
- а плачот - железен е бран."
- И жал, и мака скри девојката; и мирно седна
- пред својот нежен татко стар,
- Не заплака, а мени боја, проѕирна и бледна,
- пожолтена ко килибар.
- А старецот си излезе, оддалечи, мислејќи,
- за кого да ја мажи друг.
- Ој, кутриот? Тој никогаш, па иако копнејќи,
- не ќе стисне во преград внук.
- ... Штом сама остана, шамијата ја сметна в трепет
- и пушти веднаш жален вик.
- Расплетувајќи долги коси, врз нив тури пепел:
- го презре својот убав лик.
- И писна в плач; - „О дни во кои несреќа се лее!
- Та тажен ли е живот клет;
- од денес полн со болки, низа крвава тој ќе е
- од солзи, преполн маки сет.
- И само в гроб јас кутрата, за мојта болна душа
- ќе најдам сладок балсам .. .
- Ти, о дали свршеницата си сакана ја слушаш?
- Те прашам: кај ме напушти? .. .
- Не ќе видам да носиш пак на коњот трофеј боен,
- да стигнеш гордо, в роден крај.
- Ни на оро, сред младите, ќе видам, либе мое,
- да блеска твојот пусат в сјај.
- О, зошто немав сабја јас, та со неа мавтајќи,
- да летнев како јунак в бој!
- И место тебе, стрела албанска пречекувајќи,
- ко заштитник да паднев твој.
- А Гегата крволочен јас, бесна ко Менада,
- би го раскинала со заб.
- Но што!... Од огнот борбен момата се плаши млада;
- нејзиниот е мускул слаб.
- Со солзи жешки, да ме чуе, молби богу пратив
- пред светиот му моќен трон.
- И може творецот на светов жив да ми те врати
- штом мојот ќе го чуе стон!
- Но, кој од оној свет се вратил? Камо таков човек?
- Се уште силен е Харон...
- Природните ги создал господ закони за довек,
- за мене не ги мени он!
- Ќе служам јас во домот божји, и во црна руба
- ќе бидам вечно тажна јас.
- Не ке примнам друг в постела, и колку да е убав,
- се дури трае мојот час.
- Со плач ќе те смилостувам.. О слушај ме, ти можеш
- да слушаш крик мој секој пат:
- Час побргу ти сврзи ме со либето, мој боже,
- во твојот рајски светол кат!
- Ти не си жив. Штом мојте очи сонот ќе ѓи склопи
- - во сонот ке ми блеснеш ти
- сред тишината, во сиот сјај што целата ме
- опи, ко оние што блесна дни.
- О сонце, колку светлина ти прскаш уште рано,
- и како лееш светол зрак!
- Штом Кузман не го чествуваш ти згасни в океанот
- да не грееш и над нас пак!"
- Проговори .. . И целата покуќнина од темел
- ја претури од силен јад.
- А јадот толку растеше ... Го исплака без време
- избраникот на својта град.
- Крај Галичник постои ритченце малечко свето
- врби насадено сето.
- И шумоли поточе, брзо ко змија, течејќи,
- кристални води леејќи.
- Светлината сончева одвај приѕирнува таму.
- В сенчести гранчиња тука
- кукајца се вести штом пролет ќе наближи само,
- таговно в пресрет и кука.
- И изморен патник замислено седнува овде,
- потпрен под некоја врба.
- Слушајки го чрчорот птичји што достига довде,
- целиот пролетен брбор —
- На гусла двоструна свирејќи, покрај патот седнал,
- го пее ова просјак сед;
- а јас, пак, прост запишувач, минејќи тука еднаш
- го запишав од ред до ред.