СРПСКО-БУГАРСКАТА СПОГОДБА
Основата на Балканскиот сојуз ја чинела српско-бугарската спогодба, а во преговорите што започнале кон крајот на септември 1911 година многу активно учествувале руските пратеници во Белград и во Софија, Хартвиг и Некљудов. На 13 март 1912 година е потпишан Договорот за пријателство и сојуз меѓу Србија и Бугарија, придружен со таен додаток и со воена конвенција што е потпишана на 2 јуни истата година како интегрални делови на Договорот. Покрај тоа истиот ден се потпишани и две спогодби на главните генералштабови.
Јавниот дел на Договорот имал дефанзивен карактер: двете земји си гарантирале една на друга државна независност и неповредливост на територијата, а во случај на напад на една или на повеќе држави, заедно да се помагаат со сите сили; ако некоја од големите сили се обиде да анектира, окупира или со воена сила да заземе кој било дел од балканската територија под турска власт и доколку тоа би било спротивно на нивните заеднички интереси, двете страни се обврзувале да си помагаат една на друга; мирот можел да се склучи заеднички, според претходниот договор; било предвидено договорот да трае до крајот на 1920 година.
Со тајниот додаток на Договорот се предвидувала војна против Турција, со тоа што претходно би се известила Русија. Целата територија што би ја зазеле од Турција би имала карактер на заедничка своина, односно кондоминиум, а таа територија дефинитивно би се разрешила три месеци по склучувањето на мирот врз следните основи: Србија и’ го признава на Бугарија правото на областите источно од Родопите и реката Струма. Бугарија на Србија и’ ги признавала областите северно од Шар Планина.
По тие области не постоеле спорни прашања, па се нарекувале неспорни области. Територијата меѓу Шар Планина, Родопите, Архипелагот и Охридското Езеро, била означена како спорна и за неа е речено дека може да се организира во автономна област или да се подели меѓу сојузниците. Значи според српско-бугарската спогодба од 13 март во 1912 година за најголемиот дел на Македонија, т.е. за таканаречената спорна зона на прво место се предвидувала автономија а потоа нејзина поделба. Меѓутоа, фразата за автономија на Македонија, што била внесена на барање на Иван Гешов и што во договорот влегла како прва можност, била внесена заради измама на македонскиот народ, а особено на македонската емиграција во Бугарија.
Откажувањето на Бугарија од прелиминарниот Санстефански договор и одлуката на Македонија да и се даде автономија по протерувањето на турската војска од Балканот биле главни причини македонскиот народ да се вклучува во балканските војни без оглед на тоа под чија команда ќе се бори. Од друга страна токму тие две одлуки биле пресудни за српската и бугарската пропаганда да извршат одредено влијание врз македонското население. Всушност, ни српската ни бугарската влада не помислувале на македонскиот народ (чија националност не ја признавале) да му дадат автономија, туку со истата спогодба била предвидена поделбата на Македонија без оглед на етничкиот состав на населението и без размислување за последиците што ќе настанат по нејзината поделба.