САМОУНИШТУВАЧКА БОРБА

Од Wikibooks

Во текот на Втората балканска војна, во армиите на двете завојувани страни, покрај масовните дезертерства, имало и бунтови во одредени единици. Особено незадоволство поради меѓусојузничката војна покажало македонското население кое се наоѓало главно во првите борбени редови на двете завојувани страни, водејќи самоуништувачка борба во корист на сопствените окупатори. За време на битката на Брегалница избувнале повеќе бунтови во четвртата. бугарска армија, а во српската трета. армија имало масовни дезертерства.

На некои делови на фронтовската линија биле забележани и братимења меѓу српската и бугарската војска. Се работи за Македонци кои се познавале од порано и кои ги сфатиле целите на војната, па не сакале да учествуваат во борбата за распарчување на сопствената татковина. Во 22 полк на 7. Рилска дивизија, што дејствувал на правецот кон Солун, избувнала побуна затоа што во времето на првото примирје бил префрлен во Источна Тракија. Околу 70 војници не сакале да заминат од Македонија, по што биле тепани со стапови. Појавата на колерата на Македонскиот фронт, исто така, предизвикала масовни дезертерства.

Во битката на Брегалница, српската и бугарската војска, како и грчката, го користеле македонското население за остварување на своите интереси. Ставајќи ги младите и способни Македонци за борба во првите борбени линии каде главно гинеле, всушност ја уништувале македонската иднина, а снабдувајќи се со храна и со облека од месните извори, го загрозувале и опстанокот на оние што не биле во борбата, односно жените, децата и старите. Загубите биле мошне големи и на двете страни. Во српската војска имало 16.200 мртви и ранети, од кои 11.350 во третата. армија.

Во бугарската војска имало 25.000 загинати. Само на српската страна имало околу 5.000 кои умреле од колера. Во бугарската војска од колера умреле многу повеќе луѓе, со оглед на тоа дека таа болест била пренесена од борбата против Турците во Тракија. Македонското население на двете страни на фронтот, исто така било, заразено од колерата. Освен тоа, многу села биле опожарени, храната однесена, недостасувала облека, па се водело грижа само за гол опстанок. По битката на Брегалница, дејствата во Македонија се претвориле во исцрпувачка рововска војна. Меѓусебното исцрпување траело до 31 јули 1913 година, кога било потпишано примирјето, кога балканските војни официјално завршиле.