Ралица, 1992
Јован Котески
Ралица
Издавач: НИП Ѓурѓа, Скопје
1992
Во спомен на брат ми Благоја
Кон овие стихови
[уреди]За време на робијата, пролетта 1987 година, во затворот Идризово, меѓу другите ракописи и забележав и ги зачував и овие стихови. Некои од нив и денес ми се чинат интересни. Долго се колебав дали да ги преработувам или да ги предложам за објавување изворно, онака како што настанаа. Се разбира, при преработувањето, се уверував, стиховите можеби нешто ќе добијат на естетски план, но најверојатно, ќе ја изгубат изворноста. Се решив во овие лирски записи да не менувам ништо.
Март 1992 година
Скопје
Авторот
Жарче
[уреди]
Она што гори горе, Сонцето,
е јајце со црни дамки
снесено од мала белузлава птица
што квачи некаде меѓу измаглини.
Тоа што му го плука отворот на полжавот
со светлина,
што му го остави подотворено прозорчето од слуз
е колку уше од игла!
Јас ви зборувам за взаумна далга,
за вретено завртено во круг,
за снопче виделина зад решетки.
- Блазеси му на Паскал Сотировски
што гледа напрсток од црна дупка,
фурија што ја продолжува линијата
низ светлите прсти од Бога!-
Легнат на грб
ми иде да запеам од убавина,
но едно зажарено бубаче од страст
ми полазува слепо по рамо.
Пејсаж
[уреди]
Во почетокот ми ги матеше очиве
жолтото петно во основата,
но со време го ускладив овој пејсаж во себе,
дури и го засакав.
Сега мислам едка е вредно дело!
Просто е невозможно со каква умешност
и знаење, сликарот, созадал проѕирен редеж од буки
се покажува Сонцето, огромно но дискретно
на планински срт, зад ледина. Оттаму, од исток,
се’ е во неговиот знак! На сликарот, веројатно,
Сонцето му било попотребно од леб во ќелијата.
Штета што не се претставил со потпис на сликата.
Сега тој можеби и не е меѓу нас, живите,
но оваа творба работена со жолт ималин
ќе го надживее и неговото тегобно детство!
Самица
[уреди]
Станав тежина во себе и за себе,
теснотија и за Сончево Око.
Во канџи, во бунило,
растреперува бездушна жар.
Станав невидливо кандило што осветлува
за да се искачам до прозорчето од Бога.
Строј
[уреди]
Еден ме заглавува сред црвеница, в кал
друг ме битисува меѓу квасници и сеници,
трет ми го накалемува пламенот на гневот
Сите ми ја расипуваат шараната дулбија!
Тие веќе не се ни достојни
да застанат лице в лице со мене.
Јас се израмнив со стадото Божјо:
работници, каменоресци, ѕидари,
дрводелци, печалбари, вешти луѓе,
одбор делии на небеската војска!
Во кругот на Мртвиот Дом чекорам по сите
на врвот од опашката од засскана змија.
Насилници
[уреди]
Намуртени доушници ме поткажуваат,
бабуносани лица ме спроведуваат.
О леле, о леле, о леле,
целото тело ме боли.
„На клупата за мачење“
ме стегаат со ситни синџири
за раце, за нозе, за врат,
по телото морници – морзеова азбука!
Ќе ме пендрекуваат ли?
Нема да ме пендрекуваат!
Коска од коска, крик од крик,
нема кому да се жалам.
Пендрекување
[уреди]
Сега веќе олабавува месечевата мена.
Минатата ноќ еден бедник пендрекуваа
зад зелениот расад на мојата поезија!
Само како му се обликуваше телото в грч,
во кожа од жирафа!
Му ја расипаа гравурата небеска,
маѓиите му ги заврзаа во бело шамиче.
Му го скршија сончевиот часовник,
му ја поткопаа жешката лира.
Запис
[уреди]
При помисла дека попладне во паркот
ќе гледам црвени трендафили,
се ежам. Имам чувство дека
ќе си чепкам во отворени, живи рани.
Тревата во алејата е обликувана во тепих,
но неа ја газат сотици опустошени,
заборавени затвореници.
Не пристигнува никаква вест.
Знам, се разотиде народот, се разлида,
по светот. Црвот на сомнението
како да ја нагризува целата планета.
Процес
[уреди]
1. На Кате
Зазорува, чучулигата на ноќта
пее во стиховите на Шекспир.
Сега веќе сум „ни на небо ни на земја“.
Може и дете со кревко раче
да разјари лав, бик, човек,
може да ме разјаде јанѕа.
Сонував ергеле бели коњи,
се преврте карпа врз мене,
морето зина и ме голтна!
Ми расточија се’: име, потекло, слава,
ми ја оставија, фрлајќи ја
со скратена реч, на слогови, поезијата!
2. Истрага
Ги стегнав рацете, се молев да одам да мочам,
се разлавував како претепан пес,
- кукавици, зар немате милост, помагајте!-
Чувствував болки на вратот.
Насекаде ме боли. Отрпнат и тих
во самица барав тврдо визглавје!
Мачењето продолжува со врзување.
Според продолжението на крикот
на некој во „капатилото“ му го менуваат ликот.
Незнајна
[уреди]
(сонувано)
За да си ја покаже нежноста
Таа соблекува раскошни дреи,
градите, бедрата, живото Торзо
се’ на неа и врз неа блескоти.
Се покажува во совршен сјај
оваа природна архитектура!
Боже, ќе умрам, а без да видам
жив вулкан освен овој што избива
од нејзиното тело. Помислив:
Еве, раззеленува бескрајниот зер
на змијското Слово на поезијата!
Можеби е Таа вистинската смрт?
Сведоштво
[уреди]
Мала утеха пред тапа болка,
идеја што се плаќа во крв
на задоцнети рати, со камата!
Расплодени чумави болести.
Само поетот е под клепките
на ноќта. Го лула рулчето
на новородена супер ѕвезда,
го пара срцето со остар нож.
Бубаќот полн гасеници
се отвора- рана од кратер –
пајакот ја зацврстува мрежата,
поетот в карцер крвари.
Ралица
[уреди]
(ѕвезден полилеј)
Преку решетки
Ѕвездата Ралица ми ги открива
сознанијата
дека вселената жетва ќе роди!
Преку зборот Мајка
ги доловувам светлосните години,
ми треба уште само рамнотежа.
Уф, зошто го раседлувам овој облак,
зошто ми бега оваа расцутена Ралица
во својот сјај
и зошто ме наведува кон Татковината
со грешна мисла?
Ласица во сонот
[уреди]
Да ти ја плукнам содржината на идејата
кога за мене никој не се стори жив!
Да постоев во друго време
можеби ќе ме трампеа за жито,
за буре вино, за барут!
Вака, бидејќи „сум ја сакал Татковината“
ми ги замрзнаа коскиве.
Се шмугнаа обвиниители во сонот
бркаа ласици по волја на ветрогони!
Помислувам: што дека сум поет?
Да ти ја плукнам содржината на идејата!
Смртта е една и единствена,
неа не ја видел досега никој,
па дури ни оној, распеаниот Орфеј.
И така...
[уреди]
Се раскуќува семејство од село,
луѓе од болести,
шуми од пожар,
се раслекува жена за спиење,
дете за капење,
маж за орање,
се распалува образ од девојка,
фурна од оган,
човек од гнев,
се распаѓа дрво од старост,
куќа од поплава,
земја од вода,
се’ се растура, се ослободува,
само со синџири на нозете и на рацете
може се’ уште да се робува.
Авет
[уреди]
Се заканувам со посев од смрт.
замеси го тоа тесто од кал
направи скулптура на жена.
Ќе ти се најде за садака
Ги размеѓив чувствата
сега сум китнеса оаза
исполнета миризливи арии!
На Аветот од Мрак му реков:
„Има ли разлог да се бара
гробницата на Тутан Камон?!"
Сега веќе не разликувам змија
од катедрала! Па што?
планината е светла од здивот.
Различена е гранката од јато птици,
разлистена е тагата од црни мисли...
Сакав и им реков: „Како не ви е срам,
ја излокавте ‘правната држава’!“
Мелодија
[уреди]
Како неук мајстор на стихот
се обидувам да ги фатам звуците
на една кантата од Рахманин.
Не ми успева.
Се вртам и го гледам стрико Сандре
ги стега вилиците
како да ќе го нападне расонет Демон.
Во ќелијата се мешаат тоновите
и се глодаат. Едни со други
влегуваат в нерамен бој. Во двобој!
Јас ги повлекувам
и последните линии на мелодијата,
кинам свежи стракови пелин
и врз напластен воздух, низ сеќавања,
влегувам во миризлива градина.
Осуденик
[уреди]
Прости му Господе на Мирко Дафиловски
што го изнесоа низ капија
со нозете напред!
А знаеше, зад решетки,
пејсажот да го ооживува
со неповторлива страст:
овошки во цутење, цреши во зреење,
поле изорано со мечти!
Раскажуваше и за некоја Заспана Венера
чии очи ги покираше со надолена,
невина дремка,
а раката и’ ја спушташе надолу
кон пупето.
Овој безизлезен човек сред сурија дивеч
чиниш преку решетки истура виделина
како млеко од кобел во јуни.
Помислувам: дрвото се обновува со корени,
лозницата се закитува со лист,
а јас со скуден збор се обидувам да го исплачам
Мирко Дафиловски.
Наполи
[уреди]
Од се’ во сеќавањето најмногу ми останаа
неколку балкони во неугледен кварт
и бели шарчафи по терасите,
платноотки во морето
наспроти огромните троми бродови
што одминуваа
и некаде на исток Везув со капа од чад!
Јас тогаш и не помислував дека
пред 385 години во ѕидиштата на Кастеланова
на Томазео Кампанела
во менгеме му ги тегнеле мускулите.
(Сега се отстранети прангите,
барем така пишува во куќниот ред!)
Можам да замислам со каква суптилност на витез
Кампанела ги молел инквизиторите
да му дозволат да оди да сере...
Мачна душо, денес –
насилствата на безумството се повторуваат
со посовршени методи.
Го видов Наполи со џиновски ритам,
со широки светли плоштади, заливи,
бучни авиони, облакодери,
но сето тоа исчезна како во матен сон
кога се мешаат и се истураат излижани карти.
Останува само приказот за робијата
што го преповторуваме
како ученици со нагледни средства.
Град
[уреди]
Јас го паметам тој древен град
подигнат крај црвени брегови
со кула на ридот што се израмнува
со напластена тешка планина.
Јас ја паметам барутницата
сурова и тешка како полноќ.
Ги паметам коњите троми
како се спуштаа по калдрмата,
водата што се слева во коритотот
правејќи сребрена алка.
Јас ја паметам неодложната мора
што навлегува и запоседнува
во очите, во душите, во дамарите скришни,
во лапавицата на оптегнатите крикови!
Јас го паметам тој древен град
заграден со штрбави ѕидишта,
пренесен на географска карта
како мртовец пред Свети Архангел.
Но јас најмногу го паметам тој древен град
по една жена со кадифени очи
во чии длабочини се близнеа стихии.
нејзиното лице украсено со бемка
и денес ме потсетува на златна болвосерка...
Вина
[уреди]
Во летописите од Стариот Завет
началник над лозјата е Семеј од Рама,
а над визбите со вино во лозјата – Завдиј, син Сефамиев.
Овој последниов, како да ме предупреди
дека прв на целта ќе стигне Љубен Ташковски
(до последното буре од визбата во Неготин Краина)
кога, вкусувајќи голтка розов еликсир
поетот свечено изјави „Овде е крајот на рајот!“
Годините, гроздови зрна, полека се ронеа,
но балзамот при дегустацијаа што тогаш ни проструи низ крвта
и денес го чувствуваме на врвот од јазикот.
Варијанта
[уреди]
Можам да си претпоставам со какво чувство
на одушевување и пораз се понесува
Паско Кузман, археолог, во ископина,
кога ќе открие јајцевидна глава од мермер!
Најпрвин маестрото ја стега дланката
како да сака да направи топка од снег,
потоа ги пушта прстите кон цутен јоргован,
извлекува разгранета шипка од азбест!
Ја распоредува азбуката на минатото време.
Темен е говорот на неговото камено дно.
Но кога мислиме дека дошол до совршен крај,
Паско Кузман ги покажува дамарите:
Парчосува лирска стомна од лискун.
Може да се оди натаму, вели Паско Кузман,
па почнува да плете мрежа од страст.
Оптегнува невидливо јаже од пламен!
Расади
[уреди]
Се расрде рисот, Се расрде жената.
Се расрде сувата земја и земјата
што не се расрде. Ах, се расрде
во ќелијата Ахил Пелеев, го фати гнев!
Во моиве песни нема раст,
има раст во криминалот.
Во мојава поезија нема раст.
Има раст во генерацијата.
Се разведе Христос од крстот.
Се разведе Марија Калас
од операта. Се разведе мојата мисла
од твојата мисла, од твоето тело.
Се растаже морето од копното,
мајката по синот,
девојката по момчето,
се растаже ангелот од ѕидот
за светло, отворено небо.
Мојата тага е неизмерна,
се раствори ко сол во вода.
Чадот се гледа во ведрината,
мојата болка е широко море.
Се растега стадото,
се растега облакот,
се растега редоследот
на заслужни и незаслужни.
Се’ тоа е зависно од сонцето
и од грст пресна земја.
Се растечува лава од дојката,
се растечува крв од раната.
Меѓу мене и тебе божествено
растојание од издивки, од грамади,
градина измерена со пијавици
од трепки! Меѓу Андромеда
и мечкина дупка – божилак.
Волкот ја растргнува овцата,
судбианта ме растргнува мене.
Но што ми останува кај тебе?
Растреби ми ја главата од мисли!
Вселената од ѕвезди. Запали ми
оган в око, во сино кандило.
Расцеп на жената
Расцеп на душата
Расцеп на телото
Расцеп на судиите
Тежок расцеп
на белите дробови
Се нафати рѓа
врз моите наведнати плеќи.
Прави со мене се’, само не барај
да ти подигнам раскошен сарај.
Ако веќе ти подигнам, не ишти,
сред сарајот змија да пишти.
Таа прави растур
мелејќи со задникот
кон високите крепости
на иднината.
Му реков на судијата:
„Расуди ако си маж
зошто ме осуди?!“
Раскостени
[уреди]
Со неверојатна нежност
таа му ги расели лебедите
од заспаната вода на Окото
во измислено Езеро!
Длабок беше засекот на раната,
на карпата одронетиот вртлог,
Длабок.
Во Сoлунско Поле
раскапа Црна Арапина
пред Болен Дојчин.
Крали Марко му се одмазди
на Муса Кесеџија.
Сите тие си имаа
по една сопствена зандана
од која враќање нема.
Раскапа плодот на крушата
во зрело злато.
Дури и Спире Црне
се престори течен метал!
Коска до коска- сите се раскостија.
Никогаш да не те видат очиве мои
сестро Ангелино,
што стори со својата страст, кучко?
Душа
[уреди]
(реинкарнација)
Aко по смртта душата влегува
во некој овоземен створ,
дај, Боже, мојава нека се всели во змија.
Шаренилово на сите им е познато.
Свикнат сум да ме толчат по глава
со се’ што ќе им падне на ум, чесен збор.
Мршари
[уреди]
Оној сум што ја виде мршата
во своето мртво кралство,
маскирана вистина што им се враќа
на згаснати пожари од сопствена крв.
Оној сум што ги виде мршарите
се доближуваа до обилната гозба,
завиткани во прав од вретено на ветерот,
ги парчеа галаксиите од мртво ткиво.
Нека си понесе моево уво звук од песна,
оково – крило од пеперуга лесна.
Оној сум што бара три најубави жени,
робинки,
во Митологијата што се кријат,
а како бршлен се вијат по столбовите
на моите соништа луди.
Гладот, стравот и страста се буди.
Мршарите ќе си дрпнат од мршата,
од тоа што е од земја позајмено
и од небо најмено,
па ќе си заминат со смрт во забите
за да кршат коски кај послабите...
Нека заврши оваа насилничка канонада
со неочекуван затворенички замин,
Оној сум што ќе рече сега и секогаш
- бев на устието од Ахерон, сред мршарите.
Амин.
Робија
[уреди]
Ристо го убил сина си за земја,
Ѓорѓи убил старец за пари,
Митре украл неизмерно благо,
а двајца будалетинки од стопанкина им
туриле отров во водовод
за да ги отрујат жителите на градот.
Еден Ром прекопувал гробови
збирајќи скапоцени накити
од починатите. Ми падна жал
за едно момче што дотуркало „в темница“
зошто неговата свршеница се туркала
со друг. Да се робува за жена
е најсмешната и најжалната работа!
Еден мрсул од човек ја терал жена си
да се раслекува олул-гола пред сите
и да се цепи! „Така му било лезет!“
Еден постојано стружеше дрво
и пееше песна. Исто дрво, иста песна.
Пих, друг пак со часови клечеше в але
Еден место жена си, баба си ја возел!
Да му се плукнам, за да и’ угодува, крадел.
Друг пак, без причина исекол
цела шума млади црници.
Па нели сега никој не одгледува буби?!
Еден постојано ја повторуваше изреката:
„Понекогаш нож може да истреби еден,
а понекогаш повеќемина потамина!“
Еден се фалеше дека на жена си и’ дозволил
да оди дури во Цариград
за да купува бубаќ!
Некој си Геле, некој си Веле,
некој си Решад, некој си Рамче
штом ќе излезат од робија, велат:
- Фрли зад себе камче,
да не ти се повторило!-
Но животот од искони до века
знаел да зблазнува и да казнува.
А до каде ќе се стигне
ако за сево ова
еден паталец запишува,
а вистината безочно
го избришува?!
Прашања за размисла
[уреди]
Ако не беше сево ова што го гледаме, што ќе беше?
Ако немаше простор и време
со што ќе се исполнеше безднава?
Ако со својот ум и разум
не ја осмислувавме Вселената,
каква корист што таа постои?
Дали Вселената без нас е мртва, а сепак жива сеанса?!
Ако Вселената има крај, што понатаму од крајот?!
Ако е бескрајна, како тоа, се шири, се шири, а крај нема?
Кој мисли на тоа, кој се доведува до тотално лудило?!
Кога и како е создадена праматеријата и од што?
Ако материјата, просторот и времето некогаш „исчезнат“ што ќе ги замени?
Дали душата, по одвојувањето од телото
се престорува во Ништо,
во Едно Огромно Совршено Ништо?
Ако постои Бог, се поставува прашање:
„Кој го создал Бога?“ Кога? Како?