Прејди на содржината

Предговор

Од Wikibooks

Секој човек, како член од некоја општина или од некое другарство, има извесен долг и извесни права кон и од нив. Народот не е ништо друго, освен едно големо другарство, основано на крвно родство, на општ произлез, на општи интереси. Паметувањето на тоа родство, тој произлез и тие интереси го натеруваат секој член од некој народ да се одрече од некои свои права и интереси за да му посвети дел од своите сили на општото добро. Тоа е долгот кон народните интереси, за што членот од народноста добива заштита на своите лични интереси таму, каде што не се доста само неговите сили. Долгот кон народот е тесно врзан со долгот кон татковината, зашто поимот народ е тесно врзан со поимот татковина. Долгот кон народот и татковината зависи од историските прилики што ги преживува еден народ и една земја. Тој се применува според приликите. Долгот кон татковината и народот, до неговото исполнување, се вика народен идеал и кон неговото исполнување треба да се стреми секој свесен човек. Народниот идеал се применува според историските прилики, и тоа што денеска било народен идеал-утре, по неговрто осаштествување, ќе му отстапи место на друг, за кој понапред малку се мислело. Често пак од еден народ историските прилики бараат или корено изменување на народните идеали, коренен обрат на идеалите во друг правец, или го загрозуваат него со полно уништожување. Народните идеали, или долгот кон татковината, се разбираат од разни членови на народот различно. Кој најверно го разбрал вистинскиот и најправиот народен идеал се гледа со порамнувањето на разбирањето на народниот идеал од разни лица. За да може да се направи порамнување и оценување на различно разбраните народни идеали, треба тие да бидат искажани усно или на книга. Искажувањето на своето разбирање на народните идеали и критиката на таквите не е празна работа, зашто идеалите се душата на општата народна работа и од здравоста на таа душа зависи и здравоста и плодовитоста на самата општонародна работа. Лошо разбраните народни идеали само ги зголемуваат народните несреќи, без да му донесат полза на народот.

Така разбирајќи го долгот кон татковината, јас се решив, прво, да го изложам моето разбирање на народните идеали на Македонците во еден ред расудувања, прочитани во петроградското Македонско словенско научно-литературно другарство „Св. Климент” [1], а после и да ги напечатам во оваа книга, каде што се поместени и расудувања непрочитани во споменатото другарство. Со тоа мислам дека исполнувам, спроти моите сили, еден дел од мојот долг кон народот мој и кон татковината моја.

Мнозина од македонските читачи ќе бидат зачудени од појавувањето на таа книга. За зачудување ќе им биде во неа многу. Некои ќе речат: зошто отцепување од Бугарите, кога ние досега сме се велеле Бугари и соединувањето, а не расцепувањето, ја прави силата? Други ќе расудуваат оти со полното отцепување, од една страна, ќе ликуваат нашите непријатели, коишто ги насочуваат сите свои сили да ги ослабнат балканските Словени за да си подготват почва за разделување на балканските земји помеѓу нив, а од друга страна, оти тоа ќе нe натера нас Македонците да се откажеме од нашиот прв долг, да се бориме за политичка слободија, да разрушиме сe досега направено и да зафатиме сe одново, така да се рече, од азбука. Трети ќе најдат оти јас проповедувам некаква надеж за поправување на Турците спроти нас и на европските реформи во нашата татковина, кога досега јасно било докажано оти ни Турција сакала, сака и ќе сака реформи во Македонија, ни големите држави се наклонети да ја принудат Турција за да ни даде некакви, па и најмали реформи. Големите држави, велат мнозина, само играат дипломатска игра со реформи за да нe склонат нас да се откажеме од оружената борба со Турција, од која се нарушува нивниот мир, а кога ќе се одречеме од таа борба тие ќе ослабат да бараат од Турција реформи за Македонија.

Тие се најглавните приговори што ги очекувам од мнозина од моите сонародници. Ми се чини оти они не се прави и ете зошто: Во новата книга се зборува, вистина, и за отцепување и за соединување, но за отцепување од тие што сме веќе отцепени и со кои никојпат не ќе ни дозволат да се соединиме, а за соединување со тие со кои сме морално задолжени да се соединиме и со кои соединувањето е возможно. Ако со нашето отцепување од балканските словенски народи го постигнеме соединувањето на сето македонско словенско население во едно цело, ние не ќе ослабнеме, туку ќе се усилиме, така што од исполнувањето на идеите што се развиени во таа книга само ќе се оправда пословицата дека силата е во соединувањето.

Сега се прашува: дали од нашето отцепување од балканските народи ќе се восползуваат нашите непријатели и кои се тие? Сега во Бугарија е мода да зборуваат дека најголеми непријатели на балканските Словени се: Русите и Австро-Унгарците, кои сакаат на почва на македонското прашање да се зафати и да се продолжи една борба меѓу Србите и Бугарите, која ќе ги ослаби силите и на едните и на другите до таква степен што ќе треба да се набркаат во балканските работи Русија и Австро-Унгарија и првата ќе ги завојува Бугарија и Стамбол, а втората Србија и Солун. Јас ќе си дозволам да не се согласам со такво длабоко политичко „далековидување”. Може Бугарите и се прави кога мислат оти Русија без Бугарија не може да саштествува, ни политички ни економски, но тоа е бугарска политика, а јас не сум намерен да политикантствувам бугарски. Јас сум Македонец и интересите на мојата татковина ми се претставуваат така: не Русија и Австро-Унгарија се непријателите на Македонија, а Бугарија, Грција и Србија. Само енергичната борба со тие три држави ќе ја избави од погубување нашата татковина.

Борбата со трите балкански држави не им противречи на нашите интереси, кои се достигаат и со револуција и со еволуција[2], или постепено развивање на нашиот народ во морално-религиозен правец. Револуцијата стана и иако има најужасни последици за нас, пак даде некои благодатни резултати со коишто можат да бидат задоволени нашите борци за национална слободија: тоа се Мирцштегските реформи[3], кои ќе бидат раширени спроти нуждите што ќе се покажат со време. Идеите за полно отцепување на нашиот народ од другите балкански народи не се противречје на досегашното работење на нашиот народ за слобода, а само продолжение на неговото досегашно работење, врз еволуциона почва. Досега нашиот народ се интересуваше повеќе само за полна политичка автономија, а во националните наши интереси допушташе башибозучки да му се набркуваат разни неканети гости, како: Бугари, Грци и Срби. По политичката борба иде значи националната[4]. Но борбата со пропагандите во Македонија не е чекор назад, туку напред, зашто и тука имаме работа со борба за слобода, со борба со мрачните сили што не и’ дозволуваат на нашата татковина сама со свои очи да ги гледа своите интереси, ами и’ наврзуваат очила што ја замрачуваат вистината и и’ придаваат бугарска, српска и грчка боја. Време е да ги отфрлиме од очите наши мрежите што ни ги кладоа националните и верските пропаганди во Македонија.

За нашите односи кон Турците јас можам да речам само едно: ние сме задолжени да направиме сe што се бара од нас за да и’ докажеме на Турција оти нејзиното останување како европска држава среќава во нас полно сочувство. Ние сме задолжени да бидеме лојални поданици на Неговото Царско Величество Султанот. Но притоа бараме и ќе бараме од Неговото правителство цел ред реформи, кои ќе ни ги сочуваат најглавните интереси на нашето национално и културно развивање. Јас мислам оти ние треба да бидеме лојални кон Турција, но претполагајќи оти турското правителство и народ ќе разберат најпосле оти интересите на нивната држава во Европа се совпаѓаат со нашите и зависат најмногу од нив, а не си противречат, и затоа Турците први ќе треба да го докажат искреното сакање да се во мир со нас и со тоа да ја заслужат нашата поддршка на нивните интереси. Ако пак тие мислат со нас да не се церемонат и да нe лажат Европа и нас со реформи што не ги исполнуваат, тогаш не ќе се зачуди Турција ако и ние ги обрнемe нашите погледи кон Европа и од неа бараме да се воведат во нашата татковина со сила тие реформи што се признаваат од силите европски за вистинска требност за успевањето на религиозно-националното и културното развивање на македонските рисјани[5]. Европа ќе ги обрне погледите на нашите барања, зашто таа е задолжена да го направи тоа со два меѓународни акта: проектот за реформи во Македонија од февруари[6] и Мирцштегскиот проект. Тие два меѓународни акта ни обеќаваат постепено раширување на реформите во Македонија и со тоа ни даваат право да се обраќаме до двете реформаторски држави со меморандуми и по други патишта за да им укажеме на нашите религиозно-национални и економски нужди, како и на тоа што го прави Турција, за да се исполнат тие наши нужди.

Знам многу арно оти мнозина со иронија ќе се однесат кон моите надежи за европски реформи. Но на тие иронии еве со што јас ќе одговорам: Не е вистина кажувањето дека не ќе излезе ништо од усилбите на Русија и Австро-Унгарија да се уредат работите во Македонија. Проектите за реформи и усилбата да се воведат тие не се, како што мислат мнозина, само игра да помине време и да си остане сe како што си било. Проектите за реформи на Русија и Австро-Унгарија се меѓународни акти, неисполнувањето на кои од Турција е насмешка и оскрбување за реформаторските држави и им дава полно право за репресалии против нарушувачот на меѓународното право. Да било така лесно и безнакажано престапувањето на меѓународното право, досега државите денеска ќе примаа на себе разни задолженија и утре ќе се откажуваа од нив. Но не било така.

Реформите руско-австриски, штом се меѓународен акт, ќе им даваат право секогаш на Македонците да настојуваат пред големите сили да се исполнат во целост. Нека не мислат оти тие можат да бидат закопани, како што е закопан Берлинскиот договор со неговиот 23 член за Македонија[7]. Берлинскиот договор вистина е закопан, но не од Европа, а од Бугарија, која го изврши соединувањето со Источна Румелија.[8] со насилствен преврат - без согласност на државите што го потпишаа Берлинскиот договор, а со нарушувањето на еден параграф се нарушува и целиот договор. Сегашните руско-австриски реформи многу се разликуваат од Берлинскиот договор со тоа што тие се само меѓународен акт склучен меѓу три држави. Освен нив, важен фактор се јавуваме само ние Македонците. Волјата на двете сојузни држави: Русија и Австро-Унгарија може да сретне противдејство само од Труција и од нас, но најповеќе од нас, зашто со реформите се бараат, не од нас, а од Турција, задолженија и ако ние со нашите работи покажеме оти тие задолженија што се бараат од Турција не нe задоволуваат, тогаш ние само ќе и’ помогнеме на Турција ништо да не воведе од реформите што се бараат од неа. Турција ќе вели оти таа сe што може да направи ќе направи и направила, а повеќе не можела да направи затоа што комитетите не му даваат на населението да се успокои, а во една земја каде што сe е во воена состојба сите добри намери на владата се рушат од спротиставувањето на немирното население; а ако воената состојба се продолжи повеќе од една година, реформите ќе застарат по наша вина и ќе се закопаат. Таква една служба ние и’ ислуживме на Турција по објавувањето на февруарските реформи Исто така, ако не сакаме никакви реформи, можеме да и’ послужиме и за напред. И после, како и досега, пак ќе ја фрлиме вината на големите сили, кои секојпат излегуваат криви за нашите грешки.

Настаните што се развија досега ни покажаа јасно колку ние самите можеме да си напакостиме, мислејќи оти постапуваме правилно.

За да се предупредат жртвите од едно секадешно востание, се изработи февруарскиот руско-австриски проект за реформи, вистина не совршен, но со договор оти тој ќе биде постепено раширен. Поминаа месец, 2, 5, 7 и ништо од него не излезе. Се прашува: зошто? Ќе одговорат нашите: зашто Турција и Европа не сакаат сериозно реформи. Но не е така. Турција може и не сака реформи, но сакаат тие што го изработија проектот. Се прашаше само: кому приликите ќе му дозволат да наддели? А во тие прилики најважен фактор бевме ние. Да се склоневме пред волјата на Европа и четите или да се предадеа или да се оттргнеа во Бугарија, или барем да се направеа некои преговори со реформаторските држави, во кои просто можеше да се рече оти или ќе се оттргнат или ќе се предадат, но нека не го мачат Турците мирното население затоа што може некаде се имаат пушки, тогаш ќе настапеше во Македонија мирно време кога ќе се бараше од Турција да се воведат во полност реформите и да се оттеглат војските од Македонија. Но што направи комитетот? Тој реши 4 месеци да ги чека резултатите од воведувањето на реформите и после со „чиста совест” го објави востанието. Во време на објавувањето на востанието комитетот можеше да рече оти тој не им пречел на големите држави да ги воведат реформите. Но тоа не е точно. Вистина, четите ги избегнуваа битките, но тоа уште не значи дека нe пречеа да се воведат реформите. Тие ги избегнуваа, но Турците бараа битки и успеаја повеќе од комитетот. Комитетот кажуваше дека нема чети, нема противдејство на реформите од негова страна, а пак Труците кажуваа дека има чети, населението дека има оружје и се готви за востание, војската има постојани судири со четите, четите ги убиваат мирните жители што не ги слушаат и му сe верни слуги на падишахот. Ако ги земеме новините од времето на публикувањето на февруарските реформи до и по објавувањето на востанието во Битолско на 20 јули[9] и ги прегледаме во нив телеграмите од Стамбул, тогаш ќе видиме оти Портата[10] постојано им претставува на рускиот и на австро-унгарскиот амбасадор списоци од битките на турскиот аскер со четите, списоци од најдено оружје при претресите кај населението, списоци од убиства извршени од четите над мирното население. И најпосле списоци од воведени реформи. Што сакаше да рече Турција со тие списоци е многу јасно: „Јас сакам да воведам реформи во Македонија, но наместо реформи сега-засега ќе воведам аскер и маки, зашто земјата се готви за револуција, подготвувана од престапното работење на комитетите, коишто претставуваат како држава во држава: ќе ми дозволите првин да ја смирам земјата и да воведам мир, а после ќе се воведат нужните реформи”. Со други зборови: комитетот ми дава возможност за една година да се извинувам за неисполнувањето на реформите а после не ќе ги воведам, зашто тие ќе остарат. Ете каква услуга ние и направивме на Турција со нашето недоверување кон австро-рускиот проект од реформи. Сакаме ли уште еднаш да не и’ послужиме на Турција и пак да не ги направиме криви другите за нашите грешки? Јас мислам оти ништо друго не ни останува да направиме, освен да се однесеме со полна доверб кон реформаторските усилија на двете заинтересирани сили и со тоа да ги ангажираме час поскоро да се воведат обеќаните реформи.

Со овие неколку зборови јас сакав да ја појаснам содржината на предложената на македонските читачи книга за најважните за нас прашања. Како следбеник на идејата за полно одделување на нашите интереси од интересите на балканските народи и за самостојно културно-национално развивање, јас и ја напишав на централното македонско наречје, кое за мене отсега натаму има да биде литературен македонски јазик. Нерамностите што ќе се покажат во јазикот на мојата книга се сосем природни и ќе може да се отстранат само при едно подлабоко знаење на централното македонско наречје, со што не можам да се пофалам. Но и притоа се надевам оти за Македонците ваквиот јазик ќе биде попријатен и позвучен од јазикот на нашите соседи, со кои ние сега-засега се дигаме наголемо.

Наводи

[уреди]
  1. Македонското научно-литературно другарство во С. Петерсбург (натаму: МНЛД) официјално е конституирано на 28.10.1902 год. со 19 потписници (К.П. Мисирков, Д.Д. Чуповски, Д.Т. Мишајков, Ст. Ј. Дедов, Г.К. Константинович и др.) При основањето го носи патронатот на Климент Охридски, а од 1903 г.(со „Уставот”) на Кирил и Методија. Кон крајот на 1905 год. Другарството е неутрализирано, а од 1912 г. се појаува под нови имиња, но не успева да добие официјално признание од руските надлежни власти. Неговата дејност завршува во 1917 г. со Октомвриската револуција во Русија.
  2. Поимот „еволуција” во речникот на Мисирков и на неговите истомисленици означува програма на „новото движење” што бара првин национално обединување и изградување на македонската национална свест на народот поделен од пропагандите, оневозможување на туѓинското мешање во Македонија, развивање на самостојната македонска култура, јазик и црква во рамките на Турција и под контрола на големите сили, па дури потоа полно политичко ослободување од Турција и создавање независна македонска држава што може да се вклучи и во разни видови федерации или конфедерации на Балканот или меѓу јужните Словени.
  3. Непосредно по Илинденското востание, на 2.10.1903 год., во австрискиот град Мирцштег Русија и Австро-Унгарија потпишаа нова спогодба за спроведување реформи во Македонија. Меѓутоа, малите балкански држави во реформиве видоа најголема опасност за своите претензии во Македонија, па заедно со ТМОРО се спротивставија против нивното оживотворување. Ни самиот Мисирков не е задоволен од нив, но ги прифаќа како важен почеток и во нив гледа можности за натамошно проширување и разработување.
  4. Или Мисирков, поради непостоењето на претходни истражувања, не можел да ги согледа процесите во развитокот на македонското ослободително движење во неговата целост или пак, во брзината со којашто ја подготвувал книгата, просто не успеал да се доискаже, да го прецизира својот исказ, зашто и во македонската историја националната борба и претходела на политичката: најпрвин се развива движењето за свои цркви и училншта, за свој јазик и учебници, т.е. за национално-културна афирмација во рамките на Турција, па дури потоа и знатно подоцна за организирана борба за „политичка автономија” и за ослободување од Турција. Меѓутоа, првиот процес уште не беше завршен кога беа преземени сите мерки и беа употребени сите средства за да биде смислено скршнат и разнебитен од заинтересираните соседни држави, а револуционерното движење се појави дури откако националистичките пропаганди почнаа да го цепкаат народот и да го задушуваат токму тој процес на нацнонално осознавање. Затоа и револуционерното движење првин им се спротистави на пропагандите, па потоа на Турција.
  5. Колку и да изгледа контрадикторно ова барање на Мисирков, тоа не само што се совпаѓаше со тогашната руска политика на Балканот, за која тој мораше да води сметка, туку беше и еден од основните пунктови на националната програма на Македонското научно-литературно другарство во С. Петербург (натаму: МНЛДУ): без привременото останување во рамките на Турција, во тогашните околности, со полна културно-национална автономија, при отстранување на пропагандите и нивните институции во Македонија и обезбедување на границите преку турскиот суверенитет, навистина тешко ќе можеше да се избегне дележот на Македонија.
  6. Иако реформената програма од февруари 1903 год. што беше донесена со согласност на сите потписнички на Берлинскиот договор, во Македонија беше наречена „Падарски реформи”, треба да се нагласи дека со овој меѓународен акт првпат трите вилаети на Македонија беа изделени од другите области на Европска Турција и беа поставени извесни основи за политичкото индивидуализирање на Македонија.
  7. Со чл. 23 од Берлинскиот договор од 1878 год. Турција беше задолжена, заедно со претставници на месното население, да подготви и да спроведе реформи и во Македонија. Но ниту Турција сакаше, ниту пак заинтересираните големи и мали држави и’ овозможија таа да го реализира овој член. Сепак, тоа беше првиот меѓународен акт што се однесуваше за Македонија и врз кој се засновуваа сите натамошни акции на Македонците во борбата за национално ослободување.
  8. Источна Румелија беше автономна област со центар во Пловдив, создадена со Берлинскиот договор во 1878 гол. Во 1885 год. таа насилно беше присоединета кон Бугарија, поради што Србија ја нападна младата бугарска држава, но ја загуби војната, со што се создадоа нови околности за развитокот на националистичките пропаганди во Македонија.
  9. Илинденското востание е објавено на 20 јули 1903 год. по стариот стил, т.е. на 2 август по ново.
  10. Турската влада /Високата порта/.