ПОТПИШУВАЊЕТО НА ЛОНДОНСКИОТ МИР

Од Wikibooks
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Бугарија и Грција ги заостриле односите уште во почетокот на војната, особено откако грчката војска го зазела Солун. Грција во нотите од 3 и од 18 ноември 1912 година и од 22 април 1913 година, предлагала да се реши прашањето на границата. Бугарија ги отфрлила предлозите како претерани, а свои противпредлози не дала. Со потпишувањето на Лондонскиот мир на 30 мај 1913 година со Турција, односите меѓу балканските држави уште повеќе се заостриле.

Во тоа време, сојузниците ги окупирале оние територии што ги зазеле во војната против Турција. Меѓу Србија и Бугарија уште во време на војната била создадена привремена демаркациона линија: Патарица-Руен-сртот на Осоговските Планини-Злетовска река-Брегалница, до сливот на Крива Лакавица-сртот Плавуш -Дојранско Езеро. На таа линија започнало префрлувањето на бугарската војска од Тракија и истовремена концентрација на силите кон Грција. Тоа било причина на 1 јуни 1913 година Србија и Грција да склучат договор за пријателство и одбранбен сојуз против Бугарија.

Со тоа била извршена втората поделба на Македонија во текот на Балканските војни и биле воспоставени границите меѓу Србија, Бугарија и Грција. Покрај тоа, Србија добила право на слободно користење на пристаништето во Солун во траење од 50 години. Истиот ден била потпишана и Воената конвенција, во која биле регулирани меѓусебните воени обврски и соработката меѓу Србија и Грција во случај на напад од Бугарија или на некоја друга држава. По тие настани, големите сили, со оглед на сопствените интереси кон Балканот, развиле широка дипломатска активност. Русија настојувала да го зачува Балканскиот сојуз како пречка на австро-германското продирање на Балканот, а Австро-Унгарија тежнеела да се разбие овој сојуз и ја поддржувала Бугарија да не попушта во своите барања.

За да го спречи избувнувањето на нова, меѓусојузничка војна, Русија ги повикала сојузниците да го решат спорот по мирен пат и ги предупредила Србија и Бугарија на руската арбитража предвидена со Српско-бугарскиот договор. На рускиот апел двете страни одговориле условно: српската влада дека ја прифаќа арбитражата на Русија, доколку се прифати нејзиното барање за ревизија на договорот, а бугарската влада арбитражата ја прифаќала доколку се почитува договорот, односно воспоставената поделба на територијата. Со оглед на тоа дека двете влади не отстапувале од своите барања, Русија се откажала од натамошна арбитража. Со тоа го забрзала почетокот на Втората балканска војна, новото распарчување на Македонија и воспоставување нови граници по пат на сила.