Прејди на содржината

ОПШТЕСТВЕНО-ЕКОНОМСКАТА И ПОЛИТИЧКАТА СОСТОЈБА ВО МАКЕДОНИЈА И ОБИДИТЕ ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ

Од Wikibooks

ОПШТЕСТВЕНО-ЕКОНОМСКАТА И ПОЛИТИЧКАТА СОСТОЈБА ВО МАКЕДОНИЈА И ОБИДИТЕ ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ

Географската местоположба и природните ресурси на Македонија и Балканот во целина отсекогаш биле привлечна цел на големите сили за овој дел на Европа. Таа нивна “заинтересираност” особено дојде до израз во првата половина на нашиот век, кога апетитите, особено на големите империјалистички сили - германски, англиски, француски, италијански, како и нивните магнати, нагло пораснаа кон Балканот - тој клуч на Европа за политичко-економската и воена експанзија на југоисток од Европа и Медитеранот. Поради овие околности, целта на секоја од наведените империјалистички сили беше да ги зацврсти и зголеми позициите на Балканот, што ќе им послужи како отскочна штица за зголемување на своето влијание и контрола над Средноземно Море и Југоистична Европа. За да ги остварат своите такви аспирации, тие го спроведуваат познатиот политичко-дипломатски принцип <divide at impera > (раздели и владеј), со што успеаја не само да создадат јаз меѓу малите балкански народи, туку и да ја разгорат нивната меѓунационална омраза, и што е најсуштествено да ги претворат во послушно орудие на нивната завојувачка политика. Големите сили својата ваква политика мошне вешто ја спроведуваа под маската на назависност на балканските народи, насочувајќи ги кон меѓусебни политички и воени конфронтации. Поконкретно речено, искуството покажа практично дека основен извор на спротивностите меѓу Југославија и Бугарија беше неправедното територијално разграничување меѓу овие две земји на штета на Македонија и македонскиот народ. Тоа најдобро се гледа од воените судири што настанаа за релативно кусо време, а посебно од 1885, 1913, 1915 и 1941-1944 година, при што “Вечната рана во политиката на Бугарија е македонското прашање. Македонците сметаат и секогаш настојуваат да ја повратат својата независност и секогаш се противат на бугарско-српското зближување”.<Archives militaire... Vincenne-Paris... vol. 4 Н 388.>

Непосредно по завршувањето на Втората светска војна настануваат квалитативни промени во егзистенцијата на Македонија и на македoнскиот народ. Во таа смисла, мошне суштествено е да се подвлече дека уште во текот на Народноослободителната војна беше обезбедена независноста и националниот суверенитет на Македонија и на македонскиот народ од вардарскиот дел во југословенската федеративна заедница. Така, уште кон крајот на јули и почетокот на август 1944 година, француското воено известително Второ биро го најавува раѓањето на новата македонска држава: “нова македонска држава се создава во срцето на Балканот со главен град Скопје стоп... тешко е да се знае каде започнува и каде завршува Македонија... бидејќи има југословенска Македонија, бугарска Македонија и грчка Македонија стоп... има, сепак, една Македонија и Македонци... претставниците на македонскиот народ се собраа да ја основаат нивната држава и создавањето на македонската држава ќе има директни последици да се закопа воената секира меѓу Бугарите и Југословените стоп”.<Исто таму... Извештај од август 1944 година.> Така, македонскиот народ однапред знаеше зошто се бори и ништо не беше оставено на стихијата, односно за неговата судбина да се решава “подоцна и во подобри времиња”. Државноправниот статус, независноста и суверенитетот на македонскиот народ со одлуките на АВНОЈ а посебно на АСНОМ се санкционирани уште во текот на ослободителната војна. За овие новонастанати промени, францускиот дипломатски претставник во Атина Жан Баелен ја известува својата влада во Париз, нагласувајќи дека “за создавањеот на македонската држава е решено во Јајце во ноември 1943 година, а државнотворниот акт (на македонската држава - б.м.) е од 2 август 1944 година. Во врска со создавањето на македонската држава во рамките на југословенската федерација се пренесуваат извадоци од реакциите на бугарските официјални претставници во бугарскиот печат “Свобода” и “Утро” и од Радио-Софија, каде се нагласува дека овој чин претставува “историски настан од најголемо значење” за да се соочува мирот на Балканот, а за Отечествениот фронт на Бугарија, создавањето на македонската држава претставува дефинитивен и конечен удар на идејата за голема Бугарија... Оваа македонска национална свест самата е способна да ги зацврсти разните национални експоненти во еден блок... Првото македонско национално собрание во името на македонскиот народ ја прокламира македонската држава како конститутивен член, рамноправен во новата југословенска демократска заедница...”<Archives diplomatique... Paris... sous-serie, Yougoslavie, vol. 31.> Извештај на францускиот дипломатски претставник во Атина, 29 декември 1944 година.> Впрочем, вистината за раѓањето на новата македонска држава уште во текот на војната ја знаеја и големите сили, бидејќи нивните претставници на воените мисии (на САД, советскиот Сојуз и Англија) присуствуваа на инаугуративната седница на Македонското собрание, на кое “се прифатија повеќе мерки за реконструкција на Македонија. Изразено е задоволство од отворањето на училишта на македонски јазик во цела Македонија и најавено е отворањето на Универзитетот во Скопје... избрани се како надворешни почесни претседатели Черчил, Рузвелт, Сталин и Тито...”<Archives militaire... vol. 4 Н 388, досие 10, извештај од 4. 01. 1945 г.>

Со одлуките на заседанието на АСНОМ, уставнотворно се остварија вековните стремежи на македонскиот народ за самостојност и национален живот и беше овозможен развиток на сопствената национална држава. Овие одлуки се од пресвртно историско значење за Македонија и македонскиот народ, бидејќи ја изменија нивната вековна положба и од историски објект станаа историски субјект. Македонскиот народ со што се здоби со правото сам да решава за својата судбина и да ја насочува својата егзистенција, и што е најзначајно тој ги неутрализира и ги згасна завојувачките апетити на неговите соседи, но истовремено тоа нив ги вознемири бидејќи, како што истакнува француската мисија сместена во Лондон во есента 1944 година, “.. Оваа земја пред да фигурира меѓу шесте држави што ја основаат југословенската федерација, би можело да се каже дека... еден дел од бугарска Македонија, чии жители сакаат да се обединат со нивните сонародници од Југославија, и би требало да биде приклучена во Федерацијата (југословенската, б.м.)..., грчката влада би се вознемирила од овие тенденции од кои би се скицирала една поголема Македонија... Овој инцидент би можел да предизвика вознемиреност, британската влада ги осудува аферите на Југословените... Грците се доста збркани од самите себеси и без македонското прашање...”<Archives diplomatique... Paris... serie З Europe, sous-serie, Yougoslavie, vol. 37> - француска мисија акредитирана во Лондон, 24 ноември 1944 година “многу тајно” до францускиот министер за надворешни работи - Париз.>

Што се однесува до карактерот на државното уредување на претстојната Нова Југославија уште во текот на Народноослободителната војна во која се согласи доброволно да пристапи и македонскиот народ, мошне дефинирана оценка и визија изнесе Ј. Б. Тито во есента 1944 година во интервјуто на маршал Тито и Кимон Георгиев (тогашен премиер на Бугарија, б.м.): “нова Федератувна Југославија ги опфаќа шесте федерални единици: Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а некои региони како Војводина ќе имаат своја автономија во составот на една федерална единица. Секоја федерална единица ќе има своја национална влада, а Федеративна Југославија ќе има своја влада и едно конститутивно собрание што ќе биде избрано веднаш по ослободувањето. Југославија ќе се застапува за зближување и соработка со балканските соседи, на прво место со Бугарија... како гаранција против сите конфликти на Балканот”.<Исто таму... vol. 31.. Лондон 16 септември 1944 година до министерството за надворешни работи на Франција - Париз.>

Француската мисија акредитирана во Лондон направи анализа на Титовата концепција и намерите за создавање на новата југословенска Федерација и за инкорпорирање на новата македонска држава во неа: “македонската држава е една од шесте држави според програмата на Тито... што ја сочинуваат нова Федерална Југославија... создавањето на обединета Македонија изгледа може да биде првиот значаен предуслов за зближување на Југославија и Бугарија... Македонија од сите региони на Југославија е оној каде комунизмот има најсилна позиција. Нивното население (македонското - б.м.) е угнетувано со векови од Турците, а потаоа и од неговите разни “ослободители”..., но за Македонците нивната земја опфаќа делови од бугарските и грчките територии а за вистински главен град го сметаат Солун...”.<Исто таму... vol. 33... Француска мисија сместена во Лондон, 14 декември 1944 година, Извештај под наслов “Македонската држава” до Жорж Бидо - министер за надворешни работи на Франција.>

Со ослободувањето на Македонија, политичкиот живот во оваа федерална единица се одвиваше во знакот на општите сфаќања дека федералниот статус на Македонија во Југославија претставува можност и значаен облик на национална самостојност. Практично и формалнаа детронизација на ноемвриските избори од 1945 година за Уставотворното собрание на Југославија ги определуваше Македонците кон зацврстување на уверувањето дека судбината на македонскиот народ во новосоздадената ситуација е загарантирана. Манифестациите со спротивни политички расположенија имаа секундарно значење и беа без влијание на стабилноста на новата народна власт произлезена од војата, бидејќи процентот на дадените гласови за неа на изборите се движеше од 98% до 99%.<Види поопширно за резултатите од изборите за Уставотворното собрание на Југославија кај Лазар Лазаров, Општествено-политичките организации во обновата и изградбата на НР Македонија 1944-1948, Скопје, ИНИ, 1979, истиот автор, Општествено-економскиот развој на НР Македонија 1944-1957. Скопје, ИНИ, 1988.> Меѓутоа, овие изборни резултати, според анализите на француските претставници, се ставаат под голем знак на сомневање, односно тие се невозможни во една многунационална Федерација на антагонистички спротивставени политички струења: “бројката од 98% и 99% гласачи за Владата на Тито изгледа смешно, бидејќи е контрадикторна со бројните затворања поради политички мотиви или без мотиви, со полициските мерки...”.<Archives diplomatique... Paris... sous-serie Yougoslavie 1944-1949, vol. 20 - извештај - “Внатрешната ситуација во Југославија според најнови известувања”.>

Секако дека имаше разновидни политички струења кон крајот и непосредно по ослободувањето при што беа изнесувани разни стојалишта и оценки во кои оспоруван демократскиот карактер на власта, дека таа е времена и преодна, зашто Македонија не е самостојна држава, отпори со мотив - одиме на Солун, а не на Сремскиот фронт, незадоволство од снабдувањето со прехранбени и други намирници на населението (како на пример во Битола и други места), критичко однесување кон државниот апарат, кој навистина во основа беше недостатно искусен, образован и опитен. Меѓутоа, таквите спротивни отпори не беа од голем размер и не претставуваа моќен фактор кој може да го сруши политичкото единство на новата македонска федерална дражва која се градеше во рамките на југословенската федерација.