ОД ЦЕНТАР-ПЕРИФЕРИЈА НА БАЛКАНОТ
Со распарчувањето во Букурешт, Македонија од централен и најзначаен дел на Балканот станала периферија и провинција на балканските земји. Веднаш потоа започнало асимилирањето на македонското население во Јужни Срби, Бугари, Славофони Грци и Албанци. Дури и во пребројувањето на жртвите и загубите од Втората балканска војна македонското име не се споменувало, иако војната главно се водела во Македонија. Според извештаите, Србија загубила 44.500 луѓе, Црна Гора 1.400, Грција 20.000, а Бугарија 93.000 луѓе. Вкупно 158.000 луѓе.
Веднаш по потпишувањето, т. е. на 11 август 1913 година, Австро-Унгарија, Русија и Бугарија барале ревизија на Договорот, со оглед на бројните неправилности, недоречености и нелогичности во поделбата на териториите и во донесувањето на одлуките. На 14 август, Русија ги отфрлила намерите за ревизија на Договорот, па со такво барање останале само Австро-Унгарија и Бугарија, на кои остро им се спротивставувала Франција. Букурешкиот мировен договор претставува единствен меѓународен договор што не го потпишале сите големи сили и што бил во голема мера против нивните интереси.
Исто така, големите сили не ги зеле предвид барањата на македонскиот народ, кој од повеќе асоцијации, особено од Русија и од Швајцарија, интервенирал да се зачува идентитетот на македонскиот народ и единството и целината на македонската територија. На 1 март 1913 година, претставниците на македонската колонија во Петроград, Георги Константиновиќ, Димитрија Чуповски, Наце Димов и Александар Везенков потпишале Меморандум за независност на Македонија и му го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Едвард Греј, и на амбасадорите на големите сили во Лондон. Со Меморандумот Димитриј Чуповски изработил и карта на Македонија во колор со сите специфичности што аргументирано ги докажувале посебноста и причините за самостојност на Македонија. Меѓутоа, поради сопствените интереси и во отсуство на било какво чувство за реалност и за македонскиот народ, големите сили судбината на Македонија оставиле да ја решат завојуваните балкански држави.
Наведениве факти недвосмислено докажуваат дека Балканските војни се подготвувале и се воделе за поделба на Македонија. Во периодот од неполни две години, колку што траеле Балканските војни, официјално биле извршени три поделби на Македонија. Првата поделба била извршена со Српско-бугарската спогодба од 13 март во 1912 година по линијата Деве Баир Охрид, втората настанала по завршувањето на Првата балканска војна, во која границите се поклопувале со достигнатата линија на фронтот и третата поделба е извршена со Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година, кога биле дефинитивно одредени границите меѓу Србија, Бугарија, Грција и Албанија на територијата на Македонија. Единствениот принцип врз кој се одредувале и се поставувале границите било правото на посилниот, односно оружјето. Со таа поделба, македонскиот народ ја доживеал најголемата измама и ја загубил довербата во своите соседи, што имало негативни последици не само во Првата и во Втората светска војна, туку за подолго време. На тој начин раскинувањето на македонското национално ткиво започнало со поделбите во Внатрешната македонска организација, потоа почнале да ни’ делат соседите и на крајот сето тоа го санкционирале големите сили.