Прејди на содржината

ОДРЕДИ ЗА КОМИТСКИ РАБОТИ

Од Wikibooks

Во летото 1912 година, во Македонија бил формиран Горски штаб на српските чети. Овој штаб во време на мобилизацијата и концентрацијата на српската војска на турската граница извршил реорганизација на српските чети. За командант на Горскиот штаб во Македонија е поставен капетанот Воин Поповиќ-Вук, членови на штабот биле поручник Светозар Ранковиќ, поручник Никола Брзаковиќ, поручник Миливое Чолак Антиќ и потпоручник Милан Ковиниќ. Во Горскиот штаб влегле и поранешните членови на српската четничка организација Народна одбрана. Во почетокот на Балканските војни овој штаб бил засилен со седум подофицери од српската армија и со 15 нови војводи.

Со Горскиот штаб непосредно раководела Врховната команда, а бил стациониран на територијата на која дејствувала Првата армија и бил потчинет на штабот на Првата армија. Во штабовите на Втората и на Третата армија имало оддели за комитски работи. Со оглед на тоа дека Горскиот штаб бил стациониран на Козјак и се движел на релацијата Скопска Црна Гора-Крива Паланка, единиците што му припаѓале го нарекувале Козјачки одред. По Кумановската битка, станал Кумановски одред, а најпознат е како четнички одред на Воин Поповиќ-Вук. Овој одред се состоел од повеќе чети, а тие имале задача да го анимираат и да го мобилизираат македонското население на востание, односно за борба против османлиските сили како претходница на српската војска. Штабот на одредот го сочинувале Срби, односно српски офицери, а четниците и локалните војводи главно биле Македонци.

Покрај Козјачкиот горски штаб кој станал главен за цела Македонија, биле создадени горски штабови за Порече и за Азот. Командант на Поречкиот штаб бил потпоручникот Милан Ковиниќ, а во Азот, Милан Ѓокиќ. Со оглед на тоа дека Поречкиот и Азотскиот штаб формирале чети и во околиите на Кичево и на Дебар,таа формација е наречена Прекувардарски одред. На тој начин, во почетокот на Балканските војни во Македонија биле формирани два четнички одреда што биле под српската Врховна команда: Козјачкиот одред, со кој командувал војводата Воин Поповиќ-Вук, дејствувал во областа од Скопска Црна Гора до Крива Паланка и се состоел од 11 чети, и Прекувардарскиот одред, со кој командувал војводата Миливој Чолиќ-Антиќ, дејствувал во областа на Азот-Порече-Кичево и Дебар, составен од 16 чети. Составот на четите бил од 10 до 15 луѓе. Вкупната бројна состојба на четниците според формацискиот состав на двата одреда изнесувала околу 400 луѓе. Со оглед на тоа дека четите дејствувале самостојно и притоа мобилизирале месно население, се верува дека бројната состојба на четниците била поголема.