Недоделкан

Од Wikibooks

4. НЕДОДЕЛКАН


Недоделканост е, како што се чини, недостаток на пристојност, а недоделкан човек е ваков човек:

Тој би испил цело буре, и потоа сепак би отишол во градското собрание, а за цветно масло би рекол дека не мириса воопшто подобро од лукот.

Носи чевли поголеми од ногата, а кога зборува, вика најгласно што може.

Нема доверба во роднините и пријателите, но на слугите им ги кажува и најголемите тајни, а на оние што работата кај него, на полето им раскажува се за што се зборувало во народното собрание.

Кога седи, го поткрева горниот дел од палтото се до над колената, па му се гледа голотината.

Кога шета, не се чуди на ништо, ништо не го изненадува, но кога ќе види вол, магаре или јарец, застанува и гледа во нив.

Од визбата зема нешто и веднаш го јаде, а виното го пие така, без да стави вода во него. И помага потајно на жената што работи во кујната да го сомеле брашното за себе и за сите дома.

Кога појадува, фрла парче од доручекот и на живината.

Ако некој чука на вратата, самиот ја отвора. Потоа го повикува кучето, го фаќа за носот и вели “Овој ми ги чува имотот и куќата.”

Кога од некого зема пари, ги одбива, велејќи дека се нечисти, и бара веднаш да се заменат со други.

Ако на некого му го позајми плугот, корпата, српот или вреќа, му текнува на среде ноќ, кога не може да заспие, и оди да ги побара назад.

Кога се симнува во градот, го прашува првиот на кој ќе наиде, колку чинеле кожите и солените риби, дали и тој денес го слави младиот месец. И веднаш додава, дека ќе ја скрати косата, кога ќе дојде во градот, и дека ќе си купи солена риба.

Пее во бањата, и ги поткинува чевлите со клинци.