Прејди на содржината

Македонија во српската војска

Од Wikibooks

Во почетокот на Балканските војни во Македонија биле формирани две четнички одреди, кои биле под српската Врховна команда, и тоа Козјачкиот, кој дејствувал во реонот на Скопска Црна Гора, па се до Крива Паланка со 11 чети и Прекувардарскиот, кој се состоел од 16 чети.- Пролетта 1913 година формиран е и Доброволниот полк.-Насилна мобилизација на македонското население

Во реонот на Битола во војната против турската војска земале учество месните чети, три вода на ВМРО и српски чети. Нивното содејство особено било впечатливо во борбата за селата Гопеш и Ѓавато. Четите идеолошки биле разновидни, меѓутоа составот им бил главно од месното население, а целта им била да се изгонат турските власти. Месните чети дале силен придонес во борбите за селата Прибилци и Смилево, а особено во заземањето на Битола. По влегувањето на српската војска во Битола, месните чети биле распуштени, а потоа била воспоставена српска власт.

Во Охридскиот реон дејствувала четата на окружниот војвода и член на ЦК на ВМРО, Петар Чаулев. Покрај неговата чета во Западна Македонија, односно во Дебарца, во Кичевско, во Малесија и во Демир Хисар, се бореле четите на војводите Дејан Димитров и Стефан Атанасов. Тие, исто така, содејствувале со бројните месни чети на селската милиција. Во содејство, овие сили до 10 октомври ги ослободиле речиси сите наведени места, а на 15 октомври 1912 година, четата на Атанасов во заседа заробила 250 турски војници.

На 14 октомври кај Сливово, месните чети заробиле 300 турски војници, а на 23 октомври Чаулев воспоставил врски со српската војска, од кои дознал за таканаречената спорна зона во Македонија. Разочарувањето било огромно, бидејќи договорот за поделба на Македонија било тајна меѓу српската и бугарската влада. Меѓутоа, борбата морала да се продолжи. На 4 и на 5 ноември, предводени од Чаулев, четите на ВМРО, четите на селската милиција и бројни доброволци од месното население извршиле напад врз Прибилци и Брежани и заробиле 600 турски војници. Следниот ден воделе нови борби со војската на Џавит-паша, која била присилена да се повлече. Кај местото Бухово на патот РесенОхрид биле заробени 300 војници. На 10 ноември 1912 година, Чаулев влегол во Охрид. Била воспоставена месна самоуправа. Но, по три дена навлегла српската војска и воспоставила српска власт.