Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.8

Од Wikibooks

ВОЕНА КОНВЕНЦИЈА склучена помеѓу Кнежевството Србија и Кнежевството Црна Гора, 1876 година1


Врз основа на одредбите од Договорот за сојуз склучен помеѓу Србија и Црна Гора Неговата Светост српскиот кнез Милан М. Обреновиќ IV и Неговата Светост кнезот на Црна Гора и ридовите Никола Петровиќ I се спогодија за следната воена конвенција:


Чл. 1 Двете договорни страни влегуваат во војна со сите свои сили.

Чл. 2 Секоја од договорните страни ќе испрати кај другата страна свој повереник на договарање за воените работи.

Чл. 3 Почетокот на војната е определен со чл. V од Договорот за сојуз.

Чл. 4 Воиште ќе биде целата територија на европска Турција а посебно подрачјето помеѓу Дунав и Сава од една страна, Хрватска, Далмација и Босна од друга, и р. Искар со вододелницата што го дели басенот на Искар од басенот на Морава до Качаник, а оттаму по Шар Планина до составот на Бели и Црни Дрим и натаму по течението на таа река до нејзиниот влив во Јадранско Море, од трета страна.

Чл. 5 Според природните карактеристики на воиштето двете договорни страни прифатиле дека турската војска за воените операции против Србија и Црна Гора ќе дејствува:

1. По долината на Дунав (од Видин и другите места во долниот тек на Дунав) со закана за Заечар и натаму спрема Морава.

2. За тоа со заднинска база Софија и натаму Одрин и Цариград.

3. Солун и долината на Вардар, Овче Поле во правец на Приштина во Нови Пазарскиот санџак, преку Митровица.

4. Сараево, Зворник, Бјелина по долината на Дрина. Од сите страни турската сила ќе биде насочена единствено против Србија.

5. По долината на Неретва (Клек и Мостар).

6. По долината на Дрим (Скадар и од морето од една, а од Битола од друга страна).

Од овие две страни турската сила ќе биде насочена делимично на Црна Гора а делимично против Србија. Според ова главните стратегиски правци се:

1. Видин,

2. Ниш - Пирот,

3. Сејница - Нови Пазар, Приштина, Куманово, Скопје, Велес и Призрен,

4. Мостар - Клек и Сараево,

5. Скадар.

Понатаму се согледало и се прифатило од двете страни дека во српско-турската војна се и првите три операциски железнички линии по Дунав, Цариград - Одрин - Софија - Пирот - Ниш и Солун - Скопје -Приштина - Митровица - Нови Пазар, со далеку поголемо значење од двете последни и дека од успехот во овие краеви ќе зависи постигнувањето на поставената цел. Затоа е заклучено, согласно следното:

а) На Црна Гора и припаѓа да ги затвора, по можност, комуникаци-ите што го поврзуваат Јадранското Море со Скадар и да влијаат на Арнаутите да ги пресекуваат комуникациите од Битола преку Елбасан и Љума кон Скадар.

б) Црна Гора со својата операциска војска во Херцеговина ја затвора комуникацијата што го поврзува Мостар со Клек и Мостар со Сараево.

в) Сите други комуникации да ги затвора Србија.

Чл. 6 Со цел при воените операции да има разграничување до каде се простира командата на едната односно на другата страна, неопходно потребно за правилно функционирање, спогодбено е утврдена линијата: од р. Дрим, помеѓу арбанашките племиња: Пулати и Красниќи, вододелницата на Лимскиот басен до Беране, заклучно до Бело Поле, а оттаму на Стожер, Љубимље, потоа на спојот на Пива и Тара; "па по Дрина до вливот на Бистрица во Дрина, натаму по Бистрица и Доброполската река до границата на Херцеговина," по истата до Коњиц а оттаму по Неретва. Така се што се наоѓа северно, источно и западно од таа линија потпаѓа под командата на српските, а јужно и западно од истата линија под командата на црногорските воени команданти. Оваа линија го определува самото воиште со своите природни особености.

Чл. 7 Командантите на поедините воени единици кои дејствуваат самостојно ќе имаат право да склучуваат запирање на борбата, но само локално и не подолго од три дена.

Чл. 8 За што полесно и побрзо одвивање на приоритетниот сообраќај за време на војната, договорните страни се согласија да одржуваат директна жива врска а по можност и телеграфска.

Чл. 9 Оваа конвенција ќе се чува во најстрога тајност.

Чл. 10 Оваа конвенција важи од денот кога примероците потпишани, едниот од српскиот а другиот од црногорскиот владетел, ќе бидат потпишани и разменети од двајцата пратеници во Венеција. За таа цел ги именувале:


Неговата Светост српскиот кнез Милан М. Обреновиќ IV:

Државниот советник г Димитрија Матиќ , а

Неговата Светост црногорскиот кнез:

Господинот Станко Радоњиќ, сенатор.


(Записници са седница Министарског савета 1862 - 1898.., 180 -182)


1Потпишана во Венеција исто така на 3 јуни 1876 година., како составен дел на тајниот српско-црногорски договор за сојуз.