Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.7
ТАЕН ДОГОВОР ЗА СОЈУЗ склучен помеѓу Кнежевството Србија и Кнежевството Црна Гора, 28 мај 1876 година 1
Во името на Светото и неделиво Тројство!
Неговата Светост српскиот кнез Милан М. Обреновиќ IV и Неговата Светост кнезот на Црна Гора и ридовите Никола I, повикани по природата на позицијата да се грижат за подобрата иднина не само на Србија и Црна Гора туку и на целиот народ во Европска Турција, посебно во денешните прилики во кои што се наоѓаат христијанските народи во европска Турција стана решавачко и неподносливо, а несигурната политичка положба на Турција опасна и за самото опстојување на Србија и Црна Гора; сметајќи натаму дека имаат не само света должност туку и неспорно право да работат на тоа христијанските народи во европска Турција, посебно српскиот народ, да се ослободат од турскиот јарем; и согледувајќи ја неминовната потреба дека саканата цел во тој голем народен потфат, може да се постигне единствено со братски договор и со заедничко дејствување, се согласија на договор со следните одредби:
Чл. I Двете високи договорни страни склучуваат сојуз со крајна цел: ослободување на Христијаните, а поблиска непосредна цел- ослободување на српскиот народ во европска Турција.
Чл. II Затоа двете договорни страни се обврзуваат заеднички и договорно да дејствуваат како на дипломатско така и на воено поле. Затоа ниту една од нив нема да презема никакви чекори, без согласност на другата, било за врзување со договор со странски држави или за каква било политичка акција што би се однесувала на предметот на овој договор.
Чл. III Двете договорни страни ќе дејствуваат со заеднички средства што им стојата на располагање за да се издејствува од Силите признавање на начелото дека Европска Турција им припаѓа на народите што ја населуваат. Според тоа[начело] тие се обврзуваат да се спротивстават со сета сил а и со сите средства на секој обид за поделба на европска Турција според која поделба некој српски дел од нејзината територија би потпаднал под власта на некој странски суверен.
Чл. IV Србија се обврзува да работи на тоа да се постигне спогодба и заедничко дејствување со Грција и Романија (курзив-ММ) за постигнување на целта утврдена со овој договор.
Двете држави излегувајќи им во пресрет на праведните стремежи на христијанските народи во Европска Турција за ослободување, се обврзуваат секоја во својот делокруг да дејствуваат на соодветен начин кај нашиот братски народ во Босна и Херцеговина и во Стара Србија, како и на нам сродните народи во Бугарија и Албанија за да ги подготват за сеопшто востание во Турција и да им помогнат со потребните средства.
Чл.V Војната ќе започне по десет дена од ратификацијата на договорот. Ако Турција пред тој рок започне војна против едното од кнежевствата, тогаш и другото веднаш мора да влезе во војната.
Чл. VI По започнувањето на непријателствата против Турција двете договорни страни се обврзуваат дека ќе војуваат со сите сили за постигнување на целта поставена со овој договор. Непријателствата ќе се запрат само со заедничка согласност.
Чл. VII Мир и примирје договорните страни можат да склучат само со заеднички договор, освен кусо запирање на борбите што можат да ги склучуваат ополномоштените воени команданти.
Чл. VIII Србија се обврзува да и даде на располагање на Црна Гора, на име помагање на нашите страдални браќа во Турција, четириесет илјади дукати веднаш по ратификацијата на договорот, а потоа секој месец по десет илјади дукати до целосната исплата.
Чл. IX Поблиски одредби за непосредните воени обврски за војна ќе се определат со посебната воена конвенција што ќе се склучи истовремено и која што ќе се смета за составен дел на овој Договор.
Чл. X Овој Договор останува таен.
Чл. XI Овој договор ќе важи од денот кога примероците потпишани едниот од српскиот а другиот од црногорскиот владетел ќе ги потпишат и ќе ги разменат двајцата пратеници во Венеција 2. За таа цел ги именувале; Неговата Светост српскиот кнез Милан М. Обреновиќ IV г. Димитрија Матиќ, член на Државниот совет а Неговата Светлост црногорскиот кнез г. Станко Радоњиќ, сенатор.
Во Белград, 28 мај 1876 год.
(Записници са сједница Министарског савета Србије, 1862 - 1898. Приредио др. Никола П. Шкеровић, Београд, 1952, 178-180)
1Текстот на договорот усвоен од Министерскиот совет на Кнежевството Србија на седницата од 28 мај 1876 година, како дефинитивен. Бил предмет на разгледување на седниците од 4 и 23 до 27 мај. Тајниот политичко српско-црногорски договор за сојуз бил потпишан во Венеција на 3 јуни 1876 година од ополномоштените пратеници на двете страни: за Кнежевството Србија - Димитрија Матиќ а за Кнежевството Црна Гора - Станко Радоњиќ. При тоа бил потпишан и посебен протокол.
2 Венеција како место за потпишување на договорот за сојуз била предпожена од владата на Кнежевството Србија, секако за зачувување на тајноста на потпишувањето на договорот и содржината на двата документа. А Црна Гора тоа го прифатила.