Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.66
ПРОТОКОЛбр. 12 од седницата одржана на 28 јули/10 август 1913 година
Седницата започна во 9, 30 часот. Присутни:
За Бугарија:
Н.Е. г. Димитар Тончев - министер за финансии, генералот Иван Фичев - шеф на Генералштабот, г. Сава Иванчов - поранешен потпреседател на Собранието, Симеон Радев и генералштабниот потполковник Константин Станчов.
За Грција:
Н.Е. г. Ел. Венизелос - претседател на Министерскиот совет и воен министер, Н.Е. г. Д. Панас - полномоштен министер, г. Никола Политис -професор по Меѓународно право на Парискиот универзитет, капетанот А. Егзадакилос и капетан К. Пали
За Црна Гора:
Н.Е. генералот сердар Јанко Вукотиќ - претседател на Министер-скиот совет и воен министер и г. Јован Матановиќ - поранешен директор на поштата и телеграфот и поранешен вршител на работите.
За Романија:
Н.Е. г. Т. Мајореску - претседател на Министерскиот совет и мини-стер за надворешни работи, Н.Е. г. Алекс. Маргиломан - министер за финансии, Н.Е. г. Таке Јонеску - министер за внатрешни работи, Н. Е. г. К. Дисеску - министер за просвета и црковни работи, дивизискиот генерал аѓутант К. Коанда - главен инспектор на артилеријата и полковникот К. Кристеску - заменик шеф на Генералштабот.
За Србија:
Н.Е. г. Никола П. Пашиќ - претседател на Министерскиот совет и министер за надворешни работи, Н.Е. г. Михаило К. Ристиќ - вонреден пратеник и ополномоштен министер на Србија во Букурешт, Н.Е. г. д-р Мирослав Спалајковиќ - ополномоштен министер, полковникот К. Смиљаниќ и потполковникот Д. Калафатовиќ.
Протоколот од минатата седница е прочитан и прифатен.
Претседателот известува дека протоколот од денешната седница г.г. полномошници ќе го имаат во своите раце во текот на денот.
Господинот Радев, делегат на Бугарија, вели дека се спогодил со делегатите на Србија да се замоли г. претседател во денешниот протокол да се внесе и ова: "Ако мешовитата српско-бугарска комиси ја не ќе може да се договори за било која точка на старата граница помеѓу двете Кралства, истата ќе пристапи кон арбитража од еден експерт кој ќе биде именуван од владата на Белгија, Швајцарија или Холандија".
Претседателот одлучува изјавата на г. Радев да се внесе во протоколот. Потоа тој го повикува г. Писоски да го прочита дефинитивниот договор што е прифатен едногласно. Г. Мајореску додава дека моли да му биде допуштено, пред да се потпише договорот, да даде една мала забелешка за начинот на кој што тоа ќе се направи: Полномоштвата на граѓанските делегати по малку се разликуваат од мандатот што им е даден на воените делегати. За полноважност на договорот доволни се само полномоштвата на првите полномошници. Меѓутоа, со оглед на вонредно драгоцената помош што им ја укажале господата воени делегати, тој смета дека господата полномошници ќе прифатат и господата воени делегати да го потпишат заедно со нив. Тој е исто така на мислење само шефовите на делегациите да стават свои печати. Бидејќи овие предлози се усвоени, претседателот ги повикува господата полномошници да повелат да пристапат кон потпишување на петте примероци од Договорот.
По завршувањето на тој чин г. Венизелос зема збор:
"Сигурен сум дека ги изразувам истоветните чувства на сите мои странски колеги ако му ја искажам нашата благодарност на Н.Е. г. претседател Мајореску за големата непристрасност и внимателност со која што претседаваше со деликатната работа на оваа почитувана ансамблеа. Ќе додадам дека не само што пријатно ги почувствувавме големите особини на Неговата Екселенција во текот на нашите официјални седници туку уште бевме и многу длабоко трогнати од благородните и возвишени чувства за што на неколку пати ни даде доказ на нашите одделни состаноци и полуофицијални разговори на кои што, благодарение на неговите добри совети, направените отстапки и од едната и од другата страна доведоа среќно до спогодбите утврдени со овој Договор, што во овој момент го потпишавме. Заслугата за ава завршено големо дело му припаѓа, во голема мерка, на г. претседател Мајореску. Неговото име ќе остане трајно врзано за Букурешкиот мир и ќе биде изговарано со длабоко и благородно почитување од христијанските народи за кои денес се отвора едно друго време за работа и мир".
Господинот Мајореску одговара:
"Длабоко сум трогнат од љубезните зборови што ги искажа г. Венизелос и одобрувањето со кое што се прифатени во оваа ансамблеа. Меѓутоа, пред се чувствувам потреба да Ви ја изразам мојата благодарност на помошта што ми ја дававте и со тоа ја олеснувавте заедничката работа, како и на широкоградоста што ја покажавте спрема мене".
Господинот Спалајковиќ предлага после заблагодарувањето господата полномошници да отидат колективно во Дворецот и да се запишат во книгата на Неговото Височество и на тој начин да го изразат почитувањето на Возвишениот Суверен на Романија кој најмногу придонесе за воспоставувањето на мирот на Балканот.
Господинот Мајореску повторно зема збор и вели:
Тосподо! Пред да се разделиме допуштете ми да Ве потсетам дека Конференцијата својата прва седница ја одржа во средата на 17 (30) јули и дека денес недела 28 јули (10 август) е завршена нејзината голема задача: да им ги донесе благодетите на мирот на народите кои што ги претставуваме. Очигледно е дека овој резултат можеше да се постигне само со перманентна ангажираност и голема компетентност на членовите на оваа ансамблеа. Сметам дека ќе ја исполнам својата должност ако искажам посебна благодарност на делегатите кои прифатија и посебни задачи; нашите воени колеги и составувачите на текстот на Договорот за мир. Во исто време им искажувам благодарност, во името на Конференцијата, и на секретарите на неуморниот труд што го вложија во својата тешка работа. Да не ги заборавиме и административците кои ни ги поедноставија формалностите неопходни за нашата работа.
Господо! Ние можеме мирно да се разделиме со мирна совест. Се трудевме колку што можевме подобро да ги одбраниме интересите на државите што ги претставуваме и со чувство дека личните врски, што ги воспоставивме меѓу нас за време на нашата заедничка работа, ќе бидат предвесник на добрите односи што ќе се воспостават меѓу нашите држави.
Објавувам дека Букурешката Конференција е завршена. Полномошниците се разотидоа во 11 часот.
Потписници:
Т. Мајореску, Д. Тончев, генерал Фичев, дп. С. Иванчов, Симеон Радев, потполковник Станчов, Е.К. Венизелос, Д. Панас, Н. Политис, капетан А. Егзадактилос, капетан К. Пали, генерал сердар Ј. Вукотиќ, Јован Матановиќ, Ник. П. Пашиќ, М. Г. Ристиќ, М. Спалајковиќ, пуковник Смиљаниќ, потпуковник Д. Калафатовиќ, А.Мариломан, Таке Јонеску, К. Г. Дисеску; генерал аѓутант Коанда, полковник К. Кристеску.
(Уговор о миру.., 70 – 74)