Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.4

Од Wikibooks

ПРОТОКОЛ кон проектот на српско-бугарскиот договор (од 14.01.1867 г.) на бугарскиот револуционерен комитет "Добродетелска дружина" од Букурешт, од 5/17-ти април 1867 година, предаден на Кнежевството Србија


Бидејќи денешните прилики ги повикуваат сите угнетени народи во Турција да преземат мерки да се ослободат па и нас Бугарите кои живееме во Бугарија, Тракија и Македонија1 да размислиме и да најдеме средство за ослободување на нашата мила татковина, да успееме да се вброиме ние во слободните народи и да покажеме дека сме живи.

За да ја постигнеме таа посакувана цел треба да избереме еден соседен народ и со негова помош да постигнеме ослободување и заемна корист. Таков народ нема друг освен српскиот кој, според народноста, верата и местоположбата е зближен со нас со векови и нашите интереси се еднакви, па затоа со збратимувањето народот може да биде независен. За тоа братско зближување, согласно со денешните прилики, ги предлагаме за основа овие 12 точки:

1. Братското обединување на Србите и Бугарите треба да се изврши под името "Југословенско царство".

2. Југословенското царство го чинат Србија и Бугарија (од Бугарија, Тракија и Македонија).

3. На чело на ново формираната влада да биде сегашниот српски кнез Михаило Обреновиќ, со право на наследување.

4. Новото царство треба да има едно народно знаме што ќе биде претставено со симболите од двата народа. Истото се подразбира и за идните монети.

5. Секоја страна да го зачува во официална употреба своето наречје. Затоа чиновниците треба да бидат од тој народ каде што служат и кои го говорат истото наречје.

6. Постојните српски закони ги прифаќаме и истите ќе се преведат на бугарско наречје. Сите наредби што се публикуваат во Југословенското царство, да се публикуваат без исклучок истовремено на двете наречја.

7. Господаречка религија е православната, а вероисповедта слободна.

8. Црковните работи ќе се управуваат од независен синод, составен од претставници на двата народа. Синодот, кого го претставува прв митрополит а епископите по епархиите според наречјата народното население, го потврдува владетелот.

9. Државниците кои влегуваат во владата треба да бидат од двата народа.

10. Народното претставништво во државата да биде составено соодветно на бројноста на народното население и согласно со постојната форма во Србија.

11. Престолниот град на Југословенското царство да го определи народното претставништво.

12. Седиштето на црковниот поглавар и на синодот секогаш да биде во престолнината. Но, за да се реализира оваа општа желба одлучивме да се избере една управа од 7 лица кои сега живеат во Букурешт која што според околностите ќе води грижа за постигнување на таа патриотска цел. За членови на управата2 ги избравме: г.г. Кристо Георгиев, др. Г. Атанасовиќ, Михаил Колона, др. Д. Протиќ, Стеван Иванов, Г. Николопулос и др. Гиколеску3 кои за спогодување на идното Југословенско царство, треба да ги имаат следните два услова:

I. Согласност договорот да стапи во сила од денот на потпишувањето од српската влада и управа.

II. Српската влада треба да се обврзе со споменатиот договор дека ќе даде секаква материјална и морална помош за постигнување на заедничката цел, што управата ќе ја разгледа според приликите и потребите, без за тоа да биде одговорен некој од потписниците.

Нека Господ Бог ни биде заштитник и на помош во ова наше свето решение.

5-ти Април 1867 год.4


/Потписници/


(М.Р. Степановић, Срби и Бугари.., с. 23-24; Simeon Radev, L'Accord serbo-bulgare de 1867 en vue d'une confédération yougoslave.-"La Bulgarie," i, 7 décembre 1927)



1 Бугарите емигранти во Букурешт од организираната група Добродетелска дружина настапуваа во својата програма со отворени големобугарски претензии спрема Македонија и македонскиот народ го прогласуваа за бугарски. Така што во овој Протокол Македонија е класифицирана во рамките на проектираната голема Бугарија (како бугарска земја) во предлогот за создавање единствена српско-бугарска држава.

2 На револуционерната организација "Добродетелска дружина" - Букурешт.

3 Имињата на членоеите на управата внесени според Гргур Јакшић и Војислав Вучковић!, Спољна политика Србије за владе кнеза Михаила(Први балкански савез), Београд, 1967, с. 506.

4 Во мај 1867 година во Белград допатувале претставниците на Добродетелската дружина: Георги Шопов и Михаил Колони кои биле примени од претседателот на српската влада на кого му го предале протоколот. Гарашанин го поздравил и поддржал предлогот на бугарската Добродетелска дружина но откажал да потпише некаков формален договор за да не си ги врзува рацете во тековните