Прејди на содржината

Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.38

Од Wikibooks

СПОГОДБА помеѓу бугарските и српските генералштабови, 15 септември 1912 година

Согласно чл. 4 од Воената конвенција помеѓу Царството Бугарија и Кралството Србија, и нивните определени делегати, командантите на респективните генералштабови, откако го разгледаа проектот за нападна војна против Турција, по заемна согласност, ги донесоа следните решенија:

1. Целата српска армија ќе дејствува на Македонското операциско боиште, со тоа што се задолжува да го обезбеди операциониот правец: Крива Паланка - Ќустендил.

2. Целата бугарска армија ќе дејствува во долината на р. Марица, со тоа што, во прво време, ќе остави една дивизија на линијата: Ќустендил-Дупница. За заштита на градот Дупница ќе остави посебен гарнизон.

3. Една српска дивизија од првиот повик ќе биде пренесена со воз во Ќустендил и со бугарската дивизија, во прво време, ќе формира една армија што ќе содејствува со главната српска армија. Ако главната српска армија ги отфрли Турците од линијата: Скопје-Велес-Штип и продре на југ, тогаш Бугарите можат да се послужат со својата дивизија за засилување на своите војски на Маричкото боиште, со тоа што ќе остават доброволни војски на македонската граница.

4. Организирањето на транспортот ќе се врши на следниов начин: На српскиот генералштаб се остава на располагање линијата: Пирот-Цариброд-Софија-Ќустендил уште од петтиот ден од мобилизацијата. Транспортирањето ќе се врши со српски возови, бидејќи бугарскиот подвижен материјал ќе биде ангажиран.

5. Исхраната на српската дивизија ќе се обезбеди, во прво време, од бугарското воено министерство. Земените прехранбени производи српското воено министерство ќе ги врати во натура.

6. Спогодбата помеѓу командантите на респективните генералштабови од 19-ти јуни 1912 година (потпишана во гр. Варна) останува во сила и во сегашната комбинација.

15-ти септември 1912 година Гр. Софија

Командант на штабот на бугарската армија


Генерал-мајор Фичев Генерал Р. Путник

(Ат. Шопов, Какъ ни се наложи Балканската воина.., 69)