Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.3

Од Wikibooks
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

ПРОЕКТ НА ДОГОВОР за создавање двојна Српско-бугарска монархија, 14 јануари 1867 година


СРПСКО-БУГАРСКИ ИЛИ БУГАРСКО-СРПСКИ СРДЕЧЕН ДОГОВОР, 14-ти јануари 1867 година.1

Чл. 1

Српскиот народ и бугарскиот народ, кои по суштина се Словени од иста крв и вера, кои произлегуваат од исто стебло и населуваат области што се гранични, се повикани од самото провидение во иднина да живеат под една иста управа и под едно знаме.

Чл. 2

Бидејќи претставуваат едно тело вдахновено со исти чувства и поради тоа што имаат исти стремежи и што нивните стремежи можат да ги остварат само во заеднички живот, овие два братски народи во иднина со право ќе го носат името Србо-Бугари или Бугаро-Срби а нивната заедничка татковина Бугаро-Србија или Србо-Бугарија.

Чл. 3

Неговата Светост Кнез Михајло Обреновиќ, чиј што патриотизам толку пати е потврден, од славно потекло, син на јунакот ослободител на Србија, се прогласува за возвишен шеф на Србо-Бугарите и за командант на нивната војска.

Чл. 4

Народното знаме ќе биде составено од српското и бугарското знаме.

Чл. 5

Се гарантираат границите на Србо-Бугарите од секој надворешен напад.

Чл. 6

Законодавството ќе биде единствено. Обнародувањето и примената на законите ќе бидат на двата дијалекта.

Чл. 7

Паричната единица ќе го има на едната страна ликот на владетелот а на спротивната страна србо-бугарскиот грб со натпис: "Србо-Бугарско Кралство ". Владетелот на Србо-Бугарите ќе востанови народни одликувања што ќе соодветствуваат на нивната историја.

Чл.8

Метричкиот систем ќе биде народен систем. Исто и парите.

Чл. 9

Вероисповедта на Србо-Бугарите е православна.

Чл. 10

Патријархот на Србо-Бугарите ќе биде независен, според правата добиени од дамнина. Следствено и независна народна хиерархија. Синодот секогаш ќе биде мешовит. Епископиите, административната и судската управа треба да одговараат на побројната популација и примена на односниот дијалект. Синодот предлага кандидати за епископи на политичката власт која врши избор, во секој случај, според предоминантниот дијалект во епархијата.

Чл. 11

Владетелот ја именува својата влада, грижејќи се секогаш во истата да има Срби и Бугари. Чл. 12

Собранието ќе одлучи за престолнината на нашата татковина.

Во Букурешт, 14-ти јануари 1867 година

/Потписници/

Оваа програма односно договор усвоен од бугарското собрание од делегатите од разни краеви на Бугарија во Букурешт, во април 1867 година.


(Милутин Р. Степановић, Срби и Бугари у прошлости и садашњости, Београд, 1913, с. 21-22)


1 Проектот на договорот за создавање единствена српско-бугарска држава, под владетелство на српскиот кнез Михајло Обреновиќ, како наследен кнез, бил разгледан и усвоен од Собранието на Добродетелска дружина, во Букурешт, во почетокот на април 1867 година.