Прејди на содржината

Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.23

Од Wikibooks

ДОГОВОР за меѓусебните односи склучен помеѓу Османлиското царство и Кнежевството Бугарија во кој бугарското Кнежевство се обврза да спречува префрлување на вооружени чети во Македонија и во Источна Румелија и да спречува пропагандна дејност против Османлиското царство на својата територија, 26 март/8 април 1904 година


Османлиската царска влада и Кнежевството Бугарија се согласија за следното:

1. Кнежевството Бугарија се обврзува дека како на својата територија така и во Источна Румелија ќе спречува создавање на револуционерни комитети и вооружени чети како и сите субверзивни активности против Империјата, дека ќе ги казни, согласно законите, своите државјани кои во соседните провинции извршиле дејствија насочени против јавниот ред а потоа избегале или во Бугарија или во Источна Румелија.

2. Кнежевството ќе ги преземе сите потребни мерки за да се спречи внесување, во соседните вилаети, секаков експлозивен или отровен материјал како и сите производи што можат да му наштетат на здравјето на населението;

3. Османлиската царска влада ќе ги спроведе реформите договорени помеѓу Турција, Австро-Унгарија и Русија за Солунскиот, Битолскиот и Косовскиот вилает. Со тоа и со општата амнестија што Неговото Императорско Височество Султанот ја прогласи, со најголемо милосрдие, ќе постигне целосен ефект. Следствено, тие кои се наоѓаат во затвор или се протерани под обвинение или обвинети дека непосредно или посредно учествувале во револуционерната дејност, како и сите политички осуденици, ќе бидат пуштени на слобода и испратени во своите краишта. Со исклучок на злосторниците осудени заради бомбашки напади врз бродови, железница, мостови и јавни установи (курзив-ММ).

4. Жителите од Румелиските провинции кои заради немирите од пред две години заминале во Бугарија или Источна Румелија или кое останало во земјата но нивните куќи се уништени, по враќањето во своите .села ќе добие помош кај царските власти за обнова на нивните домови и враќање на земјата;

5.Посебен договор ќе биде склучен за заемно предавање на злосторници и дезертери избегани, од главниот град или од другите провинции на Империјата, во Кнежевството и во Источна Румелија или оттаму во другите делови на Империјата. За спречување на преминувањето на демаркационата линија1 од страна на разбојниците и на четите Царската влада и Кнежевството на споменатата линија ќе основаат мешовити цивилни и воени одделенија и за тоа ќе треба да се направи одделен договор. За разгледување и уредување на прашањата кои ќе останат нерешени од едната и од другата страна, ќе биде основана мешовита комисија и таа ќе треба веднаш да се зафати со работа;

6. Царинските мерки посебно воведени, во последно време, за стоката од Бугарија и Источна Румелија ќе бидат укинати и ќе се применуваат истите формалности и олеснувања како и во минатото. Двете страни ќе донесат ефикасни одредби за обезбедување и заштита на демаркационата линија;

7. Железничките возови слободно ќе сообраќаат и нема да има никакви пречки за Бугарите со уредни документи кои доаѓаат од Кнежевството или од Источна Румелија по работа.

8. Сите државјани на Империјата без разлика ќе бидат примани во јавни служби, во зависност од нивната оспособеност а цивилните и судски служби и натаму ќе им бидат достапни на бугарските жители со барани способности.

Нивните Екселенции Саид-паша, претседател на Државниот совет и Зеки-паша, аѓутантот на Н. Царско Величество Султанот и голем артилериски специјалист, од страна на Османлиската Царска Влада, и г. Начович, специјално делегиран за таа цел од бугарската Влада, потоа го потпишаа овој акт и на него ставија свои печати.


Составен во Цариград, на 26-ти март/8-ми април 1904 год.


Потпишани:2

Саид Г. Д. Начович

Зеки

(ЦДИА-С., ф. 284, оп.2, а.е.,131, л. 1-2)

1 Бугарското Кнежевство официјално се уште беше трибутарно, односно зависно, па согласно таквиотстатус границата со Османлиската држава официјално претставуваше демаркациона линија, како што ја именуваше владата во Цариград.

2 Бугарската страна Договорот го ратификувала на 4 април ( ст.ст. ) 1904 година, во Рилскиот манастир, со потпишувањето на ратификационите документи од кнезот Фердинанд и од претседателот на бугарската влада Рачо Петров.