Македонија во билатералните и мултилатералните договори на балканските држави 1861-1913, документ бр.15
ТАЕН ДОГОВОР помеѓу Србија и Австро - Унгарија, потпишан на 28-ми јуни 1881 година1
Чл. I
Помеѓу Австро - Унгарија и Србија постојано ќе владее мир и пријателство. Двете влади се обврзуваат дека заемно ќе водат пријателска политика.
Чл. II
Србија нема да толерира политички, верски или други интриги од својата територија против Австро - Унгарската монархија, подразбирајќи ги тука и Босна и Херцеговина и Новопазарскиот санџак. Австро - Унгарија ја презема на себе истата обврска спрема Србија и нејзината династија чие што одржување и зацврстување ќе го помага со сето свое влијание.
Чл. III
Ако кнезот на Србија најде за потребно, во интерес на својата династија и на својата земја, за себе и своите наследници да земе кралска титула, Австро-Унгарија ќе ја признае таа титла веднаш по прогласувањето во законска форма и ќе го употреби своето влијание и другите сили да ја признаат.
Чл. IV
Австро - Унгарија ќе се застапи за интересите на Србија кај другите европски влади. Србија, без претходен договор со Австро - Унгарија, нема да преговара ниту ќе склучува политички договор со некоја друга влада и нема да пропушта на својата територија странска војска; регуларна или нередовна, ни под името доброволци.
Чл. V
Ако на Австро - Унгарија и се закани некаква војна или ќе се најде во војна со една или повеќе Сили, Србија ќе заземе пријателска неутралност спрема Австро - Унгарската монархија, сметајќи ги притоа и Босна и Херцеговина и Новопазарскиот санџак и, во духот на меѓусебното тесно пријателство согласно одредбите на овој договор, ќе и ги даде сите можни погодности.Австро - Унгарија ја презема на себе истата обврска спрема Србија во случај ако нејзе и се заканува војна или ако се најде во војна.
Чл. VI
Во случај ако и двете договорни страни ќе сметаат за потребно воена соработка, прашањето во врска со воената соработка, посебно прашањето за врховната команда и евентуалното преминување на единиците преку територијата на едната или на другата држава, ќе бидат регулирани со Воена конвенција.
Чл.VII
Ако Србија, со тек на околности чиј што развиток денес не може да се предвиди, ќе биде во состојба да се прошири во правец на своите јужни граници (изземајќи го Новопазарскиот санџак) Австро - Унгарија на тоа нема да се спротивставува и ќе се застапида ги наведе и другите Сили за завземат поволен став спрема Србија. (курзив - ММ).
Чл. VIII
Овој договор ќе остане во сила 10 години, сметано од денот на размената на ратификациите. На 6 месеци пред истекувањето на важноста двете страни ќе се договорат, ако биде потребно, за продолжување на важноста или за измените, што околностите би ги наметнале како потребни.
Чл. IX
Договорните страни се обврзуваат овој договор да го држат во тајност и дека нема да го соопштуваат постоењето како и неговата содржина на друга влада без претходен договор.
Чл. X
Ратификациите на овој договор ќе бидат разменети во Белград во рок од 15 дена или порано, ако е можно.
Во Белград, 16/28-ми јуна 1881 год.
Потписници:
барон Херберт
Ч. Мијатовић
(Dr. Alfred Pribram, Die Politisches Geheimverträge Österreich-Ungarns 1879-1914, l, Wien und Leipzig, 1920 s. 18 – 20)
1 Во српската историографија познат под името "Тајна конвенција". Со договорот Австро-Унгарија имаше за цел Србија да ја стави во положба на целосна политичка зависнот; да ја елиминира српската политичка пропаганда во Босна и Херцеговина и да ја пренасочи кон југ, вклучително и спрема Македонија.