Прејди на содржината

МОЌТА НА ЧЕТИТЕ НА ВМРО

Од Wikibooks

На планината Плачковица уште пред објавувањето на војната се појавиле повеќе доброволни селски чети. Пристигнале и неколку партизански водови на ВМРО. Овде се нашле и војводите Георги Поп Христов, Марко Иванов, Павел Христов, Васил Чакаларов, Иван Попов и Христо Силјанов. Оттука се префрлувале кон Тиквеш, кон Гевгелија и за Костурско. Насекаде на четите им се приклучувало месното население, а се воделе и активни борбени дејства. За кратко време биле ослободени повеќе села, а на 20 октомври бил ослободен градот Воден, каде што била воспоставена власт од месното население.

Војводите Васил Чакаларов, Иван Попов и Христо Силјанов, кои уживале силен авторитет уште од Илинденското востание, масовно го привлекувале населението, па за кратко време била ослободена голема територија на просторот Костур-Лерин-Воден. Во ноември 1912 година, турската војска презела противофанзива кон ослободената територија. Меѓутоа, многубројната селска милиција и партизанските чети на ВМРО во содејство со сојузничките сили (српската и грчката војска) успеале да ја одбијат турската офанзива. Сепак, по завршувањето на Првата балканска војна на 12 декември 1912 година, четите на ВМРО се повлекле кон Бугарија, четите на месната милиција биле распуштени, а српските и грчките власти паралелно воспоставувале своја власт и воделе преговори за поделба на Македонија.

Активноста на месната селска милиција особено била значајна во реонот на Куманово, каде што речиси секое село имало своја чета. Во овој реон, селската милиција имала неколку илјади души. Во времето на движењето на турската војска, милициските чети од зад грб ги напаѓале турските позиции. На 10 и 11 октомври 1912 година, кај село Орашец селската милиција ги нападнала позициите на турската тешка артилерија и запленила повеќе орудија. Потоа пристигнала четата на ВМРО со војводата Крсто Лазаров, па во содејство ги нападнале турските сили и на тој начин дале голем придонес во брзиот пробив на српската војска. Во Скопскиот округ дејствувале четите на ВМРО со кои раководел Тодор Александров. Во скопските села била мошне активна селската милиција, која содејствувала како со четите на ВМРО, но и со српските чети и со српската војска.

Во реоните на Штип и на Кочани четите ги предводеле војводите Ефрем Чучков, Симеон Ѓорѓиев, Оровчанов и други. Во Солунскиот реон најголема чета имал војводата Ичко Димитров. Се појавиле и други партизански водови и чети на ВМРО, на кои им се приклучувале месните селски чети.