Прејди на содржината

МАКЕДОНЦИТЕ ДОАЃААТ

Од Wikibooks

На 24 октомври 1912, односно на вториот ден од Кумановската битка, српската Прва. армија тргнала во офанзива. Дринската дивизија од првиот повик го започнала настапувањето во 6.00 часот на правецот Зебрњак-Бизлим (Красте кота 530). Шестиот корпус се обидел да ја запре, но не успеал, па таа избила со предните делови до Биљановце и ја принудила Битолската редифска дивизија да се повлече, при што на позициите оставила 9 топа. Моравската прва. дивизија го одбила нападот на 7. корпус и веднаш преминала во противнапад во содејство со Тимочката дивизија од вториот повик. Двете дивизии го принудиле 7. турски корпус да се повлече на утврдените позиции северно од Куманово.

Меѓутоа, околу 13 часот тој бил принуден и од овие позиции да се повлече кон Скопје. На левото српско крило околу 6 часот, 5. и 6. корпус ја нападнале Дунавската дивизија од првиот повик и ја довеле во тешка состојба. Во пресудните моменти, кога 5. и 6. турски корпус ја презеле иницијативата и кога постоела реално опасност српската војска да биде разбиена, ненадејно се појавиле околу 6.000 македонски четници кои со бомби в раце и силни извикувања ја нападнале турската војска во тил. Турците избегале во паничен страв, оставајќи им ги оружјето и опремата на македонските четници. По таа силна победа на македонските четници, српската војска поминала во противофанзива. За оваа силна победа на македонските сили и придонес од стратегиско значење во конечната победа на сојузниците врз турската војска досега не пишувале ни Србите, ни Бугарите.

Потоа, околу 10.30 часот на помош на Дунавската дивизија од првиот повик и’ пристигнала Дунавската дивизија од вториот повик. Дринската дивизија го продолжила настапувањето и со поддршка на артилериски оган ја принудила 17. низамска дивизија на отстапување. Околу 12.30 часот, Дринската дивизија го зазела Зебрњак и го продолжила настапувањето кон Големиот Рид, загрозувајќи го левото крило на 5. корпус. Со овој напад бил пробиен фронтот на турската Вардарска армија. Околу 15 часот почнале да се повлекуваат сите турски дивизии, што значело дека Кумановската битка била завршена. Таквиот исход српската Врховна команда не го знаела. Таа и понатаму претпоставувала дека главниот судир ќе се води на Овче Поле. Поради тоа, наместо да го продолжат гонењето, српските сили напредувале само до караулата Бучар Хан кај село Бучинец, на околу 15 км од Куманово кон Скопје, каде што се сместил штабот на Првата. армија и подготвувала план за опколување и освојување на Скопје. Во Кумановската битка на српската страна имало 723 загинати, 3.441 ранет и 603 исчезнати. Биле заробени 2.000 турски војници и запленети 61 топ, шест митралези и големо количество муниција и друг воен материјал.

При повлекувањето, командантот на 7. корпус Фети-паша се задржал пред Скопје, со намера да ја организира неговата одбрана. Во градот веќе дошло до пресметки меѓу Македонците и муслиманското население, во кои имало и жртви. Особено во тешка положба биле Македонците затвореници во Скопскиот затвор. Месните власти ги заплашувале христијаните. Согледувајќи ја положбата во Скопје, а со цел да го спасат градот од разурнувања, странските конзули заедно со месните првенци извршиле дипломатски притисок и заканување врз Фети-паша и успеале да го наговорат наместо да се стационира во Скопје, да се повлече кон Битола.

Меѓу конзулите најактивен бил рускиот конзул Калмиков, кој неколку дена пред повлекувањето на Фети-паша во соработка со градските македонски првенци успеал да организира месна власт и стражи и да ги спречи безредијата во градот. На негова интервенција биле ослободени сите Македонци од затворот. Откако корпусот на Фети-паша се повлекол кон Велес, странските конзули, на чело со Калмиков, отишле во штабот на Првата. српска армија во Бучар Хан и му го предале градот, во кој српските единици влегле без борба, а потоа воспоставиле српска власт.

Во турската армија, во духот на прокламираната рамноправност уште во времето на Младотурската револуција, биле мобилизирани младинци без оглед на верата и националноста. Така, во Кумановската битка се појавиле бројни дезертерства. Не бегале само Македонците кои во согласност со пропагандите не сакале да се борат против христијанските браќа, туку дезертирале и Турци, Албанци, Јуруци и други од месното население. Тие дезертерства особено биле големи по повлекувањето од Куманово кон Велес и кон Битола.

Српската врховна команда, во согласност со Српско-бугарската спогодба и особено по повлекувањето на турската војска и освојувањето на Скопје без борби, на 26 октомври 1912 ја упатила Втората. армија преку Крива Паланка во Ќустендил, а потоа со воз до Одрин на помош на бугарската војска. Во почетните дејства бугарската 7. Рилска дивизија и’ била потчинета на српската Втора. армија, но фактички таа и натаму била под команда на Родопскиот одред и на бугарската Врховна команда, што дејствувала по долината на Струма кон Егејското Море.

Повлекувајќи се по Кумановската битка, Вардарската армија имала цел да ја брани Битола. Со таква цел Зеки-паша со 5. корпус го затворил правецот Велес-Прилеп кај Присад и правецот Градско-Прилеп кај Плетвар, а со 7. корпус, кој отстапувал од Скопје, го затворил правецот Кичево-Битола. На 30 октомври 1912 година српската армија тргнала во напад во следните правци: Коњаничката, Моравската и Дринската дивизија настапувале од Велес кон Прилеп, а Дунавската од Штип кон Криволак. Тимочката дивизија од вториот повик останала во Велес како армиска резерва. Во пробивот кон Прилеп, на Присад, на 3 и на 4 ноември се развиле остри борби, во кои македонските чети и’ овозможиле на српската војска да ги заземе сртовите на Бабуна. Исто така, македонските месни чети и четите на ВМРО дале силен придонес на 5 ноември 1912 година српските сили да ги заземат позициите кај село Алинци и да се префрлат на десниот брег на Црна Река. На тој начин, македонскиот народ кој бил мобилизиран во разни воени формации, а често и самиот се организирал, дал голем придонес во прогонувањето на турската војска кон Битола.