Прејди на содржината

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРЧКАТА ВОЈСКА

Од Wikibooks

Состојбата во Солун била мошне критична. По приближувањето на сојузничките војски кон Солун, турската команда била принудена да ја повлече војската од градот. Поради тоа, таа преку странските конзули барала можност за спогодба со сојузниците или барем да им се овозможи под поволни услови да го напуштат Солун и да го предадат градот. Странските конзули, меѓу кои главна улога имале рускиот и францускиот, одлучиле Солун да и’ се предаде на грчката војска. Предавањето го извршил командантот на турскиот гарнизон во Солун ‡ Хасан Таксим-паша, со потпишување на два протокола: основен и дополнителен. Основниот протокол содржел 10 члена и бил потпишан на 26 октомври 1912 година од Хасан Таксим-паша и од делегатот на грчкиот престолонаследник Д. И. Метаксас.

Според овој протокол, турските војници имале обврска да го предадат оружјето на грчката армија и да го сместат во артилериската касарна; предавањето на градот е во сила до склучувањето на мирот меѓу завојуваните страни итн. Во Дополнителниот протокол, кој бил потпишан на истиот ден и од истите лица, биле вклучени уште шест члена во кои, меѓу другото, се наведува дека на 27 октомври 1912 година, попладне, два грчки баталјона ќе влезат во градот Солун и ќе се сместат во пешадиската касарна, и дека во присуство на два грчки претставника ќе се изврши разоружување на турскиот гарнизон и сместување на 3.000 разновидни парчиња оружје.

Во тоа време, српските сили се наоѓале во Дојран. Градот Кукуш уште на 23 октомври 1912 година го ослободиле четите на Тодор Александров и воспоставиле власт од претставници на месното население. Покрај тоа, Александров формирал месна милиција на чело со Гоце Междуречки. Четите на Александров го ослободиле и селото Ајватово, кое е мошне близу до Солун, но во градот Солун не влегле бидејќи ја чекале седмата Рилска дивизија. За состојбата и силите што се приближувале кон Солун, Александров ја известил командата на 7. Рилска дивизија. По добивањето на известувањата за движењето на сојузничките и на турските сили, командата на 7. Рилска дивизија го забрзала движењето кон Солун. На 27 октомври во 1912 година, штабот на дивизијата пристигнал во Кукуш.

Веднаш преку курирот на Александров стигнала информацијата за предавањето на Солун. Истиот ден во село Ајватово пристигнале 3. бригада на 7. Рилска дивизија, повеќе чети од одредот на Јане Сандански, четите на Тодор Александров и на Думбалаков, а со штабот на 7. Рилска дивизија пристигнале кнезот Борис и кнезот Кирил (синовите на царот Фердинанд В. С.). Покрај овие, во селото Ајватово се наоѓале генералите Георги Тодоров и Рачо Петров. По дознавањето за плановите на Таксим-паша, во попладневните часови на 28 октомври во 1912 година во Солун пристигнале четите на Јане Сандански, на Тодор Александров, на Думбалаков и еден ескадрон на бугарската коњаница. Покрај наведениве македонски војводи на 28 октомври во 1912 година со бугарските кнезови во Солун пристигнале и Македонците Андреј Љапчев од Ресен, Симеон Радев од Ресен, Никола Наумов од Штип и други. Сите тие во Солун се задржале колку и бугарската војска, освен Јане Сандански, кој по инцидентот со бугарските офицери веднаш заминал во Пиринската област.