Прејди на содржината

К . Мисирков: Македонија и славјанството

Од Wikibooks

Македонија и словенството писмо до читателите на „славјанскија известија”

Тешко чувство остави во душите на мнозина Словени Минатата 1913 година. Многу надежи, многу исчекувања се разбија и се разлетаа во прав. Разочараност ги зафати Русите, Чесите, Бугарите и другите Словени.

Знаете ли вие, читателе, нешто за Македонците? Има на светов и такви Словени; тие многу преживеаја, имаат многу славни страници во својата историја и огромни заслуги во историјата на словенската култура: тие водеа очајна борба за својата слобода. Вие сте читале, и бездруго дури и сте слушале за нив. Тие имаат толку прекрасна земја!

И тие, тие Македонци, останаа повеќе од кој и да е друг разочарани во минатата година. Таа година им ги уби надежите за подобра иднина, ако не засекогаш, барем за многу години. Наместо да го постигнат вековниот идеал - слободувањето на Македонија од ропството, -тие само го заменија турското ропство со ново - грчко и српско.[1] Треба ли подробно да се навлегува во причините за жалната судбина на Македонија? Ако треба тоа да се направи, тогаш ќе треба да дојде до прилично многу навреди, зашто не секому му е пријатно да ја чуе вистината за своите свесни или несвесни грешки. А има и свесни грешки во неодамнешното решение на судбината на Македонија. Свесноста се состои во тоа што врз поделбата на Македонија се правеле невистинити и погрешни сметки што дадоа сосем неочекувани резултати.

Сите се тука по малку виновни: и Бугарија, и Русија, и Србија, и Франција, и Англија и Германија. Бугарија не требало да склучува таков договор со кој грабнувањето на Македонија од Србите и Грците се прави свршен факт. Србија требало повеќе да мисли за иднината, а не во интерес на Грците, Турците, Романците и странските кредитори на Турција да го погребува Сојузниот договор со Бугарија и да не му нанесува смртоносен удар на јужнословенското единство. Русија требаше да покаже повеќе предвидливост, повеќе иницијативи и повеќе независност во однос на државите од Тројната спогодба, коишто не можеа да дозволат да се реши балканското прашање во духот на словенските интереси. Франција и Англија дејствуваа како кредитори и покровители на Турција и Грција, а Германија, покрај тоа, и како држава што, поради расни причини не може да се помири со растежот на словенството и по секоја цена ги поддржува несловените против Словените. Освен наброениве причини за несреќата на Македонија, постои уште една - непознавањето на Македонија од страна на словенскиот свет.

Во Првата балканска војна пристигна од Русија огромна помош во полза на балканските Словени: се даваа пари, материјали, лекови; се праќаа и се издржуваа на бојното поле цели санитетски одреди. Како се распределуваше оваа штедра помош меѓу војувачите? Се постапуваше многу просто: собраните пари се делеа на четири еднакви дела и им се испраќаа на четирите војувачки држави. Бугарија, којашто имаше изведено и издржуваше толку војска колку што имаа сите три сојузника заедно, па затоа имаше голема потреба за помош, доби само една четвртина од помошта, а пак Србија и Црна Гора - две српски држави што заедно имаа население колку три четвртини од населението на Бугарија, ја добија половината од сета руска помош. Јас не сакам да го прекорувам руското општество за пристрасност кон едните на штета на другите, а посебно Бугарите не можат и нема да ги прекоруваат Русите за пристрасност.

Но има една друга работа што во случајов е многу важна. Руските дародавци испуштиле од предвид дека сојузниците што војуваа против Турција не беа четири, туку пет: Бугарија, Србија, Грција, Црна Гора и Македонија.[2] Сите имаа потреба за помош, но Македонија - најмногу од сите. Првите четири сојузника добиваа помош од Западна Европа, од словенските земји, од Русија. Македонија од никаде не доби ни еден санитетски одред, ни една копејка. Можеби вие, читателе, се сомневате во тоа дека таа Македонија, што сојузниците тргнаа да ја ослободуваат, била навистина еден од петте Сојузници? Покрај тоа што повеќето од половината на I софиски полк и поголемиот дел од VII рилска дивизија на бугарската армија се состоеја од Македонци, покрај тоа што околу 150 мали македонски одреди (чети) служеа како спроводници на српската и на грчката армија, вршејќи ја извидничката служба во Македонија, рушејќи ги мостовите и железничката линија, а четата на Николаев ја спаси од заробеништво армијата на грчкиот престолонаследник на десниот брег на р. Вардар, - Македонија организира своја посебна армија, цел корпус од 18.000 души што го заробија 14.000-ниот одред на Јавар-паша, го одбија турскиот десант кај Шар-Ќој и храбро се бореа под Булаир, со што и’ направија огромна услуга не само на бугарската армија, туку и на делото на целиот балкански сојуз. Македонската армија, која по бројот не беше помала од црногорската, беше полошо облечена, немаше лекари, лекарски помошници, лекови и воопшто средства. Всушност, на полињата на Тракија се бореа две армии: бугарската и македонската. Во Македонија се бореа четири армии: српската, грчката, македонската и црногорската. Сепак, за постоењето на македонската армија никој не се ни посомнева; на Македонците не им помагаа; при решавањето на прашањето за поделбата на заземените територии за Македонците никој не ни помисли и Македонците беа одминати во секој поглед. Србите и Грците, немајќи веќе потреба од македонските чети, чии услуги широко ги користеа во војната со Турците, почнаа да ги прогонуваат македонските четници како обични разбојници. Така почна отплатувањето за услугата, и колку минуваше времето толку тоа стануваше посурово. А како резултат се доби Втората балканска војна, кога двете армии - бугарската и македонската - се бореа против трите: српската, грчката и црногорската.

Во Русија за Македонците сосем заборавија; за бројноста на Македонците исто така немаат податоци, не знаат дека во Македонија живеат околу 1.800.000 Словени не помалку храбри од Црногорците, Бугарите и Србите. Македонците се шест пати повеќе од Црногорците, па да затоа Македонија, како самостојна словенска држава, би имала толкупати поголемо значење во историјата на јужното словенство, како и во историјата на словенството воопшто. Но Србите тргнаа заедно со исконските непријатели на словенството, а Русија сакаше да ги помири непомирливите интереси, на сите да им угоди, ја преувеличи австриската опасност, го преувеличи значењето на Србија и Црна Гора во идната борба против Австрија - и дојде крајот на Македонија.

Русија двесте години и помага на Црна Гора, очекувајќи од неа помош во борбата против Австрија. Ми се чини дека таа напразно ќе прочека уште двесте години и самата ќе треба да ја спасува Црна Гора од Австрија и Албанија. Сега Србија почна да го рекламира своето значење за Русија во идната војна против Австрија. Рекламирајќи се, Србија ја побара како награда херојската Македонија, раздробена меѓу Србија, Грција и Бугарија. Со помошта на македонските робови Србите се готват да ги ослободуваат послободните од Македонците Босанци и Хрвати, а истовремено Србија бара заштита од Грција и Романија против сопствените поданици и против Бугарија.

Несреќна Македонија! Но никако не е посреќна ни Србија. Колку ниско треба да стои нејзиниот кредит во словенскиот свет штом е принудена да бара заштита кај несловенските држави.

Руското општество ја заборави Македонија, Македонија, макар и во невозможни услови, сепак таа го преживеа 500 години тешкото турско ропство и; сепак си ја зачува самобитноста. Ако Малорусија го поднесе полското ропство од 16-17 в., тогаш и Македонија ќе ги поднесе искушенијата што ги подари 1913 година. Словенството ќе ги отресе од себе несреќите и тешките разочарувања, ќе се зафати со лекувањето на раните и за создавање траен мир на Балканот врз основа на националната самобитност на сите балкански народи. Тогаш и Македонија ќе си го добие своето. Народот што водел борба со Грците за словенската култура, кој во текот на последниве 35 години создаде огромно количество културни споменици - цркви, манастири, училишта, којшто ја издржа гигантската борба со Грците и Турците, почнувајќи од 6 век по Хр. па се’ до 1913 година, - тој народ нема да загине и ќе си ги врати своите права. Ако ние, Словените, не му помогнеме, тогаш помошта може да му дојде од надвор, коешто ќе претставува нов удар како за словенското самољубие така и за интересите на словенството.

К . Мисирков: Македонија и славјанството. Писмо до читателите на „Славјанскија Известија” Петроград,, 1.5.1914, 146-147.

  1. Со Букурешкиот мировен договор (1913) Македонија беше поделена помеѓу победниците, но и победена Бугарија успеа да грабне едно (макар и мало) парче од неа, па едно делче остана дури и во Албанија -како компензација. Наведов дека Македонците се под грчко и српско ропство го одразува ставот и односот на словенофилскиов орган што ја објави статијата, зашто вистинското мислење на авторот може да се види и од другите негови статии, па и од наводите кон крајот на самата оваа статија.
  2. За Мисирков, како впрочем и за сите ангажирани Македонци во тоа време, беше суштествено важно Македонија да биде призната како војувачка страна и со тоа како субјект во војните.