Прејди на содржината

Кртечина, 2000

Од Wikibooks

Јован Котески

Кртечина

Издавач: Зумпрес, Скопје
2000


На доктор Никола Јанкуловски


Скица

[уреди]


Земјава бледнее, лицево темнее,
а Флора налева цвеќе од дланки.
Некој си прочитал повесмо од албум!
Зошто да оставам и јас тестамент
кога се откривам – бигор камен…
На него втиснувам сосема на слепо
нокте на кртица што преора хумус
без да сети пред тоа, грозен ламнет!

Кртечина

[уреди]


И еве се престорив ровка земја
избраздена со кртечина,
весла кртица со топло крзно,
со бело драскаво нокте
чепка кај што ме боли.
Една кртечина се затина,
друга се отина со матечина
од пресна, засирена крв.
Шикнува млаз вода оттаму,
одваму веќе несопирно тече…
Се престорив ровка земја
низ чии лавиринти одекнува
крикот на моето детство.
Наслушувам с'ска влекачка
одмотана од под студен камен;
белким е дојден часот
да се испорамнат сметките
меѓу небото и земјава
преку моево отворено тело.

Клинички центар, Скопје, јуни 1999 г.

Бунило

[уреди]


Кревко црешово стебло
облечено в цутје ме потсетува
дека сме блиску до островски брег,
до минливи одвеани ароми
во неодминливи строги алеи…

Преку вена ми се слева крвна плазма,
лава на вулкан жив!

Ќе ми се измолкне душава од телово
(змија од кошула!) и долго облакот
пенлив ќе ја притиска земјава,
ќе дриска посоп од снег.

Болничка соба

[уреди]


Двајца врвни мајстори
играат пинг-понг, -
топчето наизменично лета
од едната на другата страна,
успехот е променлив!
Среќата му се наклонува
на Танатос, но само за миг;
Хипнос ја презема играта,
победата е на негова страна!

Потоа низ некое далечно поле
пламнуваат сино-бели макови
како облека на медицински сестри
кои зачекориле кон меѓата, в сон,
со ведра, растурена смеа…
Една од нив вели:
- Крвната плазма ти е при крај,
моравме да те приврземе со завој
колку да не се струполиш од креветов,
да не одлеташ преку прозор на слепо! –

Шушуле

[уреди]


Шушуле (инсект сличен на светулка)
секогаш се пика в уво,
сучи бела памучна преѓа,
се преточува во фосфори…
Судено му е да созрева во сува трева,
да опстојува во погледот
ко строшен, вреден рубин…
Се променува во сина темјанушка
за да ја разубавее пенушката;
несетно орбитира околу земјава
со отмен, спокоен лет… Боже,
дали сум јас тоа шушуле?

На тронот од сонот

[уреди]


Сонувам жетва од бронзени кипови,
сета антика се преселила в круг
врз бело торбе на отворена книга…

На ридот куќа гори, некој се капе
во матната река на мојот сон;
со стопени крилја на Икар летам,
на улица се создава злокобна збрка…

Се будам. Се чувствувам сериозен
како крал на Аргонафтите!,
(ги собирам нозеве на креветот
и & се молам на Сестрата
да ми донесе чаша вода.) Еве,
одвај се свртувам натаму
за неприкосновено да владејам
на Тронот од Сонот!

Светлина

[уреди]


Од каква кртечина извира
овој вруток од светлина,
- набуен млаз од искри?
Неизмерен во бликнувањето,
незапирлив во бранувањето,
во просторот издашно разлева
искон од нестварна пена!
Длето обликува лик на гола
паганка. Убоста & ја прековува
во пранга… Светлина,
про'ртена во повторна болка,
наспроти сите драги спомени…
со каков карат да го измерам
ова бело злато на светлината
пред раната од темна крв?

Венера

[уреди]


Клунови на гаврани в кобна замка!
Таа лежи во срцето на земјата
и не и’ е грижа што и’ старее телото,
што и’ малее душата, што во топило е
гнила копа! Венера – кртица,
ме блазне со страст
пре два-три ожнеани снопа!
и’ ги отинам изворите
од благороден бигорен камен,
та ја кревам како икона
со посребрена рамка,
со неистрошена стрела на времето
сака да се престори кралица
со неограничена власт!

Ѓурко Леко

[уреди]


Вода блика од каменот
ко разголен светнат меч
и ја пресечува ливадата
на два чемерни зера!
Кој бил тој Ѓурко Леко
што ги собрал капките
во еден дулец од мраз?
Ѕирнал во утробата на земјата
и ја загасил жедта на привидот!
Ја брцнувам дланкава
во разголена вода на припек.
Се израмнувам со рамнотежата
на еден излеан млаз.
Дали некогаш моиве очи
ќе се огледаат во жуборот
кој скротува додека се повторува
во една порака свежа!

  • Ѓурко Леко, име на извор во родниот крај на поетот


Ветрови

[уреди]


Ги прелистувам антологиите
на ветровите
и ориентирот на минливоста
ненамерно ме цели;
Пердувите на ветрушките
ги позајмувам за лепези,
додека накривените кикиришки
го бичуваат тенкиот глас…
Стегам узди на атови…
Виори разбеснети
ја корнат сламната стреја,
додека чекам еден сафир
на скутале во крајполе,
ме разнесува студен ветер…

Девојки

[уреди]


Тие се расејани цутови на кајсија
на црвено послана маса. Човеку,
оправдај им ја невиноста,
рамнодушноста на денот! Тие гипки
газели можат да направат и задоцнет
скок со еден префинет потег, но кога?
Но како да се разбере тоа послание!

Складни линии

[уреди]

Укит

[уреди]


Во сонот игра ласица
копа тунел в снег.
(Сосема топла дланка
кинеше цут од багреми.)
Тоа беше пролетта. Да.
Во шарена божја бовча
Стега зелен мраз,
Ти подарувам азар – азно,
нестварно цвеќе на џам,
арабеска по смрзната мера!
Така мртовец чекори
а сечко по него рони
жолта роза во вир… Не!
Напластува снежен укит.

Месечина

[уреди]

Крчин

[уреди]


Што ако сум рекол дека Крчин,
наспроти манастирот Јован Бигорски
ми личи на ѕвоно?! Исправен пред себеси,
човекот е ништожен да се истоветува
со материјалната стихија на Бога!
Да прави од себе назорен Демон!
Зошто ти е таква мисла за смисла
да ја впрегаш во јарем на вечноста,
да го дробиш својот остинат череп?! Знај –
Крчин е сличен на остината кртечина.

Зрела ’рж

[уреди]


(елегија за себе)

Гледано од врв планина, в летна ноќ,
Небото е отворена таблица
Со светли ноти – ѕвезди; хармонија
Во која се гнезди твојата свест;
човеку, не мати си го умот, сврти ја мислата
надолу, кон реката, насочи ја кон морето,
сосема си блиску, скоро на дофат,
до вселенската нечујна музика!
Тоа, морето, се влева во океанот
(син на стопанкината ала – природа)
та ги огледува ѕвездите во жар;
се загрнува во бела гуна од светлина…
Остави го океанот нека се близне в бран,
слези до реката и на една шурка
исплакни си го лицето избраздено од грч!
Уште што да ти речам? Тргај надолу
сe’ додека не те распарче молњата,
додека не те израмне со земјата
што ќе те престори течен сулфур
за да си расцутиш повторно во зрела 'рж.

Грозде

[уреди]


На платото застанав
за троа отпочинка.
Беше време на гроздобер.
Од лозјето наспротија
како од песна над песните
неочекувано исплови
русокоса девојка,
ми подаде црно грозде.
Капеа благодети од него.
Несомнено, жедта ми ја загаси,
но суетата ми ја пламна.

Лебедова песна

[уреди]


Таа ги испра кошулите ленени,
ги исплакна, ги полеа, ги стокми,
и со штипки ги обеси во дворот
да се сушат. Се доби впечаток
дека слетале јата лебеди
од некој божествен, волшебен свет.
Гледана од далеку, оваа панорама,
исполнуваше една нова слика
на спуштање лесни платноотки
упатени кон некој непознат брег.

Она што остана ненаквасено на изворот
се топеше во нејзината душа;
додека светлоста на ѕвездата Даница
нижеше ѓердани од роса,
Таа со златни сандали на Сонцето
тропаше по барабанот на денот!
Го чекаше моето ненапишано писмо
Со знаци – ноти на славеи! – и нокти
меѓу чашките и усните на цвеќето
каде што има многу простор за плач…

Осилка

[уреди]


(резигнација!)

Песна сложена, неускладена, тоа – така!
Се одигра драма со бодеж
врз птичје кревко крило;
песната никогаш не се поврзува
во темен звук на складна лира;
а тоа ти е како кога син камен
ќе потоне в длабок вир
или во уште поузреана тага
ќе блесне пронајден талисман!
Тоа ти е јачмено зрно со остра осилка
на врв на страчкин клун, при лет,
кога ќе почне отмено да штрака…
Глеј! Тогаш создава нова увертира!

Мала љубовна песна

[уреди]


Ја наѕира низ клучалката
кога се соблекуваше; оф леле,
какво тело! Лунѕаше со погледот надолу
се’ до задниот атар зад шумичката на Ева
каде што созрева „џана-тан“ јаболко!
За друго не ви кажува ништо,
за друго сама таа ја подотвори вратата!

Таа и тој

[уреди]


(вистинска приказна!)

Тој го презре Мажот на Жената
кој спиеше и го сонуваше
златното јаболко на Ева…
Го отфрли идеалот како туѓ
на Данте, Петрарка, Кавалканти,
а бараше конкретно женско тело!
Во дворот доползе ко смок,
Жената се источка ко змија.
Зората беше далеку од денот,
со студен здив ги ретчеше ѕвездите;
додека Таа и Тој се престорија
наковална и чекан; дедо Хефајст
ги дуеше мевовите и го спотинаше
оганот. Таа му шепна нешто на Дојденецот,
но јас тоа не го слушнав, се колнам!
Бев зафатен со одмотување
на клопчиња јагули што се мешаа
во матниот вир на небесата,
под самиот јоргован цутен.
Таа ја одврза секоја клетка на телото,
Тој, како исучен сиџим,
се одвои и се упати кон стадото
што брстеше бел габер, во сонот…
Лепливи како зафатени полжави
ја плиснаа божествената плунка
и ја дочекаа зората со триста ата
што галопираа врз тронот зажарен.

Вода

[уреди]


Прескочи го ѕидчето, на местото си,
на местото е и ружата. Стамен мост
на близост меѓу меките латици на цветот
и на жената – прстите. Но еве, доаѓа ноќта,
ја врти Земјата ко тестена топка,
ја плиснува промената на светлоста!
Малку ти венееш, телото ти е бакарно,
но што од тоа? Бакар свети и на небото!
Крикнуваш: - Дајте ми вода! – Крикнува
ружата: - Дајте ми само капка вода! -

Орев

[уреди]


Јас го пресадувам оревот,
се пресадувам и себеси со него
во атарот на својата поезија.
А веќе започнува есен:
Лисјата што беа исполнети јод
како киселкава реа на Карија
при расонување, ме опиваат.
Низ распавтаните лисја
на крошната на оревот
едно око ме гледа напорки,
со закана дека ќе капнам жолт.
Се искачувам по скала од тонови
додека пилците небески пивкаат
станувам акалец по солзи божји...
Крајна утеха: паѓаат плодовите на оревот,
сочаните се одделуваат од катците
и стануваат биљури голи
со сладок зародиш во јатката.
Нанижани ѓердани од јантари
на кои не им се рамни
ни јадрите капки на ѕвездите
што солзат зад мојот сон.
Долината – смарагд,
небото – лапис лазур,
реката – сафир,
Ти – црн дијамант.

Оревот одамна
им се плукнал на јаглените.

За возврат...

[уреди]


Додека акам по заобиколен пат,
една расплакана жена ми подарува цвеќе,
другата светнат нож од молња! И двете
ме држат на раб од остреци. За топла
воздишка в пазува уште не сум дошол
до џитнат шилец за возврат! Некогаш
Мајка ми рече дека се’ треба да се прости
и да се препушти на заборав!
„Зар има поголемо срце од Небото
што во убајна се покажува, синко?!“

Пирустија

[уреди]


Три столба,
тројство од земја, вода, воздух,
го спотнуваат оганот,
а тој сложно им ги враќа
попречените железни греди!
Така е кога ќе се усвитат
ногалките на пирустијата
се покажува ѕвезденото небо од искри,
едно богатство од стопени лири.
- Ајде сега нека се мери некој
со мене! – Ова обилно жежено злато
им го дарувам на елементите,
а останувам исполнет со нежност
пред оганот што голта се’
на вселенското растурено гумно.
Три костени пукаат во пузата,
три амбари исполнети со сладост!
Има дарови пто ни ги дава природата
низ сомнеж на водовритица
од која се крева облак пареа.
Пирустијата се облекува во саѓи
и го чека идниот миг
да не исполне со снопје светлина.
Млекото во котлето на пирустијата
врие. Кипе верноста на Андромеда...

Молитва

[уреди]


Ги допре дланките една до друга,
ги преврте очите како за молитва
и струполен на масата му се потсмева
на Демонот што го гаѓа со чаша...

Време

[уреди]


На мојот пријател Димитар Мирчев

Што знае Демокрит од Абдера
за времето, ако тоа е запрено?
Часовникот песочен тече,
Земјата шашардисано се врти
покажувајќи го лицето на Сонцето
„секогаш ново и чисто“.
Ден и ноќ, ден и ноќ,
од неговото простување со воздухот
изминале повеќе од два милениума
а Тој „мисли“ дека тоа било вчера!
Си ги пребројува низалките атоми
врз својот непобитен опит
и се уверува дека освен нив
постои несфатлива празнина
што ниту има почеток, ниту крај...
Во бескрајните вртелешки на времето
просторот се отвора во розов папок!
Инка што никаде не завршува...
Материјата, кога ќе се изделка себеси,
и’ останува да ја започне едноставната
игра на растурање и тоа е добро!
Во играта се добива простиот број (пи!)
што ги рони зрната песочни
од мене до тебе, од мене до тебе,
и назад...

Писмо

[уреди]


За релативните гледишта
на поврзаноста на просторот и времето,
за расчленувањето на атомското јадро
Сине, со бистер, божествен ум,
раскажуваш низ формули... А јас,
тоа писмо никако да го сфатам!
А и зошто би го разбрал?
Сега кога со лирско кајче запловив
кон неминовниот залез на сонцето
под една зажарена, светла бројка,
станав сенка под една проѕирна сенка!

Аја Софија

[уреди]


На цркавата – џамија Аја Софија
(во Истанбул), и’ велам: „мудрост, молчи“!
Минарињата ти се стартни ракети
за лансирање в неврат!
Ти доаѓам без збор, на Велипеток
за да се огледнеме очи в очи...
Ако те најдам набожна, жими тебе,
ќе кренам бунт! Тебе ти е досудено
да чмаеш! Да тонеш в молк!
Ако те најдам лична, каква што си,
ќе ги одминам туристите – мрави
што „сучат“ црн конец во движење
и ќе ги замолам да не те гледаат
да ги напуштат апансас Дарданелите!
Ти си родена пред 1500 години,
а мене ни око да ми трепне!
Ти се приближувам прост ко дрвен стап
да ти плукнам на дверите мрачни
за да ми ги покажеш мозаиците
пред мувлосаниот малтер од влага.
- Туку, чекај, не! – Доволни ми се
и столбовите за да ја загасам жедта!
Ете што може да создаде религијата?!
Религијата се престорува шарено стакло
што ни ги замаглува очиве од возбуда...
Туку навистина, јас никогаш
не сум престојувал во Истанбул, ни на сон.
Најпосле Аја Софија си имаме дома.

  • * *


Јас веќе не знам што кажувам.
Но знам, еден ден, ќе ме снема
ко никогаш да не сум постоел.

Повест

[уреди]


(перпетумобиле)

Најпосле Хераклит
(фиданка на кралска лоза)
се откажа од престолот
и отиде со децата да игра
„долга магарица!“ – Нејсе,
на Хефешаните им порача
- никогаш да не се заситат
со пари! – И така би...
Тој си ја продолжи играта
„дај ми бабо, оган!“, а децата
го обликуваа во ведра смеа.
Се’ на се’, додека граѓаните
се „голтаа“ едни со други,
опчинети кој ќе ги наполне
дланките попрв со азно,
Хераклит со восхит гледаше
како магарето рупа сочен трн!
Искапен од сонцето, рече –
се’ рамномерно гори
за никогаш докрај да изгори! –
Оганот го облече во божество.
Душата и’ ја предаде на реката
и еден ден се нурна
во Океанот на времето
за да се ослободи од тежок товар.
Да ги дособере зрната бисери...
Алчноста триж пати се повторува и денес
зашто „се’ тече и се менува“,
а незаситноста останува трајна!

Плажа

[уреди]

Цвеќе

[уреди]

Привид

[уреди]

Воденица

[уреди]

Јаре

[уреди]

Свадбата во Кана

[уреди]

Сардинија

[уреди]

Крвава рапсодија

[уреди]

Овцата Доли

[уреди]

Последна строфа

[уреди]