Како е заземен Прилеп
Српските воени единици успеале да го заземат и овој град по неколкудневните судири што ги имале со бројната турска војска во неговата околина, а во кои учествувале со забележителен придонес и месни македонски чети.
Турските сили по поразот во Кумановската битка се повлекувале кон Битола. Командантот на турската Вардарска армија одлучил да организира повеќе отпорни точки, за да го спречи или, пак, да го забави пробивот на српската војска. Планината Бабуна пружала поволни услови за да се организира одбраната на Прилеп. Турските позиции биле поставени на линијата Плетвар-Козјак (кота 1745)-село Крстец-караула Присад-Планина Мукос (кота 1445), а оттаму се протегале преку сртот на планината Бабуна.
Преку овие позиции минувале само два патни правци кои воделе од средното Повардарие кон Пелагонија. Едниот минувал преку Присад кон Велес и Прилеп, а вториот преку Плетвар кон Криволак и Прилеп.
Таквата положба ја олеснувала организацијата на тактиката на одбраната на Прилеп. Широчината на фронтот во одбраната изнесувала 10 км, а најзначајни објекти во организацијата на одбраната биле кота 1445 и височините источно од таканаречената Присатска караула. Одбраната уште повеќе ја зацврстувале природните објекти пред главните позиции: Свинска Глава, реонот Авди-пашин ан и Виорила. Одбраната на страните на фронтот ги обезбедувале планинските масиви: лево планината Караџица, а десно Селечката Планина и Дрен-планина. На тој начин поставените позиции обезбедувале цврста и долготрајна одбрана.
Меѓутоа, командантот на турската Западна војска не се согласувал со планот за решителна одбрана на Прилеп. Тој проценил дека одбраните позиции овозможуваат цврста одбрана, но ако противничките сили го пробијат фронтот, во тој случај, конфигурацијата на теренот не обезбедува организирано повлекување. Поради тоа, Штабот на Вардарската армија изработил план за решителна одбрана во реонот на Битола, а на Плетвар и Присад одбраната да ја организира само еден корпус со цел да го забави пробивот на српската војска. На 28 октомври 1912 година, Али Риза-паша му наредил на командантот на Вардарската армија да ги испрати инженерските единици во Битола и во согласност со планот да ги уредуваат одбранбените позиции.
На 29 октомври 17. дивизија влегла во состав на 6. корпус и веднаш била испратена за одбрана на Плетвар. Позициите на Присад ги бранела 16. дивизија од 5. корпус. Двете дивизии биле засилени со по една батерија топови и со по една инженериска чета. Битолската редифска дивизија и Стрелачкиот полк од 6. корпус како и Штипската редифска дивизија од 5. корпус останале во Прилеп. Заштитницата останала во селото Извор, 15. дивизија во селото Бистрица, а 13. дивизија во реонот на Авди-пашиниот ан. Али Риза-паша за да го спречи продирањето на српската војска кон Прилеп наредил на 7. корпус, кој се наоѓал во Тетово да го продложи движењето кон Прилеп. На 30 октомври во Прилеп стигнал началникот на Штабот на Западната војска кој ја известил командата на Вардарската армија дека Битола преку која минува единствениот пат кон југ силно е загрозена од грчката војска и наредил под итно да се испрати целиот 6. корпус за одбрана на Битола.
По извршеното преместување, на први ноември командантот на Вардарската армија ја изнел својата замисла за одбрана: Задржувајќи го противникот на линијата Плетвар-Присад-Барбарас-Брод-Кичево, главнината на армијата да се повлече во Битола и да организира одбрана. Петиот корпус добил задача со две дивизии да ги брани премините Плетвар и Присад, а со одредите да ги штити правците Теово-Папрадиште и реката Треска-Брод. Штипската редифска и 16. дивизија да се префрли во Битола. Со овие две дивизии е засилен 6. корпус, додека 5. корпус бил насочен против грчките сили во реонот на Сорович, а 7. корпус добил задача да ги брани позициите на линијата Брод-Кичево.
Во тоа време ја зголемиле активноста македонските месни чети кои поставувале заседи, напаѓале во тил и нанесувале значајни загуби на турската војска. Поради тоа, турската армија ја испратила самостојната коњаничка бригада во реоните на селата Габровник, Сенокос и Десово. Во селото Мало Мраморани бил испратен 39. полк засилен со една батерија. Овие единици формирале самостоен одред под команда на Мехмед Али-паша, командант на Самостојната коњаничка бригада. Македонските месни чети не биле во состојба да се спротивстават на бројните турски сили. Меѓутоа, тие извршувале диверзии и помали борбени акции во тилот на турската војска и се ставиле во функција на водачи и известувачи на српската војска. Покрај тоа, српската Врховна команда ги користела за специјални задачи. Со нивна помош српските сили успешно и незабележано се приближувале до турските позиции, а артилерците по добиените податоци прецизно ги гранатирале турските одбранбени објекти.
На 31 октомври 1912 година месните македонски чети му предале на војводата Трбиќ, во чиј одред, исто така, имало 60 Македонци, точни податоци за распоредот на турската војска во триаголникот Присад-Прилеп-Плетвар. Тој веднаш за добиените податоци ги известил командата на Првата. армија и српската Врховна команда. Меѓутоа, од други месни извори српската Врховна команда веќе била известена дека турската војска се повлекува кон Битола.
Поради тоа, Врховната команда наредила со дел од Првата. армија српските сили да настапуваат кон Прилеп и кон Битола, а со другите сили да се обезбедат од евентуален напад. Дринската и Моравската дивизија да го заземат Прилеп и да ги отфрлат турските сили кон Битола, Дунавската дивизија да се префрли од Штип во Велес, а оттаму преку Криволак да испрати еден полк, за да ја заземе Демир Капија. Дунавскиот коњанички полк да се испрати во извидување кон Солун. Постапувајќи по дадената наредба, коњаничката дивизија го започнала движењето, при што користејќи ги македонските месни чети како извидувачи и водачи, успеале незабележани да стигнат во близината на Мал Мукос, Присад, планината Виорила и во реонот на селото Степанци. Откако ги согледал и проценил турските позиции, командантот на коњаничката дивизија, кнезот Арсен, побарал помош од Моравската дивизија од првиот повик за совладување на позициите на Присад.
На 2 ноември Коњаничката и Моравската дивизија се сретнале на Бабуна, а командантите изработиле план за заеднички дејства. Според тој план, борбите започнале на 3 ноември на фронтот на Бабуна од Плетвар до селото Дреновец. Со цел да се избегне преминот Присад, командантот на Моравската дивизија ги испратил по заобиколен пат 3. и 16. пешадиски полк на правецот село Степанци- село Присад. Вечерта, 3. пешадиски полк стигнал до котата 1201, каде што формирал позиции за одбрана. Десно од нив на истата височина стигнал 16. Полк, па и тој зазел позиции за одбрана.
Првиот пешадиски полк ги зазел позициите на Мал Мукос, а резервата пристигнала во реонот на анот на Авди-паша. На овие позиции се развила жестока борба, во која учествувале и артилериите на двете страни. По првиот ден на борбите, иако имало загуби на двете страни, позициите не биле променети. Вториот ден турските сили извршиле противнапад на правецот кон селото Крстец. Српските сили се повлекле кон котата 1475. По ангажирањето на резервата, српските сили успеале да го одбијат турскиот напад, а потоа и да го пробијат фронтот на Присад и Плетвар.
Пробивањето на фронтот кај Присад и Плетвар ја принудиле командата на 5. корпус на 5 ноември да го започне отстапувањето кон Битола. Со таквата наредба не се согласувала командата на Вардарската армија, па на 15. дивизија и’ било наредено да ги брани јужните делови на Пештерица, а во Прилеп се концентрирале 43. полк, 5. стрелачки полк и една батерија.
Со оглед на тоа дека српските сили го продолжиле пробивот и дека македонските месни чети им нанесувале големи загуби на турските сили во тил, Зеки-паша одлучил 5. корпус да се повлече јужно од Прилеп и да ги заземе позициите меѓу манастирот Трескавец (во реонот на Златоврв) и Марковиот Град поради прифаќањето на останатите единици од Присад и Плетвар. Во нападот на Прилеп на српските сили им се приклучила и Дринската дивизија од првиот повик, која извршила опфат на турските сили откај Борула и присадските позиции. По силните артилериски дејства и пешадиските напади на српските сили, турската војска се повлекла од Присадскиот правец кон Прилеп. На плетварскиот правец немало борбени дејства, бидејќи турските сили претходниот ден се повлекле кон селото Лениште. Поради тоа, Коњаничката дивизија го продолжила движењето кон Прилеп. Турските сили се повлекле источно од Прилеп, а во 13.30 часот, на 5 ноември, српските сили влегле во Прилеп. Српската војска била пречекана како ослободителна.