Прејди на содржината

Кажете им на вашите војводи дека завршија лагите!

Од Wikibooks

Кажете им на вашите војводи дека завршија лагите!

Војниците-Туркоалбанци, гркомани, Арнаути и Криќани-платеници, под наредбите на Каравангелис, од Лехово поминуваат преку Сребрено, па преку Невеска, за да стигнат до првата цел од обиколката на митрополитот, односно во Зеленич.

Македонските жители на Зеленич отпорано преминале во егзархијата. Како што пишува Каравангелис, дваесет и пет години немаше стапнато патријаршиски архијереј во Зеленич, село со 350 семејства (...). Имаше само еден патријаршиски свештеник, поп Димитрис, кој со уште петнаесет семејства и особено во Граменопулоси и нивните роднини му останал верен на грцизмот. Малобројните патријаршисти користат една мала црква кај гробиштата.

Митрополитот со својата вооружена придружба влегува со истрели во селото и се сместува во куќата на попот Димитрис. Ги повикал муфтијата (претседателот) на општината и старешините и побарал да му ги дадат клучевите од егзархиската црква за да отслужи литургија.

Оставете ги шегите, им велам, јас ќе ја одржам светата литургија. Имам војска. Вистински јунаци. Сите офицери. Помина времето што го знаевте. Сите под нож ќе ве поминам. Кажете им на вашите војводи Чакаларов, Митре Влаот, Каршарков, Кузо и на другите да се скријат оти завршија лагите. Не можете да се спасите. Старешините одбиваат да ги предадат клучевите. Скокнува Каудис и го зграпчува муфтијата. Како што го држеше на земја, со својот топук му ги скрши забите и така на крај тој му ги даде клучевите. Ќе ви го изгорат селото, им велев покажувајќи ги Криќаните.

За да ја обележат својата победа тие одат во манастирот на Богородица, под Невеска. Игуменот, пишува Каудис, ни приреди богата трпеза и откако јадевме и се напивме, се опијанивме, почнавме да пееме, а Рустем Чаушот... ја испеа и (грчката) национална химна.

Потоа тргнуваат за селото Ајтос, каде што Каравангелис, исто така насилно, одржува света литургија. Пред да замине од Ајтос, добива писмо од еден Влав од Невеска. Тој бил организиран во ВМРО, но истовремено бил и агент на митрополитот (за две лири месечно). Со писмото го информира владиката за движењата на револуционерната чета на Александар Турунџија, од Екшису.

Кога ја имал оваа информација, придружувачите на Каравангелис поставуваат заседа меѓу Неговани и Долно Котори, на полноќ меѓу 10 и 11 јули. Еве што пишува за ова Г. Диконимос (Макрис): Беа околу дваесетмина. Последниот влечеше една голема букова гранка за да ги избрише трагите врз патот. Стрелавме и веднаш паднаа шестмина. Другите избегаа и само еден ранет го фативме жив. За овој случај австрискиот конзул во Битола А. Крал забележува дека групата на Вангелис изврши напад заедно со војската кај Неговани против војводата Алексис од Екшису и му нанесе загуба со пет мртви. Еден од бунтовниците, кој беше ранет во ногата од куршум Грас (значи не од оружје на турскиот аскер), беше пренесен тука. Војската имаше двајца мртви.

Каравангелис соопштува за тројца заробени. Едниот му беше курир, а другите двајца снабдувачи на Алексис. Нив ги зедовме со нас и се вративме во манастирот на Ајтос, каде што игуменот заклал и испекол јагниња, а јунаците јадеа и пиеја со голем ќеф. Во текот на веселбата, продолжува тој, тројцата бунтовници ги имавме врзано за дрвја. Оттаму ги испратив во затворот во Лерин како убијци, а јас со мојата придружба тргнав кон Неговани.

И така од кажаното произлегува дека штом во затворот пристигнал само еден бунтовник, другите двајца биле ликвидирани по патот.

Во Неговани митрополитот се сретнал со бандитот Никола и со неговата банда и ги подмитувал за да ги тероризираат егзархистите во регионот: организирав една единица од месни луѓе на чело со Никола, стар борец, ајдук. Му дадов еден офицерски меч што сум го купил во Битола и оружје за неговите момци.

Турнејата на Каравангелис завршува во Неговани. Тој се враќа во Костур со Туркоалбанците, а Криќаните ја следат единицата на Вангелис и се сместуваат во Сребрено. На 20 јули, празникот на пророкот Илија, избувнува Илинденското востание, кога тие се наоѓале во Лехово. Луѓето на Вангелис и Криќаните исплашени веднаш бегаат во градот Костур. По патот сретнале една група селани-востаници коишто излегле во планина. Убивме петмина и фативме и еден жив, кого го обезглавивме веднаш на самото место, се сеќава во своите мемоари Макрис.

На крај наоѓаат сигурно прибежиште во Костурската митрополија. Во самата митрополија - пишува Каравангелис - ги имав деветте Криќани и Вангелис со своите петнаесет момци, 25 лица вкупно. – Седнете тука! - им реков - но бидете мирни! Ама тие никако да се смират. Преку цел ден играа, се бореа, викаа, се тепаа. И додава уште Макрис: Во митрополијата останавме 15-20 дена. Таму внатре доаѓаа многу Турци офицери и не посетуваа.

Заедничкиот напад со турската војска врз македонските востаници во егзархиското село Косинец, кога од 200 цели останале само 8 куќи, е последниот подвиг на првите грчки македономахи (борци за Македонија) пред тие да се вратат во Грција.