Прејди на содржината

Испраќањето на четирите офицери

Од Wikibooks

Испраќањето на четирите офицери

Хронолошки, втората грчка вооружена група што учествува во антимакедонската борба, по десетте Криќани, е онаа што во грчката историја е забележана како испраќањето на четирите офицери. Пред да проговориме за лицата што ја сочинуваат и за разузнавачката активност на оваа група во западна Македонија, да ја видиме прво климата што преовладува во Атина во тоа време.

Масовното учество на христијанското селско население од западна Македонија во антирежимското-автономистичко востание на Илинден ќе ги изненади грчките политичари. Неконтролираниот тек на настаните во европските територии на Отоманската Империја ја проблематизираат, можеби првпат, сериозно грчката влада. Грчкото политичко раководство ќе треба да донесе решенија од стратегиски и политички карактер за македонското прашање, но сепак, освен со некои минимални исклучоци, тоа ја игнорира македонската стварност.

Периклис Аргиропулос во своите мемоари наведува еден врвен соодветен пример за ова игнорирање: еден од двајцата функционери што се сменуваа во тие години во претседателството на Владата, Теодорос Дилијанис, како резултат од непознавањето на географијата на Македонија ќе го направи страшниот гаф кога навидум со интерес ќе праша еден трговец од Серес, дали раздвижувањето на пристаништето во Серес било големо. Се разбира, за тоа се дознало во источна Македонија и Дилијанис се изрезилил. Дури и во Драма поради истата причина премиерот го мразат сите, според Аргиропулос.

Националистичките кругови во тоа време (од типот на Мелас, Драгумис, браќата Политу, Рактиван, Ламброс, Ламбирис, Делиос, Маврос, Матесис, Варатасис) вршат притисок за вмешување на Грција во македонските работи со тајно испраќање вооружени платенички единици за воени удари и терор против егзархистите и романофилското население.

Оваа политика, сепак, се соочува со силни противаргументи. Повеќе реалисти-политичари тврдат дека Грците не треба да го заборават поразот од 1897 година. И ако, наспроти се, би требало да обрнат внимание на нешто, тоа е борбата на Грците на Крит, а не на Македонија, која во голем степен за нив е непозната земја.

Разочараниот грчки конзул во Солун, Евгенијадис, е отворен спрема П. Аргиропулос:

- Да составиме единици во Грција, тоа е бесполезно, затоа што луѓето од централна и од јужна Грција не го познаваат теренот. Да ги составиме од месните жители? – Тие не се соодветни луѓе за оружена борба. Најхрабрите се разочарани. Гледате дека нема ниту материјал, ниту почва за акција. А, пак, како што пишува Александрос Кондулис, во своите необјавени мемоари за конкретните настани, тогашниот претседател на Владата Георгиос Теотокис во ништо не веруваше и сметаше дека сите ние што работиме на таа национална почва (на Македонија) сме лудаци.

Постојаниот притисок на националистите на крајот го доведува Теотокис до одлука да формира една група под водство на грчки офицери. Мисијата на групата се состоела во тајната обиколка на западна Македонија, во местата каде што во јули 1903 година избувнало Илинденското востание и во проучување на положбата на самото место, заради собирање на потребните информации за да се донесат одлуки. Така успеавме - ќе забележи Кондулис, постојано вознемирувајќи го соодветно Теотокис, тој да посака да се ослободи од нас, поради тоа што за него станавме мошне здодевни.

По налог на министерот за надворешни работи Романос водството на мисијата го презеде капетанот Александрос Кондулис, кој е одговорен за комплетирање на единицата. Кондулис ќе избере со себе да ги земе офицерите Анастасиос Папулас, Георгиос Коокотронис и Павлос Мелас.

Тука почнуваат првите разногласија. Романос го смета потпоручникот Мелас за фанатик, кој може да вовлече и други во многу опасни работи. Мелас не го сака капетанот Папулас, бидејќи е постар од Кондулис и можеби ќе претендира да застане тој на чело. Мелас, исто така, верува дека поручникот Колокотронис е смешен и штетен. Но и Кондулис нема добро мислење за Колокотронис. Го смета него за човек без никаква вредност, но го става во мисијата поради славното име што го носи, како потомок на Теодорос Колокотронис. Колокотронис, пак, во почетокот се обидува да посредува преку началникот на штабот. Сапунѕакис, за да ја избегне мисијата оти многу ќе се насекира неговата мајка, госпоѓа Марика, но конечно се откажува и бара извинување од Кондулис.

Мисијата на четирите офицери е доверлива тајна на Министерството за надворешни работи и на Генералниот штаб. Им беа издадени фиктивни дозволи од нивните служби (на Мелас, на пример, за негови работи во Ѕја) и лажни нуфузи (лични карти). Нивните нови имиња се: Скуртис за Кондулис, Тасос за Папулас, Панос за Колокотронис и Зезас за Мелас. Четирите офицери земаат со себе соодветно по еден придружник-помошник (чирак – ординанца), и тоа Е. Каудис, Ап. Тратас, Г. Диконимос и Г. Перакис.

Богот од Пантеонот, како што се изразува Кондулис, што ги водел офицерите во Македонија непозната за нив е македонскиот војвода Кота, поранешен член на ВМРО, кој бил поткупен од митрополитот костурски Каравангелис, за десет лири месечно (плус две за секој негов приврзаник). Кота ги дал како заложници своите две деца, кои се наоѓале во Лицејот на националистот Делиос (специјализиран за вакви работи). Во тие денови Кота бил во Атина да ги види своите синови и се обврзал да ја води единицата во својот реон, во костурските Корешта.