Прејди на содржината

Имала мајка девет сина

Од Wikibooks
Имала мајка девет сина - Ѓорѓи Грозничав

Имала мајка, имала, до девет сина убави, десетти грозен Ѓорѓија, Ѓоргија беше болничав.

Мајка на Ѓорѓи говори: - Мани се Ѓорѓи од куќа, да не ми грдиш дворои, да не ми ругаш синои, и високите сараи.

Ѓорѓија мајка молеше, дробни си солзи ронеше: - Оф леле, стара мајчице, не ли сум уште малечко?

Пусти патишта ќе згрешам, во гора ќе се изгубам, ѕверои ќе ме изедат, без тебе мале ќе бидам.

Мајка на Ѓорѓи говори: - Мани се грозно глупаво, мани се веќе од куќа, више те мајка не сака.

Виде, не виде, Ѓорѓија, дека го мајка не сака, пак мајка си ја замоли: - Дај ми ги мале пљачките, крпено и некрпено, татко ми што ми ги кроил, за убав ден и Велигден.

Мајка му пљачки исфрли, Ѓорѓи од куќа излезе, Кога ми Ѓорѓи излезе, луто си мајка проколна: - Оф леле стара мајчице, кога од двори ќе излезам, црната чума да влезе, сараи да ти побута, дворои да ти запусти, синои да ти потепа, сама ти мајче да останеш и за Ѓорѓија да кукаш!

Шетал си Ѓорѓи по гори, по гори и по планини, слегнал си долу селата, ценил се Ѓорѓи овчарче.

Слугувал девет години, печалил Ѓорѓи печалил, до триста овци, јаганца, станал ми голем чорбаџи.

Еднаш се Ѓорѓи нажалил, за своја стара мајчица, за девет браќа убави, и високите сараи.

Собрал си Ѓорѓи овците, кинисал Ѓорѓи, пристигнал. Кога ми дома пристигнал, мајка пред порти седеше, и за Ѓорѓија кукаше.

Ѓорги на мајка говори: - Оф леле стара мајчице, имаш ли конак за мене, ноќеска да си преноќам, па утре ќе си заминам. Мајка го Ѓорѓи не позна, и на Ѓорѓија говори: - Оф леле синко делија, имав конаци високи, и дворои широки, и девет сина убави, десетти беше Ѓорѓија, Ѓорѓи ми беше болничав. Јас си на Бога погрешив, Ѓоргија си го испадив. Кога ми Ѓорѓи излезе, луто ме мене проколна, како ме Ѓорѓи проколна, пуста ме клетва достаса. Каде е сега Ѓорѓија, да си го мајка прегрне, мајкини гревои да прости, белки ќе мајка да пукне?

Ѓорѓи на мајка говори: - Јас сум ти мајко Ѓорѓија, Ѓорѓија мајко, најгрозен, најгрозен мајко, болничав!

Тогаш го мајка прегрна, дробни си солзи пророна, прегрна мајка, целувна, и пукна мајка, од жалост.