Илинденското востание ги исплаши и Турците и Грците
Илинденското востание ги исплаши и Турците и Грците
На 20 јули 1903 (стар календар), ден кога се слави пророкот Илија, во Македонија избувна востанието што остана познато во историјата како Илинденско или, просто, Илинден. Илинден систематски е подготвуван од Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), којашто е позната под ова име за Македонците (а како ЕМЕО за Грците) и како Интернал Мацедониан Револутионарѕ Органисатион (ИМРО) за Европејците. Учеството на селското христијанско население, како на егзархиското, така и на патријархиското, речиси е сеопшто во реоните каде што избувна востанието (особено во западна Македонија).
Илинден е непријателски пресретнат од грчката држава, чии конзуларни органи соработуваат со Отоманците за негово задушување. Избувнувањето на едно револуционерно движење што се бори за создавање независна македонска држава ги плаши еднакво и Турците и Грците. Првите го губат европскиот дел од својата империја, а вторите наследството од можното распаѓање на големиот болен брат.
Илинденското востание е задушено во крв. Патријаршиското духовенство и шпионите на грчката влада се ставаат во служба на отоманската војска и на башибозуците. Опожарувањата на селата, убиствата на невини жртви и деца и пљачкосувањето на се и сешто е одговорот на отоманската држава. Цела Европа ќе се најде на страната на македонските бунтовници, освен Грција, која ќе ги осуди и ќе ги наклевети.
Грчкиот читател што денес ќе прибегне кон грчката библиографија за македонското прашање, со желба да има некој поглед за Илинден, ќе се стекне со следниве лаги:
- Илинден е бугарско движење, кое се појавило во западна Македонија во летото 1903 година.
- Во него учествувале главно славофони-отцепници (егзархисти) селани раководени од комитаџиите.
- Во Илинден учествувале мал број патријаршисти (славофони, влахофони, албанофони), и тоа принудени од комитетите, под закана од смрт.
- Бунтовниците се бореле насилно како против муслиманското население, така и против патријаршистите.
- Крвавите репресалии на отоманската војска од страна на раководството на движењето се очекувани, па дури и посакувани, со цел да предизвикаат вмешаност на големите сили од она време за наметнување реформи.
- И на крај, движењето на Илинден не може да се нарече револуција или народен бунт. На сите грчки автори што напишале нешто за Илинден речиси им се совпаѓаат ставовите по наведените точки, кои ја сочинуваат грчката позиција. Таа позиција, сепак, им служи на политичките цели и се вклопува во севкупното грчко пропагандистичко гледиште на грчката држава по македонското прашање. Одговорот на прашањето зошто Илинден треба да биде бугарско и псевдовостание го разоткрива врвниот антимакедонски пропагандист и со децении советник при грчкото министерство за надворешни работи Евангелос Кофос во својот реферат прочитан на Симпозиумот по повод 80-годишнината од македонската борба, што заеднички го организираа во 1984 година Институтот за проучување на Балканскиот Полуостров, Друштвото за македонски студии и Музејот на македонската борба.
„Илинденското востание веќе има добиено такви димензии во југословенско-македонската историографија какви што се оние на американската, на француската и на грчката револуција“, пишува Кофос.
„Исто така, тоа станало мит на крајно возбудлив епос, кој ги поврзува сенародното востание против отоманското господство и идеалистичкото сонување на едно демократско и рамноправно општество со изразито истакнување на националната посебност на македонскиот народ. И сето тоа и служи не само на соодветната филологија за создавањето на македонската нација, туку е и обид за изземање на бугарската врска со неа“.
Бидејќи, следствено, вознемирува историскиот факт за едно народно македонско востание (зашто служи во процесот на македонската етногенеза), поради тоа се понижува како бугарско псевдовостание.