Прејди на содржината

З А К Л У Ч О К

Од Wikibooks

Во овој труд се прави обид да се елаборира ставот и односот на Франција кон Македонија и македонскиот народ низ сплетот на односите и интересите на соседните балкански држави и нивните завојувачки апетити и територијални претензии кон македонското подрачје во минатото, а за жал и до денешни дни. Француската официјална документација во основа објективно го следи правото и стремежот на македонскиот народ за создавање на своја држава, низ сопствена националноослободителна борба насочена и против конкретните негови поробувачи и против странските пропагандни и оружената дејност на неговите балкански соседи, кои го гушеа националноослободителниот стремеж на македонскиот народ со единствена цел - присвојување на неговата територија и народ, негирајќи му ја на тој начин неговата национална македонска самобитност.

Во трудот се следи влијанието и интересот на Франција за Македонија и Балканот пошироко и притоа се издвојуваат повеќе фази, на поинтензивно влијание понагласен интерес се присутни кон крајот на XIX-от и во текот на ХХ-от век. Во оваа студија, низ продлабочени француски сознанија, се изнесени видувањата како се застапувала Франција за остварувањеот на националните права на Македонците и за создавањето на нивна држава, потоа се обработени разновидни суштествени проблеми од витален интерес за Македонија и македонскиот народ. Меѓу нив, посебно е значајно што Франција ја прифатила реалноста и на Македонија и македонскиот народ гледала како на една целина. Низ документацијата се опфатени и застапени сите три дела од поделена Македонија, нејзината целокупност е третирана не само во географски туку и во национален, стопански и просветно-културен поглед.

Покрај стремежот на македонскиот народ за свое национално ослободување и создавање на своја самостојна држава, низ француската официјална документација мошне опсежно се следи и нагласува националната посебност на Македонците уште од средината на XIX -от век па наваму, при што населението во Македонија се означаува како посебен народ, кој суштински се разликува според своите национални обележја, јазикот - македонскиот, територијата Македонија, традициите, обичаите и слични белези својствени за една посебна нација, различна од своите соседи: “Македонците решија да се разликуваат од своите соседи и дури е апсурдно да се тврди, како што се прави со Софија и Белград, дека Македонија е бугарска или дека Македонија е српска”, а што се однесува до националнаа припадност, се нагласува дека, “ако прашате еден Македонец за таа работа, тој секогаш одговара дека е Македонец и е за создавање на независна Македонија, едноставно затоа што во тоа гледа решение и начин за ослобоување од полициската тиранија на турските, српските и бугарските власти и затоа ова решение е најпогодно за да им се стави крај на стремежите и спротивностите на соседните држави кон Македонија...”.<Види поопширно: Лазар Лазаров, ВМРО низ француската документација.>

Оваа студија за Македонија во француската политика на Балканот во означениот период ја сочинуваат четири глави во кои конкретно се обработени повеќе прашања од разновидни аспекти, меѓу кои пред се', македонската национална посебност и создавањето на сопствена македонска држава, социјално-економската и политичката положба на македонскиот народ во соседните држави, состојбата на националните, културните и другите граѓански права и слободи и степенот на нивната оствареност во Бугарија, Грција, Југославија и Албанија, етничките промени и иселувањето на дел од македонскиот народ што настана како резултат на социјално-економската положба, националната обаесправеност, воено-политичката положба, полициските прогони и репресалии што го вршеа властите над македонскиот народ во соседните балкански земји.

Во посебна глава (втора) значајно внимание им е посветено на Македонија и македонскиот народ од трите нејзини дела како присутно прашање на Париската мировна конференција, одржана во 1946 година. Притоа од повеќе аспекти се анализираат пречките за остварување на националните права на Македонците во Пиринска, Егејска и Вардарска, односно НР Македонија. Така, меѓу причините за неоствареност на стремежот за единство и слобода на македонскиот народ од пиринскиот и егејскиот дел на Македонија, покрај неговите пропусти, како посебно значајни се издвојуваат и анализираат основните негативни фактори: пропагандните и оружените завојувачки акции на соседните држави кон Македонија и што е најзначајно, зад Македонија и македонскиот народ во минатото не стоела ниту една од големите сили, што не е случај со нејзините соседни балкански држави. Можеби во тој однос извесен чекор напред прави Франција која, кон крајот и непосредно по Првата светска војна, ги изнесува своите погледи за формирање на македонска држава, лоцирана на просторот меѓу Бугарија, Грција, Србија и новосоздадената дражва Алабанија, со образложение како неопходен услов за да завладее мирот на овие балкански простори, бидејќи на тој начин, со создавањето на македонската држава, како што смета Франција, би се неутрализирале завојувачките стремежи на соседните балкански држави кон Македонија. Покрај овој документ - предлог - решение за создавање на македонска држава, во периодот меѓу двете светски војни се изнесува стојалиштето на француските претставници дека новосоздаденото Кралство на Србите, Хрватите и Словенците (СХС) треба да се прошири и да стане четвороимено, односно и вардарскиот дел на Македонија да стане рамноправен субјект како што се Хрватска и Словенија во однос на Србија.

Во третата глава од оваа студија, врз основа на изворна француска документација, значајно внимание се посветува на статусот на НР Македонија во југословенската федерација. Тоа е периодот на Втората светска војна и по нејзиното завршување, а македонскиот народ од вардарскиот дел активно се вклучи во неа низ Народноослободителна војна и застанувајќи на страната на антихитлеровската коалиција. Низ сопствена оружена борба тој успеа да ја извојува својата национална слобода и да создаде своја држава, а врз доброволна основа се определи и се вклучи во составот на новосоздадената југословенска федерација, како нејзина рамноправна единица. Колку реално беше рамноправна, се обидуваме во овој труд, врз оснвоа на француски изворни материјали, да го елаборираме тоа од повеќе аспекти. Посебно значење во анализите и оценките му придаваме на прашањето за карактеристиките на нововоспоставениот систем во НР Македонија и Југославија пошироко.

Гледано од политички аспект, главен збор во формулирањето на политиката за стопанскиот развој, а посебно во тие рамки и на индустријализацијаа на земјата, имаше Партијата КПЈ-КПМ и нејзиниот партиски врв - Политбирото на КПЈ.

Во Македонија како и во Југославија е остварен прнципот на персонална унија на Партијата во државата односно тоа се согледуваше во идентичната личност на првиот човек во Партијата (КПЈ) со претседателот на државата. Тоа се согледува и нагласува и низ француската официјална изворна документација, што наоѓа опсежна елаборација во овој труд.

Во оваа студија се следи и нагласува формалната рамноправност на Македонија во југословенската федерација, а реалноста е сосема поинаква. Имено, низ критичка анализа, се следи семоќната позиција на централизираноста на највисокиот партискодржавен врв кој претставува наредбодавен пункт во сите области: и во органите на власта и во стопанството и во државната администрација и во војската и во полицијата или накусо речено во севкупниот живот во земјата. Републичките државнопартиски органи само ги спроведуваа односно ги извршуваа директивите од највисокиот партискодржавен врв на чело со Политбиото на ЦК на КПЈ и Јосип Броз Тито како прв човек во државата.

Во трудов, достатно критички е анализирано и се поставува прашањето зошто Македонија немала низ целиот период по Втората светска војна свои претставници во Политбирото на ЦК на КПЈ. Оваа проблематика се следи опсежно и критички низ француската официјална документација. Така, за разлика од сите други републики во југословенската федрација кои имаат свои претставници во Политбирото (Словенија има најмногу, односно тројца - Едвард Кардељ, Борис Кидрич и Франц Лескошек), а Македонија не е застапена со ниту еден претставник. Некои го споменуваат првиот партискодржавен човек на македонското повоено општество - Лазар Колишевски, што во основа не е точно. Тој бил повикуван и учествувал во работата на Политбирото, но само во исклучителни случаи кога на дневен ред биле прашања сврзани за Македонија и неговата улога се состоела во спроведување на директивите на највисокиот партиски врв - Политбирото на македонското подрачје.

Македонија не само што го започна стопанскиот развој како најнеразвиена федерална единица, туку и динамиката на нејзиниот развој со Петгодишниот план не се одвиваше во склад со предвидената зацртана политика. Голем дел од инвестициите за објектите што беа предвидени не се остварија и дел од нив беа пренасочени кон централните делови на тогашна југославија, а пред се' во Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија. Оттука и оправданото незадоволство во Македонија и Брионскиот договор од 1952 година, при што беа издвоени извесни средства и се изградија неколку позначајни објекти наведени во овој труд. Затоа, и со право, француските официјални извори, во поглед на организационаа конструкција и методот на работа и управување во државата неа ја нарекуваат партиска држава, бидејќи целокупната власт и во државните органи и во стопанството, полицијата, војската и севкупниот живот на земјата ја имаше Партијата (КПЈ) и нејзиниот врвен и наредбодавен орган - Политбирото, кој претставуваше нервен центар, директивен пункт и давател на сите наредби кон републичките раководства, а посебно кон македонското кое слепо или, како што се нагласува во француската документација, правоверно ги извршува. Според нив, Македонија и нејзиното раководство на чело со Лазар Колишевски претставуваше правоверно и најсилно упориште на комунистичката идеологија што ја креираше Јосип Броз Тито.

Комуналниот систем преку создавањето на своите единици комуните, во почетокот покажа и понуди големи креативни можности во областа на непосредното одлучување во стопанството и културно-просветната еманаципација, но не можеше да ги укине негативните појави на автархија и нееднаквата појдовна основа во развојот на републиките.

Системот на трудбеничкото или работничкото управување во реалниот практичен живот не покажа дека е имун на бирократијата, туку напротив, уште во првата фаза во развојот на самоуправувањето и демократскиот процес во трансформацијата на општеството од централистичко кон самоуправно, односно во процесот на децентрализацијата, се развивале и зрееле микродиктатурите, почнувајќи од републичките, околиските, па се' до локално ниво во комуните односно општините. На тој начин, се градеа и создаваа локални олигархии, што ги согледуваме на сите нивоа во партиските државните, стопанските итн. првенци.

Од областа на стопанството, земјоделието претставуваше доминантна стопанска гранка, бидејќи непосредно по ослободувањето преку 70% од населенеито живееше на село и главен извор за егзистенција претставуваше земјоделското стопанство. Француската документација можеби престрого и критички ја оценува состојбата и развојот на земјоделието ставајќи го на ниво од XIX-от век и заклучува дека, ако не се преземаат конкретни мерки, а природните климатски и почвени услови нив ги овозможуваат, тоа за жал ќе остане и натаму примитивно. Тука, како посебни негативни фктори се издвојуваат: применувањето на новиот задружен систем, задолжителниот откуп како принудна мерка, а посебно ориентацијата на државните власти од 1949 година кон системот на колективизација, кој практично остави катастрофални последици во уназадувањето на земјоделското стопанство, како значајна стопанска област во македонското стопанство.

Секако на негатиавните тенденции во стопанскиот и целокупниот развој на Македонија значаен одраз имаше и Резолуцијата на Информбирото од 1948 година, кога Македонија и Југославија пошироко доживеаја целосна изолација, а посебно економско-политичка блокада од Советскиот Сојуз и источноевропските социјалистички земји. Тоа беше време на тешки искушенија и кога се работеше за опстанокот на населението и државата, потоа, двете сушни години и други околности оставија катастрофални последици во натамошниот развој на земјата.

Наоѓајќи се во една безизлезна состојба, при една целосна блокада од источните земји, македонското, односно југословенското раководство, беше принудено да бара помош и поддршка од западните земји, со кои дотогаш немаше воспоставено речиси никакви односи и врски. Така, според француски анализи и оценки, САД и другите западни земји ја користат општествено-економската и политичката состојба во Македонија и Југославија пошироко и гледаат погодна можност да разработат сеопфатна стратегија, чија основна цел беше преку давањето на економска помош и поддршка да ја привлечат Југославија не само кон западниот капиталистички блок, туку и да ја принудат да пристапи кон формирање на Балканскиот пакт од февруари 1953 година. Овие прашања на економска помош од Запад и пристапувањето кон Балканскиот пакт мошне детално и критички се анализирани во посебни подглавја во овој труд (види во текстот прилог документ за погледите на американските експерти за економската ситуација во Југославија). Според француски проценки, вкупната помош на Југославија од САД и другите западни земји, што ја потврдуваат и официјални податоци од Вашингтон, изразена во вредност на тогашни американски долари изнесува 3 милијарди и 408 милиони долари за периодот од крајот на 1949 година заклучно со 9 јуни 1955 година, од која 64% отпаѓа на САД, 24% на Англија и 12% на Франција. Во рамките на оваа помош и подршка од САД и западните земји, покрај спроведената идеја за формирање на Балкански пакт од февруари 1953 година, во трудот достаточно внимание се посветува и на американскиот предлог-проект од пролетта 1949 година за поделба на Албанија меѓу Југославија и Грција, со основно образложение и цел - да се истисне руското влијание на Балканот, бидејќи се сметаше дека Албанија претставува советска, воена и политичка база и упориште на комунизмот.

Посебна подглава во трудот посветуваме и на францускиот елаборат - мала студија за Македонија од 1952 година. Во неа се изнесени интересни француски анализи и оценки за Македонија. Така, во овој елаборат, независно од делбите на Македонија од 1912/13 година, на Македонија се гледа како на една целина не само од географски, стопански и културен поглед, туку и од повеќе аспекти, нагласувајќи притоа дека “се работи за еден регион совршено разграничен од Куманово до Солун, од Родопските Планини до албанската граница, по долините на реките Вардар и Струма до Егејското Море... Македонците високо ги афирмира потеклото на нивниот јазик... во 1900 година, во Прилеп е пронајден пишан документ од 20 мај 1637 година на чист македонски јазик...”.< Archives diplomatique... Nantes. Фонд, Etat General des fonds, Serie, Скопје, vol. 1. >

Во студијава, значајно внимание, низ француска диоптрија, се посветува на обидите за обновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква (МПЦ), која незаконски била укината во 1767 година, при што се истакнува дека одлуката на српскиот патријарх Викентие од април 1957 година со која се дозволува употребата на македонскиот јазик во богослужбаа и кореспонденцијата, употребата на печат со Република Макеоднија, во трите епископии - Скопска, охридска и Струмичко-Злетовска да се избира македонското свештенство и друго, според француски оценки, воедно “значи формално признавање на Македонската православна црква до 1945 година, па иако Српската православна црква ги сметаше овие одлуки како свој успех, де факто не можеше да го спречи македонскиот пат кон автокефалноста. Религиозното прашање за црковното осамостојување претставува исклучително значајно прашање за историјата на Македонија...”.<>

Што се однесува до карактерот и односот на постојните режими во трите делови на Македонија - вардарскиот, односно НР Македонија, пиринскиот во Бугарија и егејскиот во Грција, врз основа на продлабочени анализи на документацијата од француска провениенција, одделно за сите делови се посветува внимание во посебни подглавја каде се прикажани состојбите со изнесување на оценките за однесувањата на трите постојни режими. Во трудов се прави градација, во полза на вардарскиот дел односно НР Македонија, која и покрај тоа што претставува држава но само во рамките на југословенската федерација, како нејзина рамноправна федерална единица, сепак во неа слободата на мислење отсуствува, а оние што мислеа поинаку беа прогласувани за опозиционери и противници на режимот во Југославија и повеќето од нив се испраќани во логори за работа под тешки услови, или накусо речено политичката полиција О.З.Н.А. која ги прогонуваше се поистоветува со Н.К.В.Д. во Советскиот Сојуз.<Исто таму... Paris, Serie З Europe, Соус serie, Yougoslavie, vol. 20. >

За разлика од Вардарска односно НР Македонија, која извојува своја национална слобода и создаде своја држава, другите два дела од Македонија - Пиринска и Егејска, по Втората светска војна продолжија да егзистираат во составот на Бугарија и Грција, во нив остана и македонскиот народ угнетуван, без никакви национални, културни, граѓански права и слободи, беше прогонуван, малтретиран при секоја пројава на македонско национално чувство и свест за својата македонска припадност.

Независно од стремежите и желбите на македонскиот народ за извојување на своите национални права и заедничко живеење во една обединета Македонија, треба да се согледаат и земат предвид сплетот на меѓународните околности како значаен фактор. Поточно, настаните што уследија по Резолуцијата на Информбирото од јуни 1948 година оставија силен печат и мошне негативно се одразија во остварувањето на стремежите на македонскиот народ за негово обединување и конституирање во една самостојна македонска држава. Така, ако се проследи документацијата од француско, југословенско и друго потекло, ќе се согледа значителната промена на курост на тогашното југословенско државнопартиско раководство, па дури во одделни временски интервали, како на пример, пред и по потпишувањето на Балканскиот пакт од 28 февруари 1953 година и присутно напуштање и целосно одбегнување воопшто да се споменуваат Македонија и присуството на македонски народ надвор од НР Македонија односно Југославија, а камо ли да се застапува тогашното македонско и југословенско раководство за нивна заштита и за обединување на Македонија и македонскиот народ во една држава.

Гледано во целина, без оглед до кој степен на реалност продреле француските претставници во проникнувањето и откривањето на вистинските состојби за положбата и националните права на македонскиот народ во соседните земји, сепак, неодминливо е нивното согледување и оценки за полетот на јасно изграденото македонско национално чувство. Врз основа на француската документација, во овој труд не само што е нагласена посебноста на Македонија и македонскиот народ во трите негови дела и во одделни периоди туку и се опревдува и подддржува борбата на македонскиот народ за создавање на своја државност и самостојност.