Зошто бугарската фашистичка диктатура по 19 мај спроведува отворена противмакедонска политика

Од Wikibooks
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

ЗОШТО БУГАРСКАТА ФАШИСТИЧКА ДИКТАТУРА ПО 19 МАЈ СПРОВЕДУВА ОТВОРЕНА ПРОТИВМАКЕДОНСКА ПОЛИТИКА

Извештај до Задграничното биро на Централниот комитет на БКП во Москва, односно до Васил Коларов, 1937 година


Еднаш помош, другпат прогон

Секогаш завојувачката политика на бугарскиот империјализам во лицето на македонското национално-ослободително движење имала еден свој сериозен противник.Затоа што тоа национално-ослободително движење е една антитеза на анексионистичката политика во однос на Македонија.

Ако во извесни моменти великобугарските шовинистички реакционерни средини и нивните влади помагале и помагаат одделни македонски организации или движења, тоа помагање е такво, доколку тие организации и движења се стават во услуга на нивната завојувана политика. И обратно.

Штом тоа движење, малку или повеќе, добива посамостоен карактер и се насочува против реакционерната политика на бугарските завојувачи, тоа се подложува на најжестокото прогонување.

По 19 мај, со воведувањето на отворена фашистичка диктатура, бугарската реакција спроведе поширока терористичка акција против целокупното македонско движење, пред се што е македонско. И тоа е лесно објасниво. Кога бугарските империјалисти и фашисти се наоѓаат во еден период на непосредна и засилена подготовка за војна, секоја македонска иницијатива, од каде и да произлегува, која се стреми да го зачува самостојниот карактер на македонската борба, се јавува многу поопасна и заради тоа главниот удар на реакцијата беше насочен, пред се, ДА ГО УБИЕ, ПРЕД СЕ, МАКЕДОНСКИОТ КАРАКТЕР НА БОРБАТА.

За таа цел, беа растурени редица македонски организации и институти, како ВМРО на Михајлов и Шанданов, Националниот комитет, Македонскиот младински сојуз и др., кои не беа на централистички позиции, но кои сепак имаа македонски карактер.

ЗАБРАНЕТИ ПРАЗНУВАЊА

Затоа, бугарските власти во македонскиот крај ги симнуваат од училиштата и читалиштата имињата и портретите на видни македонски револуционери, забрануваат било какви беседи или читање реферати по македонски прашања. Ја отпуштаат македонската интелигенција во државните и општинските установи,како што е случајот во Г. Џумаја, Св. Врачко, и сменувањето на учителите санданисти во Неврокопско и Разлошко, дури и на попот - санданист.

Затоа, им се забранува на блиските на убиените Македонци да организираат панихиди, да ги посетуваат гробовите, како што е случајот по повод годишнината од убиството на Т. Александров, на Јане Сандански и др.

Се забранува, исто така, населението во македонскиот крај и бегалците во Бугарија слободно да ги прославуваат своите народни празници, како што се Илинден, Гоцевиот ден, годишнината од Крушевската република и др. Младите Македонци, кои сакале да постават венци на споменикот на непознатиот четник во Горна Џумаја, на бистата на П. Ј. Јаворов во Неврокоп и др., биле највулгарно растерани од полицијата.

Тој терористички бран, во помал или во поголем обем, ги засегна приврзаниците на михајловистите, некои од нив се уште не се помириле со состојбата и прават обиди да ги обноват своите растурени организации, како што е случајот со Г. Џумаја.

Со сите тие мерки бугарската реакција сака:

1. Да го зачува заграбениот дел од територијата на Македонија, да го држи во покорност македонското население, за да може полесно да го ограбува;

2. Да го присвои македонското прашање, откако ќе го претвори во чисто бугарско државно прашање;

3. Да го подготви психолошки и фактички општественото мислење, туку и во странство, за евентуално освојување на останатите делови од Македонија, како бугарски.

ЕКОНОМСКАТА СОСТОЈБА И ГРАБЕЖОТ НА МАКЕДОНСКОТО НАСЕЛЕНИЕ ВО ПЕТРИЧКО

Како што веќе погоре рековме, терористичката акција на фашистичката диктатура има за цел се уште да го држи во ропска потчинетост македонското население, за на тој начин тоа да биде полесно ограбувано. И навистина, крајно бедната состојба во која се наоѓа македонското население во Петричко не може, или скоро не може, да се спореди со ниедно друго бугарско население во разните делови на Бугарија

Безобѕирниот грабеж на продуктите на македонските стопанственици, големите даночни тешкотии и постојаното тормозење, до таков степен материјално го истоштија населението, што тоа нема во џебот ниту два лева кибрит да си купи.

Со сопствени уши слушнав од македонските селани и граѓани во Г. Џумајско како раскажуваат дека при запишувањето на своите деца во училиштата, наместо пари, за да ги платат таксите, носеле јајца, млеко и други продукти. Населението систематски недоволно јаде, а многу често и буквално гладува.

Единствена негова храна е пченкарното брашно, во најдобрите случаи измешано со брашно од јачмен. Видов двајца работници кои одеа од село на работа во рудникот Србиново (Г. Џумаја) да јадат браница, направена од брашнот од јачмен и жрж измешано со трици. Кога ги прашав, таков ли ви е лебот во селото, тие се пдонасемеаја и одговорија. - Не тоа е баница, лебот ни е уште полош, но често и него го нема и затоа одиме на работа во рудникот.

ЗАНИМАЊЕ

Главното занимање на македонското население во Петричко е земјоделството 85 отсто од населението се занимава со земјоделство, кое на задружни начела ги експлоатира шумите. Поголемиот број од земјата е неплодородна, бидејќи никаква грижа не се води од државата и општинските власти за нејзино одржување, при што оваа околност мошне многу го отежнува занимањето на населението. Просечно, според признанието на софискиот областен инспектор, кој што бил во обиколка на македонската област, на едно стопанство се паѓа од 6,7 декари обработлива земја, што според густината на населението во однос на она на Бугарија е значително помала. Така, на пример, официјалната статистика ја дава следната слика:

На еден квадратен километар по околија се паѓа:

Г. Џумајско - 28,6 души; Петричко - 32,9; Неврокопско - 26,7; Разлошко - 25,3; Св. Врачко - 24,8.

Таа ненормална состојба може да се објасни со неправилното разделување на земјата и недостигот на една силна стопанска политика од страна на бугарската држава

Државна кражба

Голем дел од земјата (и тоа најдобрата), којашто беше оставена од турските бегови, се заграби од државата и разните македонски пљачкаши во Неврокопско, Г. Џумајско, Разлошко и др.

Државата раздаде многу од земјата на своите чиновници, доведени од внатрешноста на Бугарија, кои не се занимаваат со земјоделство и ја даваат земјата под наем на бедното македонско население.

Шумите што заземаат големи пространства во Македонија (Петричко), исто така, се сопственост на државата и општините, а само еден, многу мал дел, е сопственот на населението.

Освен тоа, големи пространства, поради тоа што се изложени на водни стихии, стојат неискористени, а при една добра стопанска политика, како што веќе рековме, тие можат да се претворат во златни полиња.

Но, и таа земја, којашто му припаѓа на македонскиот селанец, не сета се засадува со зрнести и индустриски култури. Но, дури и при целосно искористување, не може населението да произведе продукти, кои, малку по малку, ја обезличуваат неговата егзистенција.

Еве, на пример, што претставува Горноџумајската околија. Според официјалната статистика, Г. Џумајската околија се смета за една од оние околии коишто имаат најмногу дел од македонскиот крај. Според нивната пресметка, просечно на едно стопанство (што се состои од 10 души) се паѓа по 27 декари.

И КАМЕНОТ - ОБРАБОТЛИВ

Човек кога ќе прочита, ќе помисли навистина дека од горноџумајци никој не е подобар. Каква е всушност состојбата. Во таа бројка се вклучуваат и оние делови земји, што со ништо не можат да се засадат, (зашто се каменести и карпести), но кои се прогласуваат во државни агрономства од населението за обработлива почва, зашто во спротивен случај државата ќе им ги земе. Но дури и да се прифати оваа бројка за вистинска, да видиме што може да извлече еден сопственик од нејзината обработка. Самиот имав можност да разговарам со селанец од Горно Орахово, кој ми рече дека минатата година засадил 27 декари со пченка, но со производеното количество одвај можел да истера до почетокот на пролетта, (треба да се има предвид дека тоа село не произведува, или сосема малку, други индустриски култури). Во некои села, како Логодаш и др., дури многумина кои засадуваат по 30-40 декари не можат да истераат до ново садење. Тоа се објаснува со крајно малата плодородност на земјата. Од еден декар се добива од 70-120 кгр. пченка, до 70 кгр. јачмен, а жито скоро не се сее.

Човек треба да види со своите сопствени очи што претставува животот, (на тоа крајно трудољубиво население), особено на оние кои се изложени на пороиштата, за да има појасна претстава.

Фашистичката влада не еднаш раструби дека ги започнала своите мерки за зачувување на нивите изложени на поплави. Всушност, апсолутно ништо не е направено. Единствената мерка, што била преземена да се спроведе, тоа е кампањата за пошумување. Но, за да се добие нужниот ефект, населението треба да чека 10-20 години додека дрвата израснат за да ги запрат водните стихии.

А со таа пошумувачка кампања, од друга страна, уште повеќе се притеснува населението - зошто големи пространства, кои порано служеле како паша за добитокот, сега се прогласуваат за строго ограничени периметри - браништа, како што ги нарекува народот, и со тоа се одзема можноста на населението да исхранува и помалку добиток, кој што го има.

Уште повеќе, од 19 мај наваму се спроведува една политика од планинските и општинските власти, со која се стреми населението да се принуди да ги продаде своите кози, од кои единствено бедниот Македонец очекува малку млеко за своите деца. Се дојде до таква состојба, што оној кој е сопственик на една или неколку кози, да не може да ги пушти на паша дури и во своето сопствено парче земја. Штом падарите сретнат некого да ја води својата коза (дури и да е саанска) му се одзема и на сопственикот му се изрекува казна од 100-500 лева, и посебно да плати такса за да добие дозвола да го пасе својот добиток на одобрените места. Мошне тешка е состојбата, исто така, и на тутунопроизводителите. Производството на тутун во целиот македонски крај е едно од најглавните извори за егзистенција. По количество, македонската област е прва во споредба со другите бугарски области.

Според официјалната статистика во 1936 година за производство на тутун биле ангажирани во македонската област 37.593 стопанства со вкупно засадени 128.000 декари. Количеството на тутун се пресметува на 11.000.000 кгр. Просечно на семејство се паѓа околу 3-3,5 декара.

Горноџумајската околија, во која најмногу се сади тутун, еве каква слика ни дава за состојбата на тутунскиот производител. Од 5.604 стопанства во целата околија, 4.300 се занимаваат со производство на тутун, кој што е засаден на површина од 10.900 декари, или просечно на стопанство се паѓа по 2,4 декари. Од еден декар просечно се добива 60-70 кгр тутун, или на семејство просечно се паѓа по 140-150 кгр тутун. Дури во некои села како Грамада, Лешница, Тросково и други се добива од 24 до 40 кгр по декар. А во одделни села, Србиново, Ораново, Железница, Лешко, Падеш и други производителите имаат просечно од 1-2 декара земја. Самиот центар Горна Џумаја се прехранува од одгледување тутун. Единственото прашање, што сега ги вознемирува тутунопроизводителите, е уништувањето на шкартот и зголемување на цената на тутунот.

СЛЕП КРАЈ

Македонскиот крај во културен и урбанистички однос мошне многу е заостанат. Според статистиката на Министерството за урбанизам, што дава податоци за Горноџумајската околија, се гледа дека од вкупно 263,3 км пат, само 30,1 км пат е трасиран и асфалтиран. Значи, единствениот пат што може да се смета за пристоен, тоа е патот што води за Демир Хисар и тој се одржува зашто има важно стратешко значење за бугарските завојувачи. Апсолутно никаква комунална политика не се спроведува, ако се исклучи ангаријата на населението за градење на некои малку потребни патишта за населението. А во исто време, со милиони лева државата ограбува од оголениот грб на осиромашеното македонско население. Специјално ударни команди се праќаат во селата од даночните и акцизните власти да ја попишуваат покуќнината и имотот на оние што не платиле разни даноци и казни. По патиштата и крстопатите акцизните власти го пресретнуваат населението и го претресуваат за да најдат шверцуван тутун. За една цигара тутун, изрекуваат по 2-3 илјади лева казна, а на многумина им го запленуваат целиот тутун, зашто направиле една цигара од своето сопствено производство.

Времето на обзорниците и на војводите

На населението му се одзема и можноста за просвета. На читалиштата не им се одобрува скоро никаква културно-просветна дејност. Според официјалните соопштенија, неписменоста е многу поголема во македонскиот крај во споредба со оние во внатрешноста на Бугарија.

Така, на пример, во Дупничката околија при прегледот на 3.645 младинци што подлежат на воена обврска, само 1677 биле неписмени, или 4,6%, кога во истото време од прегледаните 3.215 младинци во Горноџумајско, 1.039 биле неписмени, или 32%.

Од сето ова кажано, се гледа многу добро целосното, национално-политичкото и економското незаконие што постои во македонскиот крај. Оваа состојба неспорно открива крајно благопријатна почва за работа и при една исправна политика од страна на народно-револуционерните организации и класните партии можат да се добијат добри резултти.

РАСПОЛОЖЕНИЕТО НА НАСЕЛЕНИЕТО

Поголемиот број од македонското население и бегалците се настроени против фашистичката диктатура и нивните органи, во лицето на одделни македонски народни претставници обзорци, разните пљачкаши во Петричко, кои повторно ги креваат главите, (таканаречените војводи).

Исто така, непријателски е односот на македонското население во Петричко и против Цанков. Тој, засега, наоѓа свои приврзаници само во лицето на најкорумпираните македонски пљачкаши (војводите). И затоа, пред опасноста да се врати старата состојба, населението е едногласно во односот кон Цанков и конкретните носители на цанковштината, издигајќи го лозунгот: Борба против Цанков и војводите!

До извесен степен населението во Петричко е непријателски настроено и против БЗНС на Гичев, доколку неговите приврзеници во македонскиот крај се во близок контакт со луѓето на Михајлов. Треба да се каже дека влијанието на Земјоделскиот сојуз Врапча е незначително.

Ако може да се говори за влијание со поголемо значење, а тоа е на земјоделците - пладненци. И тоа се должи, главно, заради нивната непријателска политика кон војводите.

Тие, пладненците, по македонското прашање се најблиску до нас и целосно ја прифаќаат идејата за изградување на едно масовно народно македонско движење, кога ќе се напушти практиката на партиското разбирање на македонското население. Влијанието на другите партии нема апсолутно никакво значење, со мал исклучок на демократите.

Големо е влијанието на класната партија, особено во Горноџумајско и Разлошко. Народните маси со отворени симпатии ја прифаќаат, макар и со најнезначителната иницијатива на партијата, дури таа и формално да не произлегува од неа.

Засега, може да се каже со најголема сигурност дека партијноста пошироко не е навлезена во македонскиот крај, како што навлегла сред народот во внатрешноста на Бугарија.

ВЛИЈАНИЕТО НА МАКЕДОНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

Наспроти големите грешки и левосектанската политика, што се спроведува од левото македонско крило, сепак, најголемо е неговото влијание сред македонските народни маси. Идејата и принципите на старата ВМРО на Гоце остануваат единственото знаме на македонскиот народ. И до денес, наспроти жестокостите во недалечното минато, многу групи, приврзеници на санданизмот се сочувани (Неврокопско, Мелничко и др). Најголемата несреќа е тоа што таму организационо македонските идејни струи не се опфатени, а не е во состојба и ВМРО(Об.) како организација, да ги опфати во себе, заради едноставната причина што таа се смета како комунистичка организација.

ВМРО на Михајлов целосно си останува на старите позиции, т.е. на фронтот на бугарските завојувачи. Инаку, како организациона и политичка сила, таа не претставува она што беше до 19 мај. Нејзиното влијание неколкукратно е намалено. Се уште големи се недоразбирањата во самите нејзини редови. Против отворената великобугарска и ревизионистичка политика, што ја спроведува групата Обзор, застануваат многумина довчерашни приврзеници и членови на ВМРО-Михајлов.

Општо земено, голема е разочараноста од актуелната политика на соработка со бугарските империјалистички и фашистички средини. Одделни личности отворено се спротивставуваат против Обзор. Случајот со групата околу Македонски глас. Горноџумајската младина - неколкумина бивши михајловисти на чело со Стојан Попов и др.

Од тие лица и групи се прави, макар и со големи колебања, обид за договор со левите Македонци (Г.Џумаја, Пловдив и др.).

При таквата состојба, можно е да се дојде до договор за заедничка борба со извесни групи, кои што, малку или повеќе, имаат влијание сред македонските маси и стојат на посамостојни македонски позиции.

Тоа значи дека кога ние го разобличуваме оној дел од михајловистите, кои отворено се ставаат на страната на најреакционерните бугарски средини и на страната на Цанков и меѓународниот фашизам, треба да бидеме внимателни кон другиот дел, кој што, така или инаку, прави сериозен обид да се ослободи од туторството на бугарските фракциони и фашистички средини.

Доколку фашистичката диктатура денес го поддржува реакционерниот дел од михајловистите и подготвува почва повторно да ја врати михајловиштината во македонскиот крај, во тој случај нашата борба треба да биде насочена и против тој дел, против михајловштината. Тој лозунг е единствениот и најпопуларниот што може да го сплоти огромното мнозинство од македонското население во Петричко.

Влијанието на протогеровистите скоро безначајно во македонскиот крај. Тие имаат само одделни личности, кои не се одликуваат со влијание сред македонското население.

Протогеровистите, исто така, не се единствени. Кај нив се создадени две струи: едната на чело со Шанданов, која што има најмногу приврзеници, е за единствена борба со левите Македонци, другата на чело со Крстан П.Тодоров, која е против секакво зближување со комунистите и со левите Македонци.

Формирање на македонски народен фронт

Од друга страна, мнозина бивши приврзеници на протогеровистите целосно поминале на нашата страна и работат како обединисти, или централисти (Варна, Плевен, Софија).

Во општи црти, таков е односот на силите во македонскиот крај, што покажува дека доминираат силите на демократијата, а тоа неспорно дава можност за побрзо изградување на македонскиот народен фронт.

Основната задача на ВМРО (Об.) во сегашниот момент е, не да создава затворени, секташки нејзини групи, туку да ги насочува сите свои сили за побрзо сплотување на разединетите македонски сили, на основата на едно или неколку заеднички барања, а поскоро создавање на МАКЕДОНСКО НАРОДНО ЕДИНСТВО.

Затоа, ВМРО (Об.) сета своја активност ја насочува за создавање таква, пред се, работа, каде се концентрирани Македонците во најразновидни политички, стопански, културно-просветни, професионални, спортски и други организации на македонскиот народ.

Привлекува одделни групи на работа, приврзеници на Сандански, земјоделци-пладненци, михајловисти, без да им прилепува етикета обединисти, дури и да работат во името на интересите на македонскиот народ и се борат против фашистичката диктатура и безаконието.

Идејата, која обединува и се јавува како знаме на македонскиот народ, тоа е борбата за национална независност. Но тоа е само заедничката идеја и крајната цел, лозунзите, околу кои се обединуваат народните македонски маси, се тие што непосредно ја засегаат сегашната положба и општонационалните и економски интереси.

КОМИТЕТИ ЗА БОРБА

Усилбите денес се насочени да се постигне договор меѓу сите партиски групи, македонските национални организации, сите културно-просветни, стопански и други организации за заедничка дејност.

За таа цел, почесто да се избираат општоградски, селски и други општи комитети за борба, кои ќе бидат органи на единствениот македонски фронт, а фактички и органи на идната единствена македонска народна организација.

Ние мислиме дека во македонскиот крај, доколку е национално поробен дел од Македонија, на прво место треба да се постават прашањата што имаат национален карактер, прашања што еднакво ги засегаат сите, или скоро сите, македонски средини.

Доколку бугарските империјалисти и фашисти се стремат со сите средства да го убијат МАКЕДОНСКИОТ КАРАКТЕР НА БОРБАТА (со големи букви во Извештајот - б.м.), нашиот долг е да бидеме против таа политика и да им разјаснуваме на сите Македонци кои се неговите пријатели и непријатели во Бугарија и во светот, и истовремено високо да го издигнеме знамето на самостојната македонска борба.

При денешната состојба, доколку при водењето на преговори со одделните партии и организации се говори да се дојде до договор на Македонците, за единствена борба против фашизмот и реакцијата во Бугарија неопходно е истовремено да се популаризира идејата за создавање и на единствена македонска народна организација.

Тоа сосема не значи дека механички денес ВМРО (Об.) треба да се растури, напротив, доколку паралелно со неа постојат и други македонски револуционерни организации, како оние на Михајлов и Шанданов и покренуваат други идеи и принципи, ВМРО (Об.) треба да се зачува, при што се повисоко да го издига знамето на централизмот.

Но како што во почетокот рековме, не е цел таа да се наложи како народна организација, зашто таа тоа не може да го стори, туку да ја подготви почвата во процесот на борбата за создавање на единствена веќе македонска народна организација.

Ние мислиме дека во македонскиот крај, доколку РП немало во минатото и не е популарна сред населението, неправилно е таа да се создаде вештачки. РП како антифашистичка организација има извонредно големо значење за бугарскиот народ, зашто таа навистина во минатото се претворила во народна организација.

Тие односи во македонскиот крај отсуствуваат. И ако ние сега решиме да создадеме РП ќе ги одвратиме тие партиски елементи - пладненци и др.. кои работат како Македонци.

Ние мислиме дека најдобрата форма, што, засега, од сите би се прифатила, тоа е изградувањето на македонскиот народен фронт. Создавање на заеднички комитети во местата, што ќе ја координираат дејноста на целиот македонски национален и партиски актив што работат во најразличните организации.

ЦЕЛ-МАКЕДОНСКА ПАРТИЈА

Таа форма денес на многу места се чувствува.

Организацијата успеа, благодарение на таа форма на работа во Горна Џумаја, да прибере околу себе повеќе од 240 души активисти и да опфати десетици масовни организации, кои бројат со десетици и стотици членови.

Истото нешто се врши скоро во сите други краишта на Македонија и сред бегалците.

Таа форма е која што даде можност на нашите другари да привлечат на работа разни македонски општественици, како С.Попов, Шанданов, Хајдуков и др, кои не се ниту комунисти, ниту обединисти и не станаа членови во една организација која би го носела името - Работничка партија.

При утрешни евентуални поблагопријатни услови и при единствена дејност на борбата, задолжително во македонскиот крај ќе се наложи потреба од создавање на организација или македонска партија.

Што се однесува до КП, не само што треба да се создаде, но е крајно потребна, зашто во македонската област не се води само национална борба, туку и класна, зашто работништвото од ден на ден се повеќе расте, иако бавно се создава индустрија - шумска, рудна, тутунска итн.

Потребно е и поголемо внимание од страна на револуционерните работнички синдикати во македонскиот крај.