Прејди на содржината

За грчката историографија Илинден е псевдовостание

Од Wikibooks

За грчката историографија Илинден е псевдовостание

Во овие необјавени документи на грчкото министерство за надворешни работи се дава доста опширен опис како на големината на револуционерното движење на Илинден, така и на суровоста на антиреволуционерното насилство што следувало. Сепак, отсуствува постфактум – отчетот за карактерот на востанието, нешто што се обиде да го направи подоцна, извршувајќи налог од претпоставениот во Министерството за надворешни работи Атос Романос, дипломатскиот службеник (преведувач) Г. Цорбаѕоглу, по одредени обиколки за да образложи низа заклучоци.

Нападот на грчката историографија против Илинден можеме да кажеме дека се базира врз две основни тези: а) дека се работи за псевдореволуција-псевдовостание и б) дека има чисто бугарски карактер. Грижливо чуваните тајни на доверливите извештаи на Цорбаѕоглу, во архивите на Министерството за надворешни работи, ги дигаат во воздух овие две историски–пропагандистички грчки тези за Илинден. Овие тајни ги зачуваа како П. Висулис, во соодветниот свој труд за извештаите, така и К. Вакалопулос во својата книга.

Во извештајот на Г. Цорбаѕоглу од 27 март 1904 година има едно посебно поглавје под назив: Востанието. Првата значајна забелешка на составувачот на извештајот се повикува на мртвите во последните седум години како последица од грчката андартска активност. И така, тој пишува дека: од нашиве (т.е. патријаршистите) своите животи не ги загубија повеќе од 300 луѓе и дека од илјадниците грчки учители во патријаршиските училишта беше убиен само еден единствен, а другите беа оставени грижливо слободни, заедно со грчките свештеници во име на каузата за одржување и, уште повеќе, за унапредување на грчкиот (патријаршиски) црковен и просветен режим во земјата. Цорбаѕоглу повторно се враќа и истакнува дека бунтовниците не го ни допреле, освен во одредени исклучоци (на предавници и туркофили), раководството на патријаршиските македонски селани (старешини, свештеници и учители).

Нашите 300 или 350, пишува тој, до денес, жртви од ножот на бунтовниците не беа жртви на бугарската омраза спрема грцизмот или на која било бугарска идеја, туку едноставно на чисто лични одмазди на четниците или, подобро речено, жртви на чувството за нивно самоодржување, кои беа обвинети или наклеветени многупати од партиски противници како опасни прогонувачи и фанатични поткажувачи на бунтовничките скривалишта.

Во продолжение забележува дека востанието во земјава е многу поопширно и подлабоко распространето отколку што јавно се мисли и веќе сите села без исклучок и сите чифлици се вовлечени во заедничката идеја за ослободување, а позначајните претставници на востаничките чети во градовите и во селата се Грци (патријаршисти) - фанатици, но не се малку ни вооружените тајни приврзаници на четите во нив. За драмата на Крушово, односно за Илинденското востание, Цорбаѕоглу, пишува дека православните Грци (патријаршистите), како што ме убедуваше поранешниот митрополит пелагониски, придонесоа заедно со востаниците во братска сплотеност за слобода. И забележува:

Барем низ централна Македонија, која е пред моиве очи, не се појави никаква бунтовничка единица чисто бугарска или чисто бугарско-македонска и ниту еден автентичен бугарски војвода не можел да ја зацврсти својата мисија од името на бугарската идеја. Речиси сите војводи што отсекогаш владееле и владеат до овој момент во централна Македонија односно отсекогаш најактуелниот центар на востанието, што го составуваат реоните на Тиквеш, Гевгелија и Дојран се Грци (патријаршисти) Македонци, и тоа фанатизирани православни.

Цорбаѕоглу особено ги нагласува македонската домородност на револуционерното движење и неговата спротивност на бугарските амбиции.

Единствените фактори на востанието коишто ги согледал и ги скрил Гркот (патријаршист) македонски селанин, тоа не се Бугари, туку домородци како и самиот тој, Македонци. Затоа и настојувањето на политичката програма Македонија за Македонците. Бугарија не располагаше со никаква сила во Македонија и не вршеше никакво влијание врз духовите.

На друго место во извештајот Цорбаѕоглу е категоричен во овој свој заклучок. Но, сепак, јас можам да заклучам дека не е можно да сум во заблуда за мојот впечаток дека денес Револуцијата во Македонија не е бугарска и дека од неа не само што грцизмот не претрпе никаква штета, од нејзиното почнување до денес, туку имаше и голема корист.

На крај Цорбаѕоглу ризикува да предвиди што ќе уследи во случај да излезат грчки антикомитски чети за борба против гореспоменатите борци за слобода на земјата т.е. против македонските чети. Во таков случај, пишува тој, дури ниту најфанатичниот од грчките (патријаршисти) Македонци немаше да се возбуди при глетката на грчкото знаме. Се што уследи во наредните години, во текот на антимакедонската борба (1904-1908), го оправдаа Цорбаѕоглу.