ЗАЦВРСТУВАЊЕТО НА ГРЦИТЕ

Од Wikibooks

Со Указот од 31 октомври 1912 година, кралот Ѓорѓи го ослободил престолонаследникот Константин од врховното управување, а за гувернер во Македонија го поставил Рактиван, кој веднаш ја објавил својата Прокламација до населението на територијата заземена од грчката војска, со што ја објавил својата врховна власт во Македонија. Територијалната поделба била извршена на три окрузи: Солунски, Берски и Серски, со вкупно 18 околии. Главните раководители на окрузите и на околиите биле доведени од Грција, а пониските службеници биле поставени од месното патријаршиско население, односно биле задржани поранешните службеници на казите. Нешто подоцна и тие биле заменети со Грци. Основна сила и гарант на грчкиот окупациски систем во Македонија била војската, полицијата и особено критската жандармерија.

На 30 мај 1913 година, Турција го потпишала мировниот договор во Лондон, според кој се откажала од териториите западно од линијата Енез-Мидија во корист на балканските сојузници, со тоа што било одлучено да се создаде албанска држава, чии граници требало да се утврдат дополнително. Загубите во загинати, ранети и заробени изнесувале: Турција 153.000, Бугарија 73.000, Србија 30.000, Грција 28.671 и Црна Гора 10.000 луѓе.

Материјалните загуби на Бугарија изнесувале една милијарда и 300 милиони франци, на Србија 590 милиони, на Грција 467 милиони и на Црна Гора околу 100.000 франци. Загубите на Македонија, човечки и материјални, не се наведуваат, ниту во еден извор, иако војната се водела во Македонија, а од глад и болест умирале најмногу деца и стари. Всушност, македонските загуби се немерливи. Македонија загубила си’ што имала: територијата распарчена, народ и имотот национализирани, историјата погребана, и затоа Сандански рекол дека за Македонија ќе било подобро да остане под турско ропство, оти тие што ќе ја ослободат, ќе ја распарчат и повторно ќе ја поробат.