Елегии за тебе – Кочо Рацин
Изглед
1.
- Вчера си појдов, наминав
- низ таја гора зелена
- под тија буки високи
- по ќилим сенки широки.
- Одев со глава замаен
- наведната, мртов, зачмаен,
- одев со грутка на срце
- и каракамен на гради.
- Деј гиди горо зелена!
- Деј гиди водо студена!
- Пилците пеат – ти плачеш,
- сонцето грее – ти темнееш.
- Ако ги криеш коските
- на дели млади јунаци
- тука што лежат по тебе
- за тија темни дубрави –
- зошто ги таеш песните?
- Зошто по тебе дрвјата
- и на дрвјата гранките
- и на гранките лисјата
- шумолат скришно таговно?
2.
- Таму горе на небото
- зора руди, земја буди,
- ден морави шири крила
- и алова точи свила,
- таму зора црвенее –
- мое срце ми црнее.
- Ископајте длабок бунар
- извадете ладна вода
- натопете лути рани
- да не горат, да не болат.
- Зоро златно и румено!
- Зоро слатка посестримо!
- Ти изгреваш на далеку –
- да ли еднаш ќе изгрееш
- силно, силно, дури милно
- над долови и над гори
- над полиња и над реки
- над мојата татковина?
3.
- Два брега – двата стрмнини.
- А од брег на брег танок мост.
- Под мостот вода морава –
- тече и мие ранава.
- Тече од векот вековит
- и нова и сè нова по нова,
- тече, а тука маките
- сè стари и сè постари.
- Тече и влече со себе
- сичко што стои пред неа,
- а на брегови животот
- чмае у троскот зараснат!
- Течи си водо студена!
- Течи си – рони брегови!
- Течи – и нам низ срцето
- нели и крвта ни тече?
4.
- Скотски е, скотски животот аргатски
- у темно заѕидан,
- до скот сме синко попритиснати
- на овој свет убав.
- Кој ни ги скрши белите крилца
- крилца на галаби бели?
- Кој ни замати извори бистри
- извори на души чисти?
- И кој раздвои, и кој раздвои
- човек од човек со ѕид?
- И кој направи, и кој направи
- човек на човека роб!
- Та човек од човек
- да страда
- и тегне
- и бега
- од лулка до гроб?
5.
- Ти да знаеш, паметуваш
- и ем да си на ум да имаш –
- работник си – и работник
- ти ќе паѓаш и се дигаш.
- Луњи ли ќе пусти дојдат
- сонце ли ќе јасно грејне –
- патиштата, патиштата
- пред тебе се на борбата.
- Како смртта вечна што е
- така борба долго трае.
- Но од смртта е по силна
- по патиштата борбата!
6.
- Исцедете, ограбете
- пот и труд и меса голи,
- уста пуста затворете
- да не каже оти боли.
- Очи црни ископајте
- да гледајат не давајте,
- раци машки прекршете
- срце лудо наранете.
- Угаснете и светлини!
- Мрак ќе биде – каракамен.
- Има, има – в темнината
- нешто живо пак да свети:
- има болка на душата
- има души наранети.
- Болка боли – болка гори
- болка пече, душа мори.
- А болката кога свети –
- тешко, тешко, тешко клети!