ЕДНОСТРАН ПРЕКИН НА ОГНОТ
Третиот ден (18 ноември) на битката на Бел Камен во раното утро еден српски полк ги нападнал турските позиции и бил одбиен со бројни жртви. Веднаш потоа, Турците започнале општ напад врз Моравската дивизија од вториот повик. Во најтешка положба била десната колона, што била нападната од Превалец и од Ресен. Тежиштето на нападот Турците го насочиле на левата колона на Моравската дивизија од вториот повик на Бел Камен. Тука повторно дошло до блиска борба, што била отежната поради густата магла. На останатиот дел на фронтот истото утро продолжиле борбите. Дринската дивизија ги нападнала Киромарица и Кочиште. Користејќи ја маглата, 6. српски полк успеал незабележано да дојде до Киромарица, каде што околу пладне, кога маглата се дигнала, бил дочекан со силен оган, но полкот извршил јуриш и до 13 часот ја зазел Киромарица. Потоа, 17. полк го освоил Кочиште, додека останатите полкови воделе борба на правецот село Кукуречани-село Крклино. Фронтот на Вардарската армија бил пробиен во должина од над 5 километри, меѓутоа се спуштила магла, па единиците се запреле на достигнатата линија и почнале да се утврдуваат.
Десната колона на Дунавската од првиот повик, потпомогната од артилеријата, успеала да го заземе село Карамани и тука се утврдила. Левата колона ја преминала Црна Река кај село Новаци. Коњаничката дивизија тргнала од село Биљаник кон Брод. Тимочката дивизија од вториот повик во текот на денот дејствувала со артилериски оган. По паѓањето на Киромарица и Кочиште и по неуспехот на Џавид-паша на Бел Камен, Зеки-паша околу 15 часот наредил прекин на огнот и извлекување на единиците. Петтиот и дел од 7. корпус се повлекувале кон Лерин, а 6. и вториот дел од 7. корпус кон Ресен и кон Корча. Со оглед на тоа дека комуникацијата за Ресен била пресечена кај Ѓавато со десната колона на Моравската дивизија од вториот повик, турските сили се пробиле со силен напад и продолжиле кон Корча. На 19 ноември 1912 година српските пешадиски сили влегле во Битола, а Коњаничката дивизија влегла во Лерин. Моравската дивизија го продолжила движењето и навлегла во Охрид. На тој начин била завршена Битолската битка, во која покрај српската војска, голем придонес за победата дале и македонските чети, месната милиција и особено народот кој верувајќи во сопственото ослободување давал секаква помош, само да се протераат Турците од Македонија.