ДЕЈСТВАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ МЕСНИ ЧЕТИ
Во отсуство на единствено македонско политичко и воено раководство одредени македонски војводи се обиделе да ги надминат меѓусебните недоразбирања и барале да прекинат непријателствата меѓу македонските фракции, четите да содејствуваат, а истакнатите личности да се договорат за заеднички дејства, бидејќи настанале услови за конечна пресметка со османлиската војска. Првиот обид за помирување и заеднички содејства на четите на ВМРО, на Сандански и на врховистичките чети го направил Христо Чернопеев кој упатил повик до Јане Сандански и до Тане Николов. Сандански помирувањето не го прифатил, но непријателството го замрзнал поради војната.
Во тоа време Јане Сандански, предводејќи го Серскиот округ, веќе донел одлука за започнување војна. Во неговата одлука се предвидувало заминување во нелегалност, соработка со сите соседни воени сили што се борат против османлиската војска, но македонските единици да бидат самостојни и од соседните земји да бидат третирани како рамноправен сојузник во сојузничката војна. По таквите одлуки на тесното раководство, Јане Сандански го започнал организирањето на македонските вооружени сили во Серскиот округ. По долината на реката Струма борба развиле и четите на Христо Чернопеев, со бројна состојба од 70 души. Кон оваа чета пристапиле и партизанските водови на Георги Занков, Стефан Чавдаров и Михаил Чаков, со вкупно 35 четници. Потоа им се придружила и четата на Таско Стоилков, со што се создало јадро од 150 четници. Со оваа чета командувал Христо Чернопеев, а бројната состојба постојано се зголемувала од селската милиција. Првата воена акција на четата се водела за ослободување на Банско. Потоа, на 27 октомври 1912 година, четата на Чернопеев заедно со четите на војводите Пејо Јаворов и Јонко Вапцаров ја ослободиле и Кавала.